!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп: Америка нема да дозволи да биде застрашена


Њујорк, 11 септември, 2017 - 19:53 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека Америка никогаш нема да го заборави нападот на 11 септември 2001 година и додаде дека нема да дозволи да биде застрашена.

– Ужасот и страдањата од тој тежок ден ни се врежани во сеќавањата засекогаш – изјави американскиот претседател на церемонијата во Пентагон, каде што се урна еден од четирите авиони што ги киднапираа членови на Ал каеда.

Трамп нагласи дека терористите, доколку поведат напад на земјата, „нема да можат да се скријат на земјината топка“.

Во Њујорк илјада луѓе се собраа пред споменикот изграден на местото каде што беа кулите близначки. На церемонијата присуствуваше градоначалникот Бил де Блазио и неговиот претходник Мајкл Блумберг.


Одбележана годишнината од нападите во Њујорк и во Вашингтон


Вашингтон, 11 септември, 2017 - 16:48 (META) 

САД ја одбележаа 16-годишнината од терористичкиот напад на Ал каеда во Њујорк и во Вашингтон, во кој на 11 септември 2001 година загинаа околу 3.000 лица.

Во Њујорк, на местото на кое беа кулите близначки, односно Светскиот трговски центар, роднините на загинатите носеа нивни фотографии и ги чита нивните имиња.

Церемонијата, на која учествуваа околу 1.000 лица, почна со едноминутно молчење и со биење на камбани, по што традиционално беа прочитани имињата на загинатите.

Американскиот претседател Доналд Трамп го предводеше оддавањето почит на жртвите во Вашингтон. Тој и првата дама Меланија пред Белата куќа со едноминутно молчење им одадоа почит на околу 3.000 лица кои загинаа откако терористите на Ал каеда киднапираа авиони и ги насочија во кулите близначки во Њујорк и во Пентагон во Вашингтон, додека еден авион падна во Пенсилванија.

Одавањето почит во Белата куќа беше одржано во 8.46 часот по локално време, кога првиот авион удри во кулите близначки во Њујорк.

Трамп и правата дама исто така учествуваа на церемонијата во Пентагон, која ја предводеше министерот за одбрана, Џим Матис.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, ја претставуваше администрацијата во Шанксвил, Пенсилванија, каде се урна авионот во кој патниците ги оневозможија терористите да извршат напад на Конгресот и на Белата куќа во Вашингтон.


15-годишнина од терористичките напади на кулите близначки во Њујорк


Њујорк, 11 септември, 2016 - 11:59 (META) 

Денеска се одбележува 15-годишнината од терористичките напади на Њујорк и на Вашингтон, кои се случија на 11 септември 2001 година, а во кои животот го загубија речиси 3.000 лица.

Во Соединетите Американски Држави (САД) годишнината од нападите традиционално се одбележува во Националниот мерморијалн центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде беа урнати двете „кули близначки“.

Оддавањето почит на жртвите во меморијалниот центар го вкучува читањето на имињата на загинатите во нападите, а во вечерните часови дел од небото над Њујорк ќе биде осветлено, како потсетување на урнатите кули на Светскиот трговски центар.

Нападите, кои ги изведе терористичката организација Ал каеда, почнаа со ударите на два киднапирани патничи авиони во кулите близначки во Њујорк, а потоа следеше ударот на трет авион во зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот беше соборен уште еден авион во сојузната држава Пенсилванија. Вкупниот биланс на жртвите беше 2.997 лица.

Службите на САД, како мозок на операцијата го посочија Халид шеик Мухамед, кој беше фатен во март 2003 година во Пакистан.

Командосите на американската армија пролетта 2001 година изведоа акција на еден имот во Пакистан, во која беше ликвидиран водачот на Ал каеда, Осама бин Ладен, обвинет како одговорен за нападите на 11 септември 2001 година.


Од полноќ престанува масовното прислушување во САД


Вашингтон, 28 ноември, 2015 - 16:51 (META) 

Националната безбедносна агенција (НСА) на Соединетите Американски Држави, согласно новите законски одредби, од ноќеска на полноќ ја прекинува досегашната пракса на секојдневна проверка на податоците од телефонските разговори на милиони американски граѓани, пренесуваат светските агенции.

НСА својата масовна програма за следење на комуникациите ќе ја прекине вечерва во 23.59 часот по стандардно источно време, односно во 5.59 часот во недела по средноевропско време.

По ова, НСА ќе почне да користи ограничени методи за надзор на комуникациите, кој како што во петокот најавиле од Белата куќа мора да биде оперативен од ноќеска на полноќ.

Програмата за масовно следење на комуникациите беше воведена по терористичките напади од 11 септември 2001 година како мерка за заштита од нови напади.

Комисијата за ревизија што ја именуваше претседателот на САД, Барак Обама заклучи дека досегашниот режим за надзор не постигнал никаков конкретен напредок во борбата против тероризмот.

Агентите на НСА и другите агенции кои треба да ги спроведуваат новите законски одредби, од сега ќе мораат да обезбедат судски налог за да можат да бараат од телекомуникациските оператори дозвола за контрола на податоците за телефонските повици на секоја поединечна личност или група која сакаат да ја надгледуваат во период не подолг од шест месеци.