!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОН повикуваат на почитување на примирјето на истокот на Украина


Киев, 9 јули, 2017 - 18:10 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска ги повика украинските власти и проруските бунтовници строго да го почитуваат новиот прекин на огнот на истокот на Украина.

– Знаеме дека конфронтациите продолжуваат. Повикуваме на целосен прекин на огнот – изјави Гутереш во Киев, пред состанокот со украинскиот премиер Володимир Гројсман.

Новиот прекин на огнот на истокот на Украина стапи на сила на 24 јуни и треба да трае до 31 август за да можат земјоделците да ги завршат своите работи на нивите.

Бројни прекини на огнот беа воведени за Нова година, како и за почетокот на школската година, но трајно примирје досега не успеа да се воспостави од почетокот на конфликтот во април 2014 година, во кој загинаа повеќе од 10.000 луѓе.


Тилерсон ја потврди американската поддршка за Украина


Киев, 9 јули, 2017 - 15:30 (META) 

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе престојува во Украина за да ја потврди поддршката на САД кон таа земја, која се бори против проруските активисти на истокот на земјата.

Тилерсон ќе се сретне со украинскиот претседател Петро Порошенко, само 48 часа откако присуствуваше на првата средба помеѓу американскиот и рускиот претседател на самитот на Г20 во Хамбург.

Неговата еднодневна посета на Киев доаѓа во момент кога САД ја разгледуваат можноста за преземање на поголема улога во напорите кои ги предводи Европа, а имаат цел ставање крај на тригодишниот конфликт на истокот на Украина, во кој загинаа околу 10.000 лица.

Американскиот државен секретар допатува во Киев помалку од три недели откако Порошенко го посети Вашингтон и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи гаранции за понатамошна посветеност на САД на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Украина.


Одбојкарите освоија сребрен медал и никој не ги пречека


Скопје, 4 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, која вторпат го освои сребрениот медал во Европската лига, вчеравечер се врати дома, но за неа немаше организиран пречек, како за ракометарите, па сами минаа низ Порта Македонија, на плоштадот ја отпеаја македонската химна и потоа заиграа оро.

Како што извести „Екипа“, од „пречекот“ директен пренос од својот мобилен телефон преку „Фејсбук“ правел капитенот Никола Ѓорѓиев.

Во финалето на Ф4-турнирот одбојкарите со 3:1 загубија од Украина, но на земјава ѝ го донесоа второто сребро од ова натпреварување.

 


Хакери ги нападнаа владата и јавните институции во Украина


Киев, 27 јуни, 2017 - 18:19 (META) 

Украинската влада и неколку јавни институции, вклучувајќи банки, компании, поштенски системи и меѓународни аеродроми, се погодени од серија хакерски напади.

Заменик-премиерот Павло Розенко на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека сите компјутери во министерствата се заклучени и на нив е испишана порака на англиски јазик, во која се предупредуваат корисниците дека сите податоци ќе бидат избришани ако ги исклучат машините.

Украинската централна банка претходно јави дека неколку банки исто така се погодени од нападот кој е предизвикан од „непознат вирус“.

Државната енергетска компанија јави дека била нападната, но оти тоа нема да влијае на снабдувањето со електрична енергија.


Средба на Трамп со украинскиот претседател Порошенко во Белата куќа


Вашингтон, 20 јуни, 2017 - 19:09 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа се сретна со украинскиот претседател, Петро Порошенко. Непосредно пред средбата, како што јавуваат светските агенции, министерството за финансии на САД ги објави новите санкции против сепаратистичките борци на истокот на Украина и нивните сојузници.

На листата на лица против кои се воведени санкции е и рускиот државјанин Дмитриј Уткин, кој се смета за шеф на нерегистрирана воена агенција која регрутира борци за Источна Украина. На листата е и фирма, поврзана со Евгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петерсбург, која ја води кетеринг-службата за Кремљ.

Американскиот Сенат претходно со големо мнозинство го усвои проширувањето на санкциите против Русија, но за нив дополнително треба да се гласа и во Конгресот, каде засега не е закажана седница.

Украинскиот претседател изјавил дека е задоволен што неговата средбата со Трамп ѝ претходи на таа помеѓу американскиот претседател и неговиот руски колега, Владимир Путин, која се очекува да се случи на самитот на Г20 во Германија следниот месец.


Експлозија кај амбасадата на САД во Киев – нема повредени


Киев, 8 јуни, 2017 - 10:07 (META) 

Експлозивна направа е фрлена на американската амбасада во Киев, но нема повредени во инцидентот, соопшти киевската полиција.

Полицијата ноќеска добила известување дека нешто по полноќ по локално време (23 часот по централноевропско време) се случила експлозија во кругот на амбасадата на САД во Киев, се наведува во соопштението.

Амбасадата се наоѓа во централниот кварт Шевченковски.

„Непознато лице фрли експлозивна направа на територијата на амбасадата. Никој не е повреден во експлозијата“, се наведува во соопштението и се додава дека е отворена истрага во врска со терористичкиот чин.

Портпаролката на киевската полиција соопшти дека експлозијата се третира како „акт на тероризам“.

Претставник на американската амбасада соопшти дека амбасадата продолжува нормално да функционира.


Португалија победи на натпреварот за песна на „Евровизија 2017“


Киев, 14 мај, 2017 - 9:48 (META) 

Португалија е победник на годинашниот избор на песна на „Евровизија“, европската мрежа на национални радиодифузери, кој се одржа во Киев, Украина.

Со 758 поени, 27-годишниот Салвадор Собрал со песната „Amar Pelos Dois“ ги освои симпатиите на Европа и на својата земја ѝ ја донесе првата евровизиска победа. Португалија е земја со најдолг стаж како натпреварувач, но досега никогаш го нема освоено ова музичко натпреварување.

За време на својот настап, младиот Салвадор, кој важеше за еден од фаворитите, предизвика огромни овации кај публиката. Песната со која тој ја претстави својата земја е напишана од неговата сестра.
Во финалето се натпреваруваа 26 земји. Меѓу нив не беше Македонија, но беа соседните земји Грција и Бугарија.


Тилерсон и Лавров утре во Вашингтон ќе разговараат за состојбите во Украина и во Сирија


Вашингтон, 9 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, утре во Вашингтон ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Како што соопшти денеска американскиот Стејт департмент, двајцата ќе разговараат за ситуацијата во Украина и во Сирија, како и за билатерални прашања помеѓу САД и Русија.

Во врска со ситуацијата во Украина, Тилерсон и Лавров, стои во соопштението, ќе разговараат за потребата од запирање на насилствата на истокот на земјата и за решавање на конфликтот преку целосна импелентација на Договорот од Минск.

Во врска со Сирија, пак, како што велат од Стејт Департментот, Тилерсон има намера да разговара за напорите за намалување на насилствата, овозможување на хуманитарна помош за населението во Сирија и за подготовка на терен за политичко решавање на конфликтот.


Русија на прославата на Денот на победата ги покажа новите ракети за Арктикот


Москва, 9 мај, 2017 - 12:46 (META) 

На традиционалната голема парада во Москва, на прославата на 72-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, руските вооружени сили денеска ги прикажаа новите ракети „панцир-СА“. Тие се наменети за противвоздушна одбрана, а се наменети за војување на Арктикот, каде Русија забрзано гради воени бази.

Покрај новите ракети, на парадата на Црвениот плоштад беа презентирани и интерконтиненталните балистички ракети „јарс РС-24“, кои може да носат нуклеарни боеви глави.

Руските ловци, бомбардери и хеликоптери прелетаа преку плоштадот во рамки на парадата, а по него прошета и новата руска национална гарда. Новите единици ќе бидат вооружени со модернизирани пушки „АК-74М“, а задача ќе им биде борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Во големата парада учествуваа 10.000 војници и офицери, 135 оклопни возила и 71 летало.

– Ниту една сила не ќе може да доминира со нашиот народ – рече рускиот претседател Владимир Путин, во говорот во кој го осуди уништувањето нанесено од трупите на Хитлерова Германија на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Петро Порошенко, шеф на уште една држава – наследничка на Советскиот Сојуз, полоожи венец на церемонија во Киев. На украинските војници им порача дека Русија се обидува да ја искористи прославата на победата „за да ги задоволи своите реваншистички, империјалистички и експанзионистички потреби“.

Русија вложува милијарди долари во модернизација на војската среде сè поголемите тензии со НАТО поради конфликтот во Украина, а парадата на Денот на победата послужи за истакнување на воената моќ пред меѓународната публика.


Могерини и Лавров не ги надминаа разликите


Москва, 24 април, 2017 - 18:59 (META) 

Шефовите на дипломатиите на ЕУ и на Русија, Федерика Могернини и Сергеј Лавров, не успеаја во Москва да ги надминат несогласувањата, но се обврзаа на поблиска соработка.

Ова за Могерини беше прва официјална посета на Русија откако стапи на функцијата шефица за надворешна политика во 2014 година. Таа наведе дека соработката помеѓу Брисел и Москва „не е замрзната“, туку закочена со длабоки несогласувања, особено во поглед на Сирија и на Украина.

– Би било надреално да се сметаме за стратешки партнери кога заемно си воведовме санкции – наведе Могерини по средбата со Лавров и додаде дека во интересен е и на Русија и на ЕУ да се подобрат односите.

Могерини наведе дека економските санкции „не се сами за себе цел“ и дека се воведени за да се придонесе за решавање на конфликтот на истокот на Украина, во кој за три години животот го загубија околу 10.000 луѓе.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека двете страни повториле дека е неопходно да се примени договорот од Минск за да може да се реши конфликтот во Украина.

Лавров повика на „длабока, брза и транспарентна истрага“ по смртта на еден американски набљудувач на ОБСЕ на истокот од Украина, чие возило наишло на мина.