!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Заев: Груевски нека излезе на дуел за да ги отвориме сите прашања пред јавноста


Скопје, 26 март, 2017 - 19:55 (META) 

Доколку одиме на парламентарни избори заедно со локалните избори, ќе освоиме и повеќе пратеници, ама претседателот Ѓорге Иванов, пак по налог на Никола Груевски, нема да ни го даде мандатот за формирање влада, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Канал 5“, од каде го повика Груевски на телевизиско соочување за пред јавноста да ги отворат сите прашања.

Заев верува дека утре ќе се избере претседателот на Собранието и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да не тактизира дека ќе се гласа само за Комисијата за избори и за именувања.

– Ако не се избере утре, ќе има седница задутре, тоа е демократијата. Ако треба да трае седницата цела ноќ, нека трае. Испраќам порака да не се обидуваат да прават некаков вид манипулации. Ќе ни треба ВМРО-ДПМНЕ за спроведување реформи, затоа мора да соработуваме. Не сакаме да размислуваме на други решенија, тоа е лоша практика за Македонија – рече Заев.

За Талат Џафери, кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Заев рече дека тој е еден од посериозните кандидати затоа што поседува најголемо искуство.

– Мене ми е важно сите потенцијални партнери да веруваме во решението што ќе го избереме. Потребно е новиот претседател на Собранието да биде човек со капацитет, кој има искуство и да има разбирање за идната опозиција, па дури да прифати предлог од нив затоа што демократијата значи толеранција и разбирање – додаде Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека тој не преговарал за платформата затоа што нема добиено мандат за формирање влада и додаде дека промовирал владина програма и дека за СДСМ не постојат други платформи и декларации.

За понудата на Груевски за поддршка на владата на СДСМ доколку ја отфрлат платформата, Заев вели дека традиција е од самостојноста на Македонија барем една албанска партија да биде во власта и додаде дека таа понуда е обид на Груевски да ја замајува и да ја лаже јавноста и да си купува време.

На прашањето што мисли за протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Заев рече дека тој веќе повикал петмина претставници од иницијативата и откако ги слушнал нивните барања и загриженост, излегол со програма на влада за да покаже дека таа значи 100 отсто зајакнување на унитарноста на државата и почитување на Уставот.


Еден, два, три, десет или сто предлози за нов спикер на утрешната седница на Собранието


Скопје, 26 март, 2017 - 12:08 (META) 

Парламентарните политички партии утре, по три месеци пауза и преговори, ќе ја продолжат конститутивната седница на Собранието, која почна на 30 декември минатата година, а беше прекината затоа што партиите немаа договорено парламентарно мнозинство и не можеа да изберат претседател на законодавниот дом.

Според собраниската агенда, за утре во 12 часот е закажано продолжението на конститутивната седница, а како единствени две точки на дневен ред се предвидени изборот на членовите на Комисијата за избори и за именувања и избор на претседател на Собранието.

Партиите по неколку дена преговарање одлучија Комисијата за избори и за именувања да има шест членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, ДУИ и Беса да имаат по еден член, а претседател да биде Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски најави дека утре единствена точка по која Собранието ќе расправа и ќе одлучува е изборот на составот на Комисијата за прашања на избори и на именувања.

– Потоа, според процедурата, треба да се свика седница на Комисијата за прашања на избори и на именувања, таму да се разгледаат еден, два, три, десет или сто предлози за претседател на Собранието и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница, и тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието – изјави Димовски, без да каже дали тие како партија ќе имаат свој предлог за претседател на Собранието.

Пред два дена, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието, за кој кажа дека има поддршка од парламентарното мнозинство.

Вчера на новинарско прашање дали СДСМ ќе предложи кандидат за претседател на Собранието или ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Јагода Шахпаска рече дека утре на продолжувањето на конститутивната седница на Собранието ќе биде соопштено она што претставува договор на 67 пратеници од новото парламентарно мнозинство околу кадровското решение за нов претседател на Собранието.

Раководството на Беса нема да го поддржи кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Талат Џафери, и одлучи да предложи свој кандидат за собраниски спикер. Портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани, не открива имиња, но според неофицијални информации од партијата, тоа ќе биде Африм Гаши или Фадил Зендели.

– Движењето Беса не донесе одлука за поддршка на Талат Џафери за собраниски спикер. Последната одлука на централното раководство на Движењето Беса е и ние да предложиме свој кандидат за претседател на Собранието. Додека нема поинаква одлука од раководството, ние остануваме на ставот да имаме свој кандидат за таа функција – изјави Гаши.

Претседател на Собранието според Уставот и деловникот се избира и изгласува со мнозинство од 61 глас од пратениците.


Бујар Османи: Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието


Скопје, 24 март, 2017 - 15:18 (META) 

Талат Џафери ќе биде новиот претседател на Собранието на Република Македонија, изјави за „Порталб“, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Според Османи, Талат Џафери е единствениот кандидат на ДУИ и на парламентарното мнозинство. Доколку Џафери го помине гласањето за избор на претседател на Собранието, кое ќе се одржи следната недела, тој ќе биде првиот спикер Албанец на законодавниот дом од осамостојувањето на Македонија.

Новиот претседател на Собранието треба да го извести претседателот на државата, Ѓорге Иванов, дека има парламентарно мнозинство, а Иванов потоа во рок од 10 дена да го додели мандат за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

По три дена преговори, претставниците на парламентарните политички партии се договорија претседател на Комисијата за избори и именувања да биде Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а конститутивната седница да продолжи в понеделник.

ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.


ДС: Парламентарното мнозинство мора да покаже цврстина и одлучност во Собранието


Скопје, 24 март, 2017 - 13:05 (META) 

Партиите од парламентарното мнозинство можат да се обидат во следните два дена да понудат и да постигнат компромис со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за в понеделник да се избере претседател на парламентот и со тоа се создадат услови за избор на реформска влада и за мирен, демократски и државнички трансфер на власта, велат од Демократскиот сојуз.

Од понеделник натаму, нагласуваат од ДС, парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците, мора да покаже цврстина и одлучност и при изборот на претседател и при формирањето на владата.

„Континуираната попустливост ќе биде злоупотребена од ВМРО -ДПМНЕ и преку медиумската манипулативна кампања ќе се настојува да се продлабочи кризата и да се спречи трансфер на власта. Геостратешките и регионалните процеси наметнуваат потреба од итно формирање на нова влада и од стабилизирање на состојбите, како прв чекор за нормализирање на животот и за воспоставување вредносен систем кој почива на владеење на правото во Република Македонија“, стои во соопштението од партијата на поранешниот пратеник Павле Трајанов.


Собранието бргу ќе ја избере новата реформска влада, порачуваат од СДСМ


Скопје, 24 март, 2017 - 10:05 (META) 

Собранието бргу ќе ја избере новата реформска влада на Македонија бидејќи граѓаните избраа промени и избраа да ги водат сериозни политичари, кои се грижат за нивните и за интересите на државата, наспроти политиките на криминалците од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кои се обидуваат да ја втурнат земјата во длабока политичка криза и во изолација, стои во денешното соопштение на СДСМ.

Од СДСМ велат дека внимателно, како и досега, ги водат политичките процеси што водат кон реализација на мнозинската волја на граѓаните.

„Порачуваме дека никој нема право да ја спречи демократски изразената волја на мнозинството граѓани на избори. 67 пратеници застанаа зад претседателот на партијата, Заев. Има демократски формирано парламентарно мнозинство. Има програма на новата влада што ја штити унитарноста на државата и ги обезбедува потребите на сите граѓани. Нема време за губење“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму го повикуваат Собранието и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да овозможат мирен трансфер на власта.


Претседателот на Комисијата за избори и за именувања ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 23 март, 2017 - 14:40 (META) 

Парламентарните политички партии на денешната координација во Собранието договориле претседателот на Комисијата за избори и за именување да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а конститутивната седница на Собранието да продолжи в понеделник.

Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека името на претседателот на Комисијата ќе се знае во текот на денот. Сепак, извори од ВМРО-ДПМНЕ, за дел од медиумите потврдиле дека нејзин претседател најверојатно ќе биде токму Димовски.

– Претседателското место и шесте члена што ВМРО-ДПМНЕ ги доби во Комисијата за избори и за именувања не се добар гест од страна на СДСМ, туку се правила и практика според кои Собранието функционира 25 години. Доколку СДСМ продолжи да го слуша гласот на граѓаните кои секојдневно протестираат и доколку СДСМ продолжи со ваквите постапки со кои прифаќа дека е губитничка партија на изборите, Собранието ќе продолжи нормално да функционира – рече Димовски.

Димовски додаде дека в понеделник единствена точка за која ќе одлучува Собранието ќе биде изборот на составот на Комисијата за прашања за избори и именувања, а нема да се избере претседател на Собранието.

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски, рече дека прифатиле претседателот на Комисијата да биде од редовите од ВМРО-ДПМНЕ за да се откочат процесите во државата.

– Ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ за да се откочат процесите во Македонија, да профункционираат демократските процеси и законодавниот дом и граѓаните да не бидат заложници на кој било политичар или политичка партија. Сметам дека ова е потребно и добро затоа што многу штета трпат граѓаните и економијата – рече Спасовски.

Според договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.


Координацијата прекината, партиите на дополнителни консултации


Скопје, 23 март, 2017 - 12:30 (META) 

Парламентарните политички партии поради дополнителни консултации, ја прекинаа координативната средба за собраниската Комисија за прашања на изборите и на именувањата и со преговори ќе продолжат во 13 часот.

На координативната средба, парламентарните политички партии треба да се договорат кој ќе биде претседателот на Комисијата за избори и за именувања.

ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на комисијата да биде член од нејзините редови бидејќи има најголем број пратеници, додека СДСМ вели дека првиот човек на Комисијата треба да биде од редовите на парламентарното мнозинство.

Според досега договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата е услов за продолжување на конститутивната собраниска седница, која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.


Во 11 часот продолжува координацијата за Комисијата за избори и за именувања


Скопје, 23 март, 2017 - 10:34 (META) 

Денеска, во 11 часот, во Собранието продолжува координацијата на парламентарните политички партии кои треба да се договорат кој ќе биде претседателот на Комисијата за избори и за именувања.

Два дена партиите не можат да ги усогласат ставовите и цврсто остануваат на своите претходни изјави.

ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на комисијата да биде член од нејзините редови бидејќи има најголем број пратеници, додека СДСМ вели дека првиот човек на Комисијата треба да биде од редовите на парламентарното мнозинство.

Според досега договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата е услов за продолжување на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Преку партиско соопштение, од СДСМ денеска порачаа дека мора да се деблокираат парламентарните процедури и во согласност со деловникот што побргу да се избере претседател на Собранието.


Партиите на пауза, нема договор за претседател на Комисијата за избори и за именувања


Скопје, 22 март, 2017 - 14:56 (META) 

По неполни два часа, претставниците на парламентарните политички партии заминаа на пауза без да успеат да ги усогласат ставовите за тоа кој треба да биде претседател на Комисијата за избори и за именувања.

Координативната средба ќе продолжи во 15.30 часот.

Вчера партиите се договорија само околу бројот на членови на Комисијата, па ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.

Комисијата треба да го даде името на новиот претседател на Собранието и е клучна за продолжувањето на конститутивната седница на Собранието, која беше одржана и прекината на 30 декември лани.

Според ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Комисијата за избори и за именување треба секогаш да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок, со што не се согласува СДСМ, затоа што тие имаат доставено доказ до Собранието за мнозинство од 67 пратеници.


Напладне продолжува координацијата за Комисијата за изборите и за именувањата


Скопје, 22 март, 2017 - 10:00 (META) 

Денеска напладне продолжува координацијата на партиите во Собранието за избор на претседател на Комисијата за избори и за именување.

Партиите вчера се обидоа да постигнат договор за избор на претседател на комисијата, но не успеаја да се договорат дали претседателот ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

На вчерашната координација парламентарните партии успеаја да постигнат согласност само околу бројот на членови на Комисијата, па ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.

Членовите на оваа комисија треба да предложат претседател на Собранието, кој потоа треба да го извести претседателот Иванов дека е обезбедено парламентарно мнозинство.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, вчера рече дека откако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ било прифатено да има шест члена во комисијата, тие побарале уште еден услов, односно претседателот на Комисијата за избори и за именувања да биде од нивните редови.

– Ако тоа не се случи, нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на претседател на Собранието. Тоа уште еднаш покажува и докажува дека ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на сите демократски принципи, ја узурпира Македонија, ги узурпира институциите и заради лични и партиски интереси, не сака тие да функционираат – рече Спасовски.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претседател на Комисијата за избори и именување треба секогаш да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок.

– Бројот на пратеници членови на комисиите не е милост или добро дело на една партија спрема друга, туку е одлука на граѓаните врз база на егзактна математика на прецизни бројки. Значи соодносот 6 – 5 – 1 – 1 не е заради задоволството на СДСМ да покаже гест, туку е последица на изборните резултати од 11 декември минатата година – вели Димовски.