ААВМУ: Се надминува максималното време за пропаганда за референдумот


Скопје, 14 септември, 2018 - 15:24 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска упати предупредување до радиодифузерите дека не се почитува максимално дозволеното време за јавна пропаганда, а таа се емитува во програмски содржини каде што не е дозволено.

„Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите“, стои во соопштението од ААВМУ.

Агенцијата потсетува дека Упатството за медиумско претставување за време на референдум предвидува најмногу четири и пол минути на секој реален час пропаганда „ЗА“ и исто толку за пропаганда „Против“, односно вкупно девет минути на секој реален час. ААВМУ појаснува и дека редовните рекламни блокови не смее да се користат за пропагандата за референдумот, а пропагандата не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.

Медиумскиот регулатор им порача на радиодифузните куќи дека во наредните денови ќе ги казнува ако забележи некои од наведените прекршувања.


ААВМУ отвори јавна расправа за методологијата за мониторинг на медиумите


Скопје, 24 август, 2018 - 14:26 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска отвори јавна расправа за нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси.

„Потребата за овој документ произлезе од измените во Изборниот Законик поврзани со изборното медиумско претставување  и надлежностите на Агенцијата, а во него се содржани сите релевантни одредби за медиумското претставување за време на избори и се прецизира начинот на кој Агенцијата го врши мониторингот“, појаснуваат од ААВМУ.

Агенцијата ги повикува сите заинтересирани страни да се вклучат во јавната расправа. Мислењата и предлозите може да се испраќаат до 22 септември на електронската адреса contact@avmu.mk.


ААВМУ ќе ѝ ја одземе дозволата на „ТВ Нова“


Скопје, 16 август, 2018 - 11:48 (META) 

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) до Советот на агенцијата ќе поднесе предлог за одземање на дозволата за телевизиско емитување на телевизијата „Нова“, која е речиси два месеци во стечај. Според дневниот ред на утрешната седница на Советот на ААВМУ, тоа би можело да се случи и утре.

Според Агенцијата, телевизијата која беше сопственост на бизнисменот Сеад Кочан, газда на „Трансмет“, вчера писмено ги известила дека по отворањето на стечајот на 22 јуни годинава, стечајниот управник ги одјавил сите вработени што фигурирале на платниот список.

Бидејќи сега телевизијата не го исполнува условот да има најмалку 30 вработени, од кои најмалку 10 новинари, Агенцијата му препорачува на својот директор да ја почне постапката за одземање на дозволата на телевизијата, која во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ важеше за провладина.


ААВМУ до ДИК: Сите имаат право на термини во медиумите за референдумот


Скопје, 8 август, 2018 - 11:10 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) соопшти оти ставот на Државната изборна комисија (ДИК) дека единствено Собранието, како овластен предлагач на референдумот, може да води јавна пропаганда не соодветствува со фактичката ситуација и дека и другите заинтересирани субјекти може да водат пропаганда во времето предвидено за политичко рекламирање.

Со слична реакција вчера се огласија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Од ААВМУ велат дека според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, платената јавна пропаганда медиумите треба да ја емитуваат во рамки на лимитот за рекламирање од 12 минути на секој реален час, јасно одвоена од другите содржини и со јасно означен нарачател. Притоа, на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до времето за рекламирање, со еднакви цени за сите, велат од медиумскиот регулатор. За тоа се одржал и состанок со ДИК.

„За ваквиот свој став, Агенцијата ја извести Државната изборна комисија и писмено и на заеднички состанок, а по повод Појаснувањето што го даде ДИК за медиумите и медиумското претставување на 3 август 2018 година. Агенцијата смета дека тоа што Законот за референдум утврдува дека овластениот предлагач, во случајов Собранието на Република Македонија, може да води јавна пропаганда, не значи дека има „привилегиран пристап“ до медиумите, ниту во поглед на користењето на времето, ниту во поглед на цените за рекламирање“.

Вчера и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го осудија начинот на кој ДИК ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

„Другите учесници во кампањата за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда, туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Ваквото паушално појаснување може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече. Ги повикуваме медиумите да не дозволат да бидат вовлечени во оваа политичка манипулација“, порачаа новинарските организации.


ААВМУ: Скандалозни решенија во измените на Изборниот законик


Скопје, 26 јули, 2018 - 15:22 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги осудува усвоените измени во Изборниот Законик кои беа донесени вчера во Собранието, по скратена постапка. Смета дека некои од решенијата се скандалозни.

Првата забелешка е на промената со која платеното политичко рекламирање, кое досега партиите и кандидатите го плаќаа од свој џеб, сега се префрла на товар на државниот буџет, а ќе се плаќа од Министерството за финансии, односно од парите на граѓаните.

„Во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија“, порачува ААВМУ.

Од регулаторот на медиумите велат и дека новововедените дополнителни лимити за платено рекламирање нема да обезбедат еднакви услови за сите, оти ги фаворизира големите партии, а целосно ги изостава независните кандидати.

„Новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати“, се вели во соопштението од ААВМУ во кое посочуваат и дека одредбата партиите и кандидатите да ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо тоа да го прават медиумите, е мешање во уредувачката слобода на медиумите.

Агенцијата реагира и што наместо да се избрише обврската за мониторирање на онлајн медиумите во политичка кампања, тоа се префрла на Државната изборна комисија (ДИК)

„И на крајот, наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија“, велат од ААВМУ.


Манчевски апелира членовите на Советот на МРТВ и на ААВМУ сами да си поднесат оставки


Скопје, 24 јули, 2018 - 16:18 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ повеќе од пет месеци го блокира донесувањето на новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), а тоа го продолжи и денеска. Апелирам и членовите на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги (ААВМУ) да поднесат оставка и да овозможат да се случат медиумските реформи, порача Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во рамки на седницата на собраниската Комисија за транспорт и врски, која ги разгледува амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ на предлог-законот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– И на денешната седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваат да го блокираат процесот на носење на Законот за АВМУ. Медиумските реформи и сите останати реформи во Македонија се во заложништво, поради лични интереси на поединци, со партиска позадина и со барање за амнестија. На комисијата скоро половина година се зборува за сè освен за законот, освен за медиумските реформи, и покрај сите катастрофални резултати и оценки во изминатите десет години – истакна министерот Манчевски.

Тој на членовите на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ, повикувајќи се на нивната совест и доблест, им порача да се повлечат за да овозможат да се случат предвидените медиумски реформи, односно формирање нови независни совети кои ќе бидат слободни од политички влијанија.

– Сакам да апелирам на совест и доблест на луѓето кои членуваат во Советот на МРТВ и Советот на Агенцијата. Апелирам пред се за нивната  лична храброст да поднесат оставка. Да дозволат медиумските реформи да се случат во Македонија. Да дозволат политичарите и сите политички партии да ги тргнат рацете од медиумите. Да дозволат отворена и транспарентна постапка во којашто јавно, со име и презиме ќе се изберат членовите на овие две тела. Ќе можат и тие повторно да аплицираат и доколку исполнуваат услови да бидат избрани повторно. Мораме конечно да продолжиме со реформите во медимскта сфера и со сите останати реформи кои од процедурални причини, но во позадина поради партиски интереси и со барање за амнестија, континуирано се кочат – заклучи Манчевски.

Според него, измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела, слободно и независно работење на медиумите во државата и  шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.


ААВМУ и СЕММ бараат да престане арогантното и недолично однесување кон медиумските работници


Скопје, 19 јули, 2018 - 11:53 (META) 

По вчерашниот инцидент со тројца фоторепортери на лидерската средба во Клубот на пратениците, со осуда се огласија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и  Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Двете тела побараа да се стори сè да им се овозможи на медиумските професионалци да ја извршуваат својата работа и да се сопре со арогантното и недолично однесување од претставниците на власта.

„Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки. Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите“, се вели во реакцијата од ААВМУ.

Од СЕММ бараат Владата да спроведе истрага за вчерашниот инцидент.

„Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, реагираат од СЕММ.

Владата, инаку, пред денешната лидерска средба во 12 часот, закажа брифинг со фоторепортери и сниматели.


Старо-новиот менаџмент на МРТ доби инфузија од 3 милиони евра (Инфографик)


Скопје, 17 јули, 2018 - 10:57 (META) 

Собраниската Комисија за транспорт и врски вчера го прифати предлогот за ребаланс на Буџетот на Македонската радио телевизија, со што за оваа година на сметката на јавниот радиодифузер ќе легнат уште околу три милиони евра и МРТ за 2018 година ќе има вкупно 20,8 милиони евра.

Ако ова се спореди со буџетите што ги имала МРТ неколку години наназад, а кои можат да се видат и од нивните годишни извештаи и од податоците на Управата за јавни приходи, тоа е еден од повисоките буџети во последните години.

За 2018 година првично беше планирано МРТ да добие 17,8 милиони евра, а со ребалансот овој износ се зголемува за уште три милиони.

Ребалансот на буџетот на МРТ треба да биде изгласан и на пленарна седница која не е закажана.

Минатата (2017) година МРТ имала скромни 16,8 а во 2016, релативно високи имала над 19,3 милиони евра .

Сега кога радио-дифузната такса, главен извор за финансирање е укината,  МРТВ е оставена на директно финансирање со 0,7 од државниот буџет, кое според предлог-законот за АВМУ треба да се зголеми на 1 отсто и теоретски да обезбеди приход од околу 21 милиони евра на годишно ниво, со тоа што, од овие пари 74,5 отсто би биле наменети за финансирање на МРТВ, а остатокот би одел за финансирање на Агенцијата за медиуми и јавното претријатие Македонска радиодифузија (МРД).


Реформите во медиумската сфера мора да продолжат посеопфатно


Скопје, 25 јуни, 2018 - 14:29 (META) 

Некои одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не донесуваат квалитет, а во некои случаи и ги враќаат работите назад, додека значителен број работи се испуштени од овој закон што се битни за медиумските реформи, беше нагласено на денешната експертска дискусија за нацрт-документот за идните интервенции во медиумското законодавство, подготвен од Центарот за развој на медиумите.

Според документот, еден од главните недостатоци на Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е сега на амандманска расправа, во тоа што, освен што се фокусира на промената на составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги и на Програмскиот совет на МРТ, како и на обидот за обезбедување на финансиска независност и стабилност на јавниот радиодифузен сервис, површно допира некои други точки, кои се битни за идниот развој.

Како што кажаа поголемиот дел од дискутантите, сериозно треба да се размислува за измени на законските одредби за медиумска концентрација и да се воведат одредени полиберални одредби, кои би спречиле злоупотреби на влијанието, но сепак би овозможиле подобри бизнис услови за медиумските сопственици во не многу поволни услови. Како посебно корисна мерка за спречување преголемо влијание од некои медиумски могули беше посочена и мерката која функционира во некои земји – во медиумите да се спроведува акционерски принцип за да се оневозможи концентрирање на внијанието.

Како што кажаа медиумските експерти, некои одредби од предлог-законот се можеби важни сега, но во иднина, посебно со сè помалото емитување на радиодифузерите преку етер, а сè повеќе преку кабелските мрежи или преку интернет, за 2-3 години ќе ја загубат важност.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


ААВМУ ги осудува нападите врз новинарите, но и непрофесионалноста на некој од нив


Скопје, 18 јуни, 2018 - 13:33 (META) 

Агенцијата за аудио и адудиовизуелни медиумски услуги ги осудува вчерашните напади врз медиумските работници, насилничко приведување на новинари, но и непрофесинално однесување на некои новинари, соопштуваат од ААВМУ.

Од таму додаваат дека „медиумските работници мора да бидат ослободени од секаков вид на притисоци и да им се овозможи непречено да ја вршат својата работа, особено кога станува збор за прашања од посебен јавен интерес.“

„Меѓутоа, истовремено, новинарите при известувањето мора да обезбедат професионална дистанца, непристрасно и избалансирано известување. Во овој контекст, Агенцијата апелира да не се применуваат облици на непримерна комуникација со јавноста, а уште помалку да се поттикнува насилство по која била основа“, се додава во соопштението.

Од ААВМУ потсетуваат дека само со професионално медиумско известување може да се покренат пошироки јавни дебати и да се придонесе за слободно создавање јавно мислење и критички ставови.