!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Одложено судењето за „Тотал“, Латас побара да се снимаат рочиштата


Скопје, 7 декември, 2017 - 12:02 (META) 

Судењето за случајот „Тотал“ на СЈО е одложено откако адвокатите на Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот, побараа судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за, како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Адвокатите рекоа дека имаат забелешки на записникот од првото рочиште, кое се одржа пред два дена, истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.

Претходно судијката Софче Гаврилова-Ефремова по барање на адвокатите на Павловиќ одлучи да не дозволи новинарските екипи во судницата да направат инсерти од денешното рочиште. Дозволено беше снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа што може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Таа додаде дека откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажано ново рочиште.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.


Латас: Очекувам брутално судење, му верувам на судот, но не и на судијката


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:21 (META) 

Очекувам брутално судење, верувам во судот, но не сум сигурен дека верувам во судијката, изјави Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот „Тотал“ на СЈО, чие прво рочиште од главната расправа денеска беше одложено бидејќи сè уште не се назначени застапници за две од трите фирми на Павловиќ обвинети во случајот.

Судијката Софче Гаврилова-Ефремова на денешното рочиште појасни дека повеќепати судот доставил барање до Павловиќ како управител на фирмите „Тотал медиа центар“ и „Тотал маркетинг ДОЕЛ“ да назначи адвокати што ќе ги застапуваат фирмите пред судот, но до денешното рочиште тоа не се случило.

Причина за тоа е што Павловиќ се повикува на мерката изречена од судот да не презема никакви активности како управител на фирмите, односно да не потпишува никакви документи.

Гаврилова-Ефремова рече дека тоа е во корист на постапката и ги задолжи адвокатите на Павловиќ, Светлана Савиќ и Анита Бегова, да го известат судот кој ќе ги застапува фирмите, односно да одлучат дали тие ќе бидат адвокати или судот ќе додели адвокат по службена должност.

Одбраната на Павловиќ до судот доставила и барања за изземање на дел од доказите на СЈО, бидејќи, како што посочија, тие се добиени на незаконит начин, алудирајќи на „бомбите“, но судот го одби и ова барање, наведувајќи дека обвинителниот акт веќе бил одобрен од совет и дека во оваа фаза судот не може да одлучува по жалби на одбраната.

Судијката Гаврилова-Ефремова го одби и барањето на адвокатите на Павловиќ за подготвително рочиште, на кое би се расправало во врска со овие барања. Таа посочи дека судот не нашол потреба за одржување на подготвително рочиште, а од друга страна, тоа не било претходно побарано од одбраната.

Обвинетиот Павловиќ по завршување на рочиштето, кое ќе продолжи на 7 декември, рече дека им се ускратени правата од судот и дека судијката „очигледно нема искуство во водење вакви случаи“.

– Ние го бараме тоа што му беше овозможено на Зоран Заев во неговиот случај „Поткуп“ – да поднесе жалба за издвојување на докази – рече Латас.

Латас и фирмите се товарат за даночно затајување, кривично дело за кое, како што посочи и судијката, е предвидена казна затвор од четири години. Поради ова предметот го суди петчлен совет. Како член на советот била назначена и судијката Софија Лаличиќ, која побара да биде изземена од советот.


Копривата како оружје во анти-ЕУ пропаганда преку сајтови и лица блиски до бившата власт


Скопје, 23 август, 2017 - 15:00 (META) 

Копривата неодамна стана оружје во пропагандната војна против ЕУ што со години се води во Македонија, откако некои македонски портали на крајот на минатата седмица лиферуваа неточни факти за регулативата на ЕУ, тврдејќи дека ќе се забрануваат лековитите билки, а првата ќе биде – токму копривата.

Текст со такво тврдење во петокот се појави на порталот „Старт“ на „Тотал Медиа“, зад која стои Драган Павловиќ – Латас, кој е и главен уредник на информативната програма на телевизијата „Сител“.

Почнувајќи од насловот „ЕУ ја забранува копривата (и не само неа), казната за нејзина употреба е две години затвор!?“, „Старт“ на почетокот на текстот изнесува тврдење дека „Земјите кои се кадидатки за членство во ЕУ ќе мора да прифатат забрана на лековити билки по европски закони“. Се застанува на тврдењето, а без докази, што воопшто не одговара на стандардите на исправен новинарски текст. Нема ниту линк до регулатива или предлог-регулатива на ЕУ, ниту пак посочување на вест објавена во некој медиум. Како „поткрепа“ се наведува само дека во Франција наводно е забранета копривата. „Имено, со регулатива на ЕУ на Французите им е забрането јавно да ја популаризираат копривата, како и нејзина употреба или во спротивно казната ќе биде две години затвор,“ се тврди во текстот.

start Latas 1aНо, само кратко пребарување на интернет доведува до информација дека во Франција било забрането на поединци да прават течно ѓубриво од коприва, што е стара традиција во Франција, но таа забрана воведена во 2006 година е поништена уште во 2011 година. Течноста произведена од коприва се користела и како средство за борба против инсектите на растенијата и против габичните зарази.

Пребарувањето на веб-сајтот на Европската комисија исто така не доведува до потврда дека ЕУ ќе забранува употреба на лековити билки.

Текстот во неделата е преобјавен и на друг портал на македонски јазик, по принципот „копи-пејст“.

Во изминативе години повеќепати се случуваше да се објавуваат текстови со шокантни тврдења за разни непопуларни мерки кои наводно ЕУ планира да ги спроведен. Посебно внимание покрена тврдењето од 2014 година, пренесено од голем број портали во земјава, дека наскоро во ЕУ задолжително ќе се ставаат РФИД идентификациски чипови на сите новороденчиња, што речиси во сите објави во Македонија беше оквалификувано како ставање на „жигот на Ѕверот“ споменат во Откровението, последната книга на Библијата. Но до такво нешто не дојде.

 

Интересно е што новиот текст, за наводната забрана на копривата, кој ја напаѓа ЕУ е објавен на портал зад кој, како што може да се утврди од Марнет, стои „Тотал Медиа Центар“, а како лице за контакт е наведен Драган Павловиќ – Латас. Тој во годините на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како уредник и коментатор беше еден од најистакнатите поддржувачи на власта на ВМРО-ДПМНЕ и човек што ја сметаше ЕУ заедно со САД како главните поборници за симнувањето од власт на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Латас и неговата фирма се обвинети во случајот „Тотал“ на Специјалното јавно обвинителство, објавен на 23 март годинава.  Според СЈО, сопственикот на споменатите компании во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок во вредност од околу 180 илјади евра.


Судот не одобри притвори побарани од СЈО, се реши за мерки за претпазливост


Скопје, 30 јуни, 2017 - 21:18 (META) 

Основен суд Скопје 1 вечерва ги соопшти одлуките за пет барања од СЈО, со напомена дека за другите ќе се решава и јавноста ќе биде информирана утре. Од петте одлуки соопштени кон крајот на денешниот ден, се гледа дека не е прифатено ниту едно од барањата за притвор, а во некои случаи наместо бараната мерка се изречени мерки на претпазливост.

За барањата решавал Кривичниот совет.

Така, за случајот „Тифани“, СЈО побарало мерки на претпазливот против И.Т. заради сомнение дека затајувала данок, а Кривичниот совет на скопскиот суд го уважил предлогот и одредил обвинетата секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и да ѝ биде одземен пасошот.

За „Тревник“ СЈО побарало мерки за претпазливост против З.П. и С.П., заради  бесправно градење. Судот постапил според барањето и им наложува на обвинетите  секој работен понеделеник во месецот да се јавуваат кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и да им бидат одземени пасошите.

За случајот „Тотал“, СЈО побарало притвор за Драган Павловиќ-Латас, а судот не го потврдил тоа, туку му изрекол мерки на претапазливост, односно одземање на пасошот и обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува кај надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1, како и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело.

За барањето од СЈО за случајот „Титаник“, да се определи притвор за Е.А. поради уништување на изборен материјал, судот решил негативно, односно не изрекол притвор.

За случајот „Тортура“, СЈО побарало мерки на претпазливост против И.А., Н.С.,Ф.А., П.М., Ј.Б. и М.Ш. поради сомневање за мачење и за друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување. Судот на обвинетиот И.А. му наредува секој работен петок во месецот да се јавува на надлежно службено лице во Основниот суд Скопје 1 и му забранува да се приближува или воспоставува контакти со жртвата во случајот. Другите обвинети имаат само обврска секој работен петок во месецот да се јавуваат на надлежно службено лице во судот.

Против овие решенија обвинетите имаат право на жалба во рок од три дена од приемот на решението. Жалбите се поднесуваат во Апелацискиот суд.

За другите случаи, судот одлуките ќе ги соопшти утре.


Според КЗ: Затвор од најмалку 4 години и високи глоби за затајување данок


Скопје, 23 март, 2017 - 16:51 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска отвори четири нови истраги – „Табла“, „Тристa“, „Тотал“ и „Тифани“, од кои во последните две, осомничените физички лица се товарат за кривичното дело затајување данок.

Според Кривичниот законик (КЗ) за ова дело е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години и парична казна, а ако затаениот износ е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години, плус парична казна.

Тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во
случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна (член 279, став 1 од Кривичниот законик).

Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна (став 2 од членот 279 на Кривичниот законик).

Како што соопшти обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција, осомничените во случаите „Тотал“ и „Тифани“ се осомничени за кривичното дело даночно затајување по член 279, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години и парична казна.

Осомничениот во „Тотал“, според СЈО, одбегнал да плати персонален данок во износ од 63.032 евра, а фирмите чиј управител бил не платиле данок во вкупен износ од 121.414 евра. Осомничената во „Тифани“, пак, одбегнала да плати персонален данок во износ од околу 17.000 евра, а фирмите затаиле данок на добивка во износ од 37.634. евра.

Глоба во висина до десеткратен износ од помалку уплатениот данок согласно со одредбите од овој закон, ќе му се изрече на даночниот обврзник за сторен прекршок, доколку за целите на утврдување на даночната основа и даночните олеснувања на образецот за пресметка на данокот наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помала даночна основа (член 43, став 1 од Законот за данок на добивка).

Глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците од став 1 на овој член (став 2 од член 43).

За неподнесување даночна пријава и за нецелосно пријавени приходи. глобата, според Законот за персонален данок на приходи, се движи од 100 до 200 евра.


СЈО: Четири нови истраги за затајување данок и за злоупотреба на јавна функција


Скопје, 23 март, 2017 - 12:16 (META) 

„Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“ се четирите нови истраги што Специјалното јавно обвинителство ги отвори денеска.

Според обвинителката Катица Јанева, постојат материјални и вербални докази дека од 2008 до 2016 година Министерството за финансии и Управата за јавни приходи не си ги извршиле законските должности, дозволиле поединци и служебни лица да работат спротивно на законот и овозможиле тие да стекнат лична корист на сметка на државниот буџет.

Во случајот „Триста“, помошник на министерот за внатрешни работи кој бил задолжен за спроведување јавни набавки, со набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возила им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.

– Со купување возила, сервисирање и одржување, „Порше Македонија“, „Колевски“, „Бохемија“, „Кадиз“, „Ауто-Македонија“, „Авто-куќа“ и „Ауто мобил“ прибавиле противимотна лична корист, бидејќи понудите од компаниите не биле утврдени за најповолни, што било единствен критериум за јавната набавка – информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи.

„Тотал“ се однесува на даночно затајување за што е осомничен сопственикот и управител на фирмите „Тотал“, „Медиа макс тотал“ и „Медиа макс“. Тој, според СЈО, давал лажни податоци и ги користел правните лица како параван, затајувајќи 121.414 евра данок.

Како што посочи обвинителката Фетаи, постои основано сомневање дека од 2008 година до 2005 година осомничениот давал лажни податоци за утврдување на фактичката состојба за плаќање данок и за исполнување на даночните обврски во однос на плаќање данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок.

– Осомничениот како управител, преку правните лица си правел набавки за себе лично. Под изговор дека тоа се набавки за потребите на правните лица, купени се душеци „меџик тач“ во износ  3.080 евра, рачен часовник „брајтлинг“ од 2.341 евра, мебел вреден 65.940 евра, персиски теписи, дизајнирани кујнски садови – информираше Фетаи.

Во случајот „Тифани“, сопственичката, управител и единствен потписник на „Смарт центар“ и на „Смарт груп ДООЕЛ“, сторила кривично дело даночно затајување.

Таа е осомничена дека од 2008 до 2014 година, за да ги избегне даночните обврски, давала лажни податоци и на тој начин одбегнала плаќање на данок на добивка од 37.634 евра, како и персонален данок од 16.924 евра.

– Осомничената ги користела како параван правните субјекти и за себе купувала долна облека во вредност од 500 евра, здолништа, чанти во вредност од 33.508 евра, очила, шминка, мебел, точаци, сигурносни врати – информираше Фетаи.

Во случајот „Табла“, пак, директор на основно училиуште „Реџо Рушиќ“ од Зајас, спротивно на решението на Министерство за образование и без да спроведе јавна набавка, за која законски е обврзан, изградбата на објект ѝ ја доделил на компанијата „Баупрф ДООЕЛ“ од Кичево, со што го оштетил буџетот за 200.000 евра.

За ниеден од осомничените не е побрана мерка за обезбедување присуство.

Обвинителката Ленче Ристоска рече дека спротивно на пишувањата во медиумите, ниеден медиум не е под истрага, а доколку некои лица кои се сопственици или на накој начин поврзани со медиуми, од интерес на јавноста е да се истражат случаите и да се дознае вистината.

Специјалната јавна обвинителка Катица на денешната прес-конференција уште еднаш побара Собранието да го продолжи рокот за завршување на истрагите и подигнување на обвинителни акти, бидејќи финансиските истраги што ги води СЈО се комплексни и е потребен подолг период за обвиненија.

– Роковите на СЈО се пократки од оние по кои постапуваат другите јавни обвинителства и од оние кои што се определени од Законот за кривична постапка. Бараме Собранието да ја разгледа законската одредба што ја скратува работа и заеднички да најдеме решение – рече Јанева.