Заев ќе се обрати пред Генералното собрание на ОН


Њујорк, 22 септември, 2017 - 10:21 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк и ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти владината прес-служба.

На денешната агенда на македонскиот премиер е предвидена средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Виетнам, Фан Бин Мин, како и кратка средба со премиерот на Непал, Шер Бахадур Деуба, на приемот по повод националниот ден на оваа земја.

Заев денеска ќе има и обраќање на конференцијата „Нов старт на Балканот“, во организација на УНДП.

Претседателот на македонската влада вчера имал средба со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте, кој дал поддршка на реформскиот процес што го почна Владата и ги поздравил чекорите што ги презема државата за градење на добрососедски односи и регионална соработка.

Руте истакнал дека Холандија останува силен поддржувач на Македонија во заложбите на нашата држава за постигнување на стратешките цели, членство во Европската Унија и во НАТО.

Заев на средбата посочил дека очекува есенва да се тргне условеноста на препораката за членство на Македонија во ЕУ, а следен чекор да биде датум за почеток на преговори.


Димитров и Коѕиас во Њујорк разговарале за мерките за доверба и за името


Њујорк, 21 септември, 2017 - 14:40 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров синоќа во Њујорк имал работа вечера со својот грчки колега, Никос Коѕиас, на која, како што соопшти МНР, било разговарано за мерките за градење доверба меѓу двете земји и за процесот за надминување на разликите околу името.

Во соопштението на МНР не се наведуваат повеќе детали од средбата, која била последна од вчерашната „богата“ агенда на Димитров во рамките на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.

Повеќе информации за средбата нема ниту од грчкото МНР, кое објави „твит“ од вечерата меѓу Димитров и Коѕиас, на својот официјален твитер-профил.

Грчкиот шеф на дипломатијата во понеделникот, оваа недела, во Њујорк имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на која, како што соопшти грчкото МНР, Коѕиас рекол дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара за прашањето за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.


Заев учествуваше на дипломатскиот прием организиран од Трамп


Њујорк, 21 септември, 2017 - 11:11 (META) 

Премиерот Зоран Заев учествуваше на дипломатскиот прием организиран од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во рамките на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

„Дипломатскиот прием организиран од претседателот на САД на ГС на ОН е можност за зацврстување на пријателствата и за идни соработки во интерес на нашите држави“, напиша Заев на „Твитер“.

Премиерот Заев, во рамките на активностите на Генералното собрание на ОН денеска ќе има билатерална средба со премиерот на Беглија, Чарлс Мишел, соопштија од владината прес-служба.

Заев ќе присуствува и на приемот по повод кандидатурата на Германија во Советот за безбедност на ОН, за периодот 2019-2020 година, што, во име на канцеларката Ангела Меркел, го организира министерот за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел.

„Во текот на денот предвидени се и други средби и разговори со влијателни гости на Генералното собрание на ОН, како и со американски политичари и тинк-тенк експерти од сферата на надворешните политики и меѓународните односи на САД“, стои во соопштението на Владата.


Заев од Њујорк: Подготвени сме да ги слушаме нашите граѓани


Њујорк, 20 септември, 2017 - 15:32 (META) 

Воспоставувањето доверба меѓу владите, граѓаните и организациите од различни видови е од клучно значење за воспоставувањето транспарентни и енергични демократии, порача премиерот Зоран Заев во своето обраќање на панел-сесијата „Отворено владино партнерство – Враќање на довербата во владата“, во рамките на дебатите на 72. Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Тој се осврна на искуствата на Македонија, кои, како што рече, покажаа дека кризата може да се надмине само низ заедничка соработка со сите граѓани, организации и политички субјекти и со силна политичка волја да се одделат институциите од партиските влијанија, за тие да бидат независни и да работат исклучиво за граѓанските интереси.

– Како новоизбрана влада, еден од нашите највисоки приоритети е да покажеме подготвеност да слушаме. Ние сакаме да ги слушаме нашите граѓани. Работиме во насока на воспоставување механизми за континуирана консултација со Владата, нашите министерства и агенции. Сакаме да ја смениме културата на комуникација во Македонија – рече Заев.

Премиерот потсети дека Македонија во 2011 година стана 35. членка на Партнерството за отворена влада и соопшти дека досега има направено три акциски планови. Тој истакна дека особено внимание се посветува на транспаретноста околу буџетот и одговорноста на владините институции, стандардизираните информации за јавните набавки и извештаите за здравствените програми.

– Исто така, сметаме дека е важно целите на партнерството за отворени влади да се комплементарни со целите на одржливиот развој, што се однесуваат на сиромаштијата, родовата еднаквост, целно партнерство, климатски активности, мирот, правдата и силни институции – рече Заев, нагласувајќи дека ова е во согласност и со планот на Владата за демократски реформи, односно планот „3-6-9“.

Заев оцени дека собирот на оваа тема на светско ниво, покажува колку државите и раководствата се свесни за значењето на отвореноста на владите.

– Мојата порака денеска е да дадеме живот на транспарентноста и на граѓанското учество. Да ја изградиме довербата во владата и демократијата. Кога сите имаат еднакви шанси слободно да ги искажат своите грижи и кога тие се сфаќаат сериозно, тогаш ние сме во заедничка и одржлива конекција со нашите граѓани за повторно градење и преиспитување на демократијата заедно – рече премиерот.


Трамп се закани дека САД би можеле целосно да ја уништат Северна Кореја


Њујорк, 19 септември, 2017 - 19:12 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во своето прво обраќање пред Генералното собрание на Обединети нации во седиштето на организацијата во Њујорк, изјави дека доколку Америка биде во ситуација да мора да се брани себеси или нејзините сојузници, би немала друг избор освен целосно да ја уништи Северна Кореја.

Тој ја нападна земјата и нејзиниот лидер Ким Јонг-ун, велејќи дека Северна Кореја „се заканува на целиот свет со незамисливи загуби на животи“ со својата нуклеарна програма.

– Ако праведното мнозинство не се спротивстави на злобното малцинство, злото ќе триумфира – порача Трамп, говорејќи на отворањето на 72. Генерално собрание на светската организација.

Тој порача дека против интересите на целиот свет е Северна Кореја, која ја нарече „банда криминалци“, да има ракети и нуклеарно оружје.

– Ракетарот е на самоубиствена мисија – рече Трамп, мислејќи на севернокорејскиот лидер. Тој го обвини Ким Јонг-ун дека води режим кој го изгладнува сопствениот народ и го убил братот на лидерот со отровни хемикалии.

Иако се заблагодари на Русија и на Кина за поддршката на неодамнешните санкции од ОН против Северна Кореја, тој индиректно ги нападна поради продолжувањето на соработката со севернокорејскиот лидер.

– Сега е време сите заедно да работиме и да го изолираме Ким сè додека тој не престане со непријателското однесување. Суверените држави мора да бидат основа на светскиот поредок. Мораме да ги отфрлиме заканите по суверенитетот од Украина до Јужно Кинеско Море. Очекувам сите држави да ги почитуваат интересите на својот народ, како и правата на другите суверени држави – посочи Трамп.

Тој се осврна и на Иран и ја нарече „економска празна отпадничка држава, чиј единствен извозен производ е насилството“. Договорот за нуклеарната програма на Иран, Трамо го нарече „срамен“ и рече дека светските лидери не можат да се држат до договорот ако тој ја продолжува иранската нуклеарна програма.

Во врска со кризата во Венецуела, нарекувајќи ја „неприфатлива“, Трамо рече дека во земјата владее „социјалистичка диктатура“.

– САД не можат само да стојат на страна и да гледаат – рече Трамп.


Македонија, дел од алијансата против трговијата со опрема за мачење и за смртни казни


Њујорк, 19 септември, 2017 - 14:33 (META) 

Македонија од вчеравечер е членка на меѓународната алијанса за запирање на трговијата со производи кои се користат за извршување смртни казни и за мачење.

Меѓународната група е формирана за време на 72. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, кое се одржува оваа недела во Њујорк, а на иницијатива на Европската Унија, Аргентина и на Монголија. Во алијансата членуваат 58 држави од светот.

Меѓународниот закон ја забранува тортурата во кои било случаи, но, и покрај тоа во светот сè уште се тргува со алатки кои се користат за смртни казни и за мачење. Тука спаѓаат палки со метални шилци, појаси за електро-шокови, хемикалии за изршување смртна казна и системи за принудно вбризгување кои одат со нив.

– Овие производи служат единстевно за предизвикување ужасна болка и за убивање луѓе. Сега, ние преземаме конкретни акции за запирање на оваа одвратна трговија. Јас сум воодушевена што толку многу земји во светот ја потпишаа оваа декларација и и се придружија на алијансата. Стоејќи заедно, ние демонстрираме решителност дека повеќе нема да ја толерираме оваа трговија – изјави еврокомесарката за трговија, Сесилија Малстром.

Со приклучивањето во алијансата, земјите се обврзуваат на четири конкретни активности: преземање мерки за контрола и за забрана на извоз на вакви производи, опремување на царинските власти за оваа потреба, обезбедување техничка помош за земјите во воспоставувањето и во спроведувањето на законите за забрана на оваа трговија и размена на практики за ефикасни системи за контрола.


Бизнисмените од дијаспората ќе помогнат во економскиот развој на Македонија


Њујорк, 19 септември, 2017 - 11:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и од министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, во Њујорк се сретна со претседателот на групата „Македонија 2025“, Роберт Арсов, познатиот бизнисмен од дијаспората, Џон Битов, како и со повеќемина други претставници на оваа група, соопшти владината прес-служба.

– Владата на Република Македонија се отвори кон сите кои можат да придонесат за економски напредок на државата. Дијаспората и конкретно активирањето на претставниците на групата „МК 2025“ во Македонија, ќе значи силен импулс за нови инвестиции во државата, особено зашто станува збор за почитувани и успешни бизнисмени на светско ниво – рекол Заев на средбата.

Претставниците на групата „МК 2025“, како што информираат од Владата, изразиле поддршка на реформските политики во кои гледаат реална можност за вклучување и за придонес на дијаспората за развој на економијата во Македонија.

Инаку, за денеска попладне предвидени се првите конкретни активности поврзани со 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, на кои ќе учествува и македонската делегација предводена од премиерот Заев.