!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Филмови за душа и тело на филмскиот фестивал во Солун


Солун, 5 ноември, 2017 - 19:10 (META) 

Потрагата по корените, не само на филмската уметност, е една од димензиите на педесет и осмото издание на Интернационалниот филмски фестивал во Солун, кој беше отворен во четвртокот, 2 ноември, со „За душа и тело“ на унгарската режисерка Илдико Енједи, и ќе трае до 12 ноември, кога се затвора со филмот „Забава“ на уште една особена авторка, британската режисерка Сели Потер.

По традиција, на солунскиот фестивал ќе бидат прикажани повеќе од 250 наслови, селектирани во десетина програми. По многу години, во угледната и популарна програма „Балкански преглед“, на солунскиот фестивал се најде и еден македонски филм, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески (неговиот интернационален наслов е „Secret ingredient“ или „Тајната состојка“, што беше и негов работен наслов за време на продукцијата). Дебито на Ставрески, чија светска премиера е токму на овој фестивал, е работено во копродукција со Грција. Неговата сторија говори за млад човек кој нема пари за скапи лекови за тешката болест (рак) на неговиот татко, па краде марихуана која е „тајната состојка“ со која прави колач. Болеста на таткото е како со рака однесена, но тоа се расчуло меѓу соседите и другите паталци по чудотворен лек за тешки болести, па сега момчето е под опсада од барања за рецептот од разни намерници, но е и мета на локалната мафија, бидејки нивна била марихуаната… Сценариото е на Ставрески, главните ролји во филмот ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет, а директор на фотографија е Дејан Димески.
Во официјалната натпреварувачка програма на фестивалот, која селектира први и втори филмови на автори, годинава се 14 конкуренти од домаќинот Грција, европските земји, Русија, Латинска Америка, САД, Иран и од Филипините. Авторите се борат за двете главни награди, „Златен Александар“ и „Сребрен Александар“. По само три дена од почетокот на фестивалот, неблагодарно е да се даваат какви било прогнози за евентуалните шанси за награди на конкурентите.

Меѓу популарните содржини на Солунскиот фестивал е и програмата „Отворени хоризонти“, со десетици наслови од сите светски меридијани. Ако ѕвезда на отворањето на фестивалот беше Илдико Енједи со нејзиниот особено успешен филм „За душа и тело“, кој во февруари ја доби „Златната мечка“ на Берлинале, беше апсолутен фестивалски хит годинава, стана и унгарски претставник за „Оскар“ во категоријата странски филм, а директорот на фотографија Мате Хернаи ја доби и првата награда на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, тогаш фестивалска ѕвезда наредниве денови сигурно ќе бидат Александар Пејн и Рубен Остлунд. Пејн е американски режисер од грчко потекло, кој е двоен оскаровец за сценарио и го претставува неговиот најнов светски успех, „Смалување“. Тоа е „мал“ филм со битен наратив – што ќе се случи ако навистина се оствари експериментот на група норвешки научници, кои во потрага по решение за пренаселеноста на Земјата, бараат начин да ги смалат луѓето? Одговорот го има Пејн, а кастингот во неговиот филм го предводат ѕвездите Мет Дејмон и Кристоф Волц.

Солунскиот фестивал годинава им прави омаж на четири исклучителни автор(к)и: Илдико Енједи, Рубет Остлунд, Ида Лупино и Арман Гати. „Плоштад“ на Остлунд е актуелниот добитник на канската „Златна палма“, а и тој, како и Енједи, спаѓа меѓу современиците што можеби немаат богата филмографија, но секако кај нив квалитетот е далеку пред квантитетот. Ида Лупино беше позната како актерка, но и како една од првите жени што застана зад филмската камера како режисерка, веднаш по Втората светска војна. Арман Гати, пак, е еден од позначајните интелектуалци на француската политичка левица пред и по Втората светска војна (во војната бил затворен во нацистички концентрационен логор, од каде што побегнал и се приклучил на британските специјални воени сили САС). По војната бил ангажиран новинар, театарски и филмски автор.

Секој фестивал кој пледира да остане актуелен, освен што може да ја одржува благородната мисија на потрага по корените на филмската уметност, мора да биде и во дослух со новите технолошки тенденции. Затоа годинава Солунскиот фестивал почна со необична селекција насловена „Виртуелна реалност“, која содржи десет специјално продуцирани филмови кои се гледаат со специјална опрема. Станува ли филмот, на тој начин, веќе класична уметност? Ќе видиме…

Од Солун: Стојан Синадинов


Светска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски на фестивалот во Сао Пауло


Сао Пауло, 22 октомври, 2017 - 20:16 (META) 

Петтиот игран филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, вчера ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил.

Филмот го претстави директорката на фестивалот, Рената де Алмеида, и ќе има вкупно пет проекции во програмата за специјални презентации. Манчевски пред премиерата учествуваше на дебата на тема „Моралноста и документарниот филм“, а по проекциите имаше разговор со бразилската публика.

– Многу ме израдува бразилската публика: ангажирана, фокусирана, активна, подготвена за учена дискусија, за прашања, за опсервации и за пофалби. Разговорот навистина беше одличен, длабок. „Бикини Мун“ е филм кој бара многу од публиката, не е филм кој се гледа со едно око и публиката во Сао Пауло потврди зошто одлучивме баш тука да ја имаме светската премиера. За филмот допрва почнува животот, ама за мене заврши ова поглавје на најубав начин – изјави режисерот Милчо Манчевски.

Манчевски е популарен во Бразил уште од својот прв филм „Пред дождот“, кој освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и во Латинска Америка неговите филмови се дел од образовната програма.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена – маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Манчевски вели дека „Бикини Мун“, кој има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.


Фестивалот „Скопје синема сити“ ќе се одржи од 15 до 19 јуни


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:45 (META) 

Третото издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се одржи од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија.

Фестивалот ќе се отвори со филм за „Крафтверк“, односно „Поп арт“, во традиција на претходните изданија кога фестивалот им оддаде почит на Дејвид Боуви и на Леонард Коен.

Фестивалот ќе заврши со портрет на Дејвид Боуви, преку неговите интервјуа и снимки за „Би-Би-Си“, вклучувајќи и негови настапи снимени во разни периоди од неговата кариера за овој национален сервис.


Битолските советници даваат „двојазични“ и „криминални“ сугестии за филмот за Талески


Битола, 10 март, 2017 - 14:41 (META) 

Кавгите во битолскиот Совет за документарниот филм на градоначалникот Владимир Талески ги премина локалните граници. На советничката говорница се развиори македонското знаме и се покажуваа лажни банкноти отпечатени на албански јазик.

Откако опозицијата не успеа да го запре снимањето на филмот за трите мандати на битолскиот градоначалник Владимир Талески, таа побара во филмот барем да биде делот за криминалите и за притворот на Талески, кој е под истрага на СЈО. Тогаш на говорницата излезе советникот на ВМРО-ДПМНЕ , Пеце Милевски, го растегна македонското знаме и извади лажни банкноти од 50 и 100 денари напишани на албански јазик.

– За ова ли сакате да снимаме филм, за двојазичноста на Заев и за парите што ќе бидат на албански јазик? Или сакате да снимаме филм за протестите сега, за унитарна Македонија, а? – праша Милевски, предизвикувајќи бурна реакција кај советниците од двете страни.

На Милевски му реплицираше советникот на СДСМ, Томе Наумов, кој го обвини за антипатриотизам.

– Вие не сте против Албанците, Вие сте против Македонците – рече Наумов.

Претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, уште еднаш ја прекина седницата, за да ги смири страстите, опоменувајќи ги советниците да се фокусираат на кварталниот извештај за буџетот на Општина Битола и на завршната сметка за 2016 година бидејќи, како што рече, ако не се изгласа до 15 март, потоа не ќе може, зошто ќе се распушти Советот.


Битолскиот градоначалник Талески ќе снима филм за 12 години владеење


Битола, 3 март, 2017 - 13:13 (META) 

Битолскиот градоначалник Владимир Талески со пари на граѓаните ќе снима документарен филм за успесите од неговото владеење. Според намерите, филмот треба да биде слика за „Развојот на Битола 2005 – 2017 година“.

Идејата на Талески ќе го чини општинскиот буџет 508.474,58 денари, односно околу 8.200 евра без данок на додадена вредност (ДДВ).

Во проектната задача стои дека „со зголемувањето на бројот на реализирани проекти во општина Битола, извршена е значителна промена на ликот на општината, во споредба со периодот пред 2005 година“, како и тоа дека документарниот филм, треба да ги исполнува и „начелата на отчетност и на транспарентност“.

Веста за фимот на Талески предизвика бурна реакција во јавноста, особено кај опозицијата.

– За снимање филм на Талески не му се потребни пари, она што тој го направи во изминатаите 12 години е празна слика, во која има сè, вклучувајќи и криминал, само развој и напредок не. Ме интересира дали во филмот е предвиден делот каде тој е „главен лик“ во истрагата на СЈО – реагира советничката Габриела Илиевска од ВМРО-НП.

Во проектот уште пишува дека Општина Битола поседува филм од ваков вид за периодот од 2005 до 2012 година, но истиот е работен со застарена технологија и не го опфаќа периодот од 12 години, кој претставува предмет на новата задача.

Портапаролката на Општина Битола, Наташа Ташкова, денеска не одговори на нашите повици да каже каде може јавноста да го види првиот документарец за владеењето на Талески.

Талески е под истрага на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Транспортер“ за криминал тежок 360.000 евра со бесплатниот школски превоз.

Тој лани летото, три месеци беше во куќен притвор. Заедно со него е осомничен и секретарот на Општината, Слободан Бончановски, и уште десетина директори на училишта и превозници инволвирани во случајот.


Роберт де Ниро го отвори Сараевскиот филмски фестивал


Сараево, 13 август, 2016 - 11:20 (META) 

Со краток говор, актерот Роберт де Ниро го отвори Сараевскиот филмски фестивал (СФФ).

Де Ниро во оваа прилика изјави дека е почестен што го отвора фестивалот во Сараево, по што му беше врачена специјална награда за животно дело „Почесно срце на Сараево“.

– Среќен сум што сум тука. Чест ми е што сум поканет. Бев заинтересиран да дојдам тука. Ме прашаа повеќепати и јас ветив дека ќе дојдам. Ги донесов своите две деца и сакав тоа да го доживеат со мене – порача Де Ниро кој призна дека не гледал ниту еден филм од БиХ, но „дека тоа би го сакал“.

Годинашниот СФФ, кој трае од 12 до 20 август, во рамките на 18-те фестивалски програми, ќе претстави 223 филмови од 61 држава.


Лазар Ристовски како цар Самоил во новиот филм на Митриќески


Охрид, 12 јуни, 2016 - 11:23 (META) 

Познатиот српски актер Лазар Ристовски ќе го игра ликот на цар Самоил во новиот филм на Антонио Митриќески.

Ристовски ја соопшти оваа информација во Охрид, каде учествуваше како ексклузивен гостин на „Охрид филм фест“– фестивал на ангажиран филм.

Тој додаде дека за него е особена чест што ќе го игра цар Самуил, затоа што и неговите корени се од Македонија.

Фестивалот беше отворен со филмот „Од другата страна“, каде во главната улога се појавува Ристовски.

За извонредниот придонес во балканската кинематографија што овој актер го остави како белег со неговите многубројни улоги во филмовите, Ристовски ја доби посебна награда „Византиски крст“ со филингранска изработка.

– Некои актери доаѓаат насмеани, ќе ја одиграат улогата и ќе си заминат, додека јас доаѓав најмалку еден час порано, се подготвував за секоја улога. По претставите ние актерите одиме во бифето на театарот, каде се релаксираме. Затоа и го оставив театарот пред осум години, ми требаше многу енергија, па го одбрав филмот – вели Ристовски, кој има околу 4.000 претстави зад себе.


Од денеска до 15 јуни „Охрид филм фест“


Охрид, 10 јуни, 2016 - 12:01 (META) 

Од денеска до 15 јуни, во Охрид ќе се одржи првото издание на новиот интернационален филмски фестивал „Охрид филм фест“.

Фестивалот ќе почне со проекција на српскиот филм „Од другата страна“.

Во рамките на фестивалот ќе се емитуваат студентски, младински, играни и документарни филмови од Македонија, Србија, Турција, Германија и од други земји.

Проекциите на филмови ќе бидат во просториите на Филмската академија во Охрид.


Започна интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“


Струмица, 28 мај, 2016 - 11:34 (META) 

Дванаесеттото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ започна синоќа во центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Мотото на годинешното издание е „Мали приказни – голем ум“.

Во петте фестивалски денови ќе бидат прикажани 21 краток игран, документарен и анимиран филм во главниот натпреварувачки дел, 12 во ревијалната програма, како и четири долгометражни филмови.

Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој рече дека, продукциската филмска разноликост по форма и жанровска содржина, го прави овој фестивал респектабилна филмска манифестација, не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко.

 

 


Почина актерот Велимир Бата Живоиновиќ


Белград, 23 мај, 2016 - 10:19 (META) 

Легендарниот српски актер Велимир Бата Живоиновиќ починал синоќа во болница во Белград, на 83-годишна возраст, објавија српските медиуми. Големиот актер подолго време се бореше со болеста.

Живоиновиќ глумеше во огромен број серии и филмови и повеќе од шест децении беше еден од најсаканите балкански глумци.

Живоиновиќ се занимаваше со политика, а во неколку мандати беше и пратеник во српскиот парламент.