!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Облачно време со врнежи од дожд и од снег на планините


Скопје, 25 февруари, 2017 - 10:05 (META) 

Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Повеќе врнежи се очекуваат во северозападните делови од земјава. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец кој во текот на денот ќе го смени правецот во северен.

Утринската температура ќе се движи од 2 до 7 Целзиусови степени, а дневната од 8 до 14 степени.

Во Скопје се очекува облачно и посвежо време, со повремени врнежи од дожд, особено претпладне. Утринската температура ќе се спушти до 4 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до 8 степени.


До петок топло, викендот со дожд и со снег


Скопје, 22 февруари, 2017 - 13:58 (META) 

Стабилно и топло време ќе преовладува во Македонија утре и в петок, со услови за слаба утринска магла по котлините, прогнозира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

За утре се очекува дневна температура меѓу 10 и 20 Целзиусови степени. Постудено ќе биде во планинските краеви на западот и на истокот на Македонија, а највисока температура се очекува на југоистокот.

Потоа ќе уследи промена на времето – во текот на ноќта в петок и в сабота над Македонија ќе помине влажен бран. Тој ќе донесе зголемување на облачноста и повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Повеќе врнежи се очекуваат во западните и во северните делови од земјава, прогнозира УХМР.


Времето денеска облачно и ветровито


Скопје, 10 февруари, 2017 - 9:31 (META) 

Времето денеска ќе биде променливо облачно и ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Во претпладневните часови ќе врне локален дожд со слаб интензитет, а на планините – слаб снег.

Утринската температура ќе се движи од минус 4 до 4 Целзиусови степени, додека дневната ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.

Во Скопје и во околината се очекува слично време со утринска температура околу 1 Целзиусов степен и дневна до 9 степени.


Облачно време со врнежи од дожд и од снег


Скопје, 9 февруари, 2017 - 9:09 (META) 

Времето денеска ќе биде претежно облачно. Во вечерните часови и во текот на ноќта се очекува слаб локален дожд, повеќе во јужните и во југоисточните делови од земјава, а на планините – слаб снег.

Утринската температура ќе се движи од минус 6 до 3 Целзиусови степени, а дневната од 5 до 10 степени.

Во Скопје се очекува слично време со утринска температура до минус 1 Целзиусов степен, а дневната ќе достигне до 8 степени.

Врнежите од дожд и од снег ќе продолжат и в петок претпладне.


Oблачно време со повремени врнежи од дожд


Скопје, 7 февруари, 2017 - 9:12 (META) 

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои повеќе ќе ги има во претпладневните часови. На планините ќе има повремен снег.

Ќе има и услови за појава на грмежи, особено на југоисток. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а попладне слаб до умерен ветер од северен правец.

Температурата ќе се движи од 5 до 12 Целзиусови степени. Во Скопје се очекува слично време, со температура до осум степени.

На крајот на работната недела ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд и од снег.


Променливо облачно време, попладне со дожд


Скопје, 6 февруари, 2017 - 9:09 (META) 

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со засилен југоисточен ветер.

Попладне и во текот на ноќта кон вторник, под влијание на краткотраен, но интензивен влажен бран, ќе има врнежи од дожд, најпрво во западните делови, а во текот на ноќта во источните. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.

Во западните делови се очекува на повеќе места да наврнат од 10 до 15 литри на квадратен метар, а во источните локално и околу 20 литри на квадратен метар. Можна е и ретка појава на грмежи.

Утринската температура ќе се движи од нула до 4 Целзиусови степени, а дневната од 6 до 16 Целзиусови степени.


Снегот, мразот и поларната температура ги уништија тетовските улици


Тетово, 2 февруари, 2017 - 22:23 (META) 

Големи дупки и вдлабнатини се појавија по тетовските улици откако деновиве се истопија снегот и мразот, кои на некои коловози воопшто не беа отстранети. Граѓаните велат дека дупките се појавуваат секоја година отприлика на истите улици и места. Бараат што поскоро да се санираат.

– Ги испокршивме автомобилите по мразот и снегот, сега и дупки со појавија. Овие дупки како што гледаме се појавуваат на истите места секоја година во зимскиот период. Властите ги санираат, ама тие пак се појавуваат. Најверојатно не се санираат како што треба – вели еден возач.

Од општинскиот сектор за сообраќај и патишта, велат дека појавувањето на дупките е вообичаена појава во зимскиот период.

– По зимскиот период и поларната температура имаме дупки и тоа е вообичаена појава. Ние како сектор имаме план и програма и според неа ќе почнеме со санирање на дупките, кога ќе дозволат временските услови – изјави Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово.

Ударните дупки најмногу ги има на булеварите Благоја Тоска и Индустриска.


Облачно и студено време со услови за провејување на слаб снег


Скопје, 29 јануари, 2017 - 10:12 (META) 

Времето претпладне во Македонија ќе биде сончево со умерена облачност. Во јужните делови кон крајот на денот и во вечерните часови ќе има услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус 15 до минус 4 Целзиусови степени, а дневната од минус 2 до 4 Целзиусови степени.

Во Скопје слично време утринската температура ќе се спушти до минус 9, а дневната ќе се искачи до 1 Целзиусов степен.


ДЗС: Во некои региони потребна е дополнителна механизација за расчистување на снегот


Скопје, 26 јануари, 2017 - 16:00 (META) 

Локалните власти во Зелениково, Чучер – Сандево и во Липково побарале дополнителна градежна механизација за справување со снежните наноси, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата велат дека во регионите зафатени со снежни наноси, биле ангажирани четири градежни машини.

ДЗС, како што изјавуваат оттаму, била подготвена да интервенира со дополнителна механизација за справување со снежните наноси на поголем дел од територијата на Македонија.

За наредните денови УХМР предивидува суво, но многу студено време, со температура под минус 10 Целзиусови степени.


Спасувачки хеликоптер се урна во Италија


Рим, 24 јануари, 2017 - 13:55 (META) 

Хеликоптер на спасувачките служби со шест лица се урна во Централна Италија, јавуваат светските агенции, притоа не наведувајќи информации дали членовите на екипажот преживеале.

Италијанските медиуми наведуваат дека хеликоптерот превезувал лице кое се повредило при скијање.

Според првичните информации, леталото не било вклучено во спасувачката операција во хотелот „Ригопјано“, кој минатата недела беше затрупан од лавина снег во истиот регион на Италија и каде досега се потврдени 12 смртни случаи.