Сите корисници да се запознаат со правните рамки за слободата на изразување на и вон интернет


Скопје, 13 април, 2018 - 9:52 (META) 

Постои голема потреба знаењата за правните рамки кои ја регулираат слободата на изразување онлајн, но и офлајн, да се усвојат од правосудните органи, правниците и генерално сите корисници на интернет на кои тие влијаат беше еден од заклучоците на денешната работилница организирана од Фондацијата „Метаморфозис“ во Клубот на новинари во Скопје.

 Основа за работилницата беше онлајн-публикацијата „Први чекори во разбирањето на слободата на изразување онлајн и офлајн“ чија подготовка е поддржана од страна на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ) и Стејт департментот, како дел од Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија која е достапна на осум јазици, меѓу кои и на англискимакедонски и албански.

„Иако голем број книги и правни истражувања за судиите или другите правници се објавени на оваа тема, ние веруваме дека сега има уште поголема потреба да се поедностават и објаснат основите на слободата на изразување, особено оние кои се применува во дигиталниот свет. Сето ова е претставено низ призмата на сегашната судска практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), што треба да биде главната референтна точка за сите европски интернет корисници,“ сметаат уредниците на студијата Богдан Манолеа и Лиана Ганеа од романската организација за дигитални права АпТИ.

Работилницата е дел од серија едукативно-консултативни настани со претставници на државните институции, медиумите, образовниот и граѓанскиот сектор, чија цел е да се подигне јавната свест за основните концепти поврзани со слободата на изразување како и актуелните и релевантните стандарди на ЕСЧП кои се однесуваат на слободата на изразување на и вон интернет.

Дел од учесниците на дискусијата ја истакнаа потребата за континуирана едукација на вработените во правосудството во врска со онлајн светот, посочувајќи го недостатокот на знаења за човековите права и ниската медиумска писменост како основен проблем. Темите опфатени со студијата, одговорноста за содржините и услугите и ограничувањата на слободата на изразување поради низа причини (приватност, национална безбедност, заштита на здравје и морал, судски постапки, авторски права) се актуелни теми во Македонија кои треба да бидат третирани во поширока јавна расправа, а и како дел од образовниот систем уште од најмала возраст.

Во текот на дискусијата за блокирање на интернет, појава карактеристична за земји со авторитарен систем, искусниот новинар Љубомир Костовски посочи дека и во Македонија имаше такви случаи од страна на телеком оператори за политички цели, наведувајќи го случајот на полициската акција за приведување на „Паркобраните“ во 2013 година. Тој укажа дека од МВР е побарано да го истражи тој и сличните случаи на кршење на слободата на изразување во претходните години.

Присутните укажаа на потребата медиумите повеќе да обрнат внимание на овие прашања, потсетувајќи и на преседанот на блокирање на пристапот до Фејсбук во студентските домови од страна на Телеком по барање на МОН по избувнувањето на скандалот со лошите услови за живот во нив во 2014 година, за кој извести само еден домашен медиум („Порталб“).


„Метаморфозис“ организира работилница за слободата на изразување онлајн и офлајн


Скопје, 5 април, 2018 - 14:09 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ организира работилница „Разбирање на слободата на изразување онлајн и офлајн“, која ќе се одржи на 12 април во Клубот на новинари во Скопје.

На работилницата ќе бидат претставени основните концепти во сферата на слободата на изразување, како и актуелните и релевантните стандарди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на изразување на и вон интернет.

Основа за работилницата е публикацијата „Први чекори во разбирањето на слободата на изразување онлајн и офлајн“ чија подготовка е поддржана од страна на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ) и Стејт департментот како дел од Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија.

Публикацијата е достапна на македонски и албански јазик, кои ќе бидат работни јазици на работилницата, со обезбеден симултан превод.

Пријавувањето трае до вторник, 10 април, до 17 часот преку пополнување на формуларот за регистрација, по е-пошта на contact@metamorphosis.org.mk, или на телефон на 02/3109-325 (лице за контакт Горан Ризаов).


Слободата на изразување, главна тема на регионалниот Самит за слобода на интернет


Струга, 22 март, 2018 - 15:38 (META) 

Состојбите со слободата на изразување во Источна и Централна Европа и Евроазија се главна тема на првата панел дискусија на вториот регионален Самит за слобода на интернет, организиран од Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ).

На панел дискусијата учествуваа амбасадорката на ОБСЕ во Скопје – Нина Суомалаинен, Роберт Поповски – министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Елери Бидл – директорка за застапување на мрежата „Глобал војсис“ и Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“, а дискусијата беше модерирана од директорот на Фондацијата за интернет и општество  „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Суомалаинен, цитирајќи ја претходната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиуми – Дуња Мијатовиќ потсети дека сè што важи офлајн важи и онлајн, иако дигиталната сфера како релативно нова носи нови предизвици. Меѓу другото, таа рече дека интернетот и слободното изразување, за жал се и платформа за негативни појави како говор на омраза и за тероризам, но во исто време нагласи дека токму таа слобода е и алатка за борба со тероризмот преку нудењето можности за социјална кохезија.

Предлозите за регистрација на онлајн медиумите што ги даде министерот задолжен за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, беа остро критикувани од романскиот претставник, Богдан Манолеа, од „АпТи“ и од Центарот за развој на медиуми од Киргистан, кои потсетија дека Македонија е членка на Советот на Европа и дека треба да ги почитува неговите декларации и стандарди. Министерот Поповски одговори дека тоа е само предлог за дебата и дека Владата никогаш нема да направи со што не се согласува мнозинството од новинарската фела.

Елери Бидл од „Глобал војсис Адвокс“ зборуваше за „Фејсбук“ и неговите правила, односно за неговото право и обврска да се грижи за слободата на изразување, како и за (не)ефикасноста на неговите системи за модерирање, особено за јазиците од регионот.

Олга Кирилик, пак, од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“ меѓу другото се осврна на праксата на филтрирање и блокирање на онлајн содржини од страна на некои држави и како со тоа се крши меѓународното право.

Самитот, кој се одржува од 22 до 24 март во Струга и на кој се присутни над 120 експерти за слобода на Интернет и активисти за човекови права од Европа и Евроазија и претставници на меѓународни организации продолжи со пленарни сесии и работилници поделени во три основни сфери: слобода на изразување, приватност и кибер-безбедност.


Утре се одржува првиот Форум за управување со интернет во Македонија


Скопје, 27 ноември, 2017 - 8:21 (META) 

Во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи, утре ќе се одржи првиот годишен Форум за управување со интернет – ИГФ МКД (Internet Governance Forum Macedonia).

Целта на настанот е подигнување на свеста и промовирање подобро разбирање на „управувањето со интернетот“.

– Форумот за управување со интернетот Македонија – ИГФ МКД е посветен на решавање на прашањата како што се слободниот пристап, инфраструктурата, квалитетот на услугите, локалните содржини и локалните апликации, кибер-безбедноста, политиките и регулаторната средина, балансираната родова застапеност итн., преку доведување на различните засегнати чинители на една платформа за широка дискусија за предизвиците со кои се соочуваат и преку дискусиите да предлагаат решенија – вели координаторот на Форумот, Александар Ичоќаев.

Според него, Форумот се стреми да се идентификуваат локалните проблеми и да се предложат решенија преку обезбедување можност за зајакнување на капацитетите на младите луѓе и за нив, да се идентификуваат нови проектни идеи во соработка со локални и со меѓународни експерти, да се споделуваат знаења и искуства и да се помогне во создавање широка платформа за расправа за прашањата на управувањето со интернетот во Македонија.

Инаку, Форумот за управување со интернет – ИГФ е всушност дел од вертикалната структура на глобалниот ИГФ, кој е под покровителство на Обединети нации. Тоа е отворен, инклузивен и неформален простор за дијалог за прашањата на управувањето со интернетот, помеѓу сите засегнати во општеството.

– ИГФ е значаен форум каде што претставниците од граѓанското општество, индустријата, техничката заедница и носителите на одлуки на еднакво рамниште дискутираат за клучните предизвици поврзани со управувањето со интернетот. Со мандат на Обединетите нации, неформалната природа на ИГФ промовира инклузивна, сеопфатна и непосредна размена на идеи за важни прашања и политики, кои се важни за интернетот да остане глобален ресурс достапен за сите – вели Бардил Јашари, извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

И оваа година во Женева, „Метаморфозис“ ќе учествува и ќе продолжи да дава значаен придонес за овој влијателен форум за да го застапува јавниот интерес за заштита на приватноста на интернет, слободата на изразувањето, отворениот пристап до знаењето и владеењето на правото.

– Во Македонија, досегашните иницијативи за организирање локален ИГФ биле изолирани и затворени, освен досегашните успешни иницијативи како проектот за интернет-слобода во Источна Европа и во Евроазија, поддржан од Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ) каде што учествува „Метаморфозис“ или конференцијата „Е-општество“, каде што се презентираат и дискутираат теми кои се релевантни за ИГФ, но пред сè за развојот на интернетот во Македонија. Основните принципи на организирање форум од ваков тип подразбираат отвореност, инклузивност и учество на сите што може да придонесуваат за овие важни прашања. Тоа што е суштински важно е дека тие треба целисходно да ги застапуваат интересите на сите засегнати страни, а кои се однесуваат на прашања поврзани со управувањето, одржливоста, безбедноста, стабилноста и развојот на интернетот во Македонија. Но, за среќа, тоа полека се менува, така што неодамна е иницирано организирање на локален ИГФ во Скопје, на кој ќе учествуваме со една многу важна тема, а во насока на целите на нашата организацаија – вели Јашари.

ИГФ МКД ќе функционира како процес што вклучува најмалку еден годишен состанок со поврзани подготвителни активности, како и меѓуактивности, вебинари и анкети. Овој процес ќе се планира и ќе се спроведува на принципот „оддолу-нагоре“, на отворен и на транспарентен начин.

Отворените дискусии за време на состаноците треба да се преточат во клучни пораки, во конципирање на главни правци, можни цели и предлози за идни конкретни активности. Овие пораки, пак, треба да помогнат, да информираат и да влијаат врз процесот на донесување одлуки во рамките на владините тела, собранието, приватните компании, образовните институции и на регионални организации.