Објавен јавниот повик за финансирање на нискобуџетни авиокомпании


Скопје, 14 септември, 2018 - 14:22 (META) 

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за доставување на барања за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании, информираат од таму.

„Финансиската поддршка се однесува за период од 2019-2021 година за воспоставување на нови линии од „Меѓународен aеродром Скопје” и аеродромот “Св. Апостол Павле” во Охрид.

Сите заинтересирани компании ќе можат да достават барање за финансиска поддршка до министерството за транспорт и врски  најдоцна до 12 октомври до 12 часот,  кога ќе се оддржи и јавното отворање. Јавниот повик е објавен во домашни и меѓународни гласила, како и на веб-страната на министерството за транспорт и врски. Нашата цел како е да обезбедиме континуиран раст на авиосообраќајот, а за граѓаните да овозможиме нови дестинации до Европа и светот“, се вели во соопштението.


„Виз ер“ ќе воведе авиолинија Охрид – Виена


Скопје, 10 јануари, 2018 - 15:47 (META) 

„ТАВ Македонија“ и ниско-буџетната авиокомпанија „Виз ер“ најавија нова авиолинија од Охрид до Виена од 15 ноември. Летовите ќе бидат три пати неделно, односно секој вторник, четврток и недела со цени на картите од 1.199 денари.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој изјави дека Виена како дестинација ќе биде четврта по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон.

– Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе се придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година – изјави Ерсој.

„Виз ер“ оваа година ќе понуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, достапни од двата македонски аеродрома, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи како и за унапредување на бизнис-врските помеѓу државите.


Компанијата „Аркиа“ заинтересирана за воведување на авиолинија Скопје – Тел Авив


Скопје, 1 ноември, 2017 - 13:32 (META) 

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска се сретнал со претставници од авиокомпанијата „Аркиа“ од Израел. На средбата се разговарало за воспоставување на нова линија на релација Скопје -Тел Авив.

Министерот Сугарески ги презентирал можностите и условите што државата ги нуди за авиокомпании заинтересирани да оперираат од домашните аеродроми.

– Тие ги презентираа плановите за ширење на нивната мрежа и во Македонија со воспоставување нова линија. Доколку во наредниот период постигнеме договор, овие планови ќе ги реализираме. Да се надеваме дека тие позитивно ќе одлучат и ќе се воспостави директен лет од Скопје до Тел Авив – изјави Сугарески.

На средбата се разговарало и за придобивките што ќе ги имаат двете земји во однос на зголемување на туризмот, економските односи и на културните врски доколку се воспостави оваа авиолинија.


1,6 милиони патници патувале преку двата аеродрома во првите девет месеци


Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:18 (META) 

Вкупно 1,6 милиони патници патувале преку двата аеродрома, „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, во првите девет месеци од 2017 година, што претставува годишен пораст од 12 проценти споредено со истиот период лани, известуваат од „ТАВ Македонија“.

Двата аеродрома од јануари до септември, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.

Според статистиките на „ТАВ Македонија“ за патничкиот сообраќај во првите девет месеци, најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (12,4 проценти), потоа следуваат Цирих (8,7 проценти), Виена (6,8 проценти), Базел (5,1 отсто), Малме (4,6 проценти) и Лондон (3,9 проценти).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Виз ер“ има превезено најголем број од патниците со 57,5 проценти пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,5 проценти) и „Аустриан ерлајнс“ (6,8 проценти).

„Скопскиот аеродром годинава го имаше најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници, со пораст од 23,7 проценти во патничкиот сообраќај и 22,4 отсто пораст во бројот на летови, достигнувајќи рекордни бројки во сообраќајот досега, што беше потпомогнато од спортскиот настан, Супер купот на УЕФА. Седми август – понеделник, бил најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје во овој период од девет месеци, кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови“, соопштуваат од „ТАВ Македонија“.


На двата аеродроми, зголемен број на патници за 10,5 отсто во однос на лани


Скопје, 15 септември, 2017 - 11:24 (META) 

Од двата аеродроми во Македонија, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, од јануари до август годинава превезени се вкупно 1.339.065 патници, што претставува зголемување од 10,5 проценти споредено со истиот период лани, информираат од Министерство за транспорт и врски.

На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во истиот период биле регистрирани вкупно 1.223.630 патници, што во споредба со истиот период од лани, кога биле превезени 1.108.157 патници, претставува зголемување од 10,4 отсто.

На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид за периодот од јануари до август 2017 година, биле превезени 115.435 патници, и во споредба со истиот период од 2016 година, кога биле превезени 113.431 патници, се бележи зголемување од 11, 6 проценти.

Најзастапени дестинации, според бројот на патници, за периодот јануари – август се Истанбул со 12,5 проценти, Цирих со 9 проценти, Виена со 6,6 проценти и Базел 5,1 отсто.


„Еуровингс“ воведе авиолинија на релација Скопје – Минхен


Скопје, 17 август, 2017 - 12:38 (META) 

Нискобуџетната авиокомпанија „Еуровингс“ (Eurowings), членка на групацијата „Луфтханза“, ќе воведе нова линија Скопје – Минхен, поврзувајќи го скопскиот аеродром „Александар Велики“ со меѓународниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“, информираат од „ТАВ Македонија“.

Линијата Скопје – Минхен ќе биде воспоставена од октомври, два пати неделно, односно, секој вторник и петок.

Официјалните претставници на авиокомпанијата најавија, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра и веќе се во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

– Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града. Нашите патници, не само од Македонија, туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и интерконтинентално – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„Еуровингс“ неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Турција.


Стотина летови откажани на аеродромите во Берлин


Берлин, 10 март, 2017 - 10:59 (META) 

Повеќе од стотина летови денеска се откажани во Берлин поради штрајкот на службениците на аеродромите поради спорот околу платите.

На главниот аеродром „Тегел“ се откажани 455 летови, додека на аеродромот „Шенефелд“ се откажани 204 летови.

Синдикатот соопшти дека 2.000 вработени на аеродромот утринава стапија во штрајк, кој ќе трае до сабота, 11 март, до 5 часот наутро. Во тек се преговори за платите.

Од синдикатот додаваат дека уште не добиле понуда што претставува основа за преговори.


Бурата Дорис ги приземји авионите во Британија


Лондон, 24 февруари, 2017 - 15:39 (META) 

Бурата Дорис предизвика сериозни проблеми на британските аеродроми, а на интернет се појавија снимки од неволјите со кои се соочуваат авионите при слетување.

Како што пишува „Раша тудеј“, ветровите на одредени места достигнуваат брзина и до 160 километри на час.

Едно лице загина како последица на невремето. Британските медиуми јавуваат дека жена од Вулверхемптон, во близина на Лондон, загинала откако за време на бурата цигла ѝ паднала на глава.

Во одредени места во Британија нема струја, а големи проблеми има и во сообраќајот.

Откажани се многу летови, а авионите поради силниот ветар се борат за да слетаат. Аеродромот во Манчестер ги откажа сите летови, а проблеми има и на лондонскиот аеродром „Хитроу“.


22 отсто повеќе патници на аеродромите во споредба со истиот период лани


Скопје, 24 август, 2016 - 11:58 (META) 

Во првите седум месеци од годинава, бројката на превезени патници на двата аеродроми во земјава е зголемена за 22,5 проценти во однос на истиот период лани и превезени се 1.008.435 патници, информира Министерство за транспорт и врски.

На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот од јануари до јули 2016 година, регистрирани се вкупно 933.130 патници и во споредба со истиот период од минатата година, кога биле превезени 775. 177 патници, се забележува зголемување од 20,4 проценти.

На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, за периодот од јануари  заклучно со јули 2016 година, превезени се 75.305 патници и во однос на лани има зголемување од 55,9 проценти.

Најзастапени дестинации, според бројот на патници за овој период, се Минхен, Келн, Рим, Гетеборг, Љубљана и Франкфурт.


„Виз ер“ воведува нова линија Скопје – Хановер


Скопје, 19 јули, 2016 - 12:27 (META) 

Нова линија Скопје – Хановер со два лета неделно, во вторник и во сабота, ќе воведе најголемата нискобуџетна компанија „Виз ер“ од 1 ноември годинава.

Со воведувањето на овој лет, „Виз ер“ ќе нуди вкупно 25 рути во 11 држави од двата македонски аеродрома, во Скопје и во Охрид, а аеродромот во Хановер е 124. во мрежата на оваа компанија.

Билетите се веќе во продажба на wizzair.com, по цена од 1.199 денари.