!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тилерсон: Работиме 26 години заедно во поддршка на аспирациите на Македонија


Вашингтон, 8 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Државниот секретар на САД,  Рекс Тилерсон, ја честиташе 26-годишнината од независноста на Република Македонија. Tој во име на Владата на САД изрази најдобри желби за луѓето во Македонија.

„Работиме заедно 26 години во поддршка на аспирациите на Македонија за влез во Европската Унија и во НАТО. Ја поздравуваме акцијата што ја презеде новата Влада да ја демонстрира посветеноста кон демократските принципи, почитувањето на владеењето на правото и регионалната соработка. САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Македонија во спроведувањето на потребните реформи за да го обезбедат своето место во евроатлантското семејство и нации. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме соработката во наредните години“, се вели во соопштението на Стејт департментот на САД.


Заев: Реални се шансите да добиеме чиста препорака од ЕК


Скопје, 8 септември, 2017 - 15:45 (META) 

„Иднината наша, како граѓани, иднината на Република Македонија, е во ЕУ и во НАТО. Реални се шансите наесен Македонија да добие чиста препорака од ЕК.  Реални се шансите Македонија да стане 30. земја членка на НАТО. Реалност се економските перспективи, спокој во семејствата, децата дома, нови вработувања, успешни претпријатија, европско образование, современо здравство“, порача премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во неговиот говор по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, на прославата во местото Три Круши во Драчево, што ја организираше неговата партија.

– Чекорот кон слободата и кон шансите го направивме заедно. Исто како што на 8 септември пред 26 години граѓаните масовно, самостојно излегоа на референдумот и избраа независна Република Македонија, и ние во големо мнозинство, сплотени во различностите, со силна верба во вистината и во правдата, избравме слобода. Затоа што, ако нешто е темел на социјалдемокртаската идеја, тоа е нашето чувство за солидарност и за слобода. И бидете горди и на тоа. Оваа шанса да бидеме подобри е нашата иднина. Затоа подаваме рака на сите. Затоа се отворивме за сите. Затоа работиме со сите – рече, меѓу другото, Заев.

Тој на сопартијците им порача дека треба да се подготвени за различностите по која било основа и за критичката мисла.

Премиерот Заев пред прославата во Три Круши, на градските гробишта Бутел во Скопје оддаде почит и положи венци со свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски.


Македонија одбележува 26 години независност


Скопје, 8 септември, 2017 - 11:35 (META) 

Република Македонија денеска одбележува 26 години од референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, повеќе од 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 Септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.  Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација, но поради противењето на Грција зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

По повод Денот на независноста, делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Под мотото „Заедно кон врвот“, денеска во Крушево, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО, се организира искачување на Бушева Планина. Најавено е присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, како и на амбасадорите на Обединетото Кралство и ЕУ, одбранбени аташеи во Република Македонија, припадници на МО и на АРМ и претставници на граѓански здруженија.

Во Свечената сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2017 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Годинава добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело е Иван Кочовски, поранешен шаховски селектор и актуелен стручен соработник на Шаховската федерација на Македонија. Други добитници на наградата се каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски – Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски.

Централната прослава по повод Денот на независноста се одржа вчера пред платото на Владата на Република Македонија под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“. Домаќин на прославата беше Владата, а на присутните им се обрати премиерот Зоран Заев.


Претседателот Иванов и Груевски го честитаа Денот на независноста


Скопје, 8 септември, 2017 - 10:42 (META) 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„По многувековни борби, незапирливиот македонски стремеж за слобода го остваривме на 8 Септември 1991 година. На 8 Септември ние не гласавме за различни партии, туку за една и единствена заедничка Република Македонија. Гласавме за држава во која слободно ќе ги оствариме темелните македонски вредности и врвните европски и цивилизациски принципи – владеењето на правото, заштитата на човековите права и слободи, соживотот и почитувањето на различноста. Гласавме за држава што ќе обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и на заедничкиот живот“, вели претседателот Иванов во честитката.

Тој нагласува дека во изминативе 26 години Македонија имала многу тешкотии на својот пат.

„Слободата ја постигнавме, но правдата ни беше ускратувана. Патот до меѓународното признавање и до интеграција беше и сè уште е исполнет со двојни стандарди, негирања и со блокади. Како држава и општество бевме обесправени. Моравме да се бориме за правата што сами по себе ни следуваат – правото на самоидентификација, човечко достоинство и просперитет. Но, и покрај сè, не отстапивме од темелните вредности и принципи. Продолживме да ја градиме Република Македонија како татковина на сите нејзини граѓани, во која македонскиот народ заедно со сите други заедници се дел од македонската граѓанска нација. Не отстапуваме ниту од стремежот за правда, бидејќи сме свесни дека вистинската слобода подразбира и остварување на правдата. А правдата ќе биде остварена кога ќе станеме рамноправни членови на НАТО и на Европската Унија“, истакнува претседателот Иванов.

Честитка до граѓаните упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој вели дека по многуте искушенија, мора да се остават во минатото „антидржавните и антинационалните политики“.

„Повторно минуваме низ период во кој се отвораат прашања што длабоко задираат во нашиот идентитет и немаме веќе ни малку простор и комоција да дозволиме непромислени одлуки чии последици би ги чувстувале долго во иднина. Антидржавните и антинационалните политики мора да ги оставиме зад нас. Тргување со највисоките државни и национални интереси не смее да се дозволи. Убеден сум дека единствени и сплотени, со јасно зацртана визија и цел, ќе успееме Република Македонија да ја направиме подобро место за живеење за сите нејзини граѓани, држава каква што сакаме да им оставиме на нашите деца“, се вели во честитката од Груевски.


Распоред на настани, свечености и прослави за Денот на независноста


Скопје, 7 септември, 2017 - 11:04 (META) 

Денеска и утре во Скопје ќе се одржат централните свечености по повод прославата на 8 Септември – Денот на незавиноста, кој годинава се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“.

Денеска:

  • 13 часот:  Свечено менувањето на државното знаме пред кабинетот на претседателот на државата во Вила Водно;
  •  17.30 часот:  Централната прослава почнува пред Владата, со изложби, театарски претстави и со настапи на гудачкиот квартет „Вива стринг“, хорот при Македонската опера и балет и на повеќе изведувачи од македонската забавна сцена;
  • 18 часот: Во касарната „Илинден“ ќе биде извршена почесна артилериска стрелба со испукување на 10 плотуни од страна на артилерискиот баталјон на Армијата на Република Македонија;
  • 18 часот: Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе приреди прием во Кристалната сала во Собранието на Република Македонија;
  • 18 часот: Градскиот дувачки оркестар ќе одржи променаден концерт со познатите „Чекорници“ од Музејот на град Скопје до плоштадот Македонија;
  • 19.30 часот: Обраќање на премиерот Зоран Заев.

Утре:

  • 10 часот: Положување свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата, од страна на делегации на Владата, предводени од премиерот Зоран Заев;
  • 11 часот: Во Свечената сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2017 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Годинава добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело е Иван Кочовски, поранешен шаховски селектор и актуелен стручен соработник на Шаховската федерација на Македонија. Други добитници на наградата се каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски – Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема кредибилитет да зборува за болницата „8 Септември“


Скопје, 30 март, 2017 - 17:00 (META) 

„СДСМ нема кредибилитет да зборува за болницата „8 Септември“, старата воена болница, која СДСМ ја остави на забот на времето, без ниту еден нов апарат, без ниту една закована шајка за реконструкција на болницата, без ниту еден доктор на едукација или воведена нова метода во болницата“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека оваа болница прерасна во градска општа болница, столб на секундардната здравствена заштита во градот Скопје и во околината, во која само во изминатите неколку години е инвестирано како никогаш претходно.

„Болницата почнала да работи со 374 лица, а сега во неа работат повеќе од 800 лица. Инвестирани се повеќе од 13 милиони евра во опрема и во реконструкција на оваа установа, при што само за нова најсовремена медицинска опрема се инвестирани преку 10 милиони евра, со што сите оддели во болницата се опремени со најсовремени дијагностички, операциони и интервентни апарати“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Македонија слави 25 години независност


Скопје, 8 септември, 2016 - 10:07 (META) 

Република Македонија денеска го одбележува 8 Септември – Денот на независноста. На денешен ден во 1991 година, се одржа референдумот на кој граѓаните со убедливо мнозинство, кое надминуваше 95 отсто, се изјаснија за самостојна и независна држава, одговарајќи позитивно на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Претходно, на 25 јануари 1991 година, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за незавиност.

На 17 ноември 1991 година Собранието го донесе новиот Устав на државата, што беше следен важен чекор во зацврстувањето на државноста.

Прва држава која ја призна Македонија како независна и самостојна држава беше Република Бугарија. На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација. Поради противењето на Грција околу спорот за името, Македонија во Обединетите нации беше примена под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

По повод одбележувањето на Денот на независноста, собраниска делегација во состав Љупчо Димовски, Даниела Рангелова и Лидија Димова денеска во 11 часот во паркот Жена-борец ќе положи венец свежо цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија“.

Во Свечената сала на Собранието во 12 часот, одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири награди за остварување во областа на спортот во 2016 година, кои се доделуваат на спортисти, тренери и на спортски работници. Добитници на државната награда „8 Септември“ се Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и Фоти Ѓатовски.

Синоќа, во пресрет на државниот празик, во Македонскито народен театар се одржа свечена академија на која се обрати претседателот на државата Ѓорге Иванов. Свечената академија е централниот настан на Владата за одбележување на 25-годишнината од независноста на државата.