Син на екссудијка призна вина за крвавиот четврток – осуден на една година затвор


Скопје, 18 јуни, 2018 - 12:23 (META) 

Нови двајца обвинети за настаните од крвавиот четврток минатата недела признале вина, информираат од кривичниот суд. На судско рочиште вина признале обвинетите Васко Цунгаревски и Димитар Попоски за кривичното дело насилство.

Цунгаровски, кој е син на екссудијката од Основниот суд Скопје 2, Зорица Цунгаровска, учествувал во насилството во Собранието и според обвинението на Основното јавно обвинителство од Скопје, тој му се заканувал на премиерот Зоран Заев. Судијката Оља Ристова го осуди на казна затвор од година и 3 месеци и го упати Поповски на задолжително психијатриско лекување, бидејќи со вештачење било утврдено дека обвинетиот е со битно намалена пресметливост.

За Цунгаревски остануваат мерките за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на пасошот и забрана за издавање на нов.

Вториот обвинет доби алтернативна мерка – условна казна затвор од 2 години, ако во следните 5 години не стори ново кривично дело. Попоски му се заканувал на пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Пресудата не е правосилна, па осудените имаат право на жалба до Апелациониот суд.

За крвавиот четврток, беа досудени 9 условни казни, а двајца обвинети за насилство признаа вина и добија затворски казни.


Обвинетиот за обидот за убиство на Села – Тошта му се слоши во судница


Скопје, 6 јуни, 2018 - 12:49 (META) 

Обвинетиот Александар Јаневски Тошта се струполи на подот од судницата во Основниот суд Скопје 1 на рочиштето за случајот за обидот за убиство на Зијадин Села.

Откако обвинителот го повлече обвинението за еден обвинет, а за двајца направи преквалификација на делото од убиство во насилство, го прочита изменетото обвинението во кое останатите седум обвинети се товарат за обид за убиство, меѓу кои и Тошта.

Тошта побара збор и бурно реагираше.

– Зошто да ми се суди за убиство? Кој тоа од горе се јави на телефон? Зошто ми се суди, затоа што сум еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ? Подобро оставете кесичка тука во судница- рече Тошта.
Судијката му рече дека го предупредува на секое рочиште да не го нарушува редот во судницата и дека повеќе нема да го предупредува туку ќе го отстрани од судницата.

Во еден момент, Тошта стана и веднаш падна на подот. Неговата ќерка извик адека тој е срцев болесник.
Во судница интервенираше и Итната медицинска помош со чие возило тој веднаш беше пренесен во болница.


Демонстрантите ги спуштаа панталоните и ги покажуваа гениталиите, сведочи советничка за „Шамарите“


Скопје, 6 јуни, 2018 - 11:22 (META) 

На денешното рочиште за судењето за предметот на СЈО, „Шамарите“ во Општина Центар, сведочи Цветанка Симоновска, поранешна советничка на коалицијата предводена од СДСМ во Општина Центар.
Таа се присетуваше на 7 и 10 јуни, деновите кога имаше немири во и пред општина Центар.

– Координацијата доаѓаше од внатре. На секое отворање уста на Шиповиќ, Даниела Рангелова и Томислав Лазаревски ги земаа мобилните и им кажуваа да го засилуваат викањето. Навредуваа со погрдни и вулгарни зборови кои, кои не доликува да ги кажам во судов. Ги спуштаа панталоните, ги покажуваа своите гениталии. Не знаевме дека пеколот доаѓа за 3 дена во понеделник – сведочеше Симоновска за насилствата на седми.

Таа рече дека целта била да се оневозможи советот да работи затоа што тогаш СДСМ имала тесно мнозинство до 12:11 за донесување на одлуки.

Група луѓе, како што рече таа, влегла со викање на влезот на бараката бр. 6 каде заседавал советот.

-Андреј, Андрејчо, Ајде комуњари, Живи ќе ве запалиме, одовде нема да излезете, летаа компири, патлиџани, парчиња стакло по очите. Полицајците само фигурираа пред општината и не повикаа засилување – нагласи таа.

На крај дошла специјална полиција, ОБСЕ и амбасадорите и така се спасиле тој ден од натамошни повреди.

Обвинети со случајот се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица. Двајца од обвинетите признаа вина и добија условни казни, а за еден се води издвоена постапка.


Груевски на „Фејсбук“: Главата горе, доаѓаат подобри времиња


Скопје, 23 мај, 2018 - 16:16 (META) 

Поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по денешната пресуда од две години казна затвор која му ја изрече Кривичниот суд за случајот „Тенк“ на „Фејсбук“ напиша „доаѓаат подобри времиња“.

„Главата горе горди мои Македонци и горди граѓани на Македонија. Ова е твоја земја, ние нема да те изневериме и ќе бидеме рамо до рамо со тебе, во сите предизвици. Ти си нашата сила, ние сме вашата сила. Доаѓаат подобри времиња. Главата горе и не заборавајте, ова е ваша земја, ова е земја на сите вие кои што живеете во неа и ничија друга. Вие одлучувате! Да живее Република Македонија“, напиша Груевски.

Ова е дел од говорот кој Груевски го држеше на митингот во Скопје пред предвремените парламентарни избори во декември 2018 година, а видео од тој митинг денеска Груевски сподели на социјалните мрежи.


Николоски за пресудата за Груевски: Судот го спроведе тоа што Заев го напиша


Скопје, 23 мај, 2018 - 15:49 (META) 

Денеска видовме во живо како функционира политички суд и како се изрекуваат политички пресуди. Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на прес-конференција посветена на денешната пресуда од две години затвор за Никола Груевски за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“.

Порачувајќи дека судот го спровел тоа што Зоран Заев го напишал, и дека судот го интересира само реализација на политичките нарачки на Зоран Заев и СДСМ за пресметка со сите кои што мислат поинаку, Николоски рече дека станува збор за дело „на кое се смеат сите правници“. Според него, целта била да се дисквалификува Груевски, кој ги зачувувал националните интереси и имал бројни успеси во раководењето со државата.

– Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се: Никола Груевски, кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и сè друго – да се засени и да биде политички дисквалификуван – рече Николоски.


Десетина лица на протест пред Кривичен суд ја чекаат пресудата за Груевски во „Тенк“


Скопје, 23 мај, 2018 - 12:41 (META) 

Околу триесетина лица се собрани на протест пред Кривичниот суд во Скопје исчекувајќи ја судската пресуда за поранешниот премиер и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Помеѓу присутните се и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.

Полицијата уште синоќа го огради судот со метална ограда и го ограничи движењето.

Во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на луксузниот мерцедес, Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание. Обвинителите од СЈО побараа осудителна пресуда, бидејќи набавката била лична желба и хир на експремиерот купена со буџетски пари, при што била фаворизирана една фирма.


Зоран Заев доби ослободителна пресуда во случајот „Поткуп“


Скопје, 21 мај, 2018 - 12:45 (META) 

Кривичниот суд денеска донесе ослободителна пресуда за премиерот Зоран Заев за кривичното дело примање поткуп. Судијата Дарко Тодоровски од Основниот суд Скопје го ослободи Заев од обвинение.

Во читањето на пресудата судијата Тодоровски наведе дека обвинителството не успеало да докаже дека Заев додека бил градоначалник на Струмица сторил кривично дело примање поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.

Делото барање поткуп во обвинителниот акт претпоставуваше затворска казна од најмалку 5 години. Обвинителниот предлог, кој беше преиначен во барање ветување за подарок, претпоставува од една до пет години затвор.


Пресуда на Стразбур против Македонија за неправедно протерана бегалка


Стразбур, 18 мај, 2018 - 12:51 (META) 

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда за случајот „Љатифи против Република Македонија“, со која се утврдува повреда на членот 1 од протоколот 7 на европската конвенција за човековите права, кој се однесува на процедуралните гаранции во случај на протерување на странци.

Како што образложува судот во Стразбур, жалителката Ѓилизаре Љатифи, родена во 1991 година, на осумгодишна возраст, заедно со своето семејство, избегала од Косово во Македонија, каде што во 2005 година ѝ бил одобрен азил и ѝ бил дозволен престој.

Азилот и престојот ѝ биле продолжувани сè до 2014 година кога министерството за внатрешни работи ѝ го прекинува азилот, со тврдење дека таа претставува закана за националната безбедност. Љатифи се жалела на ваквата одлука и започнала административно-судски постапки кои не завршиле во нејзина корист, бидејќи судските инстанции се повикувале на документи од класифициран карактер во кои жалителката немала увид, со што се оневозможило нејзиниот случај адекватно да биде презентиран во поведените постапки.

Според судот во Стразбур, во овој случај постои прекршување на процедуралните гаранции во случај на протерување странци.


Адвокатот Миланов казнет со 1.000 евра зошто не се појави на судењето за „Титаник 3“


Скопје, 27 април, 2018 - 11:28 (META) 

Судијката Оља Ристова го казни адвокатот Еленко Миланов со 1.000 евра бидејќи не се појави на судењето за случајот на СЈО „Титаник 3“ во Основен суд Скопје 1. Освен 1.000 евра, Миланов треба да ги надомести трошоците за денешното закажано рочиште.

Специјалното обвинителство изрази сомнеж за оправданоста на причините за денешното одлагање. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека добила информација дека во тетовското обвинителство, каде што се води истрагата во врска со случајот за убиството во Мала Речица, во кој е ангажиран Миланов, дека не се преземаат никакви истражни дејства.

Судењето за овој предмет беше одложено и на 16 март, поради неприсуство на првообвинетиот Ејуп Алими, кој, како што информира тогаш неговиот адвокат, како координатор на пратеничката група на ДУИ, бил на службено патување во Албанија.

Во случајот „Титаник 3“ кој се однесува на уништување на изборен материјал обвинет е пратеникот Ејуп Алими и функционерот на ДУИ, Исмет Гури.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев е единствениот премиер за кого бизнисмени сведочат за корупција


Скопје, 27 март, 2018 - 9:33 (META) 

Зоран Заев е единствениот премиер во Европа за кого бизнисмени сведочат дека бесрамно ја злоупотребувал службената положба барајќи поткуп, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „Заев веќе нема кредибилитет да биде премиер“.

„Човек кој барал по едно евро од метар квадратен за него, едно евро за партијата и едно евро за црквата не може да биде на функција. Ваквото коруптивно однесување отвора простор за уцени на политичарот кој потоа може да прави концесии на сметка на државните и национални интереси само за да се спаси. Јавното обвинителство и судот мора да соберат храброст и да се ослободат од политичките стеги и притисоци од страна на власта за да го истераат случајот до крај“, се додава во соопштението.