АХВ: Суперанализите потврдија присуство на ГМО во соините трошки и шницли


Скопје, 10 август, 2018 - 13:41 (META) 

Резултатите од суперанализите на соините трошки и соините шницли, кои, на барање на операторот со храна се вршеа во референтна лабораторија во Европската унија, потврдија присуство на ГМО како што беше констатирано и со првичната лабораториска анализа, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Увезената соја е по потекло од компанијата „Сојапротеин” од Бечеј, Република Србија, а мострите биле земени во рамки на мониторинг програмата за безбедност на храната која ја реализира Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Во Република Македонија, соините шницли се увезени од операторот со храна „Виталиа”, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна „Кам“. Увозот на соините трошки, извршен е од страна на операторот со храна „Сопродекс”, а во прометот, исто така биле дистрибуирани преку операторот со храна „Кам“. Соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнати во магацин, дел повлечени од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат нештетно уништени, исто како и позитивната мостра ориз во количина од 550 килограми, по потекло од Кочанско, произведена од увозен семенски материјал“, информираат од АХВ.

Согласно Законот за безбедност на храна, забранет е увоз, производство и промет во Република Македонија на храна и производи од храна која содржи ГМО, или е составена од ГМО.


АХВ: Запленети повеќе од тон генетски модифицирани соја и ориз


Скопје, 9 август, 2018 - 14:56 (META) 

Вкупно 510 килограми соини шницли и соини трошки произведени во Србија со генетски модифицирана соја и увезени во Македонија, по откривањето се повлечени од продажба, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Во мај, пак, се откриени 550 килограми генетски модифициран ориз произведен во Кочанско од увозно семе. Оризот бил пронајден во магацин на операторот, но не се знае кој е  е производителот. Фирмата што го увезла добила казна од 5.000 евра, а одговорното лице во фирмата 1.700 евра, појасни Атанасов.

На барање на увозникот на соините шницли и трошки, во моментов се врши суперанализа во референтна лабораторија.

– Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа – потенцира Атанасов.

Тој рече дека АХВ почнува засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната. Сепак, директорот на АХВ вели дека во ЕУ е дозволено пуштање во продажба храна со ГМО, но тоа мора да биде јасно назначено на пакувањето. Тој забраната на ГМО направена со закон во 2015 година, со која се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата ја нарече „политичка одлука“.

-Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно -рече Атанасов.


АХВ врши инспекција во пекарницата каде беше забележан стаорец


Скопје, 6 август, 2018 - 15:48 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се врши инспекција во пекарницата во центарот на Скопје, откако на социјалните мрежи се распространи фотографијата од стаорец во угостителскиот објект.

Инспекциските служби на агенцијата вршат проверка дали овој оператор со храна ги почитува пропишаните општи и посебни барања за безбедност на храната, вклучително и тоа дали се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Во првите шест месеци од годинава извршени се вкупно 8.336 инспекциски надзори кај оператори со храна од неживотинско потекло, од кои кај пекарници, бурекџилници и трговци со леб и бели печива 1.027 контроли. Со контролите констатирани се пропусти од помал обем кои се однесуваат на применатаа на Добрите хигиенски и производни пракси или HACCP системот, како и поради несоодветно означување на производите.

Инспекциските служби изрекле  156 наредби за отстранување на констатираните недоследности, даден е налог за 82 едукации, а изречени се и 2 времени забрани.

Граѓаните може секоја недоследност да ја пријавуваат на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство  0800 3 22 22, или на електронската пошта info@fva.gov.mk.


Забранет увоз на месо, млеко од овци и кози, како и на животни од Бугарија


Скопје, 2 јули, 2018 - 14:38 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донела Решение со кое се забранува увоз од Бугарија и транзит преку македонска територија на живи домашни и диви мали преживари (овци и кози), како и сперма, јајце клетки и ембриони од домашни и диви мали преживари со потекло од оваа земја. АХБ забранува и увоз на месо, производи и преработки од месо од овци, кози, односно домашни и диви мали преживари, како и млеко и производи од млеко, но и сите можни производи и препарати од оваа категорија животни.

Забраната е поради појавата на чума кај мали преживари, која во Бугарија е потврдена од 22 јуни годинава е потврдена. Болеста ја има и во Турција.

Симптоми по кои може да се препознае ова заболување во стадото се: треска, рани во устата, дијареа, пневмонија (проблеми со дишењето), абортуси кај бремените животни и смрт кај животните. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни, а кај козите повеќе од овците. Вирусот се излачува преку солзите, исцедокот од ноздрите, со кашлање и преку изметот од заразените животни, а болеста се шири преку директен и близок контакт меѓу животните. Водата, коритата за исхрана на животните и постелката, исто така, може да бидат загадени со различни исцедоци од животните и да предизвикуваат зараза, објаснија од АХВ.

Агенцијата апелира сточарите да внимаваат дали ќе се појават симптомите кај животните и да пријавуваат случаи, а ги алармирала и македонските ветеринари.


АХВ: Пирошките што затруја свадбари се правени нелегално над објектот на фирмата


Скопје, 3 мај, 2018 - 15:28 (META) 

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера доцна попладне заплениле 300 килограми смеса за подготовка на пирошки, како и пирошки и јајца, во простории над операторот за храна ДПТУ „Гицов“ ДООЕЛ од Кочани, кој на 25 април беше затворен од страна на АХВ и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по труење на 20-тина лица во Штип од пирошки.

И новите труења на свадбари викендот во Кочани и Кочанско, според АХВ се предизвикани од пирошките што овојпат се произведувале нелегално, во домашни услови.

„Со одземањето, спречувањето на нелегалното подготвување и дистрибуирање на небезбедните пирошки и нивно нештетно уништување под надзор на инспектор за храна, затворена е истрагата за овој случај на труење со храна, за што сторителот на делото ќе биде прекршочно и кривично гонет од страна на надлежните државни органи. Агенцијата за храна јавно се заблагодарува на граѓаните за дадената соработка при решавањето на овој случај“, порачаа од АХВ.


Почна авионско расфрлање вакцинални мамки против беснило


Скопје, 13 април, 2018 - 16:29 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство почна со реализација на пролетната кампања за вакцинација на лисиците против беснило со авионско фрлање на вакцинални мамки од аеродромите во Скопје и во Штип.

Со техничка и финансиска поддршка од Европската Унија, во наредниве десеттина дена, на територијата на цела држава ќе бидат фрлени 500 илјади мамки. Вакцинацијата има за цел прекинување на пренесување на вирусот на беснило од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите.

„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку, сепак, се случи мамката да се допре, рацете да се измијат со обилно количество вода и сапун, а доколку мамката дојде во контакт со уста, задолжително да се побара и лекарска помош“, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.


АХВ: Во Македонија не е увезено старо и небезбедно месо од Белгија


Скопје, 16 март, 2018 - 16:27 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вели дека во Македонија не е увезен ниту килограм од старото и небезбедно месо од белгиската месна индустрија „Вевиба“.

Како што објаснија од АХВ за „Мета“, како контакт точка на Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на Европската Унија, Агенцијата досега нема добиено известување дека белгиската месна индустрија „Вевиба“ има извезено небезбедно месо во Македонија.

„Одговорно тврдиме дека во Македонија не е увезен ниту килограм небезбедно месо од оваа месна индустрија. Во земјава од Белгија, од други месни индустрии, во првите два месеца од годинава увезени се 228.860 килограми месо и преработки од месо, а во 2017 година, извршен бил увоз на 928.570 килограми. Месото и преработките од месо кои се увезуваат во Македонија се безбедни. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се прави и преглед на идентитет и физички преглед на пратките“, одговорија од АХВ.

Скандалот со „Вевиба“ избувна на почетокот на месецов, а пред три дена белгиски медиуми известија дека месо старо 12 години било извезено и на Косово.  Белгиските власти известија дека се фалсификувале податоците за рокот на траење на месо и месни производи, а во нив се ставале делови од животински тела кои воопшто не се дозволени за човечка консумација.  Имало и „кланички отпад“, кој се дозволува за ставање во храна за животни, но не и за човечка употреба. Таквото месо се извезувало и во Југоисточна Европа, а потврден е извоз во Косово.

Како што велат од Царинската управа на Република Македонија за „Мета“, во последните неколку години биле фатени само 149 килограми свежо месо и 253 килограми месни преработки во обид нелегално да бидат прошверцувани во Македонија од Косово или од Албанија. Најголем број од заплените се однесуваат на физички лица, кои пренесувале месо или месни преработки во торби.


На Балканот завршило белгиско месо старо 12 години


Скопје, 15 март, 2018 - 16:21 (META) 

Месарска компанија од Белгија ја загуби дозволата за работа, откако властите открија дека се фалсификувале податоците за рокот на траење на месо и месни производи, а во нив се ставале делови од животински тела кои воопшто не се дозволени за човечка консумација. Месото се извезувало и во Југоисточна Европа.

„Мета“ испрати прашања до македонската Агенција за храна и ветеринарство дали во Македонија се увезувани месо и месни преработки од „Вевиба“, но не добивме одговор.

Според Системот за итно предупредување на ЕУ за безбедност на храна, големите трговски синџири во Белгија, Холандија, Луксембург и Велика Британија го отстраниле месото на фирмата „Вевиба“ од своите објекти.

Од кланицата во Бастоњ, инспекторите зеле 200 примероци од 2.000 палети со месни производи кои биле подготвени за транспорт и утврдиле неправилности кај дури 133 од примероците. Имало и „кланички отпад“, кој се дозволува за ставање во храна за животни, но не и за човечка употреба.

Според медиумите, скандалот е уште поголем поради тоа што месо кое уште во 2004 година било обработувано во кланицата на фирмата „Вевиба“, било извезено на Косово 12 години подоцна.


Поради небезбедност повлечена млечната храна за доенчиња од „Селија“


Скопје, 9 март, 2018 - 15:56 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека од пазарот ќе бидат повлечени дел од производите за млечна храна за доенчиња од францускиот производител „Селија“ по информациите за нивна небезбедност добиени од Системот за брзо информирање и управување со небезбедна храна на ЕУ.

„Преку апликацијата RASFF Window системот на ЕУ, во неколку наврати добиена е информација за небезбедна храна. Предмет на оваа нотификација е небезбедна млечна храна за доенчиња, увезена од Франција“, наведуваат од Агенцијата.

Од таму информираат дека повлечени се производот за доенчиња од 0 до 6 месеци Celia Expert 1400гр. со лот 16С0012133, производот за доенчиња од 0 до 6месеци Celia Expert 1400гр. со лот. 17С0012823, производот за доенчиња од 6 до 12месеци Celia Expert 2400 гр. со лот 16С0010488, производот наменет за доенчиња од 6 до 12 месеци Celia Expert 2400гр. со лот 17С0012838, потоа производот Celia Prema 400гр. со лот 16С0010750, производот Celia Prema 400гр. со лот 17С0013095, производот за доенчиња од 0 до 6 месеци Celia Digex 400гр. со лот 16С0010821 како и производот за доенчиња од 0 до 6 месеци Celia Digex 400гр. со лот 17С001806.

Потрошувачите кои веќе ги купиле овие производи не треба да ги консумираат и истите можат да ги вратат на местото каде што ги купиле, посочуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.


Потврдено присуството на кримска-конго хеморагична треска и кју-треска во Симница


Скопје, 1 август, 2017 - 19:20 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство открила присуство на кримска-конго хеморагична треска и кју-треска во крвта на овците во бачилото од гостиварското село Симница.

Како што се наведува во соопштението од АХВ, станува збор за болести кои ги пренесуваат инсекти, крлежи, комарци и глодари и од кои може да заболат и животните и луѓето.

Од АХВ наведуваат дека сè уште не се добиени резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри од млекото, сирењето и од водата од бачилото и наведува дека остануваат на сила изречените мерки.

„Остануваат на сила мерките што пред неколку дена ги изрекоа официјалните ветеринари – забрана за движење на стадото од бачилото, обврска за задолжително пријавување на евентуално заболени или угинати животни до надлежното ветеринарно друштво, а извршена е и темелна дезинфекција и дератизација во одгледувалиштата“, се вели во соопштеноето.

Кримска-конго хеморагична треска е вирусна болест чиј резервоар и преносител од дивите на домашните животни и на луѓето се крлежите. Вообичаено, заболените животни не се разболуваат и кај нив нема клиничка манифестација на болеста. Вирусот на кримска-конго хеморагичната треска кај луѓето се пренесува со каснување од крлежи, или преку контакт со добиток кој ја носи болеста, при третман на болни животни, колење или јадење месо или производи од болни животни. Кај луѓето болеста се манифестира со треска, болки во мускулите, главоболка, повраќање, дијареа и крвавење на кожата.

Кју-треска е болест од која, исто така, може да заболат и луѓето и животните. Болеста се шири преку контакт со млеко, урина и измет од заболените животни (овци, кози, говеда), а причинителот на оваа болест во почвата може да живее подолг временски период.

Луѓето може да се заразат преку вдишување на причинителот или со консумирање на заразено непревриено млеко. Кај луѓето оваа болест предизвикува треска, проблеми со дишењето и со црниот дроб.