!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Уапсени 200 мафијаши во Италија, помеѓу кои и корумпирани функционери


Рим, 9 јануари, 2018 - 12:18 (META) 

Околу 200 припадници на еден од најпознатите мафијашки кланови се упасени во заедничка акција на полицијата во Италија и во Германија, соопштија италијанските официјални власти.

Според соопштението, уапсени се членови на криминалната група Ндрангета, чие што седиште е во регионот Калабрија.

Акцијата била спроведена заедно со германската полиција, имајќи предвид дека семејствата Фарао и Маринкола, кои је предводеле групата, работеле во двете земји.

Помеѓу уапсените има и функционети кои се сомничат за корупција, но не се наведува дали се од Италија или од Германија.

За време на акцијата одземен им е имот во вредност од 50 милиони евра, а деталите за акцијата ќе бидат соопштени во текот на денот.


Замениците-министри од Алијансата за Албанците ги депонираа оставките во Владата


Скопје, 28 декември, 2017 - 17:51 (META) 

Функционерите на Алијансата за Албанците денеска и официјално ги депонираа оставките во Владата.

– Тројца заменици-министри и државниот секретар во Министерството за правда денеска поднесоа оставките во владината архива, а се очекува од своите функции да се повлечат и уште осум директори, што значи вкупно 12 или 13 функционери кои ќе поднесат оставка од водечки позиции – рече Елми Азири од Алијансата за Албанците за телевизијата „Алсат-М“.

Оставки поднесоа замениците-министри за надворешни работи, за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Арта Точи, Ремзи Мемеди и Елми Азири, како и државниот секретар во Министерството за правда Зулфи Адили, три дена откако претседателот на партијата Зијадин Села ги повика на ваков чекор.


По Заев, и СДСМ порача дека ќе се бара одговорност за корупција


Скопје, 10 декември, 2017 - 12:03 (META) 

Откако вчера премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, обраќајкќи се до јавноста порача дека ќе се бара одговорност од секој функционер или јавен службеник за коруптивно однесување, и неговата партија ја испрати истата порака.

„Борбата против корупцијата и владеењето на правото се врвни вредности и приоритети на СДСМ. Секој носител на јавна функција има одговорност кон граѓаните. Надлежните институции мора да го слушаат и почитуваат гласот на граѓаните и да практикуваат професионален и достоинствен однос кон нив. Оттаму, тие се должни да постапуваат и да го санкционираат секое коруптивно однесување, без разлика кој е сторителот и каков вид функција извршува. Во борбата против корупцијата нема и не смее да има привилегирани поединци и групи. Секој кој преку корупција, за лични или партиски цели, работи спротивно на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани, ќе мора да се соочи со одговорност“, порача партијата.


СДСМ: Кривичната против Јанакиески е уште еден доказ за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 7 септември, 2017 - 13:07 (META) 

Испливува на површина криминалот на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, а последен доказ за тоа е кривичната пријава против поранешниот министер за транспорт и врски и близок соработник на Никола Груевски, Миле Јанакиески, велат од СДСМ.

„Со кривичната пријава против Јанакиески, пресудите против градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески и Александар Панов, како и со кривичните пријави и обвиненија против Христијан Делев и Владимир Талески, на површина испливуваат криминалите на соработниците на Груевски“, стои во соопштението на СДСМ.

Од владејачката партија додаваат дека овие случаи се доказ дека „криминалното работење“ на ВМРО-ДПМНЕ било присутно на секое ниво и дека затоа биле блокадите во Собранието околу разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител.

„Залудни беа обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го заштитат Зврлевски и со тоа да се спасат од одговорноста. Залудни ќе бидат и обидите да ги спречат реформите во судството што носат независен и професионален судски систем и правда за сите“, порачуваат од СДСМ.


Нè чека долга судска недела: Рокови, жалби, одлуки, претреси


Скопје, 3 јули, 2017 - 10:33 (META) 

Денеска Кривичниот суд во Скопје треба да ги соопшти и последните одлуки по барањата за притвори против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни министри, обвинети во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Станува збор за барањата за притвор на Никола Груевски, Мартин Протогер, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Одлуките, како што можеше да се заклучи од соопштението на судот, биле донесени викендов, но ќе бидат објавени денеска бидејќи се чекаше да бидат напишани и доставени до странките, односно до одбраната на обвинетите и до СЈО.

Ова е само првата фаза од процедурата по барањата на мерки за претпазливост од страна на СЈО, кое веќе од денеска најави жалби до Апелацискиот суд Скопје.

СЈО има рок од три дена да поднесе жалби за одбиените притвори, на кои Апелацискиот суд треба да одговори за 48 часа откако ќе ги добие и да донесе одлука.

Ова значи дека крајот на оваа недела ќе се знае дали некој сепак ќе заврши во притвор или не.

Инаку, за денеска е закажано и рочиште од судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ на СЈО, во кој првообвинет за уништување на документацијата од незаконското прислушување е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски.

На претходното рочиште, кое се одржа на 23 мај, судијката Лидија Петровска ги прифати доказите на СЈО и за денеска закажа почеток на главната расправа, на која треба да бидат сослушувани сведоци.

Грујовски е обвинет и во случаите „Таргет“ и „Тврдина 2“, кои СЈО ги спои во едно обвинение. Тој беше и еден 18-те лица за кои СЈО бараше притвор, но судот го одби предлогот и му одреди мерки за претпазливост, односно му го одзеде пасошот и му наложи еднаш во неделата да се јавува во судот.


Јанакиески очекува СЈО да му поднесе обвинение и да оди на суд


Скопје, 9 јуни, 2017 - 14:48 (META) 

Специјалното јавно обвинителство продолжува да работи како експозитура на СДСМ и да води политичка хајка против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, рече поранешниот министер за транспорт и врски и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески по излегувањето од просториите на СЈО, каде се задржа помалку од половина час.

„Денеска бев осомничен затоа што сум ставил параф на некој договор,“ рече Јанакиески.

Тој го повика СЈО да почне да работи предмети против СДСМ за да докаже дека не е нивна партиска експозитура.

„Нивниот рок е при крај и тие одлучија да се занимаваат со функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе ја докажеме нашата невиност во судска постапка. Велам судска постапка, затоа што очекувам да поднесат обвинение,“ рече Јанакиески.

Тој не кажа зошто толку кратко се задржа во СЈО, но најверојатно како генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер Емил Димитриев и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и тој побарал да добие увид во доказите и потоа да даде исказ пред обвинителите на СЈО.


Зврлевски отвори истраги против високи функционери на „одредена политичка партија“


Скопје, 16 март, 2017 - 16:51 (META) 

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција информираше дека отворило две истражни постапки поврзани со изборни нерегуларности за време на парламентарните и на изборите за претседател на државата, одржани во април 2014 година и за предвремените парламентарни избори во декември минатата година.

Осомничените, поранешни високи функционери на МВР, на локалната самоуправа и „носители на високи функции во одредена политичка партија“, се товарат дека преку нудење поткуп сакале да придобијат гласачи во две изборни единици.

– Во истражните постапки опфатени се повеќе лица, помеѓу кои и поранешни високи претставници на Министерството за внатрешни работи, на локална самоуправа и носители на високи функции во одредена политичка партија. Постои основан сомнеж дека осомничените како организирани групи го сториле делото преку нудење, давање или ветување подарок или друга корист за да придобијат лица со избирачко право – стои во соопштението на Обвинителството.

Инаку на 20 февруари оваа година, од Обвинителството соопштија дека се отворени предистражни постапки против поранешни високи функционери на Министерството за внатрешни работи и „други физички и правни лица“ (фирми) од Скопје, Куманово и од Струмица, кои се товарат за изборни нерегуларности.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал завчера соопшти дека отворило истражна постапка против „носител на висока функција во Општина Струмица“, за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, во врска тендерска постапка за асфалтирање на улица во селото Дабиле.


Романската Дирекција за борба со корупција испрати 1.300 функционери на суд


Букурешт, 23 февруари, 2017 - 13:55 (META) 

Романската Дирекција за борба со корупција минатата година поднела обвиненија против 1.300 функционери поради корупциски активности, со кои ја оштетиле државата со 260 милиони евра, соопшти денеска шефицата на комисијата, Лаура Кодруца Ковеси.

Таа посочи дека меѓу лицата кои минатата година завршиле на суд има има тројца министри, 17 пратеници и други високи функционери.

Во јануари годинава, владата се обиде да изврши измени во законите со декриминализација на некои корупциски случаи. Тоа беше причина за големи протести, по што предлогот беше повлечен.


Уапсени 118 припадници на прокурдска партија во Турција


Анкара, 12 декември, 2016 - 10:43 (META) 

Турската полиција привела 118 лица, во претреси во земјата против функционери на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), која е обвинета за поврзаност со милитантите на Курдската работничка партија (ПКК), јавуваат агенциите.

Операцијата за апсење на партиските функционери почнала вчера откако разгранок на ПКК ја презеде одговорноста за двојниот бомбашки напад, во кој пред стадион во Истанбул загинаа 38 лица, а 155 беа ранети.

Неколку часа подоцна, турски борбени авиони гаѓале цели на ПКК во Северен Ирак, каде го уништиле нивниот штаб, борбените позиции и засолништата, соопштила турската војска.

Околу 500 полицајци, со поддршка од оклопни возила и од хеликоптери, ја почнале операцијата во градот Адана на југот на Турција, и привела 25 припадници на ХДП.

Во друга одвоена акција во Истанбул, антитерористичките единици привеле 20 функционери на партијата и извршиле претреси во повеќе објекти, вклучувајќи го и седиштето на партијата.

Во Анкара биле проведени 17 припадници на партијата, додека уште 51 лице биле уапсени во јужниот град Мерсин, а пет во северната провинција Манис.


#Одговорност е јавен увид во анкетните листови на функционерите


Скопје, 11 ноември, 2016 - 9:47 (META) 

Минатата година на адреса на Комисијата за спречување на корупоција стасале 552 анкетни листови по избор и по именување на функција, а во истиот период добиени биле 404 пријави за промена на имотната состојба.

Експертите велат дека достапноста до анкетниот лист на поранешните функционери е непоходна бидејќи само така јавноста може да направи споредба дали и колку се променила имотната состојба пред и по стапување на функција.

Сепак, Комисијата не го објавува последниот анкетен лист со образложение дека станува збор за „лични податоци, заштитени со закон“. Таков беше примерот со експремиерот Никола Груевски, чиј имотен лист по оставката од премиерската функција ДКСК го оцени како приватен. Токму, пак, тој последен анкетен лист за имотот треба да ја даде финалната слика за тоа колку богати си заминуваат функционерите кога ја напуштаат функцијата.

Законот за спречување корупција предвидува дека секој избран или именуван функционер е должен да пополни анкетен лист со имотот на неговото семејство во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата и потоа уште еден анкетен лист, 30 дена по престанокот на функцијата. Законски е предвидено да се пријави и секоја промена во имотната состојба што настанала во меѓувреме.

Овие законски одредби се направени за да се види доколку кај извесен функционер има несразмерно зголемен имот во однос на буџетската плата што ја зема.

Последниве години, ниту Управата за јавни приходи ниту, пак, Антикорупциската комисија, немаат отворено случај за несразмерно зголемување на имотот на одреден функционер.