Владиката Агатангел нема да го предводи денешниот протест за одбрана на државата


Скопје, 27 февруари, 2018 - 12:37 (META) 

Владиката Агатангел, кој беше најавен како предводник на вечерашниот протест за одбрана на државата и идентитетот на нацијата, негира дека тоа ќе се случи. Во изјава за „Макфакс“ владиката вели дека ќе биде само учесник, а не предводник. Тој за агенцијата рекол и дека секој треба да си ја гледа својата работа.

Протестот е организиран од повеќе здруженија кои се декларираат како патриотски организации, кои бараат да се стави крај на преговорите за името со Грција, повлекување на законот за јазиците, поништување на договорот со Бугарија, како и ослободување на притворените за инцидентите во Собранието на 27 април.

Протестот го поддржа и Антонијо Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија. Тој во видео обраќање преку Фејсбук, со бебето во „кенгур“ вчера порача дека протестот доколку биде достоинствен и мирен може да ѝ биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа.

„Дали некој сака да присуствува или не сака, може или не може, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација, како народ, добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука“, порача Милошоски.

Маршот попладнево ќе почне пред Мисијата на Европската Унија, а ќе заврши пред Собранието.

Се бара безусловен прекин на разговорите за името и продолжување на членството во Обединетите нации и во меѓународните организации под државното име Македонија, повлекување на Законот за употреба на јазиците, на Договорот со Бугарија и итно ослободување на притворените и осудените за собраниските настани од 27 април лани. Барањата ќе бидат доставени до претседателот, до Собранието, до Владата и до странските амбасади во Македонија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие не се организатори, но дека го поддржуваат уставното право на мирен протест.


Контраспин: Ниту името, ниту „браникот на таковината“ зависат од Агатангел


Скопје, 15 февруари, 2018 - 8:24 (META) 

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира дека може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање. Зачудува и зошто токму сега на владиката му текна дека може да се искине „македонскиот ѓердан бисери“? Не слушнавме таква загриженост кога пред три години опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција и дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена, демократска и географски одредници, пишува „Вистиномер.мк

Оливера Војновска

Митрополитот Повардарски Агатангел деновиве  (10.02.2018) најнапред преку напис во дневниот весник „Нова Македонија“, а потоа и во уште попрецизна изјава која ја пренесе прилепската регионална телевизија „Канал визија“, испрати спинерска порака во која го повика „македонскиот народ во одбрана на македонското име и на татковината“.

Спин: …Ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане. Но, нема, имаме ние комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи. И оние што сакаат туку-така лесно, на многу лесен начин да го дадат името и убедуваат, гледам, некои министри на документарни емисии политички, аналитичари што првпат ги гледаш кога станаа аналитичари не знам, претпоставуваат нешто…. Јас го молам  (народот ) и тоа ми е пораката во излагањето мое во „Нова Македонија“ од саботата и неделата, повик кон целиот македонски народ: Да земеме да си ја сочуваме нашата државата, да застанеме цврсто на браникот на одбраната на татковината, на нашето име, на нашиот македонски јазик, на нашата македонска Црква, на нашата култура, на нашата историја… Можете да замислите сега Бугарите бараат од нас да ја менуваме историјата… Страшно нешто… (од 1,41 до 3,14 минута од видеото)

Затоа, го молам целиот наш македонски народ цврсто да застане на браникот, политичарите да размислат добро што прават, они се пролазни, денеска се утре не се… Но, и вие новинарите, чувајте ја, бранете ја, сакајте ја од длабочината на вашето срце и верувајте ми ќе бидеме најбогат народ (од 5, 30 до 6,03 минута од видеото)

[Извор: „Нова Македонија,  датум: 10.02.2018]

[Извор: „Канал визија“ ФБ страница, датум: 12.02.2018]

 

Контраспин: Ваквиот настап на владиката Агатангел, во кој ја обвинува власта дека има нечесни намери да го смени името на државата и го повикува македонскиот народ да „застане цврсто на браникот на одбрана на татковината“ , воопшто не приличи за едно свештено лице и претставува политички спин.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Самиот настап  на митрополитот Повардарски е прилично проблематичен, со оглед на фактот што тој се стави во улога на политичар и се замеша во работи кои се надвор од ингеренциите на Црквата. Според Уставот, Македонија е секуларна држава и верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа. Уставот ја „гарантира слободата на вероисповеста“но истовремено во член 19, став 3 прецизно кажува дека:

Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира, може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на некаква одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање.

Впрочем, тоа денеска го кажа и потпаролот на МПЦ-ОА, Тимотеј, кој во изјава  за „Макфакс“ вели дека секој има право на свое мислење, но потенцира доколку владиката Агатангел навистина изјавил такво нешто, тоа не е став на Синодот, ниту на Црквата.

Не го видов, не знам за што станува збор. На Црквата не ѝ е работа да се занимава со востанија. Таа треба да се грижи за духовниот живот на верниците, а не да се занимава со дневнополитички прашања и партиски престрелкивели Тимотеј за „Макфакс“.

Во однос на името, сигурно дека ниту еден Македонец не сака да му се менува името, но тоа не е наша работа. Ако тоа не задира во идентитетот и јазикот, тоа е оценка за оние што се платени за тоа. Впрочем, сите ќе може да се изјаснат, бидејќи тоа прашање ќе оди на референдум. Наше е да шириме мир, љубов и разбирање меѓу луѓето, а не да работиме на нивно разидување“, додава владиката Тимотеј.

Од друга страна, зачудува зошто токму сега на владиката Агатангел му текна дека „ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе  жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане“, па го повикува народот да застане на браникот на татковината“ :

…Имаме ние  комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи.

Не слушнавме од Агатангел вакви патриотски повици кога пред три години (мај 2015) опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција за спорот името, дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена демократска…, како и географски одредници.

Исто така, несфатливо е како може еден великодостојник, од кој се очекува да проповеда милост, почит и љубов меѓу верниците, да си дозволи да говори со гнев , па дури и со омраза, како што тоа го прави Агатангел (во текстот објавен во „Нова Македонија“) кон актуелните политички личности кои ги водат преговорите. Иако тој не споменува конкретни имиња, сепак, може да се препознае на кого милси Агатангел кога вели „нечестивиот“ и кои лица имаат „нечесни намери“, па поради тоа ќе „завршат на ѓубриштето на историјата“:

Пред нас е исправен нечестивиот со неговите поделби и немири. Без наше учество во неговото недело, неговите намери се безвредни, а неговата сила е бессилна и хаотична. Неговата намера е јасна, а неговите постапки се очигледни. Ни се предлага безумство и нечуена лудост. Не само што сме присилени да се самоукинеме како македонски народ, туку треба и да им бидеме благодарни за тоа на новите кумови… 

Имаме шанса, драги мои, да ги посрамиме сите оние што имаат задни и нечесни намери. Нашето одлучно „не!“ на нивните предлози се нивниот најголем пораз. Нашата решителност и одважност за националните прашања силно ќе одекнат во светот. Преку нив ќе си го зачуваме образот и ќе го надградиме нашиот углед. Не постои власт во светот што може да оди против својот народ. Оној што се обидел да оди спротивно од народните потреби и интереси неславно и во срам завршува на ѓубриштето на историјата

И, за жал, токму пелинот што извира од тонот, со кој на ваков начин Агатангел се обраќа до неговите „драги Македонци“, се заканува да ги искине бисерите од македонскиот ѓердан, за кој, наводно, толку многу е загрижен.


Агатангел: Одлуката на БПЦ е навреда кон МПЦ, македонскиот народ и нација


Скопје, 27 ноември, 2017 - 20:15 (META) 

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, со писмена реакција се оградува од соопштението на МПЦ – ОА , со кое таа ѝ се заблагодарува на БПЦ за одлуката да прифати да биде црква мајка.

„Изненаден сум од веста дека постои соопштение на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ – ОА не заседавал по ова прашање. Јас како еден од владиците не сум запознаен со тоа кој ја соопшти оваа вест дека нашиот Синод ѝ благодари на БПЦ за нивната одлука и решение дека тие ќе формирале комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, стои во реакцијата на митрополитот Агатангел.

Според митрополитот, формирањето на комисија може да го одложува решавањето на македонскиот црковен статус до недоглед.

„По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот синод на МПЦ-ОА, како краен резултат, еве, денес што добивме како решение. БПЦ сега се преставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има каква било обврска кон нашиот автокефален статус што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација“, додава Агатенгел.


Агатангел: Синодот не беше едногласен за писмото до БПЦ, јас се спротивставив


Велес, 21 ноември, 2017 - 15:21 (META) 

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, денеска преку соопштение изрази несогласување со писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Синодот на Бугарската православна црква, со кое се бара БПЦ да се прогласи за мајка црква на МПЦ.

Тој вели дека се спротивставил во Синодот на таквиот потег, односно дека тезата за мајка црква „има цел да го затне изворот и да го затрупа бунарот од кој нашиот народ се напива веќе два милениуми“ и ги прашува своите колеги како може да се нарекуваат духовни водачи ако го разнебитуваат народот.

„Денес може некој ќе успее да го покрие македонското национално чувство, но сигурен сум дека нема да може да ја избрише библиската и свештената историја на македонскиот народ. Македонците го примиле христијанството уште од апостолско време и за ова имаме бројни примери во Новиот завет на Светото писмо, па затоа е апсурдно да се тврди дека некој ќе нè роди во иднина. Нашите великодостојници и интелектуалци кои ја промовираат оваа теза пред петнаесетина години на истиот начин и со истите методи го бранеа Нишкиот договор. Не можеш да бидеш духовен и национален водач ако го повредуваш, понижуваш и го разнебитуваш народот, тогаш го промашуваш основниот принцип на духовноста“, се вели во соопштението од владиката Агатангел, објавено на веб-страницата на Повардадската епархија.

Тој писмото до БПЦ го гледа како продолжение на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и смета дека со двете постапки Македонија си наметнува улога на поразен во војна.