!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: Нашата борба е за просперитетна Македонија, интегрирана во НАТО и во ЕУ


Скопје, 11 октомври, 2017 - 18:28 (META) 

Денот на народното востание ја демонстрираше желбата на македонскиот народ за слобода и за сопствена држава, а нашата борба е борба за економски просперитетна Македонија, целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ, каде и природно припаѓа, се вели во честитката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„11 Октомври е повеќе од обичен државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и за правда. Тој идеал нè води и денес и нè мотивира да работиме за доброто на идните генерации, за подобро утро за сите. За градење држава каде заеднички и сложно, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите, сите кои споделуваме исти потреби и проблеми ќе одиме напред“, стои во честитката на Груевски по повод празникот.


Непобедени се сите оние кои се бореле за слобода, порача Шекеринска од Прилеп


Прилеп/Куманово, 11 октомври, 2017 - 17:14 (META) 

Непобедени се сите оние кои се бореле за слобода и како резултат на нивната борба пред многу години, денес Македонија е независна и суверена држава, но секоја генерација има своја борба, изјави за медиумите вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, во рамките на денешната свеченост во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Шекеринска ја предводеше делегацијата на Министерството за одбрана, придружувана од началникот на Генералштабот на АРМ, Методија Величковски, која положи свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов – Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски – Питу и на спомен-обележјето Могила на непобедените.

– Нашата држава покажува дека е зрела да продолжи да ја развива демократијата и економијата и да ја зајакнува безбедноста, и дека на овој ден, покрај почитта која ја даваме на загинатите борци, време е да се посветиме и на оние кои денес безрезервно ја штитат нашата држава и државни интереси – изјави Шекеринска.

Владината делегација, предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, придружуван од министерот за странски инвестиции Аднан Ќахил и заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, положи свежо цвеќе и оддаде почит на паднатите борци на НОБ во Прилеп.

– Борбата за европска Македонија се темели и почива на она што значи слобода, демократија и човекови права – рече Сугарески, додавајќи дека демократските и развојни процеси кои се почнати нема да запрат и дека Македонија ќе биде пристојно место за живеење.

Празникот 11 Октомври беше одбележан и во Куманово, каде владина делегација предводена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, положија свежо цвеќе на Спомен-костурницата во Куманово.

На положувањето свежо цвеќе учествуваа и делегации на Сојузот на борците, делегации на Собранието на Република Македонија и на Општина Куманово, како и делегации на невладини организации и граѓани.


Заев: На идните генерации треба да им дадеме причини за да го слават нашиот патриотизам


Скопје, 11 октомври, 2017 - 13:43 (META) 

Нашиот патриотизам идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа, истакна премиерот Зоран Заев во својот говор на централниот настан од одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, кој се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата.

– Празнувањето на големите датуми и оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Македонија е само мал дел од нашата должност кон достојното минато – рече Заев, нагласувајќи дека патриотизмот не завршува тука.

Тој додаде дека патриотизмот идните генерации ќе го слават само ако им се дадат повеќе причини за тоа, како што тоа го направила генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

– Пред 76 години нашите сограѓани во Прилеп и во Куманово се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ и на сите други граѓани во Македонија против фашистичкиот окупатор и почетокот на завршните процеси во впишувањето на македонската држава на мапата на народите во светот – рече Заев.

Покрај владина делегација, пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, свежо цвеќе положија и делегација на
Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, на Армијата на Република Македонија, предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски и други делегации на државниот и на дипломатскиот кор.


Иванов: Да останеме верни на македонската традиција на соживот


Скопје, 11 октомври, 2017 - 10:05 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на антифашистичкото востание, упати честитка до граѓаните на Македонија, во која истакнува дека пред точно 76 години, Македонија го избра патот на борба против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот.

„Во оваа борба, народот на Македонија се препороди и се почувствува слободен да си ја земе судбината во сопствените раце. На овој ден се потсетуваме на нашите партизани, кои чекорејќи по патот кон слободата се соочија со многу маки и премрежија и притоа покажаа невиден хероизам и искрен патриотизам. На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста, кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и да ја унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци“, вели Иванов во честитката.

Затоа, нагласува Иванов, треба да останеме верни на македонската традиција на соживот и на почитување на различностите.

„Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено. Да продолжиме да градиме демократска, просперитетна и европска Република Македонија. И притоа, постојано да ги имаме на ум вредностите кои нè движат и како луѓе и како општество, а тоа се слободата, правдата и човечноста“, порачува претседателот на државата во честитката по повод 11 Октомври.


Македонија го празнува 11 Октомври – Денот на антифашистичкото востание


Скопје, 11 октомври, 2017 - 9:43 (META) 

Македонија денеска одбележува 76 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна. Востанието почна на 11 октомври 1941 година со нападот на Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок, а следниот ден, на 12 октомври, оружјето го кренаа и партизаните од Кумановскиот одред.

Со тоа Македонија се приклучи на антифашистичката коалиција, а по четиригодишната Светска војна, со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, го реализираше и повеќевековниот сон за основање македонска држава.

Празникот ќе биде одбележан со повеќе настани организирани од Собранието, Владата, Сојузот на борците и од општините Прилеп и Куманово.

Централниот настан ќе се одржи претпладне пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, во дворот на Владата. Венци со цвеќе пред споменикот ќе положат делегации на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски, на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, на Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, делегација на АРМ предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, како и други делегации на државните институции и од дипломатскиот кор.

Предвидени се и кратки обраќања на Стојановски, Заев и на Рацај, како и настап на Воениот оркестар на АРМ.

Владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјата во Прилеп и во Куманово. Владината делегација во Прилеп ќе ја предводат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а собраниската, пратениците Кети Смилеска и Хари Локвенец. Тие ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифовски Питу, како и на спомен-обележјето Могила на непобедените.

Кај Спомен-костурницата во Куманово владината делегација ќе ја предводи вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а собраниската пратеникот Мирослав Јовановиќ.

Напладне, во Собранието на Република Македонија, традиционално ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“. Годинашни лауреати се музичарот Влатко Стефановски, кој ќе ја добие наградата за животно дело во областа на културата и на уметноста, и историчарот проф. д-р Амет Шериф, кому наградата „11 Октомври“ му се доделува за животно дело во областа на науката и образованието.


Влатко Стефановски и Амет Шериф ќе ја добијат државната награда „11 Октомври“


Скопје, 26 септември, 2017 - 13:21 (META) 

Познатиот музичар Влатко Стефановски и историчарот Амет Шериф се добитниците на годинешната награда  „11 Октомври“, соопшти Министерство за култура.

Влатко Стефановски, еден од основачите на „Леб и сол“ и поранешен државен уметник, е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и на другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Вториот добитник на оваа награда, во категоријата за животно дело во областа на науката и на образованието се доделува на историчарот проф. д-р Амет Шериф.

Наградата на добитниците ќе им биде врачена на 11 октомври 2017 година, во 12 часот, во Собранието на Република Македонија.


Повреден работник во фабриката „11 Октомври“


Скопје, 21 мај, 2017 - 13:52 (META) 

Триесет и двегодишен работник во фабриката „11-ти Октомври“ е повреден кога негов колега управувајќи кран, не го забележал и му ги притиснал нозете, соопшти полицијата.

Настанот се случил вчера околу 11:30 часот кога В.С.(48) управувал кран и се движел по шините во кругот на фабриката и при поминување покрај метални конструкции, му ги притиснал нозете на И.Ѓ. од Куманово.

Повредениот бил пренесен во Општата болница во Куманово каде му биле констатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


Блокада на улицата Борис Трајковски попладнево во Скопје


Скопје, 29 март, 2017 - 13:46 (META) 

Од 17 до 18 часот денеска ќе биде блокирана улицата Борис Трајковски поради протест. Блокадата ја прават жители на скопската населба 11 Октомври, кои на овој начин сакаат да изразат незадоволство од институциите, кои, како што велат, не преземаат ништо да ги спречат проблемите што ги имаат со околу 200 Роми кои се населени во старите бараки на ГП „Пелагонија“.

Жителите на населбата информираат дека почнувајќи од мај 2016 година, доставиле две петиции до Општина Кисела Вода и известување до Министерство за труд и социјална политика.

„Станува збор за проблеми кои првенствено се негативен пример за нашите деца, како, на пример, вдишување лепак од децата кои слободно влегуваат во приватни дворови, при што вршат и кражби, секоја вечер палат пластични материи од кои не сме во можност да дишеме или да излеземе во нашите дворови. Зачестени се нарушувањата на јавниот ред и мир со пуштање гласна музика до доцните вечерни часови, за што повеќепати сме известувале во урбаната заедница „11 Октомври – бараки“, како и во полициската станица во Кисела Вода, објаснуваат жителите.


Шилегов: Ќе го ослободиме Музејот на македонската борба од лажна историја


Скопје, 12 октомври, 2016 - 15:08 (META) 

Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, за кој се потрошени повеќе од 17 милиони евра пари на граѓаните, нема ништо за клучните датуми и ликови од македонската борба за државност и за самостојност, обвини портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Воопшто не се спомнува 11 Октомври, кој вчера го славевме како ден на народното востание и на борбата против фашизмот. Ги нема првоборците од 1941 година, првите партизански одреди, клучните битки во НОБ, во кои партизаните и партизанките се изборија за македонската држава. Од музејот се избришани создавањето на македонска народноослободителна војска, Февруарскиот поход, првите органи на народната власт. Оваа зграда не е Музеј на македонската борба за државност! Во оваа зграда антифашистите се претставени како крвници, а фашистите и нивните соработници како жртви на комунизмот“, рече Шилегов.

Тој додаде дека по 11 декември, ќе го ослободат партискиот музеј на обвинетиот Никола Груевски од лажните херои и од лажната историја.


Бистите на народните херои и по 10 години не се вратени во центарот на Тетово


Тетово, 11 октомври, 2016 - 17:39 (META) 

И годинава 11 Октомври во Тетово се одбележа без спомен-бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче, кои пред десет години, поради реконструкција на градскиот плоштад, беа отстранети.

Од Сојузот на борци, кои го организираа чествувањето на празникот пред Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, велат дека од градските власти добиле негативен одговор во врска со враќањето на бистите.

– Побаравме одобрение од Општина Тетово повторно да се вратат бистите од НОБ. Но, оттаму ни одговорија дека немаат никаква одлука ниту, пак, знаат како спомен-бистите на народните херои се отстранети од градскиот плоштад во Тетово. Но, ние не се откажуваме и овој одговор нас не нè обесхрабрува и ние повторно писмено се обративме до властите и побаравме бистите да се вратат таму каде што припаѓаат – изјави Стојан Петрушевски, претседател на Сојузот на борци од Тетово.

Учесниците на денешното чествување на празникот, претставници на политички партии и здруженија положија букети цвеќиња пред Споменикот на револуцијата и реагираа на игнорантскиот однос на градските власти кон чествувањето на државните празници.

– Општината ниту организира, ниту испраќа високи претставници на одбележување на државните празници во Тетово, иако сите знаеме дека за време на НОБ, загинале многу лица од различни етникуми токму од овој град – изјави Марин Најдов од Одборот на бранители.