Македонскиот „Види ја ти неа“ најдобар интернационален краток филм на „Санденс“


Парк Сити, 24 јануари, 2018 - 12:25 (META) 

Краткиот филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски и продукција на Скопје Филм Студио и Црна Мачка Продукција на 34-от Филмски фестивал Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, ја освои наградата Најдобар интернационален игран филм во категоријата кратки филмови. Во конкуренција за наградата беа 17 наслови од целиот свет.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички и други. Сценарист е режисерот Столевски, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски а костимограф Жаклина Крстевска.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Горан Столевски е роден во Македонија, а живее и работи на релација Австралија – Велика Британија. Своето образование го стекнал на Универзитетот во Мелбурн и Викторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Столевски веќе има реализирано над дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на голем број фестивали низ целиот свет.


Кривична пријава за ексдиректорката на Агенцијата за филм за серијата „Македонија“


Скопје, 6 декември, 2017 - 13:11 (META) 

До Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава за поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓорѓоска-Илиевска. Ја товари за злоупотреба на службената положба и овластување преку исплаќање повеќе од 1,1 милион евра на „Јадран филм“ за снимањето на серијата „Македонија“.

„Лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември годинава, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, го оштетило буџетот на Република Македонија за износ од 68 милиони денари. Осомниченото лице овозможило Друштвото за филмска и видеопродукција „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје да стекне противправна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на буџетот на Република Македонија“, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Ова обвинителство минатиот месец почна предистражна постапка за случајот со серијата „Македонија“, исто така по известување од Финансиската полиција.


Агенција за филм: Вратени 300.000 евра од „Јадран филм“ за неснимената „Македонија“


Скопје, 23 ноември, 2017 - 13:07 (META) 

Со правосилно извршно решение, Агенцијата за филм успеала да врати 300.000 евра државни пари од хрватската продукција „Јадран филм“, како последица на неисполнувањето на договорот за производство на играната серија „Македонија“.

Како што извести директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, сумата од 19 милиони денари, односно околу 300.000 евра, не е целосната сума што државата му ја исплатила на хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ. Тој добил 1,1 милион евра со обврска до септември годинава да достави готови епизоди од првата сезона.

За наплатата на другите пари ќе се почека да заврши истрагата на Јавното обвинителство и на Финансиската полиција кои ја проверуваат документацијата за целиот период, од објавениот конкурс во декември 2015 година до 4 септември годинава, кога истече рокот за предавање на 14 епизоди од серијалот.

– Хрватската продукција „Јадран филм“ имаше обврска до септември годинава да ни достави готови 14 епизоди од серијалот „Македонија“. Тоа не беше сторено и договорот со нив беше раскинат затоа што во него постои извршна клаузула. Во недостиг од снимени материјали, односно непостоење на серија, „Јадран филм“ продолжува да манипулира со јавноста пласирајќи кратки видеозаписи снимени во Загреб кои имаат цел да остават впечаток во јавноста дека нешто се работи. Мојот апел е јавноста да не наседнува на овие трикови кои имаат цел на целата работа да ѝ дадат политичка заднина, наместо целата работа да се заврши правно – порачува Тозија.

Тој посочува дека на „Јадран филм“ во Хрватска сметката му е блокирана, а пред два дена хрватската државна телевизија му го раскинала договор за продукција на играната серија „Гричка вештица“. Во официјалниот одговор на ХТВ е наведено дека Винко Грубишиќ не ги исполнувал обврските од договорот. Исто така, во Хрватска се водат неколку судски спорови во последните 15 години во кои е вмешана „Јадран филм“, вели Тозија.


Обвинителството отвори истрага за случајот со „Јадран филм“ и серијата „Македонија“


Скопје, 15 ноември, 2017 - 13:35 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отворило предистражна постапка во врска со договорот меѓу Агенцијата за филм и продуцентската куќа „Јадран филм“ за снимањето на серијата „Македонија“.

Од Обвинителството велат дека предистражната постапка е отворена по известување од Управата за финансиска полиција.

„Надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија за утврдување на фактите. Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање на материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија. Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување“, стои во соопштеноето од Обвинителството.

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија вчера на брифинг со новинарите во Владата, информираше дека согласно одлуката на Владата и согласно Законот за филмска дејност, Агенцијата повела постапки пред сите надлежни институции „поради очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео-продукцијата „Јадран филм“ за реализација на играна серија „Македонија“, договор кој тежи 4,6 милиони евра“.

– Иако сите рокови од договорот се поминати, до ден денеска Агенцијата за филм нема добиено од продукцијата ниту серија, ниту документи, нема ниту никакви известувања каде се уплатените пари за првата серија во висина од 80 отсто, односно 68 милиони денари се потрошени (1,1 милион евра). Договорот за серијата изнесува 4 милиони и 602 илјади евра. После нашата преписка со продуцентот, престаната е комуникацијата, нема никакви одговори и Владата на Република Македонија донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата – изјави Тозија.