Обвинителката Фетаи бара екстрадиција на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири


Скопје, 22 август, 2018 - 12:02 (META) 

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, на почетокот на рочиштето за случајот „Монструм“ побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.

Судијата Огнен Ставрев кажа дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.

Во однос на барањето за исклучување на јавноста од сослушувањето на заштитениот сведок, Фетаи рече дека не гледа ниту една причина тоа да биде направено. Според Законот за заштита на сведоци, а и во интерес на сите нас е јавноста да биде присутна на сослушувањето, рече Фетаи.

Судијата Ставрев кажа дека јавноста нема да биде исклучена и ќе може да присуствува на сослушувањата на заштитениот сведок во „Монструм“.

На последното рочиште за „Монструм“ на 11 јули се гледаа аудио и видео снимка од испрашувањето на заштитениот сведок Хаки Азири од 7 мај 2012 година од страна на истражен судија и обвинител во Кривичниот суд. Пред Судот исказ даваше и сведокот Сашо Лазаревски, сосед на едно од убиените момчиња.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.


По три часа исказ на Фејзи Азири прекинато рочиштето за „Монструм“


Скопје, 16 мај, 2018 - 17:10 (META) 

По тричасовниот исказ на обвинетиот Фејзи Азири судот го прекина денешното прво рочиште од повторениот судски процес за случајот „Монструм”.

Пред Азири, исказ даде Агим Исмаиловиќ, кој рече дека неговиот брат Африм Исмаиловиќ е во Косово.

– Мојот брат е во Косово, комуницирав со него преку Вибер – рече тој.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи која е точната адреса и каде точно се наоѓа неговиот брат Африм Исмаиловиќ, обвинет во оваа постапка кој се бара по потерница, Агим рече дека тој живее во Приштина, дека адресата не ја знае, но дека косовската полиција има точни податоци и многу добро знае каде живеат и неговиот брат Африм како и обвинетиот бегалец Алил Демири.

Судскиот процес за случајот „Монструм“ продолжува на 23 мај со одбрана на останатите двајца обвинети.


Косовскиот суд одлучил да нема екстрадиција на првообвинетите во „Монструм“


Скопје, 11 февруари, 2016 - 16:15 (META) 

Основниот суд во Приштина на 29 октомври минатата година донел одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Како што информираат оттаму, Апелацискиот суд на Косово на 22 јануари годинава, ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство на Косово како неоснована и ја потврдил одлуката на приштинскиот основен суд.

Истиот ден, како што информираат од судот, била запрена и мерката притвор на Демири и на Исмаиловиќ.

„Со одлука на Основен суд во Приштина к.п.бр.704/2013 од 29 октомври 2015 година, за екстрадиција на бараните Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, е одлучено: Не се дозволува екстрадиција во Република Македонија, на сега бараните лица Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, државјани на Република Македонија; кон истите лица се продолжува притворот до моментот кога одлуката за одбивање на екстрадицијата не стане конечна; трошоците од постапката паѓаат на товар на буџетот на Република Косово; против оваа одлука, Основното обвинителство во Приштина има право на жалба во рок од три дена од денот на доставување на одлуката. Апелациониот суд на Косово, Сектор за тежок криминал со одлука пн. бр.716/2015 од 22 јануари 2016 година, постапувајќи по жалбата на ОЈО Приштина, се произнесе дека: Жалбата на Основното јавно обвинителство Приштина се одбива како неоснована, додека пресудата на Основниот суд Приштина кп.бр.704/2013 од 29 октомври 2015 година, се потврдува. Бидејќи советот на Апелацискиот суд во Приштина оценил дека екстрадицијата не е дозволена, кон бараните лица Африм Исмаиловиќ и Алил Демири е запрена мерката притвор согласно одлуката од 22 јануари 2016 година, истиот ден“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Во него се додава дека меѓународната потерница против Исмаиловиќ и Демири, издадена од македонското Министерство за внатрешни работи, е сè уште активна и ако тие бидат уапсени во трета земја, ќе бидат екстрадирани во Македонија.

„Доколку истите лица бидат најдени во трета земја, надвор од границите на Република Косово и на Република Македонија, ќе се постапи по барањето за екстрадиција на Министерството за правда на Република Македонија“, велат од Основниот суд Скопје 1.

Демири и Исмаиловиќ во Македонија се осудени на доживотни затворски казни, како првообвинети за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Кон средината на декември, Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепнета пресуда со која шестмината обвинети за убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се осудени на доживотен затвор. На Демири и на Исмаиловиќ им се судеше во отсуство.

И покрај судската разврска, контроверзиите околу целиот случај „Монструм“ продолжуваат. Адвокатите на осудените, но и политички партии и функционери, меѓу кои и министерот за правда, Аднан Јашари, неколкупати побараа овој случај да го преземе специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.


Косовскиот суд ги ослободил двајцата првообвинети за убиствата од „Монструм“


Приштина, 10 февруари, 2016 - 16:45 (META) 

Кривичниот суд во Приштина ги ослободил од затвор двајцата првообвинети во случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, пренесува весникот на албански јазик „Коха“.

Одлуката за ослободување била донесена по заседавањето на судот во Приштина, на кое било заклучено дека аргументите на обвинителството за сериозните кривични дела за кои се товарат Исмаиловиќ и Демири во Македонија, се неиздржани.

Според адвокатот на двајцата обвинети, Бесник Бериша, тие биле пуштени од затвор еден ден пред истекувањето на казната од две и пол години, на која се осудени поради незаконско поседување оружје. Тие беа уапсени во Приштина во март 2013 година.

Демири и Исмаиловиќ во Македонија се осудени на доживотни затворски казни, како првообвинети за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Кон средината на декември, Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепнета пресуда со која шестмината обвинети за убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се осудени на доживотен затвор. На Демири и на Исмаиловиќ им се судеше во отсуство.

И покрај, судската разврска, контроверзиите околу целиот случај „Монструм“ продолжуваат. Адвокатите на осудените, но и политички партии и функционери, меѓу кои и министерот за правда, Аднан Јашари, неколкупати побраа овој случај да го преземе специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.