Од денеска почнува аплицирање за субвенции за трета фаза произведено и предадено млеко


Скопје, 10 октомври, 2018 - 11:40 (META) 

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги известува млекопроизводителите дека е во тек поднесувањето на барањата за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во периодот  од мај до септември 2018 година, односно за трета фаза млеко.

„Рокот за поднесување на барањата е до 5 ноември, висината на поддршката изнесува четири денари по литар за овчо и козјо млеко, и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство“, се вели во соопштението.

Исто така, на 5 ноември 2018 година завршува и рокот за поднесување на барања за директни плаќања за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од 1 мај до 30 септември 2018 година. Висината на поддршката изнесува 100 денари за купена и внесена неслика во одгледувалиште на кокошки несилки за производство на јајца.

„Барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или пошта. Образецот за поднесување на барањата како и потребната документација може да поднине во Агенцијата или да се превземе од веб-страната: www.ipardpa.gov.mk, во полето „Директни плаќања 2018“, „Обрасци““, додаваат од таму.


Почина поранешниот новинар и основач на „Макфакс“, Ристо Поповски


Скопје, 24 јули, 2018 - 11:44 (META) 

Ристо Поповски, еден од најпознатите македонски новинари, почина вчера на 74 години, по кратко боледување.

Во долгата и богата кариера, Поповски работел како новинар за Радио Скопје и новинската агенција Танјуг, а бил и дописник од Москва за време на историските промени на почетокот на 90-тите години. Toj е автор на првата вест во светот воопшто за почетокот на распаѓањето на Советскиот Сојуз.

Во 1992 година Поповски ја основал независната новинска агенција „Макфакс“, првата приватна новинска агенција во поранешна Југославија.

Своите новинарски ставови како коментари ги објавуваше и во неделникот „Глобус“ и дневниот весник „Слободен печат“, а беше и коментатор од Македонија за „Ал Џазира Балканс“. Добитник е на Наградата за животно дело на Здружението на новинари на Македонија.


УСАИД ќе подели седум милиони долари за медиумите на Балканот


Сараево, 30 јануари, 2018 - 20:27 (META) 

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Сараево претстави програма за помош на медиумите на Балканот. Според српската „Б92“  фокусот на програмата ќе биде ставен на развој на онлајн медиумите во Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово, а програмата во вредност од седум милиони долари ќе трае три години.

Амбасадорката на САД во Босна и Херцеговина, Морин Кормак, при презентација на програмата порача дека слободните медиуми се темелат на демократија, а во регионот, како што наведе, медиумите се под притисок на разни извори. Од тие причини програмата била осмислена како регионална, а насочена кон поддршка на независните медиуми и истражувачкото новинарство.

Со програмата ќе им се помогне да почнат да користат нови технологии, да склучат партнерства за рекламирање и огласување и да работат на развој на содржините што ги емитуваат.


ВМРО-ДПМНЕ најавува „многу амандмани“ на законот за јазиците


Скопје, 14 ноември, 2017 - 15:02 (META) 

Денешното, осмо продолжение на 15-тата седница на Собранието, на која како и вчера се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците минува главно со изнесување на истите аргументи од пратениците од опозицијата и власта.

Мал отскок од поделеноста на дискусиите на двете спротивставени страни направи независната пратеничка, Ирена Стефоска.

Таа порача дека со законско решение за јазиците мора да се почитува индивидуалното човеково право за користење на мајчиниот јазик, без тоа да се врзува со проценти.

– Од голема полза е, во интерес на сите смирено, меѓу двете читања да отвориме поширока дебата за употреба на јазиците – рече Стефовска.

Уследија реплики од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои го поздравија нејзиното обраќање и „нејзината храброст да критикува“, но истовремено и замерија и за југоносталгичност, на што Стефоска одговори дека тоа го сфаќа како комплимент, затоа што „треба да се учи од позитивните историски примери“.

Илија Димовски, координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, побара да не се пристапува со нервоза и да се води прецизна и фокусирана дебата, „без лоша енергија и без истакнувања на големи Албанци и големи Македонци“.

– Во оваа фаза ние ќе гласаме против, ќе поднесеме и многу амандмани, ќе се обидеме да ги тргнеме одредниците што се против Уставот и дискриминаторските елементи за српската, ромската и бошњачката заедница, а не само на албанската – рече Димовски.

 


Aгенцијата „Фич” го потврди кредитниот рејтинг ББ на Македонија


Скопје, 5 август, 2017 - 13:23 (META) 

Меѓународната агенција за оценка на кредитниот рејтинг „Фич“ го потврди постојниот кредитен рејтинг на Македонија ББ со негативен изглед, соопшти Министерството за финансии.

На потврдата на рејтингот влијаеле кредибилната монетарна и макропрудентна политика, кои овозможиле долготрајна стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски пораст.

„Економскиот пораст за 2017 година е ревидиран на 2,3 проценти, но се оценува дека формирањето на владата ќе резултира со подобрување на економските очекувања и активност и следствено ќе овозможи просечен пораст од 3,2 проценти во 2018-2019 година“, се вели во соопштението.

Притоа, се оценува дека планот „3-6-9“ на Владата за политики ориентирани кон членство во НАТО и во ЕУ и враќање на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции, се соочува со значајни предизвици во имплементацијата.

„Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, додека локалните избори ќе бидат првичен тест за напредокот на владата“, се вели во анализата на „Фич“.

Потврдата на негативниот изглед, ги одразува оценките на „Фич“ дека и покрај формирањето на новата влада, се уште постојат политички ризици за ефективно водење и имплементирање на економските политики, повисок пораст и напредок кон ЕУ.


НФАПВ предупредува да не се плаќа за вработување во странство


Скопје, 16 јули, 2017 - 14:09 (META) 

Националната федерација на агенции за вработување (НФАПВ) денеска упати предупредување да бидат внимателни сите што сакаат да дојдат до работно место во странство преку некоја агенција. Заинтересираните за работа не треба да плаќаат на агенциите, бидејќи агенцијата за постапката треба да им наплати на работодавците. Затоа кандидатите не треба да прифаќаат плаќање на какви било провизии и трошоци, пред или по заминување на работа во странство, предупредува НФАПВ.

„Во врска со последните случувања со одредени агенции за посредување при вработување, за кои постојат информации за измама на кандидати за вработување во странство, сакаме на целата јавност да ѝ упатиме јасен апел да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство. Имено, според член 22, став 1, точка 4 од Законот за работни односи, и според Меѓународната конвенција 181 за приватните агенции за вработување, што Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата, односно клиентот кадешто ќе се вработат лицата“, се вели во соопштението од Националната федерација на агенции за вработување.

НФАПВ посочува дека како тело кое има цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и со меѓународните институции, како и да ги зајакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување, се залага за заштита на правата на работниците и ќе продолжи во таа насока да соработува и со надлежните инситуции за да се подобри законската регулатива и таа да се почитува од сите лиценцирани агенции.


Александрова: Власта на СДСМ незаконски назначува партиски кадри и луѓе што се фалат со пијанство


Скопје, 28 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

„На незаконски и шверцерски начин, Владата на СДСМ сака да протурка партиски војници кои немаат доволно компетенции да управуваат со сериозни институции, но и луѓе што се фалат со пијанство. Тоа е и примерот со именувањето на директорите на „Службен весник“, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот архив и предлогот на Владата до Собранието на Република Македонија за нов директор за Агенцијата за државни службеници“, реагираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова.

Таа посочи дека кандидатите не доставиле потврди за познавање јазик, а нивните претходници биле разрешени без да биде распишан оглас за пополнување на местата.

Александрова рече дека во случајот за Агенцијата за администрација, предложениот за директор, Спасе Глигоров, е член на партиско тело, што е незаконски, како и дека две од предложените лица направиле ексцеси во пијана состојба.

– Претседателот на општинската организација на СДСМ-Куманово, Мартин Костовски, кој во алкохолизирана состојба нападна двајца трактористи кои беа дел од протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, вчера стана директор на „Службен весник“. Дарко Каевски, пак, потпретседателот на СДММ, кој се фалеше колку бил пијан, вчера стана директор на Агенцијата за млади и спорт – порача Александрова.


Грчките новинари најавија штрајк поради новиот закон за пензии


Атина, 25 октомври, 2016 - 12:06 (META) 

Грчките новинари денеска ќе стапат во петчасовен штрајк во знак на протест поради новиот закон за пензии, соопшти Здружението на новинари на дневните атински весници.

– Штрајковите ги опфаќаат сите новинари што работат во приватни, државни и во јавни медиуми, државни радија и на телевизискиот канал ЕРТ, Атинско-македонска новинска агенција АНА, во генералниот секретаријат за информирање за да се сочуваат правата – се наведува во соопштението.

Сите медиуми, портали и јавни здруженија на новинари ќе престанат со работа од 11 до 16 часот по локално време.

Додека трае штрајкот, новинарите ќе учествуваат на генерален состанок со претставниците на Фондот за социјално и здравствено осигурување, на кој ќе се разговара за новиот закон за пензии, според кои вработените во медиумите практично остануваат неосигурани.


„Стандард и Пурс“: Кредитниот рејтинг на Македонија е стабилен


Вашингтон, 1 октомври, 2016 - 11:48 (META) 

Рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“ вторпат годинава го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија ББ – со стабилен изглед.

Како што наведува кредитната агенција во извештајот, потврдата на рејтингот се должи на потенцијалот за развој на македонската економија под влијание на инвестициските приливи. „Стандард и Пурс“ забележува дека извозот продолжува да се зголемува со засилена динамика, како резултат на проширувањето на производствените капацитети и влезот на нови странски инвестиции во слободните економски зони.

За разлика од странските компании, домашните компании се прудентни кога станува збор за нови инвестиции и чекаат да поминат парламентарните избори и да се реши политичката криза. Како што се вели во извештајот на агенцијата, доколку се одржат изборите во декември, тие очекуваат засилена инвестициска активност следните неколку години, што заедно со силниот пораст на извозот ќе биде значајна поддршка на економскиот развој.

Од кредитната агенција очекуваат да се создаде силна синергија помеѓу компаниите од слободните економски зони и домашните компании, што ќе биде двигател на развојот и ќе влијае на понатамошно намалување на стапката на невработеност. Во согласност со проекциите на агенцијата, стапката на невработеност ќе продолжи да се намалува континуирано и во следните три години.

Поради пролонгирањето на политичката криза, како што се наведува во извештајот на „Стандард и Пурс“, тие ја намалуваат проекцијата за пораст на македонската економија за годинава од 3,3 отсто на 2,3 отсто. Агенцијата забележува дека политичката криза во Македонија продолжува. Изборите постојано се закажуваат и се одложуваат, прво во април, потоа во јуни и иако политичките партии во август се согласиле дека сите потребни услови за одржување избори се исполнети, не може целосно да се исклучи можноста за одложување на изборите, кои треба да се одржат во декември, се наведува во извештајот.

Во извештајот на агенцијата се нотираат и августовските поплави во Скопје, кои придонеле за втор ребаланс и за проширување на буџетскиот дефицит. Кредитната агенција смета дека е потребна посилна фискална консолидација, но напоменува и дека дефицитот е резултат на владините политики за јавни инвестиции кои се потребни за економски развој. Во однос на државниот долг, агенцијата вели дека иако е поголем во однос на 2009 година, сè уште e релативно низок.

„Стандард и Пурс“ оценува дека македонскиот денар е стабилен. Девизните резерви ја покриваат монетарната база и се дури двапати повисоки од неа. И покрај неколку закани однадвор изминативе години, македонскиот банкарски систем функционира беспрекорно, заклучува агенцијата. Народната банка преку политиките и мерките што ги спроведува, успешно ги надминува епизодните предизвици, вклучително и ефектите од шпекулациите за девалвација на денарот од април кои се покажаа како неточни.


Заев со писмо до АВМУ: Сменете го текстот на методологијата зашто кршите закон


Скопје, 26 август, 2016 - 17:17 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска испратил писмо до Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) во кое бара да се измени нацрт-текстот на методологијата за надзор на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори во Македонија, информираат од партијата.

Како што се вели во соопштението, Заев посочил дека одредбата за утврдување баланс во известувањето, според договорот меѓу четирите партии за измени на Изборниот законик, почнува да важи 100 дена пред денот на одржување на изборите и тоа треба соодветно да се имплементира секаде во методологијата, без да се раздвојуваат периодите од страна на Агенцијата. Секое такво постапување е спротивно на законот, велат од СДСМ.

Во писмото до Агенцијата, Заев напишал дека неприфатлива е примената на францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди и негово прилагодување на практиката и на регулативата во Македонија за изборни периоди.

„Наместо примена на францускиот модел, времето во вестите издвоено за политичките партии од парламентарната опозиција треба да е еднакво со времето издвоено за политичките партии што ја сочинуваат власта во Собранието. Од времето врз основа на кое ќе се извлекуваат оценките за балансот, се иззема времето за прилозите за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, државните институции и организации, правни и други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радио-дифузерите и на програмскиот сервис за емитување на активностите на Собранието на РМ, коишто не смеат да бидат во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, напишал Заев.

Лидерот на СДСМ, исто така, бара секое прекршување на Изборниот законик да се санкционира, а не како што е предвидено во методологијата, санкција да се изрекува ако за 10 дена се направат минимум десет прекршоци.

„Нема мало или големо прекршување на законот. Не случајно Изборниот законик предвидел опомена за прво прекршување, а кај следните – задолжително барање за поведување прекршочна постапка“, пишува во писмото на СДСМ.

Од опозицијата велат дека е индикативно што овие спорни одредби не биле во методологијата што Агенцијата ја изработила за изборите предвидени во април и во јуни.

Писмото, освен до АВМУ, Заев го испратил и до тројцата други потписници на договорот и до амбасадорите на странските земји во Македонија.