Ништо ново: Полураспаднати и ишарани учебници на почетокот на годината (галерија)


Скопје, 7 септември, 2018 - 9:49 (META) 

Некои се искинати, други се повлечени и не се вратени, трети не се испечатени, за четврти доцнат нарачките. И годинава, истата слика со учебниците, како и на секој почеток на нова учебна година. Хаосот се создава по први септември, кога наставата започнува без овие помагала.

Додека се чекаат нови комплети, на часовите се користат стари учебници, од кои добар дел се искинати и оштетени. Иако има Закон за учебници од пред неколку години, кој предвидува децата да ги чуваат и вратат неоштетени, сепак, тие се враќаат во уште полоша состојба од онаа кога биле земени на почетокот на учебната година.

Зошто децата речиси секоја година немаат уредни наставни помагала? Дали навистина не ги чуваат како што треба или пак, учебниците се парталави зашто се неквалитетно испечатени?

Дури директорката на Педагошката служба, во чија надлежност е набавката на учебници во државата, признава дека речиси и не функционира системот на плаќање на направената штета кој е воспоставен пред една деценија, откако учебниците учениците почнаа да ги добиваат бесплатно.

– Јас работев во училиште и да, точно е дека е тешко за детектирање кој ја направил штетата и во колкав обем, бидејќи родителите најчесто велат дека тие веќе ги добиле искинати – рече Вања Велева во телефонски разговор за „Мета“.

Училиштни библиотекари кои се задолжени за целата администрација, прием и чување на учебниците во библиотеките велат дека минатите години, по одредени предмети се случувало по да не стасаат учебници, но бргу се надополнувал недостигот.

– Кога ќе има некое следно прекројување на законите, треба да се намали рокот на употреба на учебниците, бидејќи законскиот рок од пет години е предолг период за користење. Тие едноставно не е можно да бидат зачувани, затоа што многу долго се користат. Посебно па, и ако се неквалитетно изработени, ако има неубаво поврзување на страниците, ако не се залепени како што треба, ако се тенки кориците и слично. Тука децата не се виновни за оштетувањата –  вели библиотекарка во основно училиште во Аеродром.

Во Министерството за образование и наука се оградуваат од направените штети. Оттаму информираат дека дистрибуцијата на учебници е веќе започната по училиштата, а се чека и печатењето на 22 нови учебници.

– Секое училиште согласно законските обврски, треба да ја контролира и спроведува одредбата поврзана со системот на плаќање на оштетените книги, бидејќи тие имаат директен увид во состојбата – одговорија оттаму.

foto brit emb foto uk gov Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Поддршка на демократските вредности и промени во општеството преку новинарството“ финансистан од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада/Британската Влада.

Без вода утре и задутре голем дел од општините Кисела Вода и Аеродром


Скопје, 9 август, 2018 - 12:54 (META) 

Поради реконструкција на водоводна линија што ќе се изведува кај новиот кружен тек меѓу булевар Србија и улицата Христо Татарчев кај последна 24-ка, од утре во 20 часот до сабота претпладне или напладне, без вода ќе биде голем дел од источното подрачје на Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи – Скопје.

Без вода ќе бидат Аеродром и Ново Лисиче (високата зона, односно становите над 5-ти кат), Припор, Сопиште, Ракотинци и Добри Дол, како и дел од населбата Кисела Вода на улицата Христо Татарчев крак 1-11, крак 2, Сервисна Зона Југ, дел од булеварот Борис Трајковски и дел од булеварот „Србија“ (од новиот кружен тек до булеварот Борис Трајковски).

Според предвидувањата на ЈП „Водовод и канализација – Скопје, зафатот би бил готов за 12 до 18 часа, што значи дека нормално водоснабдување ќе се воспостави во периодот од 8 до 14 часот в сабота.

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ за жителите од наведените населби места ќе обезбеди цистерни со питка вода. Исто така, дека уличните чешми во населбите Аеродром и Ново Лисиче непречено ќе функционираат.


Tендерот за субвенционирање на нискобуџетски авиокомпании, до крај на месецот


Охрид, 19 јуни, 2018 - 14:33 (META) 

Тендерот за субвенционирање на нискобуџетните авиокомпании ќе биде распишан до крајот на месецот, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека субвенционирањето продолжува и оти заложбата е што повеќе летови да бидат насочени кон Охридскиот аеродром.

– Ќе може да се пријават сите компании кои се заинтересирани, што значи дека продолжуваме со субвенцирање на нискобуџетските компании со насочување кон Охридскиот аеродром – истакна Сугарески.

Во врска со критериумите во тендерот очекува да бидат направени подобрувања на моделот за субвенционирање.

Овој месец истекува договорот за субвенционирање потпишан со нискобуџетската авиокомпанија „Виз ер“.


Ќе се гради нов мост кој ќе ги поврзува Аеродром и Гази Баба


Скопје, 23 март, 2018 - 14:24 (META) 

Град Скопје за 24 месеци ќе изгради има нов мост во должина од 120 метри на булеварот „АСНОМ“, кај хотелот „Русија“ кој ќе ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

– За проектот е предвидено пробивање и продолжување на нов булевар во должина од 2.107 метри, од хотелот „Русија“, преку Вардар и населбата Керамидница се до Скопски саем. Ќе има 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз – рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Проектот е вреден од 7,5 до 8 милиони евра. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.

На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на Аеродром и на Гази Баба Златко Марин и Борис Георгиевски.


Се урна авион со 67 патници во Непал


Катманду, 12 март, 2018 - 11:34 (META) 

Авион на бангладешката компанија „УС-Бангла“ денеска по слетувањето на меѓународниот аеродром во Катманду, Непал, се излизга од пистата, а потоа се запали.

Во авионот биле 67 патници и четири членови на екипажот. Бројката на загинати сè уште не е утврдена.

Познато е само дека досега се спасени 17 лица. Пожарот се гасне, а сите полетувања и слетувања од аеродромот се откажани.


Општина Аеродром бара начин да спречи изградба на деветкатница пред „Мајчин дом“


Скопје, 6 март, 2018 - 14:29 (META) 

Општина Аеродром соопшти дека е против изградбата на деветкатница на плацот пред „Мајчин дом“, ги разгледува сите правни механизми и бара начин да го спречи тоа.

Реакцијата уследи откако на теренот почна да работи машина за бушење, што во медиумите беше оценето како почеток на изградба на објектот, против кој, минатата година се изјаснија стотици граѓани на Аеродром.

Според соопштението, во Опшината досега не е пристигнато барање за одобрение за градба на плацот, кој е приватна сопственост, ниту какво било барање во однос на конкретната парцела и согласно тоа не постои проектна документација за објектот.

„Со ДУП И10, изгласан од претходното раководство во април 2017 година, парцелата пред „Мајчин дом“ се наменува од зона Д1 – парковско зеленило во зона за станбено домување А2. Во тој период имаше голем број реакции од јавноста во однос ДУП И10 и сегашниот градоначалник јавно говореше против носење на одлуката парцелата да се претвори во градежна. И покрај големите заложби против ваквото решение, претходното раководство го донесе ДУП И10, кој е веќе стапен на сила“, се вели во соопштението.


Отстранет споменикот на Александар Македонски од скопскиот аеродром


Скопје, 1 март, 2018 - 10:09 (META) 

Од скопскиот аеродром синоќа е отстранет споменикот на Александар Македонски, откако пред неколку дена беше тргнат и натписот „Александар Велики“.

Споменикот на аеродромот беше поставен во 2011 година откако ТАВ стана концесионер.

Одлуката за преименување на аеродромот и на автопатот, беше донесена на седница на Владата во почетокот на февруари годинава, а во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција.

Скопскиот аеродром го доби името „Александар Велики“ во декември 2006 година, со одлука на претходната Влада. Две години потоа и автопатот беше преименуван во „Александар Македонски“.

Новото име на аеродрмот е Меѓунардоден аеродром „Скопје“, а на автопатот „Пријателство“.


Бутарис: Погрешно бев протолкуван, не предлагам промена на името на солунскиот аеродром


Солун, 13 февруари, 2018 - 15:52 (META) 

Погрешно беа протолкувани моите изјави, никогаш не предложив, ниту предлагам промена на името на аеродромот, вели солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, по реакциите што ги предизвика велејќи дека треба да се размисли за промена на името на аеродромот во Солун кој се вика „Македонија“.

Бутарис, изрази жалење што, како што рече, бил изваден и објавен само еден дел од изјавите, а не ставовите во целост од вчерашниот состанок.

– Не предложив, не предлагам и нема да предложам промена на името, едноставно ја изразив мојата загриженост. Она што го кажав и не го одрекувам е дека во ова прашање имаме загубено, 130-150 земји, колку и да се, ја имаат признато земјата под името Македонија. И ние, за жал, со одговорност на грчките влади во последните 25 години, имаме загубено. И ова треба да не загрижува – рече Бутарис.

Во однос на телефонското интервју во утринската емисија на грчката телевизија „Скај“, во која го спомена името на грчкиот кошаркар Галис како можна варијанта за име на солунскиот аеродром, Бутарис вели дека спиел кога го побарале.

– Одеднаш, утрово ми се јавуваат од Скај, јас спиев и ме збунија. Не побарав никогаш промена на името „Македонија“. За Никос Галис, што беше споменато, ме праша една госпоѓа од „Скај“, не и го помнам името, кога би се предложило менување на името, што би предложил и нормално јас реков – Никос Галис – вели Бутарис.


Бутарис: Туристите мислат дека слетуваат во Скопје, а не во Солун


Солун, 13 февруари, 2018 - 9:45 (META) 

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“ бидејќи туристите кога слетуваат во Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.

– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да размислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ го подели светот, не подели нас и од тоа сите губиме – рече Бутарис во изјава за грчката телевизија „Скај“.

Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните.

Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.

Тој оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.

– Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО – изјави Бутарис.


Аеродромот „Сити“ во Лондон затворен поради пронајдена бомба


Лондон, 12 февруари, 2018 - 20:10 (META) 

Лондонскиот аеродром „Сити“ е затворен откако бомба од Втората светска војна била пронајдена во близина на реката Темза. Аеродромот ќе биде затворен цел ден и сите летови се откажани, а тоа ќе има влијание врз 16.000 патници, изјави портпаролката на аеродромот.

Полицијата воспостави забранета зона од 214 метри, поради што лондонскиот „Сити“ аеродром сега е затворен, стои во соопштението на аеродромот.

Бомбата е пронајдена за време на работата на кејот на реката Темза во близина на единствената писта на тој аеродром.

Аеродромот се наоѓа во источниот дел на Лондон, во близина на бизнис-областа Канари Ворф и од него се изведуваат кратки летови.