!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Во сообраќајка кај Групчин, загина 40-годишен тетовец


Тетово, 23 април, 2017 - 18:20 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа, која се случила околу 8 часот утрово близу патарината Групчин, загина еден тетовец. Како што потоа извести навивачката група „Војводи“ на својата fејсбук-страница, станува збор за Александар Димчевски – Трска, еден од нивните истакнати членови.

Според полицијата, од засега непознати причини автомобил „бe-eм-вe“, управуван од возачот А.Д. (40), на автопатот Тетово – Скопје излетал од патот, при што од силниот удар возачот го загубил животот.


Со нож нападнат адвокат во неговата канцеларија во центарот на Тетово


Тетово, 18 април, 2017 - 17:15 (META) 

Со нож бил нападнат 51-годишниот адвокат Бујар Сабриу. Нападот се случил во неговата адвокатска канцеларија, сместена на првиот кат од градскиот трговски центар во Тетово. Осомничен за нападот е 72-годишниот В.А.

– Осомничениот напаѓач околу 12 часот влегол во канцеларијата каде работел адвокатот. Меѓу нив првин почнала вербална расправија. Во еден момент напаѓачот извадил нож и го прободел адвокатот во прстот од левата рака, a потоа го удрил со столче. Адвокатот некако успеал да се извлече од канцеларијата и се упатил кон тетовскиот Oсновен суд, каде се сокрил. Додека бегал кон тетовскиот суд, напаѓачот трчал по него со ножот. Напаѓачот е приведен – изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Адвокатот е во добра здравствена состојба, а по лекарската интервенција е пуштен на домашно лекување.

Полицијата и Основното јавно обвинителство Тетово извршиле увид и работат на целосно расветлување на случајот.

Неофицијално, според извори на „Мета“, инцидентот настанал како резултат на нерасчистени односи меѓу двајцата околу сопственоста на адвокатската канцеларија каде се случил нападот.


Албански државјанин тешко повреден во Порој


Тетово, 14 април, 2017 - 16:55 (META) 

Триесет и едногодишниот Д.Ц., албански државјанин, вчера во тетовското село Порој бил тешко повреден од страна на Е.М., исто така државјанин на Република Албанија, соопшти МВР.

Случајот во СВР Тетово вчера во 9.30 часот го пријавиле од тетовскиот медицински центар, каде бил донесен Д.Ц., кој, наведуваат, додека бил во контактибилна состојба, кажал дека бил удрен од страна на Е.М. од Република Албанија. Повредениот поради сериозноста на повредите, од тетовската болница како итен случај е пренесен во Ургентен центар Скопје.

„Полициски службеници од СВР Тетово излегле на местото на настанот во село Порој, Тетовско, каде во помошна просторија на плацот сопственост на А. К. биле пронајдени доказни материјали кои ќе бидат доставени за вештачење. На местото на настанот затекнати биле лицата В.Н. (39) и А.К.(42), двајцата од село Порој, кои го забележале повредениот и го пренеле во медицинскиот центар Тетово. Со нив бил извршен разговор во СВР Тетово, а за тоа време А.К. добил СМС-порака од непознато лице од Албанија (брат на повредниот), кој како можен сторител го посочил Е.М. од Албанија, за кого е распишан централен распис“, стои во билтенот.

СВР Тетово презема мерки за расчистување на случајот.


Во некои тетовски населби нема капка вода, таму каде што ја има е заматена


Тетово, 24 март, 2017 - 14:44 (META) 

Граѓаните што живеат во горниот дел на Тетово, втор ден се соочуваат со целодневни рестрикции во водоснабдувањето. Во другиот дел на градот вода има по неколку часа, но таа според последните анализи на Центарот за јавно здравје Тетово, е заматена.

– Немаме капка вода цел ден. Ова е ужас, ама сме се навикнале. Купуваме вода, полниме резерви во буриња – вели една жителка на Тетово, која живее во горниот дел на градот.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека рестрикции на вода за пиење има поради намалениот водостој на изворите, од кои Тетово се снабдува со вода за пиење, но и поради постојаните дефекти на градската водоводна мрежа, која е стара и дотраена.

Оттаму очекуваат деновиве да се стабилизира водоснабдувањето во градот, со зголемувањето на количествата вода за пиење вообичаена за пролетниот период. Заматеноста на водата, според претпријатието, се појавила поради градежни активности околу филтер-станицата од новиот тетовски водовод.

– Се вршеа некои градежни активности на филтер-станицата, односно таа се поврзуваше со една од хидроцентралите на новиот тетовски водовод, кој очекуваме да се пушти во употреба во догледно време, со што конечно ќе се реши дводеценискиот проблем со водоснабдувањето во градот – изјави Борче Бојовски од Јавното комунално претпријатие Тетово.

Изградбата на новиот тетовски водовод никако да заврши. Локалната власт неколкупати вети дека водоводот ќе биде готов во 2016 година, но реализацијата на овој проект стар две децении, сè уште тапка во место.


ВМРО-НП Тетово повика на заеднички настап на македонските партиите на локалните избори


Тетово, 22 март, 2017 - 16:25 (META) 

Општинскиот комитет на ВМРО – Народна партија од Тетово ги повика македонските политички партии, во Западна Македонија на локалните избори да настапат со единствена платформа.

ВМРО – Народна партија од Тетово на својата последна седница донела заклучок, дека е потребно да се формира национален совет во кој ќе членуваат сите македонски политички партии кои гравитираат на територијата на Општините Тетово и Гостивар, граѓански здруженија и локални еминентни личности.

Преку писмено соопштение, општинскиот комитет на ВМРО-Народна партија од Тетово, ги повика општинските комитети и организации на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на сите други македонски политички партии кои функционираат на ова подрачје, за заеднички настап на следните локални избори со заедничка платформа, во која ќе бидат дефинирани националните интереси на македонскиот народ, кој живее на територијата на Западна Македонија.

Општинскиот комитет на ВМРО – Народна партија од Тетово, предлага редефинирање на Законот за територијална поделба, каде што Тетово ќе добие статус на град со три општини, при што во една од општините со мнозинско македонско население, градоначалник би бил Македонец.


Илјадници тони отпад се истураат и се депонираат на нова локација во Тетово


Тетово, 17 март, 2017 - 15:08 (META) 

Големи количества отпад деновиве се истурени над надвозникот на влезот од Тетово. Оваа локација сега Јавното комунално претпријатие Тетово ја користи за претовар на сметот, откако жители од тетовската населба Деребој блокираа дел од дивата депонија и кажаа дека нема да дозволат на оваа локација да се претовара и да се истура ѓубре. Сега планините од отпад се поблиску до домовите на тетовци, кои остро реагираа на ваквата нова состојба.

– Ова е катастрофа! Не можевме прозорец да отвориме од дивата депонија, а сега ѓубрето полека почна да ни влегува и во домовите. Не ни останува ништо друго освен да се отселиме од градов – изјави жител на Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека се преземаат мерки и дека најдоцна од наредниот месец тетовскиот отпад ќе почне да се претовара по сите стандарди надвор од градот. Според претпријатието, пред да се транспортира сметот во скопската депонија Дрисла, ќе се истура и ќе се претовара во специјални контејнери.

Вакви ветувања се дадени повеќепати, но на терен проблемот со комуналниот смет сè уште не е решен.


Панел-дискусија: Депониите во Тетово се резултат на немањето политичка волја


Тетово, 9 март, 2017 - 16:58 (META) 

Дивите депонии во Полошко се резултат на немањето политичка волја за решавање на еколошките прашања и ниската граѓанска еколошка свест. Ова се размислувањата на дискутантите, кои денеска во Тетово учествуваа на панел-дискусијата „Депонии без стандарди во Тетово“.

– Во Тетовско имаме стотици диви депонии затоа што ѓубрето кое се фрла на дневна основа не се собира редовно, за разлика од Скопскиот Регион каде 95 отсто од ѓубрето кое го фрлаат домаќинствата се собира. Затоа мора властите многу подобро да менаџираат со оваа работа, за да не ни се создаваат нови диви депонии – вели Баже Јосифоски од невладината огранзиација „Ајде Македонија“.

Од граѓанската организација „Еко-герила“, сметаат дека властите треба да најдат долготрајно решение за да се реши проблемот со појавата на дивите депонии.

– Мора во Полошкиот Регион да се изгради современа регионална депонија, каде ќе се депонира и ќе се рециклира целиот смет собран од областа. Само така може да се надмине проблемот. Парцијалните решенија, како изградба на станица за претовар на отпад, каде одредено време ќе се депонира отпадот, а потоа ќе се транспортира во скопската депонија Дрисла не може да го реши проблемот – изјави Гани Мехмеди од „Еко-герила.“

Џелал Цека, директор на Јавното комунално претпријатие Тетово, вели дека моментално работат на изградба на претоварна станица за отпад. Тој изјави дека без поддршка од владата, не може во Полошкиот Регион да се изгради современа регионална депонија за депонирање и за рециклирање на сметот, па мора да работат на вакви решенија, со кои се ублажува проблемот со дивите депонии.

Министерството за животна средина во соработка со општините од Полошкиот Регион, неколкупати почна постапка за изградба на регионална депонија во гостиварско Русино. Досега, на таа локација, каде сè уште без никакви стандарди се фрла сметот, нема ништо изградено.


„ЕУ за тебе“ денеска во Тетово


Тетово, 6 март, 2017 - 9:36 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ денеска ќе го посетат Тетово.

Амбасадорите ќе посетат неколку проекти финансирани од ЕУ, а ќе имаат и средби со претставници на граѓанското општество кои се занимаваат со прашања од областа на заштитата на животната средина.

Кампањата „ЕУ за тебе“ има цел да ја подигне свеста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.


Кампањата „ЕУ за тебе“ в понеделник во Тетово


Тетово, 3 март, 2017 - 12:16 (META) 

На 6 март, в понеделник, шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, и амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец, ќе го посетат Тетово како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Кампањата „ЕУ за тебе“ почна на 27 јануари во Кичево за да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Во Тетово, амбасадорите ќе посетат неколку проекти финансирани од ЕУ и ќе се сретнат со претставници на граѓанското општество кои се занимаваат со прашања за животната средина.

Целокупната помош на Европската Унија во областа на животната средина е повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планираат во рамки на ИПА2.


ЕВН: Уште вчера дадовме одговори на граѓаните


Скопје, 24 февруари, 2017 - 18:42 (META) 

Компанијата „ЕВН Македонија“ попладнево се обрати со информација за јавноста, велејќи дека одговорите што некои граѓани од Тетово ги поставиле, а денеска протестираа, се одговорени вчера.

„Уште вчера со претставници на советот на граѓани од Тетово имавме конструктивен состанок, на кој им доставивме писмени одговори. Во одговорите ги објаснивме сите отворени прашања, дадовме појаснувања и информации и за прашањата кои не се во надлежност на ЕВН, како цената, тарифи, либерализаци и слично. Детално ги образложивме темите за кои сме директно прозвани, како што се подобрување на напонот во критични точки кои се дел од нашата инвестициона програма, долговите на корисниците, приклучоците, подобрување на веќе воспоставените комуникациски услуги и др.“, се вели во соопштението од компанијата.

Во врска со барањата упатени од некои граѓани од општина Чаир, од ЕВН велат дека тие се доставени до Корисничкиот енерго-центар на ЕВН „Васил Главинов“, по што ќе бидат разгледани од службите и соодветно одговорени и доставени.

Протестот против ЕВН што се одржа од 13 часот денеска близу џамијата „Јаја-паша“ денеска беше малуброен, но предизвика голем сообраќаен хаос и огромен револт од жители на општините Чаир и Бутел кон десетината луѓе што го блокираа сообраќајот во знак на протест.