Колективниот имунитет „опаднат“, државата со вакцини ќе го зголемува (инфографик)


Скопје, 18 октомври, 2018 - 10:20 (META) 

Минатата година, опфатот на вакцинација на ниво на држава бил помал од 95 отсто, колку што е препораката на Светската здравствена организација, освен за „бе-се-же“ (БСГ) вакцината, покажуваат последните бројки на Институтот за јавно здравје. Има 2.800 деца на возраст од 13 месеци кои не ја примиле „ем-ер-пе“ (МРП) вакцината, а дури 2.400 од нив се од Скопје. Опфатот на вакцинирани со оваа вакцина е само 66 отсто.

– Разликата во вакцинацијата е значителна. Тоа се должи на повеќе фактори кои што ги прават ваквите разлики, а се однесуваат на информираноста на населението односно дезинформираноста за безбедноста на вакцините – вели Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом.

Министерот за здравство Венко Филипче за „Мета“ веќе најави мерки за зголемување на опфатот со вакцинација.

– Согласно Акцискиот план, приоритетни области за дејствување, во кои е вклучена и нашата држава се набавка на квалитетни вакцини, ефикасна контрола врз процесот на имунизација, пристапност до вакцините и континуирана промоција и едукација на бенефитите од вакцинацијата – изјави министерот.

Опфатот на вакцинација со МРП е мал заради стравот дека вакцината има врска со појава на аутизам. Родителите ја одложуваат, чекајќи децата да прозборуваат и проодаат, па потоа ги носат на вакцина.

Здравствените власти во неколку наврати досега потенцираа дека нема причини за одложување на оваа вакцина затоа што има научни докази дека вакцината нема врска со аутизам.
Најмалку вакцинирани деца против морбили има во Скопје. Лекарите упатија апел до родителите дека и оваа вакцина е безбедна и со години се употребува, нема причина да ја одложуваат вакцинацијата.

Филипче нагласи дека во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите, како што рече, се набавуваат од реномирани производители од земји на Европска унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди.

Тој во интервјуто за „Мета“ истакна дека вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2 до 8 Целзиусови степени.

– Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат – рече тој.


Вируси и бактерии ги напаѓаат децата во градинките и оние со намален имунитет


Скопје, 17 октомври, 2018 - 10:44 (META) 

Од идната година се очекува да станат задолжителни пневмококната и „рота“ вакцината. Бактеријата „стрептококус пнеумоние“ предизвикува неколку заболувања особено кај малите деца – инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови, но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис), вели Александра Грозданова професорка на Фармацевтскиот факултет и претседателка на Националниот комитет за имунизација.

– Децата до двегодишна возраст и новороденчињата се од особен ризик за појава на овие заболувања. Често оваа инфекција се јавува кај децата кои одат во градинки, како и деца со намален имунитет. Пневмококната вакцина е во редовен календар за имунизација во многу држави во светот, вклучувајќи државите од западна Европа, но и Словенија, Бугарија и Србија – вели Грозданова.

Календарот за имунизација ќе се осовремени и во однос на „Ди-те-пер“ (ДТП) вакцината (дифтерија, тетанус и пертусис). Според стариот календар на седумгодишна возраст се даваше „Ди-те адултна“ вакцина (дифтерија и тетанус) вакцина и „орална полио вакцина“ (ОПВ) .

– Со новиот календар на шестгодишна возраст наместо овие вакцини, ќе се дава ДТП- ИПВ (комбинација на вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис со инактивна полио вакцина). На овој начин се вклучува ацелуларна вакцина против пертусис (која не дава несакани реакции, на место на укинатата ДТП на четиригодишна возраст) и инактивна полио вакцина на место на орална полио вакцина, според препораката на СЗО- орална полио да премине во инактивна полио. Според стариот календар на 14 годишна возраст се даваше ДТ вакцина (дифтерија и тетанус) и орална полио вакцина. Со новиот календар на 14 годишна возраст ќе се дава ДТ- ИПВ (комбинирана вакцина дифтерија, тетанус и инактивна полио вакцина) и се заменува оралната полио со инактивна полио вакцина – вели Грозданова.

Инаку, вирусот „рота“ предизвикува проблем кај децата до две години со изразена дијареа и други компликации.

„Рота“ вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до петгодишна возраст.


Седум милиони луѓе годишно умираат поради изложеност на загаден воздух


Женева, 2 мај, 2018 - 12:47 (META) 

Приближно седум милиони луѓе секоја година умираат како последица на изложеност на загаден воздух, објави Светската здравствена организација.

Само загадениот воздух предизвикал 4,2 милиони смртни случаи во 2016 година, додека загадувањето на воздухот од несоодветни горива и технологии предизвикало 3,8 милиони смртни случаи во истиот период, наведува СЗО.

Бројките се на исто ниво со бројот на смртни случаи регистрирани во претходна студија објавена пред две години.

Според студијата на СЗО, нивото на загадување на воздухот останува опасно високо во многу делови од светот. Новите податоци покажаа дека девет од 10 луѓе дишат високо загаден воздух.

Повеќе од 90 проценти од смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се јавуваат во земјите со низок и среден приход, главно во Азија и Африка, по што следат земјите со ниски и средни приходи од регионот Источна Медитеран, Европа и Америка.


СЗО зависноста од компјутерски игри ја стави на листата на ментални нарушувања


Женева, 5 јануари, 2018 - 11:02 (META) 

Светската здравствена организација (СЗО) ги додаде зависноста од компјутерски игри и рискантното играње компјутерски игри, на нивната нацрт – листа на ментални нарушувања поврзани со зависности.

Според дефиницијата на СЗО, првото нарушување го карактеризира шема на однесување поврзано со постојано играње дигитални игри или навраќање на такво однесување манифестирано преку „нарушена контрола на играњето, зголемен приоритет кој се дава на играњето наспроти другите интереси во животот и дневните активности, продолжување или ескалација на играњето, наспроти појава на негативни последици.“

СЗО исто така го дефинира рискантното или хазардерско играње компјутерски игри како „шема на играње, било преку онлајн или офлајн, која забележително го зголемува ризикот од штетни последици по физичкото или менталното здравје на индивидуата или лицата од нејзината околина.“

„Здравиот разум и објективните истражувања докажаа дека видео-игрите не создаваат зависност. Исто така, ставање официјална етикета на терминот неодговорно, ги тривијализира менталните нарушувања како депресија и социјална анксиозност, кои заслужуваат лекување и целосно нимание од медицинската заедница“, велат од „Ентертејнмент софтвер асосиејшн“ (ЕСА), претставникот на индустријата за видео-игри од САД, кој во истовреме и побара од СЗО да ја промени оваа одлука.

Британската експертка за социјални медиуми, Силвија Коршак го поздрави додавањето на овие нарушувања на листата од СЗО, како храбар потег кој ќе им помогне и на медицинските професионалци кои се занимаваат со превенција и лекување зависности, а и ќе поттикне поширока јавна дебата за овие прашања.

„Играњето компјутерски игри не е баш табу тема, но мислењата за него се поделени и често не се базираат на факти, што воопшто не им помага на луѓето кои уживаат во него и имаат позитивно влијание, ниту пак на играчите кои се соочуваат со форми на зависност, при што не може да побараат професионална помош. Иако се појавуваат се повеќе програми за одвикнување, кампови или други идеи за помош, просечните родители или брачни партнери имаат реален проблем при соочувањето, бидејќи и онлајн и мејнстрим медиумите не заплашуват, па дури и преплашуваат, без да посочат практични решенија,“ напиша Коршак на нејзиниот блог.

Сепак, и покрај ова предупредување од страна на СЗО, новокласифицираните нарушувања не се фокус на нивната работа. На нивниот веб-сајт тие укажуваат дека најголемите здравствени проблеми на светско ниво во 2017 година биле поврзани со недоволното вакцинирање против заразни болести како менингитисот, намалување на смртноста од колера и глад.

Фото: Piotr Drabik via Wikipedia, CC BY 2.0.


СЗО: 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани


Копенхаген, 29 ноември, 2017 - 10:01 (META) 

Светската здравствена организација соопшти дека околу 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани.

Како што наведуваат од СЗО, таквите лекови веројатно се причина за смрт на десетина илјади деца од болести како што се маларија и воспаление на белите дробови.

Ова е прв обид СЗО да направи проценка и да го разгледа овој проблем, јавуваат светските агенции.

Експертите разгледале 100 студии за повеќе од 48.000 лекови. Речиси 65 отсто од фалсификуваните лекови се медикаменти за лечење маларија и бактериски инфекции.

Научниците кои ги ангажирала СЗО од Универзитетот во Единбург проценуваат дека меѓу 72.000 и 169.000 деца починале од воспаление на белите дробови затоа што примале лажни лекови.


Секој десетти граѓанин на Македонија боледува од дијабетес


Скопје, 14 ноември, 2017 - 12:20 (META) 

Околу 200.000 граѓани на Македонија боледуваат од болеста дијабетес која директно предизвикува сериозни проблеми со видот, аларамираат од Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје по повод Светскиот ден на дијабетесот.

Светот го обележува денот на дијабетесот преку глобална кампања, промовирана од Светската здравствена организација (СЗО) за да се зајакне свесноста на граѓаните за потребата од засилена грижа за превенција на оваа болест.

Според светската статистика, оваа болест последните години доживува рапиден раст и од неа боледуваат околу 450 милиони луѓе во светот.

Од Специјалната очна болница „Деница“ советуваат сите лица што страдаат од дијабетес да направат навремена контрола на видот. Нарушувањата на видот, велат од болницата, почесто се јавуваат кај долгогодишните дијабетичари и кај оние пациенти кај кои регулацијата на шеќерот во крвта е несоодветна. Поради овие причини, за лицата со дијабетес многу е важно да не ги занемаруваат проблемите со видот и редовно да одат на прегледи кај офталмолог.

– Важно е да се знае дека, во денешно време, со помош на напредните методи на дијагностика и лечење, сосема мал процент луѓе заболени од дијабетска ретинопатија има сериозни проблеми со видот. Правовременото откривање на дијабетската ретионпатија е најдобриот начин за да се спречи губитокот на видот – вели доктор Наум Трпеноски.

Дијабетесот е болест на организмот која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот, што резултира со оштетувања на крвните садови во мрежницата на окото (ретината), но и со други оштетувања. Болеста е погресивна и поминува низ неколку стадиуми.


СЗО: Во Сомалија 25.000 лица се заболени од колера


Могадишу, 13 април, 2017 - 13:09 (META) 

Повеќе од 25.000 лица во Сомалија се погодени од колера, односно од акутна водена дијареја, а се очекува бројот на заболените двојно да се зголеми во претстојните месеци од летото, соопшти Светската здравствена организација.

Стапката на смртност предизвикана од болести поради загадената вода или храна изнесува 2,1 отсто во Сомалија, додека смртноста предизвикана од колера достигнува и до 14,1 отсто во Среден Џуби и до 5,1 отсто во Баколо, соопшти портпаролот на ОН, Јенс Лерк.

Околу 533 смртни случаи се поврзуваат со избивањето на епидемијата од почетокот на годината досега.


Активистите против новите мерки за загадениот воздух


Скопје, 3 април, 2017 - 13:46 (META) 

Прагот на алармирање за ПМ10-честичките да биде поставен при достигнување на просечна вредност поголема од 70 илиграми на еден кубен метар, два дена по ред, без оглед  дали станува збор за викенд или работен ден и без скриени услови.

Ова е барањето што членовите на коалицијата за чист воздух „О2“ и на граѓанските здруженија „Ние сме Карпош 4“, „Воздух сега“ и „Стоп на загадувањето“, итно ќе го достават до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму, покрај тоа, ќе бараат итните мерки што треба да го редуцираат сообраќајот, и да ги регулираат функционирањето на индустријата, градежните активности, фосилните согорувања и сл., да стапат во сила веднаш наредниот ден и да траат сè додека нивото на ПМ10-честички не биде под дозволеното до 50 милиграми на еден кубен метар дневно.

Од коалицијата „О2“ велат дека тие се незадоволни од предлозите што Министерството ги најави минатиот петок и со кои прагот на алармирање од сегашните 100 милиграми на еден кубаен метар за период од 10 дена, го зголемува на 25 милиграми на кубен метар за период од два дена.

„Покрај петократното зголемување на ПМ10-честички, од максимално препорачаните 50 милиграми на еден кубен метар, Министерството додава и дополнителни услови, од типот на број на мерни станици кои треба да ја имаат просечната вредност и недефинирана стабилна временска прогноза, што е силен показател дека вонредни мерки никогаш нема да бидат воведени“, велат од коалицијата.

Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека вредноста на ПМ10-честичките не смее повеќе од три дена во годината да надминува 50 милиграми на еден кубен метар.

Македонија со ЕУ има закон според кој се обврзува дека вредноста на ПМ10-честичките нема да биде поголема од 40 милиграми на кубен метар просечно на годишо ниво и дека повеќе од 35 дена во годината нема да надмине 50 милиграми на еден кубен метар.

– Токму затоа, ние, како граѓански активисти, сме фрапирани од односот на Министерството кон здравјето на сопствените граѓани и зачудени од обидот за создавање сива зона, која ќе овозможи константното труење на населението да продолжи во текот на целата година и следните неколку години. Сакаме да предупредиме дека доколку ваквата одлука биде усвоена, ќе бидеме принудени да бараме и судска разврска, повикувајќи ги на одговорност носителите на функции во државните институции, задолжени да се грижат за здравјето на граѓаните – велат од коалицијата.


Прекината евакуацијата во Алепо


Алепо, 16 декември, 2016 - 13:42 (META) 

Операцијата за евакуирање цивили и борци од последните делови на Алепо, кои беа под контрола на бунтовниците, денеска е суспендирана, а како што пренесуваат светските агенции, на местата каде што се наоѓаат автобусите за евакуација се чуле четири експлозии.

Засега не се откриваат детали.

Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, претходно на „Твитер“ напиша дека пет конвои евакуирале повеќе од 7.000 лица.

Светската здравствена организација соопшти дека на хуманитарните организации, без какво било објаснување им е речено да го напуштат источниот дел на Алепо, откако е суспендирана евакуацијата на цивилите и на борците од тој дел на градот.

Претставничката на СЗО во Сирија, Елизабет Хоф, изјави дека пораката најверојатно дошла од Русите, кои ја надгледуваат областа. Таа додаде дека нејзиниот тим од источниот дел на Алепо нема контакт со сириските власти.


Вирусот зика се шири во Азија


Копенхаген, 12 октомври, 2016 - 9:57 (META) 

Експертите на Светската здравствена организација (СЗО) очекуваат вирусот зика да продолжи да се шири во Азија.

Потврдени се стотина случаи на лица инфицирани со зика во Сингапур, а во Тајланд се забележани и два случаи на микроцефалија поврзани со ова заболување.

Главниот виновник за ширењето на вирусот се комарците аедес, а ситуацијата се отежнува и поради големиот протек на меѓународни патници.

Во поширокиот регион на Азија и на Пацификот, вирусот зика е откриен во 19 земји.

Севкупно, вирусот зика е присутен во најмалку 70 земја.

Инфекцијата со вирусот зика најчесто има благи ефекти, но во случај на зараза за време на бременост, може да предизвика тешки дефекти кај новороденчето.