!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Во јавниот сектор работат 129.653 лица


Скопје, 16 март, 2017 - 14:07 (META) 

Во јавниот сектор во Македонија се вработени вкупно 129.653 лица, покажува најновиот годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација, кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор.

При презентацијата на извештајот, министерката за информатичко општество и администрација во заминување, Марта Арсовска-Томовска, изјави дека тој нуди сериозна анализа на обемот и на структурата на вработените според пол, возраст, образование и етничка структура во јавниот сектор, како и анализа на организацијата на државата со класификација на институциите основани од државата.

– Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработени, да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година, а на стручната и на научната јавност ќе ѝ овозможат да врши истражувања и анализи во однос на јавното управување. Извештајот ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа да престанат сите шпекулации во иднина кои се однесуваат на бројот и на структурата во јавниот сектор – рече Арсовска-Томовска.

Извештајот нуди анализа на структурата на податоците за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, а мажи 51.200, а просечната возраст изнесува 45,4 години. Извештајот не содржи податоци за структурата на 19.342 лица кои се вработени во АРМ, МВР и во Агенцијата за разузнавање поради чувствителноста на податоците.


Коѕиас на средба со шефот на американската дипломатија, Тилерсон


Атина, 13 март, 2017 - 11:14 (META) 

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, вечерва ќе се сретне со новиот американски државен секретар, Рекс Тилерсон. Клучни теми на посетата се очекува да бидат грчката улога во регионалната безбедност, како и врските на Грција со Турција, кипарското прашање и врските со балканските земји.

Пред заминувањето во Вашингтон, за грчката државна информативна агенција АНА, Коѕиас посочи дека се надева овие средби да помогнат да се подобрат врските со новата американска администрација, како и да се испита нејзиното расположение околу грчките ставови и планови по различни прашања.

„Мислам дека со администрацијата на сегашниот претседател на САД имаме стабилни врски и имавме многу средби. Се надевам дека ќе се развиваат и понатаму, ќе разговараме за проблемите во регионот, ќе испитаме до кој степен се совпаѓаат нашите ставови и планови“, истакна Коѕиас за АНА.

Грчкиот министер за надворешни работи ќе се сретне и со новиот советник за национална безбедност на САД, претставници на различни невладини организации и со грчката дијаспора.

Според весникот „Катимерини“, Коѕиас планира да ја нагласи улогата на Грција, нејзината геостратешка важност, нејзното значење за регионалната безбедност, како и позицијата на државата како сојузник и соговорник за теми како енергетската безбедност, бегалската криза и борбата против глобалниот тероризам.

Се очекува Коѕиас да ги претстави пред новата администрација на претседателот Доналд Трамп и грчките иницијативи и соработка со балканските земји, но и нејзините позиции на Блискиот Исток.


Груевски: Македонската влада ќе соработува со новата администрација на Трамп


Скопје, 28 јануари, 2017 - 16:09 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по повод промените што се случуваат на светската политичка сцена и очекувањата, за порталот „Телеграф“ изјави дека „македонската влада ќе биде во тесна комуникација и ќе соработува со новата администрација на Доналд Трамп за остварување на стратегиските цели на државата“.

„Наш приоритет останува членството во НАТО и во Европската Унија, при што важна е соработката со нашите партнери, САД и Европа“, изјави Груевски.


Се врши притисок врз администрацијата да оди на протест пред ДИК, тврди Кирацовски


Скопје, 15 декември, 2016 - 16:07 (META) 

„Од повеќе институции во Република Македонија имаме информации дека на вработените им се врши притисок од страна на раководителите, да дојдат пред ДИK и да протестираат за да извршат притисок врз нејзината работата и носењето на одлуки“, се огласи со соопштение, дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека извршување на партиски и изборни активности во текот на работното време во јавниот сектор е спротивно на член 38 од Законот за вработени во јавниот сектор, а вршењето закана, оневозможувањето и спречувањето на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик – се вели во соопштението.

Кирацовски наведува дека нема да биде дозволено кој било вработен во јавниот сектор да трпи притисоци и понижувања и да биде инструмент во рацете на режимските слуги во заминување!

Во насока на нивна заштита, поднесена е иницијатива до Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и до Министерството за внатрешни работи за вонреден надзор на работата на следниве институции: Општина Штип, Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Штип и РЕК Битола.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да престане да врши притисок и да ги прејудицира одлуките на ДИК


Скопје, 15 декември, 2016 - 12:24 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да врши никаков притисок врз Државната изборна комисија (ДИК) и ќе остави да се испочитуваат процедурите и комисијата да ја заврши работата во согласност со законите, се вели во соопштението на опозициската партија. Од СДСМ апелираат ВМРО-ДПМНЕ да престане со „злоупотреби на локалната и на државната администрација, со носење на протести и на контрапротести и така да врши притисок и да ги прејудицира одлуките на ДИК“.

„Токму оваа практика ги доведе до пораз, но, за жал, поразот не ги освести и продолжуваат да го прават истото. Граѓаните да бидат внимателни и воздржани и да ги следат работата на ДИК и нејзините одлуки“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека граѓаните јасно се определиле против режимот и дека нема никаква причина „да се одговара на обидите на ВМРО-ДПМНЕ да испровоцира тензија меѓу граѓаните“.

„Во врска со информациите објавени на некои портали дека се случило физичко насилство мотивирано од политички антагонизам, доколку тоа навистина се случило, порачуваме оштетените веднаш да пријават во полиција, а МВР да направи истрага и во согласност со законите да постапи против насилниците“, велат од СДСМ, во врска со информациите што денеска ги објавија дел од провладините медиумите дека активисти на СДСМ наводно претепале 68-годишен скопјанец.


„Ние одлучуваме“: Одработувањето на „Денот на дрвото“ не смее да биде ден пред изборите


Скопје, 30 ноември, 2016 - 16:42 (META) 

Граѓанската акција „Ние одлучуваме“ предупредува дека намерата 10 декември да биде работен ден за администрацијата е влијание на нормалниот тек на предизборниот ден и ангажманот на администрацијата вклучена во изборните органи кои го примаат изборниот материјал на избирачките места.

„Одлуката 10 декември да биде работен ден, која е многу веројатно дека ќе биде донесена, е спорна поради можноста за директен последен притисок врз државната администрација пред денот на гласањето. Можноста денот пред изборите да биде работен ден за вработените во администрацијата, влијае и на можноста за остварување на нивното гласачко право за оние лица кои работат надвор од градот во кој се регистрирани за гласање. Дополнително, на ова може да влијаат и временските услови, доколку се земе предвид дека изборите се одржуваат во зимскиот период,“ велат од „Ние одлучуваме“.

Од граѓанската акција апелираат до политичките партии да ги елиминираат притисоците врз вработените во администрацијата.

Од „Ние одлучуваме“ потсетуваат дека спречувањето на гласање и повредата на слободата на определување на избирачите претставуваат кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку три години.


Трамп назначи милионер и поранешен банкар за секретар за финансии


Вашингтон, 30 ноември, 2016 - 11:02 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го избра милионерот Стивен Мнучин за секретар за финансии во новата администрација.

Мнучин 17 години беше партнер во банката „Голдман Сакс“, а во 2002 година основа сопствен фонд и беше главен финансиер на претседателската кампања на Трамп.

Трамп, исто така, го именуваше и милионерот Вилбур Рос, познат по спасување пропаднати компании, за секретар за трговија, додека жестокиот критичар на здравствената политика на Барак Обама и основач на консалтинг-компанија за здравствена политика, Сим Верм, го назначи за шеф на Центарот за здравствена нега и сервис за болнички услуги.

Трамп во својата администрација избира луѓе кои се верни на неговата политика, но сè уште нема избрано кој ќе биде државен секретар.


Кирацовски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со притисоци и со заплашувања


Скопје, 29 ноември, 2016 - 11:05 (META) 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжува со злоупотреба на сите државни и јавни ресурси од раководните кадри на владејачката партија за вршење притисоци, заплашувања, повреда на слободата на определување и поткуп врз вработените за изборни цели, вели дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацоски.

Кирацоски го истакна последниот случај од Велес, каде родител на носител на листата за пратеници во изборната единица 3 од опозициска партија, инаку вработена во Општата болница, била прераспределена од едно на друго работно место за време на распишани избори и сред изборна кампања.

– Сакам недвосмислено да укажам дека ова не е дозволиво. И не само овој случај, туку и сите вакви и слични злоупотреби на службената положба сред изборен процес. Тоа претставува најгрубо поткопување на темелите на демократијата. Ова е за секаква осуда, но и за соодветна одговорност. Затоа, во најскоро време ќе ја посетам Општата болница во Велес за подетално да се запознам со овој случај – додава Кирацоски.

Кирацоски им укажа на сите раководители на државни и на јавни институции дека за секој ваков и сличен случај ќе биде поведена соодветна постапка за утврдување на нивна одговорност. Тој ги охрабри вработените во јавниот сектор да пријавуваат каков било притисок врз нив.


Граѓанските организации бараат партиите да ги вратат демократските стандарди во државата


Скопје, 25 ноември, 2016 - 12:48 (META) 

Неколку граѓански организации, учесници во иницијативата за итни демократски реформи, ги повикаа партиите што учествуваат на парламентарните избори да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија.

Тие бараат полтичките партии да се посветат на неколку приоритети, како јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупција, медиуми, јавна администрација, образование.

– Поради нарушена фискална дисциплина, бараме враќање на фискалната транспарентност и отчетност заради поефикасно, поекономичнo и поефективно користење на јавните ресурси – се вели во нивното барање.

За да се обезбеди независното функционирање на судството и да се врати довербата на граѓаните, тие бараат да се обезбедат сите законски и институционални услови за непреченост во работата на Специјалното јавно обвинителство и продолжување на неговиот мандат.

Во таа насока, бараат и да се формира специјално судско одделение, но и посебно одделение во рамките на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) што би постапувало по барањата на СЈО.

Граѓанските организации, исто така, бараат власта да престане да ги користи медиумите како алатка за политичко промовирање и да прекинат сите закани и притисоци врз новинари.

Дел од нивните барања се и да се оневозможи политичко мешање во вработувањето и во напредувањето на вработените во јавната администрација, за да се спречи политичкиот клиентелизам и да се одвои државата од партијата.

Граѓански организации кои ги упатуваат овие барања се Институт за демократија „Социетас цивилис“, Институт за европска политика, Институт за комуникациски студии, Македонски центар за европско образование, Фондација „Отворено општество“ – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Центар за економски анализи.


Земјоделците треба да ја подобрат технологијата за да ги намалат трошоците


Скопје, 23 ноември, 2016 - 13:49 (META) 

Земјоделците треба да применуваат современи технолошки решенија доколку сакаат да бидат конкуретни на пазарот, беше истакнато на конференцијата „ИКТ во агробизнисот“, што денеска беше отворена во хотелот „Александар палас“.

Конференцијата треба да понуди можности за поврзување на ИКТ-секторот со агросекторот за да им се помогне на земјоделците да ги намалат трошоците и да ги зголемат приносите.

Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, истакна дела земјоделството како економска гранка зазема 11 проценти од домашниот бруто-производ, но додаде дека доколку земјоделците не го транформираат својот бизнис дигитилно, нивната иднина е сосема неизвесна.

Конференцијата ќе продолжи утре.