!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анкета: 58,9 отсто од граѓаните задоволни од Владата, СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 13 септември, 2017 - 20:15 (META) 

Речиси 60 отсто од граѓаните на Македонија се задоволни од работата на новата влада во првите 100 дена, покажува анкетата спроведена од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и од телевизијата „Телма“.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 58,9 од испитаниците се изјасниле дека се задволни од Владата во првите 100 дена, 34,9 отсто рекле дека се незадоволни, а 6,2 отсто не знаат или одбиле да одговорат.

Според етничката припадност, 54,35 отсто од Македонците се задоволни од првите 100 дена на Владата, 40,22 отсто се незадоволни, додека кај Албанците 71,36 се задоволни, а незадоволни се 21,11 отсто.

На прашањето во која област најмногу сработила Владата во првите 100 дена, 38,5 отсто рекле дека тоа била надворешната политика, 7,4 отсто се изјасниле за социјалната заштита, за 3,2 отсто тоа бил економскиот развој, 20 отсто се определиле за некоја друга област (здравство, правосудство, странски и домашни инвестиции и земјоделство), а 19 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

За тоа на која област треба најмногу да посвети внимание Владата, 34,2 отсто одговориле дека тоа треба да биде зголемувањето на работните места, 18,4 отсто сметат дека предност треба да му се даде на економскиот развој, за 8,6 осто најважна е интеграцијата во ЕУ и во НАТО, за 10,4 приоритетно е здравството, за 7,4 отсто – социјалната заштита, за 17,1 отсто – други области и 3, 9 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

Инаку, во вечерашното издание на емисијата „Топ-тема“, на која беа презентирани овие резултати, беше соопштено дека анкетата на МЦМС и на „Телма“ покажува дека СДСМ има за три отсто повисок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, првпат по 10 години.

Конкретните бројки и проценти од овој дел од анеката ќе бидат соопштени во утрешното издание на емисијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Луѓе како Спасовски не заслужуваат да го водат МВР


Скопје, 12 септември, 2017 - 16:47 (META) 

МВР е во хаос, а единствени кои се задоволни од неговото работење се криминалните банди низ Скопје и низ државата, кои излегоа од подземје и почнаа да владеат со државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за неговиот отчет за стоте дена на фукнцијата.

„Граѓаните со право стравуваат за својата безбедност. Криминалците слободно се шетаат на улица и ги загрозуваат мирот и стабилноста на нашите улици и во нашите населби. Вакви луѓе и ваков министер како Спасовски не заслужуваат да го водат најкомплексниот ресор во Република Македонија. Наместо да се занимава со партиска пропагандна и со неисчистени возила, Спасовски треба да се грижи за безбедноста на сите граѓани во Македонија“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат Спасовски и Заев наместо да ја користат полицијата во партиски цели, да се занимаваат со тоа како МВР повторно да стане симбол на доверба и на професионализам.


Анѓушев вели дека со либерализацијата струјата нема да поскапи


Скопје, 10 септември, 2017 - 17:38 (META) 

Заменик-претседателот на Владата  задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима, Зоран Шапуриќ, и со министeрот задолжен за привлекување на странски инвестиции, Аднан Ќахил, на конференција за медиумите, давајќи отчет за стоте дена од работењето на Владата, ги презентираа ветените и релизираните обврски, како и проектите кои се во тек.

Како особено важен, вицепремиерот Анѓушев го истакна донесувањето на новиот закон за енергетика на кој веќе активно се работи, а посочи дека е обновена прекинатата соработка со Европската енергетска заедница.

– Соработката со Енергетската заедница ќе биде од помош за Република Македонија да донесе европски закони за енергетика и енергетска ефикасност, кои ќе бидат во парламентарна процедура до крајот на годината – рече Анѓушев, уверувајќи дека новиот закон нема да доведе до поскапување на струјата.

Според вицепремиерот, тие закони ни оддалеку не предвидуваат зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните, туку предвидуваат намалено бесполезно трошење и намалување на регулираните дејности. Анѓушев појасни дека регулираните дејности овозможуваат правење на непродуктивни трошоци што на крај ги плаќаат граѓаните.

Тој нагласи дека дадениот збор за враќањето на евтината дневна тарифа на струјата е реалност, а дека граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од мерката зимава, преку пониски сметки, заради тоа што ќе имаат можност да користат евтина тарифа и секој работен ден и сабота по два часа дневно.

– Тоа се до 8 милиони евра на годишно ниво, вратени пари во џебовите на граѓаните на Република Македонија – рече вицепремиерот Анѓушев и посочи дека изворот за финансирање на оваа мерка ќе биде од заштедите што ќе ги генерираат енергетските компании со домаќинско и одговорно работење.

Во однос на странските инвестиции, вицепремиерот посочи дека тие ќе бидат испочитувани во рамки на договорите што ги имаат потпишано, ќе бидат поддржани од владата што работи како нивни добар партнер и рече дека направена е детална анализа за тоа колкав износ на буџетски средства се искористени за привлекување странски инвестиции за што јавноста ќе биде дополнително информирана во следните денови, преку кумулативни бројки.


Хан на средба со Димитров во Талин дал поддршка за владините реформи


Талин, 8 септември, 2017 - 14:39 (META) 

На маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите кандидати за членство во ЕУ во Талин, денеска шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, имал средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, соопшти македонското министерство за надворешни работи.

„На средбата шефот на македонската дипломатија го запозна еврокомесарот со досега постигнатото во првите 100 дена од Владата на Република Македонија, кој пак го поздрави напредокот и даде поддршка на процесот, како и на европските чекори и добрососедството на новата надворешна политика“, стои во соопштението.

Исто така, министерот Димитров учествувал и на работниот ручек со земјите кандидати, на кој се дискутирало за политиката на ЕУ за проширувањето и за статусот на реформи во земјите кандидати. Притоа Димитров разговарал со  колегите од Бугарија, Грција, Холандија, Велика Британија и од Словенија.

Неформалниот состанок беше организиран од високата претставничка за надворешни работи и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и од министерот за надворешни работи на Република Естонија, Свен Миксер, а во неговата главна програма беа дискусии за спречувањето и за борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам, како заеднички безбедносни предизвици за земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.

– Интеграцијата на нашиот регион во ЕУ е исклучително важна за безбедноста на Европа. Насилниот екстремизам, радикализам и тероризам не познава граници. Затоа, нашиот заеднички одговор мора да биде единствен и целосно координиран – истакнал шефот на македонската дипломатија на состанокот.

Тој  изразил благодарност на естонското претседателство со Советот на ЕУ за поддршката кон политиката на ЕУ за проширувањето, додавајќи дека оваа политика на Унијата треба да се смета како комплементарно средство на нејзината безбедносна политика и ја реафирмира заложбата на Македонија за постигнување на суштински напредок во имплементацијата на реформите.


Џафери: Утре ќе закажам седница за разрешување на Зврлевски


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:08 (META) 

Продолжениетo на седницата за разрешување на Марко Зврлевски од функцијата републички јавен обвинител, ќе биде закажано утре, соопшти денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери, на прес-конференција на која даваше отчет за првите 100 дена од неговиот мандат.

– Според деловникот, кога заседава Комисијата за финансирање и буџет, не може да има пленарна седница затоа што седниците од Комисијата се емитуваат во живо на собранискиот канал. Откако ќе завршат десетте дена дебата за ребалансот на буџетот, а во овој случај завршуваат утре, може да има пленарна седница и да се работи на заостанатите седници. За разрешувањето на Зврлевски ќе закажам седница утре иако петок е ден за средби на пратениците со граѓаните. Тоа значи дека ако треба, седница ќе закажам и в сабота и в недела – рече Џафери.

Прашан дали тој ќе ја отвори манифестацијата по повод Илинден на 2 Август во Крушево, Џафери нагласи дека постои систем на ротација и дека оваа година редот да се обрати во Крушево му се паѓа на претседателот на Собранието.

Џафери рече дека пратениците ќе го користат одморот од 8 до 25 август, наместо од 6 август, односно откако ќе поминат пет дена дебата на пленарна седница за ребалансот на буџетот, која треба да почне в понеделник. Локалните избори, пак, ќе ги распише на 6 август за тие да може да се одржат на 15 октомври.

– Одморот на пратениците не е моја волја, туку е законска обврска пратениците да имаат одмор во август, но тоа не значи дека ќе им биде дозволено да ги користат сите 31 ден од месецот – додаде Џафери.

За насилниот упад на група граѓани во Собранието на 27 април, Џафери вели дека бил повикан во Обвинителството и како оштетен и како сведок, но бидејќи истрагата сè уште трае, тој не сакаше да даде повеќе детали.

Џафери прес-конференцијата ја држеше прво на албански јазик, а потоа на македонски јазик, и како одговор на прашањето дали е тоа провокација, рече дека има уставно право да се обрати на двата јазика и дека е несоодветно тоа да се третира како провокација. За Законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека најдобро е да се почекаат 100 дена од работата на Владата.

За повикот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ да се закаже итна седница за договорот со Бугарија, Џафери рече дека итноста на седницата е надмината по јавното објавување на договорот.

Условите за работа во првите 100 дена од неговиот мандат, Џафери ги опиша како драстично попозитивни отколку денот кога беше избран, пред три месеци, на 27 април. Во отчетот за првите 100 дена, претседателот на Собранието рече дека имало девет седници од кои четири целосно завршени, дека се донеле пет закони, дека имало редовни координации секој понеделник, но дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала на сите и дека се одржале 32 меѓународни активности.

Откако ќе заврши годишниот одмор, Џафери најави дека Собранието ќе има нова алатка „е-прозорец“, преку која граѓаните ќе може да се пријават доколку сакаат да присуствуваат на некоја од пленарните седници.


Стоте дена на Вангеловски: Го ослободи Кочан, а сè друго стави на стенд-бај


Скопје, 20 јуни, 2017 - 14:48 (META) 

Денеска истекуваат првите сто дена откако Јово Вангеловски беше именуван и ја презеде функцијата претседател на Врховниот суд. Овој период главно ќе остане запаметен по одлуката за ослободување од притвор на првоосомничениот во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, Сеад Кочан, и по неколку почнати, но незавршени иницијативи на Вангеловски, меѓу кои и таа со која треба да се утврди дали СЈО може да ги користи прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ како доказ во судска постапка.

Вангеловски на почетокот на мандатот најави реформи во судството, транспаретност и отвореност кон медиумите, но од тоа, според она за што досега е информирана јавноста, малку или воопшто ништо не е реализирано во овие сто дена.

Претседателот на Врховниот суд досега не организираше ниту една прес-конференција, а своите ставови околу актулените прашања ги соопштуваше на брифинзи, на кои камери, микорофони и диктафони не беа дозволени.

Еве ги најинтересните настани што ги обележаа првите сто дена од мандатот на Вангеловски, кој како претседател на Врховниот суд ја претставува судската власт во државата:

  • 13 март – Судскиот совет на седница, по неколкумесечно одложување на изборот на претседател на највисокиот суд во државата, го избра Вангеловски за претседател на Врховниот суд.
  • 21 март – Вангеловски се сретна со државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, (за кого во тек е постапка за разрешување, н.з.) и со претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски, инаку адвокат на Сеад Кочан и на безмалку сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ против кои СЈО води истраги. Беше најавена и средба меѓу Вангеловски и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, но таа го одложи состанокот, кој потоа воопшто не се одржа.
  • 24 март – Вангеловски на првиот брифинг со новинарите најави дека до новата влада ќе поднесе пакет барања за измени на дел од законите што се однесуваат на судството. Засега не е познато дали Вангеловски го поднел пакетот барања до Владата, ниту дали имал средби со премиерот или министерот за правда.
  • 28 март – Јавното обвинителство на Република Македонија до Врховниот суд поднесе барање на заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Обвинителеството на Зврлевски бараше Врховниот суд  да ги укине решенијата на Oсновниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд со кои му беше одреден притвор на Кочан.
  • 30 март – СЈО до Врховниот суд на Република Македонија поднесе барање за изземање на Јово Вангеловски од Кривичниот совет на Врховниот суд што треба да одлучува за притворот на Кочан, со образложение дека е дел од „бомбите“ и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд, односно од 2008 до 2012 година.
  • 11 април – Врховниот суд го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на Вангеловски. На истата седница беа одбиени и приговорот на судијката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, и приговорите на 17 судии од Основниот суд Скопје 1 против годишниот распоред на работа, што го донесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев. Од судот не дадоа никакво образложение зошто и врз основа на што се одбиени барањата и приговорите.
  • 12 април – Медиумите информираа дека Вангеловски на општа седница на Врховниот суд поднел две иницијативи, со кои бара судот да пресече дали „бомбите“ можат да се користат како доказ во судска постапка и дали СЈО може да поднесува барање за заштита на законитоста до највисокиот суд во државата или тоа право ексклузивно му припаѓа на редовното јавно обвинителство.
  • 25 априлСредба на Вангеловски со евроамбасадорот Самуел Жбогар на која било разговарано за состојбите во македонското судство.
  • 12 мај – Кривичниот совет на Врховниот суд, со кој претседава Вангеловски, на тајна седница (немаше известување до медиумите), постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство, донесе одлука со која ги укина решенијата на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје со кои му беше одреден притвор на Сеад Кочан. Објаснувањето на претседателот на Врховниот суд, три дена подоцна, беше дека решенијата се укинати бидејќи СЈО не дало докази за да му биде одреден притвор на Кочан.
  • 22 мај – Врховниот суд, по неколку претходни продолженија и одложувања, ја одржа седницата околу прашањето дали „бомбите“ можат да се користат како доказ, но не донесе никаков заклучок и расправата повторно ја одложи на неопределно време.
  • 30 мај и 8 јуни – Кривичниот совет на Врховниот суд, со кој претседава Вангеловски, двапати ја одложи седницата на која требаше да бидат разгледани и да се одлучува по жалбите на шестемина осудени на доживотен затвор во случајот „Монструм“. Причина за одложувањето беа боледувањата на дел од адвокатите на осудените. Нов термин за одржување на седницата сè уште не е закажан. Највисокиот суд во земјава овој предмет го стави на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје.