!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Македонскиот хор „Мелодиум“ настапи на Фестивалот за мјузикли во Солун


Солун, 23 април, 2017 - 13:56 (META) 

Со изведба на песни од светски познати мјузикли, во пријатна атмосфера вчера во Солун настапи македонскиот хор „Мелодиум“. Хорот се претстави во рамки на Светскиот фестивал за мјузикли, кој веќе седма година се одржува во Солун со учество на хорови од цела Европа.

„Мелодиум“ под  диригентската палка на Марина Коруновска настапи со пет познати нумери од познатите мјузикли „Чикаго“, „Мама миа“, „Кралот Лав“, „Сестри во акција“ и „Фантомот од операта“. Македонските хористи успеаа да направат забавно шоу за бројната публика во преполната сала за концерти на Универзитетот „Аристотел“. Настапот беше одлично прифатен и остави позитивни впечатоци и кај солунската публика и кај македонскиот хор.

Учеството на хорот на фестивалот беше на покана и иницијатива на македонскиот конзулат во Солун и конзулката Маја Апостолова. Ова е трета година како Македонија со свои хорови учествува на овој фестивал на иницијатива на македонскиот конзулат.

Хорот имаше можност да настапи и со македонска традиционална музика на официјалното отворање на фестивалот во просторот на Римската агора во центарот на градот, при што многумина во публиката мафтаа со македонски знаменца.

Диригентката на „Мелодиум“, Коруновска, во изјава за „Мета“ вели дека одлично биле прифатени од организаторите и задоволни се што нивниот настап изнудил позитивни реакции и критика од публиката. Како што вели таа, ваквите настани се одлична можност за поголема културна соработка и за запознавање меѓу двете држави.

– Бевме топло пречекани и поздравени од публиката и видливо беше нивното уживање во нашата изведба. На отворањето на фестивалот се претставивме со нашата прекрасна македонска песна „Сербес Донка“, изведена во хорски аранжман. Ова е наш втор настап во Грција, првиот беше исто така на хорски фестивал, во грчкиот град Аминдео. Музиката е јазик на кој сите се разбираме и тоа беше повеќе од јасно на настапот во Солун. Сметам дека е многу важно да се развива културната соработка, да имаме размена на мислеа, идеи, да учиме едни за други преку музиката и да споделуваме позитивна енергија и љубов преточени во звук – вели Коруновска.

Вечерната програма на фестивалот почна со оддавање почит на трагично загинатиот руски хор „Александров“ преку изведба на неколку познати традиционални руски песни. На фестивалот, покрај Македонија, учествуваат и хорови од Грција, Турција, Србија, Швајцарија, Бугарија, Русија и од Кипар, под покровителство на грчкото министерство за култура и на солунската префектура.


Скопски филмски фестивал со 75 филмови за јубилејот


Скопје, 18 април, 2017 - 15:36 (META) 

На свеченото отворање на годинашното, јубилејно, 20. издание на Скопскиот филмски фестивал, задутре во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Реквием за госпоѓа Ј“, а присутни ќе бидат актерката Мирјана Карановиќ и режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ.

Годинашното издание содржи повеќе од 75 филмови, работилници и гостувања на реномирани филмски имиња, а во програмата е и првата македонска ретроспектива на Стенли Кјубрик. Првпат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.

Програмите од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и во кино „Фросина“.

Филмот што ќе го отвори фестивалот беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Се работи за соработка на српска, македонска, руска, бугарска и на француска продукција, која ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред – назад меѓу мака и транзиција.


Два филмски фестивали ќе се одржат во Штип неделава


Штип, 18 април, 2017 - 10:30 (META) 

Штип неделава ќе биде дoмаќин на два филмски фестивали. Вечерва во Домот на млади ќе гостува филмскиот планински фестивал „Ехо“, со програма која е селекција од најдобрите и наградувани филмови на фестивалот, што лани во октомври се одржа во Скопје.

Филмовите изобилуваат со убавините на планината, зборуваат за планинарите, искачувањата и за слободата. Фестивалот го организираат Дом на млади од Штип и Форумот за креативна авангарда.

В среда и в четврток, 19 и 20 април, ќе гостува Филозофскиот филмски фестивал и во мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе бидат прикажани вкупно шест филмови.


Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври


Штип, 8 март, 2017 - 15:43 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ се враќа на старите датуми на одржување, односно на 5, 6 и на 7 октомври.

Според директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски, стариот датум се враќа на барање на штипјани, кои изданието на овој фестивал го врзуваат за месецот октомври.

Мирковски соопшти дека е завршен конкурсот за нови песни, а од денеска комисијата почнува да ги преслушува пристигнатите 140 композиции.

– Дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Благодарение на тоа што го правевме минатата година со странските изведувачи, малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува да му се обрне многу внимание. Има песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија – соопшти Мирковски пред новинарите.

Годинава ќе има новини во гласањето, а наградите остануваат исти. Како и досега, првата награда изнесува 10.000 евра, втората – 7.500 евра, а третонаградената композиција добива 5.000 евра.

Традицијата со одржување на фестивалот беше прекината изминатите неколку години и фестивалот се одржуваше во јуни.


„Скопје синема сити – Загревање“ на 3 и 4 февруари во Кинотека на Македонија


Скопје, 25 јануари, 2017 - 15:41 (META) 

На 3 и на 4 февруари во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Скопје синема сити – Загревање“, настан на кој ќе биде прикажан избор на филмови од второто издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“, што се одржа во октомври 2016 година.

„Загревање“ е настан во рамките на којшто фестивалот, веќе традиционално во февруари, репризира избор од филмовите од претходното издание.

„Скопје синема сити“, пак, е фестивал за музички документарни филмови, на кој се прикажуваат бројни филмови од различни продукции, вклучувајќи ја и домашната.

Со почеток во 20 часот, во Кинотека на Македонија, на 3 февруари, посетителите ќе имаат можност да ги проследат филмовите: „Роберт Плант: Јас самиот“ и „Леонард Коен: Јас сум тој“, додека на 4 февруари од 20 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Пинк флојд: А кој од вас е Пинк?“ и „Фактори Рекордс: Од Џој дивижн до Хепи мандејс“, но ќе се случи и премиерно прикажување на краткиот филм за Љубојна, „Радио Љубојна“.


Заврши фестивалот „Скопје постер“ кој се одржа во Музеј на град Скопје


Скопје, 5 декември, 2016 - 15:35 (META) 

Денеска завршува деветтото издание на фестивалот „Скопје постер“, кој во изминативе 15 дена се одржа во Музеј на град Скопје.

Во рамки на фестивалот, покрај изложените дизајнерски дела во рамки на четирите изложби, се одржаа и презентации и работилници на светски реномираните предавачи на теми „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“, „Дизајнирање постер за џез-настан“, наменети за студенти и за професионалци дизајнери.

„Секоја година битно ни е плакатите на младите дизајнерски надежи да ги испромовираме на повеќе локации. Минатата година изложби имавме во Бугарија, Србија и во Русија. Оваа година планираме уште многу изложувања, покрај првично договорените во Њујорк, Порто, Солун и во Вилнус“, вели Гере Постеров, претседател на невладината организација „Плакарт“.

На фестивалот, насловен „Криза на идентитет“, во рамки на главната изложба на плакати од меѓународниот конкурс за плакат, беа изложени дела на студенти од сите континенти, оценувани од страна на петчлена жири-комисија составена од меѓународни судии.

Оваа година, двете главни награди ги добија Мигуел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија.


Утре во Тетово почнува интернационалниот филмски фестивал „Ода“


Тетово, 3 октомври, 2016 - 13:52 (META) 

Неделава тетовци ќе имаат можност да уживаат во проекција на 36 краткометражни филмови и на четири долгометражни од 25 држави во светот. Филмовите ќе се прикажуваат во рамки на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, кој ќе почне утре а ќе заврши на 8 октомври.

– За овој фестивал аплицираа 855 филма, а избравме 37 краткометражни. Според програмата на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, од вторник до петок во 13 часот ќе се прикажува детска програма, во 14 часот и во 16.30 часот краткометражни филмови, а со почеток во 20 часот ќе биде проекцијата на долгометражните филмови – изјави Сабедин Селмани од фестивалот „Ода“.

Организаторите на фестивалот посочуваат дека во Тетово недостига филмската уметност, а „Ода“ преставува ретка можност да се пополни таа празнина.

– На Тетово му се потребни вакви фестивали. Од овој фестивал ќе произлезат и критики, па и за самата организација, па здравје, на основа на критиките ќе се потрудиме наредниот фестивал да биде уште поквалитетен – изјави Африм Спахиу од фестивалската управа.

В среда, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Медена ноќ“ во режија на Иво Трајков. Филмскиот фестивал „Ода 2016“ ќе заврши в сабота, со прогласување на наградените филмови. Влезот за сите љубители на филмската уметност е слободен.


Со доделување на актерската награда, вечерва завршува фестивалот „Ристо Шишков“


Струмица, 12 септември, 2016 - 18:27 (META) 

Вечерва во Струмица на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ ќе биде доделена единствената награда за актерско остварување. Во игра за златниот медаљон на Шишков се 61 актер од 14 одиграни претстави во изминатите пет фестивалски денови.

Најчесто споменувано име за медаљонот е босанскиот актер, кој работи во Виена, Австрија, Зијах Соколовиќ. Тој синоќа со овации и со три биса ја напушти сцената на струмичкиот театар „Никола Јонков Вапцаров“ по изведбата на претставата „Мечка“, по текст на Антон Чехов.

Соколовиќ донесе адаптација на овој текст во придружба на џез-трио, со кое настапува по европските сцени.

Зијах Соколовиќ е познат по своите улоги по театрите од некогашната југословенска федерација.

Вечерва, по прогласувањето на лауреатот, во негова чест ќе се одигра претставата на Слободан Унковски, „Солун, град на духови“.


Шербеџија: И како актер и како режисер, секогаш се чувствувам убаво во Битола


Битола, 10 септември, 2016 - 21:08 (META) 

Во Битола вечерва свечено беше отворен Интернационалиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На црвениот ќилим пред Цетарот за култура во Битола продефилираа личности од културниот, општествениот и од политичкиот живот и филмаџии и гости од странство.

На него помина и актерот Раде Шербеџија, кој е режисер на филмот „Ослободувањето на Скопје“, со кој ќе биде отворено годинешното 37. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

– Секогаш се чувствувам убаво кога сум во Битола, и сега како режисер, но и како гостин на фестивалот. Ова е фестивал кој ги вреднува кинематографите – изјави Шербеџија на црвениот ќилим.

Наградата за животно дело „Златна камера 300“ му беше доделена на славниот австралиски директор на фотографија, Џон Сил.

Активистите на „Битолско движење“ со герила-акција и со транспаренти ги дочекаа претседателот на држвата, Ѓорге Иванов, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, додека чекореа по црвениот ќилим.


Раде Шербеџија утре пристигнува на „Браќа Манаки“


Битола, 9 септември, 2016 - 11:41 (META) 

Битола ги прави последните подготовки за утрешното свечено отворање на 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Црвениот ќилим пред Центарот за култура се очекува да биде поставен утре, а на него ќе зачекорат светски познати кинематографи, актери и вљубеници во филмот од Македонија и од светот. Оргинизаторите се подготвени да го пречакаат славниот австралиски директор на фотографија Џон Сил, со неговата сопруга, кој ќе ја прими наградата за животно дело „Златна камера 300“.

Утре во градот на браќата Манаки се очекува да пристигне и големиот актер и режисер Раде Шербеџија, кој на гала-отворањето и на премиерата на филмот „Ослободување на Скопје“ ќе дојде со сопругата и со ќерката.

Александра Бубевска, портпарол на фестивалот, вели дека голем дел од гостите на фестивалот пристигнале во Битола, а како ретко кога оваа година „Манаки“ ќе го следат повеќе од стотина новинари од Македонија и од светот.

– Имаме акредитирано голем број домашни и странски новинари што ќе го следат фестивалот. Веќе имаме новинарски екипи и од Словенија, Грција, Франција, БИХ, Србија. Фестивалската атмосфера се чувствува, се работи забрзано и адреналински, бидејќи се прават последните подготовки – вели Бубевска.

Сите гости годинава ќе бидат сместени во хотелите и во помалите сместувачки капацитети во Битола. На располагање помеѓу филмските прокеции ќе бидат ставени вредните музејски поставки во Завод и музеј Битола, како и античкиот локалитет Хераклеја.