!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата се пофали дека од планот „3-6-9“ останале само „6-9“


Скопје, 10 ноември, 2017 - 16:48 (META) 

На состанокот на министерската работна група денеска за реформите од планот „3-6-9“ било констатирано дека се исполнети сите предвидени мерки од неговата прва третина, односно од делот „3“, соопшти владината служба за информирање.

На денешниот состанок, министрите информирале дека е подготвен детален план за активностите и мерките кои треба да се реализираат во периодот до декември – јануари, кога ќе се финализира и делот 6 и 9, од Планот 3-6-9. Најголем дел од реформите и законските измени се од областа на правосудството, реформа на разузнавачките служби, борбата против корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, медиумите и реформи во областа на јавната администрација.

На денешниот состанок премиерот Заев ги задолжил ресорните министри за законите предвидени со втората третина од планот „3-6-9“, односно од 6, а кои треба да се донесат до крајот на годинава, да побараат и да добијат мислење од претставници од опозицијата.

На прашањето на „Вистиномер“ што е реализирано од реформските мерки предвидени во „Планот 3-6-9“, од Владата рекле дека за првите три месеци беа предложени вкупно 73 мерки во 11 приоритети.

„Во однос на имплементацијата, целосно се реализирани 59 мерки, односно цирка 81% од планираното, по што е констатирано дека реализацијата е добра. Нема ниту една мерка која е нереализирана, односно имплементацијата на сите останати 14 мерки е во тек. Причините поради кои 14 мерки се во тек, а не целосно реализирани, е тоа што дел од мерките, иако се дел од Планот за првите 3 месеци немаа рок, дел од мерките беа со рок по првите 3 месеци, а дел од мерките се комплексни процеси кои е потребно правилно, а не само избрзано имплементирање. Дотолку повеќе, останатите 14 мерки не се во директна надлежност на Владата туку во надлежност на други независни институции, а нивната имплементација ќе продолжат во периодот кој следи. Дополнително, ЕУ позитивно ги оцени континуираните активности поврзани со „Планот 3-6- 9“ и покрај предизборната кампања, се вели во одговорот.

Според информацијата испратена од владиниот портпарол Миле Бошњаковски до „Вистиномер“, статусот на реализацијата на мерките предвидени за првите 3 месеци е следна:

ПРИОРИТЕТ ВКУПНО МЕРКИ % НА РЕАЛИЗАЦИЈА
ИЗБОРИ 11 81.81%
СОБРАНИЕ 9 100.00%
ИМЕНУВАЊА 3 33.33%
ОХРИДСКИ ДОГОВОР 1 100.00%
ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО 6 66.66%
МЕДИУМИ 8 100.00%
РЕФОРМА НА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА 7 100.00%
СУДСКИ РЕФОРМИ 13 69.23%
РЕФОРМА НА РАЗУЗНАВАЧКИ И БЕЗБЕДНОСНИ СЛУЖБИ 6 83.33%
БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА 4 75.00%
МИГРАЦИИ 5 60.00%
ВКУПНО МЕРКИ И % НА РЕАЛИЗИРАНИ ОД НИВ 73 80.82%
ВКУПНО ВО ТЕК 14 19.18%

 


Дураки и Макрадули ќе разговараат за загадувањето со скопските градоначалници


Скопје, 8 ноември, 2017 - 9:52 (META) 

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, и заменик-министерот Јани Макрадули со градоначалникот на Град Скопје и со градоначалниците на општините од Скопскиот Регион денеска ќе одржат состанок за координирање и за усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.

Од Министерството информираат дека на состанокот ќе биде презентирана моменталната состојба, законските ингеренции, актуелните планови, досегашните искуства и проблеми, како и предлог-мерките и патоказите за дефинирање на идната комуникација и на заедничкото дејствување на МЖСПП, УНДП, Државниот инспекторат за животна средина и на Инспекцискиот совет.

На средбата, како што е најавено, ќе присуствуваат и постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.


Невладините бараат од Владата информации за администрацијата и поголема отвореност


Скопје, 27 октомври, 2017 - 21:04 (META) 

Граѓанскиот сектор бара дополнителна ефикасност и транспарентност во поглед на регистарот на вработени во јавните институции, соопшти владината служба за информирање.

Од граѓанските организации, на денешната средба со работни групи од министерствата, било побарано да се подобри ефикасноста на примената на Законот за пристап до информации од јавен карактер и да се обезбеди поголема транспарентност на податоците за привремените вработувања.

Денешната средба е дел од процесот за консултации со граѓанските организации за планот „3-6-9“ за итни реформи.

Во наредниот период, сметаат граѓанските организации, неопходно е тие да бидат поактивно вклучени во работата на собраниските комисии, односно нивното учество да биде загарантирано.

Во однос на независните регулаторни тела, граѓанските организации побарале поголема транспарентност, a директорите, освен обврската пред Собранието, да ги презентираат извештаите за нивната работа и јавно и да носат и одговорност за нивната работа.

Во исто време сметаат дека е неопходна ревизија на Изборниот законик, соодветна систематизација во Државната изборна комисија, како и нова методологија за следење на избирачкиот список.


Димитров: Ќе ја убедиме ЕУ дека Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство


Будимпешта, 11 октомври, 2017 - 16:14 (META) 

Сакаме да ја искористиме оваа историска можност и ќе сториме сè за да ја убедиме секоја земја членка на ЕУ и Европската комисија дека Македонија заслужува да премине на следното ниво од нејзиниот европски пат и да почне пристапни преговори со ЕУ во јуни следната година. Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите на Вишеградската група и на Западен Балкан, што се одржа во Будимпешта.

– Ние во Македонија ќе работиме најдобро што можеме и ќе предолжиме да се фокусираме на реформите дома, затоа што нашата цел е да ја направиме Македонија европска демократија. Ќе продолжиме да не се расправаме со соседите, иако има искушенија. Македонија, како што им кажав на колегите овде и на колегите во Европскиот парламент вчера, изминативе години имаше ветер в лице и сега навистина би ценеле ветер во грб за да можеме да испорачаме мирни води и плодна жетва – рече Димитров во своето обраќање на средбата.

Тој истакна дека регионот неколку години бил надвор од вниманието на Европската Унија, но, за среќа, од повеќе причини, вклучувајќи ја и мигрантската криза „сега широко е прифатен ставот дека Европа е помалку безбедна ако регионот на Западен Балкан не е дел од ЕУ“.


Спасовски во Солун на министерски состанок за справување со безбедносни предизвици


Солун, 5 октомври, 2017 - 12:08 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера и денеска во Солун присуствува на Втората министерска средба на министрите за внатрешни работи, надворешни работи и за економија на Македонија, Грција, Албанија и на Бугарија.

На средбата министрите разговараат за начините за справувањето со безбедносните предизвици, како што се радикализацијата, екстремизмот и тероризмот, како и влијанието од миграциската криза.

„Тема на средбата се и заедничките проекти што ќе ја постават основата за посеопфатен пристап, водени од принципите на европската политичка култура, добрососедските односи и стабилност, суштински елементи за консолидација на патот кон Европа на целиот регион“, информираат од МВР.


Меркел: Викендов итен состанок на ЕУ-лидерите поради Северна Кореја


Берлин, 5 септември, 2017 - 12:39 (META) 

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за викендот треба да разговараат за воведувањето додатни санкции кон Северна Кореја, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Таа додаде дека тој состанок треба итно да се организира, истакнувајќи дека тестовите што ги изведе Северна Кореја претставуваат флагрантно кршење на сите меѓународни услови.

– Говорам јасно и во име на целата влада: единствено е можно мирно и дипломатско решение – истакна Меркел.

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со претседателот на САД, Доналд Трамп, и тие ги повикаа ОН бргу да ги усогласат острите санкции против Северна Кореја.

Меркел и Трамп најновата нуклеарна проба со хидрогенска бомба ја осудија како „неприфатлива ескалација“.

„Германската канцеларка и американскиот претседател изразија став дека меѓународната заедница мора да продолжи да врши притисок на режимот во Северна Кореја и дека Советот за безбедност на ОН мора бргу да ги усвои санкциите“, се вели во соопштението на германската влада.


Османи: МВР и Собранието доцнат со мерките од првиот дел од планот „3-6-9“


Скопје, 30 август, 2017 - 14:44 (META) 

Од вкупно предвидени 73 мерки, во првиот дел од планот „3-6-9“, досега се реализирани 34 мерки, повеќе од 30 мерки се во тек, а за неколку Владата констатирала дека доцнат. Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пред почетокот на 36. состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој се одржа по неколкугодишна пауза, а со кој претседава вицепремиерот задолжен за европски прашања.

Османи истакна дека бројката на реализирани мерки и „не е така лоша“ ако се има предвид дека Владата и институциите надлежни за нивно спроведување се наоѓаат на половина од потребното време за нивна имплементација. Но, како што додаде, ова треба да биде и предупредување за поголем фокус на Владата и на администрацијата кон мерките од планот „3-6-9“.

– Ние како Влада имаме реализирано повеќе од десет мерки, како што е одлуката за стопирање со владините реклами во медиумите, како и одлуката за формирање Совет за спроведување на реформите во правосудството. Сепак, доцниме со мерките за спречување на користењето на државните ресурси за време на изборниот период, нешто што, според планот, досега требаше да биде реализирано, а секако и изборите се ближат – рече Османи.

Тој посочи дека има доцнење и во другите ресори, како што е Министерството за внатрешни работи, кое сè уште не почнало со подготовката на новиот предлог-закон за заштита на сведоци и сè уште нема точно поделени ингеренции со Министерството за правда.

Доцнење, според Османи, има и кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, односно Собранието, каде сè уште не е почната т.н. инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите, а се доцни и со изборот на член на Уставниот суд кому му престанува мандатот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Османи изјави дека очекува Законот за употребата на јазиците, кој е доставен до Собранието, да се најде на дневен ред пред пратениците на 13 септември и да добие поддршка од сите политички партии.

– Нашите информации се дека ќе биде ставен на дневен ред некаде на 13 септември и очекуваме брзо да се усвои бидејќи законот е со европско знаменце. Тука процедурите се дефинирани. Очекуваме и повикуваме сите политички партии да гласаат позитивно за овој закон бидејќи сметам дека така на најдобар начин ќе направиме големо унапредување во имплементацијата на Рамковниот договор, кој е одобрен и потпишан од сите политички партии, меѓутоа и ќе покажеме волја за соживот и за прифаќање на различностите – изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.


Могерини: ЕУ на Балканот може многу да изгуби, но многу и да добие


Брисел, 29 август, 2017 - 10:48 (META) 

Балканот е еден од четирите приоритети на надворешната политика на Европската Унија, изјави синоќа високата претставничка за надворешна и за безбедноста политика на ЕУ, Федерика Могерини, на отворањето на конференцијата со амбасадорите на Унијата во Брисел, истакнувајќи дека „како што добро знаат, ЕУ (на Балканот) може многу да изгуби, но и многу да добие“.

Могерини на почетокот на дводневното советување со шефовите на дипломатските претставништа на ЕУ во светот нагласи дека на Балакнот оваа година „имаше загрижувачки тензии во повеќе земји, но дека партнерите на ЕУ во регионот секогаш успевале да ја потврдат желбата и способноста за напредок на европскиот пат“.

ЕУ, како што наведе Могерини, им помогнала на своите партнери, но и самите биле во состојба да го направат тоа, бидејќи „нивните, пред сè, млади граѓани, тоа го барале од своите лидери и тие лидери тоа многу добро го знаат“.

Таа додаде дека се лути кога некој ќе каже „Балканот е на патот кон Европа“, истакнувајќи дека „Балканот е во Европа“, а некој „заден двор“.

– Мислам дека можеме да си го поставиме како наша цел, до крајот на овој мандат, да видиме суштински чекори напред кај секој од нашите партнери на Балканот на нивниот пат кон членство во Европската Унија – истакна шефицата на Европката служба за надворешни работи.


Србија очекува следните три дена да се најде решение за проблемот со извозот во Хрватска


Белград, 9 август, 2017 - 13:57 (META) 

Српскиот министер за трговија и туризам, Расим Љајиќ, очекува во следните три дена да биде најдено решение за спорот помеѓу Хрватска и земјите во регионот, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, а со кој значително се зголемуваат трошоците при извоз на свежото овошје и зеленчук.

– Никому не му е во интерес заострување на односите и оваа состојба да трае долго, бидејќи трговските војни на крајот само бројат штети и тука никој не може да профитира – ијзавил Љајиќ за телевизија „Пинк“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, при што хрватскиот колега покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.

Министрите во регионот одржаа  состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци во однос на правилникот од Хрватска.

Тие ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.


Трамп: Со Путин имавме извонреден состанок


Хамбург, 8 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека имал извонреден прв состанок лице в лице со рускиот претседател Владимир Путин.

Ова Трамп го изјави на почетокот на средбата со британската премиерка Тереза Меј, со која ги почна обврските на вториот ден од самитот на Г20 во Хамбург.

Состанокот помеѓу Трамп и Путин во Хамбург, кој требало да трае половина час, завршил по два и пол часа.

Лидерите на САД и на Русија постигнале договор за прекин на огнот на југозападот на Сирија, јавува агенцијата АП.

Како што се наведува, прекинот на огнот би требало да стапи на сила на 9 јули по локално време во Дамаск.

Тие исто така ги разгледувале и можностите да се намалат тензиите во другите делови на Сирија кои не се опфатени со договорот за примирје.