Владата планира да ги субвенционира студентите


Скопје, 22 јануари, 2018 - 17:58 (META) 

Владата на денешната 49. седница ја разгледала и усвоила информацијата за воведување на проект „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“.

Проектот, како што информираат од таму, предвидува можност за субвенционирање на потребите на студентите по нивен избор и тоа оброк, автобуска карта, карта за во театар, книга и други услуги, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.

„Овој проект, повеќе од 10 години успешно се спроведува во Словенија. Од страна на тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и во Македонија, со одредени прилагодувања, согласно финансиските можности на Македонија“, информираат од Влада.

Владата на денешната седница исто така ја усвоила информацијата за набавка на медицинска опрема, медицински и немедицински инвентар во јавните здравствени установи и за специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во  Охрид, во висина од 150, односно 120 милиони денари за оваа, за 2019 и за 2020 година, со утврдена динамика на плаќање за секоја година.


Повеќе од 80 лица се повредени при рушење на тераса во зградата на индонезиската берза


Џакарта, 15 јануари, 2018 - 19:51 (META) 

Повеќе од 80 лица се повредени при рушење на тераса во зградата на индонезиската берза.

Во моментот на рушење на терасата, имало голем број на студенти кои биле во посета на берзата во Џакарта. Полицијата ги евакуирала луѓето и ги утврдува причините за несреќата.

Според информациите од портпаролката на индонезиската берза, немало застој во работата на системот и берзата продолжила непречено да работи.


Конкурс на МОН за доделување 2.890 стипендии за студенти


Скопје, 10 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Министерството за образование и наука за академската 2017/2018 година ќе додели вкупно 2.890 стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи.

Ќе бидат доделени 1.500 стипендии за студенти од социјални категории, како и 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето.

За студентите запишани на студиските програми по информатика ќе бидат доделени 125 стипендии.

Петстотини и триесет стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, додека 105 стипендии ќе бидат доделени на студенти запишани на студиски програми по хемија, физика и математика.

Висината на стипендијата за прва група – стипендии за студенти од социјални категории изнесува 3.300 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Висината на стипендијата за втора група – стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во изнесува 4.400 денари месечно, за девет месеци во текот на студиската година.

Студентот кој конкурирал за два или повеќе групи на стипендии и ги исполнил условите за добивање, му се доделува стипендијата според приоритетот кој го направил во евидентниот лист.


ОЈО Скопје почна истрага за тепањето на студентите на ланските студентски избори


Скопје, 26 октомври, 2017 - 16:26 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје по 16 месеци почна постапка за расветлување на упадот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР во просториите на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по минатогодишните студентски избори.

Обвинителството постапува по кривичната пријава што тогаш ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човекови права против поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков.

Од ОЈО Скопје за порталот „Сакам да кажам“ потврдиле дека е поднесено барање до надлежни институции да достават податоци, а повикани се и седум лица да дадат исказ пред јавен обвинител.

Обвинителството не отркива дали е отворена предистражна или можеби истражна постапка, а не информира ни за бројот на лицата за кои постои сомневање дека сториле кривични дела.

Дејствата, велат оттаму, се преземаат во насока на утврдување на постоење на елементи на кривичните дела спречување или попречување јавен собир од член 155 и малтретирање во вршење на службата од член 143 од Кривичниот законик.

Специјалните полициски единици вечерта на 30 јуни, по изборите за студентски лидер, влегоа во просториите на СПУКМ откако „Студентски пленум“ алармираше дека изборите се спроведени незаконски, со многу прекршувања, притисоци и закани, а нивните членови ја блокираа вратата од просторијата во која беа приврзаниците на претседателот на Студентскиот парламент, Кирил Спироски.

Припадниците на ЕБР, кои пред седиштето на СПУКМ пристигнаа со оклопни возила, ги исфрлија членовите на „Студентски пленум“ надвор од зградата, со што студентските избори кулминираа со насилство и со бруталност.


Нападнат студентски дом во Кенија


Момбаса, 10 октомври, 2017 - 13:49 (META) 

Најмалку две лица вработени во Техничкиот универзитет во Момбаса загинаа откако вооружено лице отвори оган во студентски дом во универзитетот.

Кениската полиција се сомнева дека станува збор за екстремистички напад, кој се случил во време додека кенискиот претседател Ухуру Кијата држел предизборен собир во крајбрежниот округ Квале.

Според шефот на полицијата во Квале, постои сомневање дека напаѓачот бил припадник на бунтовничката група Ал шабаб од соседна Сомалија.

Американските медиуми претходно јавија дека во нападот се повредени неколку студенти.


Директорот на Државен студентски дом вели дека сите сметки за вода се платени


Скопје, 30 септември, 2017 - 21:15 (META) 

Невистина се тврдењата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје дека Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД) или Министерството за образование и наука не ги плаќале сметките за вода, реагираше Атанас Бојчев, директор на ДСД.

Јавното претпријатие, откако вчера Бојчев обвини дека неосновано ја сопрело водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, реагираше и порача дека тоа се случилоа поради неплаќање сметки во последните пет месеци и поради неподмирување на долгот од претходно.

Но Бојчев во денешниот деман вели дека од моментот на назначувањето на новото раководство „сите сметки за вода се платени и тоа е јавен податок кој многу лесно се проверува“. Тој посочи и дека иако претходно сметките не се плаќале со години, водата не била сопирана.

– Се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот. За периодот од пет години на неплаќање на сметките за вода не е поднесена ниту една опомена за исклучување, ниту пак е дојдено да се исклучи водата и за конкретниот периодот направен е долг од околу 60 милиони денари (речиси милион евра) – реагира Бојчев.

Директорот на Државниот студентски дом вели и дека новото раководство ги платило и сметките за вода за јули и август, а на 26 месецов, на седница на Влада се обезбедени и депонирани  пари за плаќање на заостанатиот долг.

Со вакви вулгарни нечовечки постапки, се загрозуваат основните животни потреби на студентите сместени во студентските домови, и се поигрува со животните услови и стандарди на најранливата и од посебен вид општествена категорија граѓани, оставајќи ги ненајавено и бесрамно во утринските часови без вода.


„Водовод и канализација“ демантира: Многу сметки на студентскиот дом не се платени


Скопје, 29 септември, 2017 - 20:03 (META) 

ЈП Водовод и канализација- Скопје ја демантираше изјавата на директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, дека претпријатието без предупредување ја сопрело водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ денеска, велејќи дека тоа се случува поради неплаќање сметки во последните пет месеци и поради неподмирување на долгот од претходно.

„Министерката уште во јуни месец вети дека Владата ќе ги подмири сметките за вода но тоа до ден денес се нема случено. Владата на СДСМ и директорот на домот не само што немаат платено заостанати долгови од претходните години, туку немаат платено ни една сметка за вода откако седнаa на функцијата, од мај годинава, заклучно со септември и тоа ни една сметка за цели 5 месеци. Не знаеме каде одат парите кога не се плаќаат сметките за основните потреби“, се вели во демантот на Водовод и канализација-Скопје.


Поради неплатен долг сопрена водата во студентскиот дом „Кузман“


Скопје, 29 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје била сопрена утрово од ЈП „Водовод и канализација“, иако на претпријатието му било кажано дека е најдено решение за да се покрие долгот за вода, соопшти Државен студентски дом „Скопје“.

Според в.д. директорот Атанас Бојчев, водата била сопрена без предупредување.

– Постапката на ова јавно претпријатие е без оправдување, со оглед на фактот што раководството на „Водовод и канализација“ веќе беа информирани дека за долгот кон нив, за сметките за вода, е веќе најдено решение. Дека долгот кон ЈП „Водовод и канализација“, не е направен од новото раководство на домот. Напротив се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот – вели Бојчев.

Тој појаснува дека во координација на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија на последната владина седница, во вторникот, 26 септември, е донесена одлука да се обезбедат пари за целосно да се покрие долгот за вода на Студентскиот дом Скопје, кон „Водовод и канализација“.

– Останува само да се објави одлуката во „Службен весник“ на Република Македонија за нејзина правосилност, по што средствата веднаш ќе бидат префрлени на сметката на „Водовод и канализација – порачува Бојчев, кој вели дека ова е трето исклучување на водата во студентскиот дом без најава.


Заев се обрати пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк


Њујорк, 23 септември, 2017 - 16:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот на надворешни работи, Никола Димитров, и од министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, беше почесен говорник на Универзитетот „Колумбија“, каде што во организација на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, имаше обраќање на тема „Свеж старт на Балканот: Демократско обновување и еколошко обновување на линија на одржливи развојни цели.“

„Новата Влада ја отвори Македонија во земја на можности за сите, за граѓаните, цивилното општество и граѓанскиот сектор, политичките партии, за заедно да ги постигнеме стратешките цели, економски развој и евроатлантски перспективи“, изјавил Заев.

На настанот присуствувале и говореле директори од Универзитетот „Колумбија“ и од УНДП во САД.

Со присуството на Универзитетот „Колумбија“ премиерот Зоран Заев и владината делегација ја заокружија официјалната посета во Њујорк и учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.


Пријавувањето за упис на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде на 17 и 18 август


Скопје, 14 август, 2017 - 10:25 (META) 

Пријавувањето за упис во прва година во академската 2017/2018 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје ќе биде в четврток и петок на 17 и 18 август.

Според објавениот конкурс за запишување студенти на прв циклус студии за претстојната студиска година, слободни се вкупно 10.818 места.

Од нив, 5.865 се за редовни студенти за кои годишната партиципација е 200 евра, 3.793 места се за редовни со кофинансирање на студиите со 400 евра годишно и 1.160 за вонредни студенти кои, исто така, плаќаат 400 евра.

Кандидатите кои ќе го пропуштат првиот рок за пријавување оваа недела, може да се пријават во вториот рок на 4 септември, а на факултетите на кои ќе има слободни места третиот рок за пријавување за упис е на 15 септември.

Новина во конкурсот е укинувањето на дисперзираните студии.