Владата на аукција ќе го продава „мерцедесот“ за 230.000 евра


Скопје, 13 февруари, 2018 - 20:35 (META) 

Владата донела одлука да се продаде блиндираниот „мерцедес“ С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии.

„Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на  Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk“, стои во соопштението.

Истовремено, било договорено почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции, за сите категории и типови тутун.

Бил разгледана и информацијата за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина” од почетокот на акцијата до 2016 година и било констатирано дека се потрошении 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно засадените садници. Дополнителни 31 милион денари во оваа акција биле потрошени за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала.

Била усвоена и информацијата за изработката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.

„Согласно препораките, преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО. Владата го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во рок од 10 дена од усвојувањето на информацијата“, соопштија од Владата.


Потрошените пари за „Ден на дрвото“ и ефектот од акцијата денеска на владина седница


Скопје, 13 февруари, 2018 - 11:05 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи својата редовна, 54 седница со 104 точки на дневен ред.

Како пред точки се најавени расправата за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на фондовите од ЕУ, статус на реализација на приоритетите на Македонија за влез во НАТО и статус на реализација на Рамковниот договор.

На денешната седница повеќе точки од дневниот ред се посветени на информации за прогресот на активности во реализацијата на проектите за изградба, рехабилитација и реконструкција на повеќе делници на автопатски, експресни, регионални и локални патишта во Македонија.

На седницата на Владата денеска ќе биде одржана презентација на тема „Клучните аспекти на јавната внатрешна финансиска контрола и раководна отчетност и одговорност“, на иницијативата СИГМА на ЕУ која има за цел да дава препораки за приоритети за реформа на јавната администрација во земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ пред министрите денеска ќе ја презентира информацијата за вкупно потрошени финансиски средства за спроведување на акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина”, од почетокот на акцијата до сега, со резултатите и ефектот од реализацијата на акцијата.


Денеска нов обид за собраниска расправа за законот за јазиците


Скопје, 30 јануари, 2018 - 9:50 (META) 

Денеска во Собранието, во 12 часот ќе продолжи 32. седница на која како осма точка е ставена расправата за Законот за јазиците.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера ја прескокна оваа точка, бидејќи како што рече, немало технички услови за расправата.

Тој информираше дека собраниските служби не ги обработиле и превеле 35.569 амандмани поднесени од опозицијата.

Претходно, на оваа седница ќе се гласа по точките кои се однесуваат на составите на собраниски органи, тела, комисии, делегации, совети и комитети.


Џафери ја одложи расправата за Законот за јазици бидејќи „нема технички услови“


Скопје, 29 јануари, 2018 - 17:39 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја одложи расправата за Законот за јазици, кој беше осма точка на дневниот ред на денешната 32. седница, бидејќи како што кажа, „нема технички услови за расправа“.

– Имајќи ја предвид формалната процедура за обработка на сите амандмани кои се 35.569 на број, тие не се довршени. И деловната обврска за превод не е исполнета – рече Џафери.

Тој и наложи на собраниската служба да информира кога ќе има услови да се расправа по ова точка.

На седницата немаше кворум за гласање по 45-те точки на дневниот ред, на кои се и составите на собраниски органи, тела, комисии, делегации, совети и комитети.

Седницата продолжува утре во 12 часот.


Пучдемон ќе мора да се врати во Каталонија за да биде шеф на регионалната влада


Мадрид, 28 јануари, 2018 - 12:01 (META) 

Уставниот суд на Шпанија едногласно одлучил дека поранешниот каталонски лидер, Карлес Пучдемон мора да се врати во земјата и да биде присутен во регионалниот парламент за да може повторно да биде кандидат за шеф на владата на Каталонија, јавуваат светските медиуми.

Уставниот суд навел дека седницата на каталонскиот парламент, која е закажан за во вторник, ќе биде откажана доколку Пучдемон, кој е во Брисел, се обиде да биде избран во отсуство.

Судот исто така одлучил дека Пучдемон мора да бара судска дозвола за да присуствува на седницата.

Каталонскиот парламент го предложи Пучдемон за канадидат за претседател на Генералилетот – каталонската влада, иако е тој надвор од земјата.

Тој се засолни во Брисел во октомври, минатата година, стравувајќи дека шпанските власти можат да го уапсат поради референдумот за назависност на Каталонија.


Владата финансиски ќе го помогне семејството Зулбеари


Скопје, 26 јануари, 2018 - 15:24 (META) 

Поттикната од трагичниот настан во тетовската населба Поток, во кој семејството Зулбеари во пожар ги загуби мајката и четирите малолетни деца, што длабоко ја потресе целата македонска јавност, Владата денеска ја свика 51. седница и донесе заклучок за доделување на еднократна парична помош, информираат од таму.

„Покрај паричната помош во висина од 300 илјади денари за семејството Зулбеари, на седницата е договорено владина делегација да го посети семејството и непосредно да го изрази длабокото сочувство за оваа трагедија“, се вели во соопштението на Владата.

Владата на денешната седница донела и неколку кадровски решенија. За вршител на должноста, директор на Државниот комунален инспекторат беше именувана Елизабета Јованчева. За директор на Културниот центар во Истанбул, Владата го именуваше Рамадан Рамадани, досегашен вршител на должноста во истата институција.


Владата го стега ременот, наскоро одлука дали ќе се гради нов Клинички центар


Скопје, 23 јануари, 2018 - 21:59 (META) 

На денешната седница, Владата, меѓу големиот број мерки, донела одлука за поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошењето на јавните финансии. Исто така, донесена е и програмата за нејзината работа во оваа година, како и заклучок дека наскоро може да се очекува одлука за тоа дали ќе се гради нов Клинички центар во Скопје.

Службата за информирање соопшти дека откако на почетокот бугарскиот амбасадор ја презентирал програмата за претседавањето со ЕУ, делегација на Банката на Советот на Европа ги презентирала опциите за активирање на изградбата на новиот Клинички центар во Скопје, при што било нагласено дека тоа е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградбата да биде донесена наскоро.

Владата ја разгледала и усвоила информацијата за состојбите и напредок во процесот на европската интеграција, како и за статусот на користењето и имплементацијата на фондовите од ЕУ за 2018 и  2019 година. Посебно внимание, се вели во владиното соопштение, е посветено на плановите и програмите на ЕЛЕМ, во кои се вклучени и предвидените трошоци за реконструкција на електростатски филтри и за намалување на емисии на прашина во РЕК Битола, како и определбата за развој на капацитети за обновливи енергии, односно изградбата на фотоволтаични електрани и ветерни електрани.

На предлог на Министерство за финансии владата денеска ја усвоила и информацијата за Програмата на економски реформи  2018 – 2020 година, како и Годишниот извештај за функционирање на системот на јавна внатрешна финансиска контрола за 2016 година, при што било забележано дека има слабости во работата на внатрешните ревизии и контрола на јавните финансии на централно и локално ниво, и е усвоен заклучок да бидат преземени соодветни и поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошењето на јавните финансии.

Истовремено, Министерството за образование и наука презентирало предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование, со кои побрзо ќе може да се печатат нови изданија.


Јавна седница во Апелација за притворот на пратеничката Жаклина Пешевска


Скопје, 22 јануари, 2018 - 11:32 (META) 

Во Апелациониот суд за попладнево е закажана јавна седница по жалбата на пратеничката од ВМО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска која се жали на одлуката на Кривичниот суд да и биде продолжен куќниот притвор за учество во насилството во Собранието на 27 април минатата година.

Седницата е јавна по барање на Пешевска.

До сега Апелација ги потврди одлуките на Кривичниот суд за сите осомничени за настаните од крвавиот четврток во Собранието.


Комисиите на бугарскиот Парламент ќе го разгледуваат Договорот за добрососедство


Софија, 17 јануари, 2018 - 9:51 (META) 

Ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија денеска влегува на разгледување на две парламентарни комисии во бугарскиот Парламент.

Договорот најпрво ќе се најде на седница на Комисијата за надворешна политика, а потоа ќе го разгледува Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови.

Пред два дена, македонското Собрание со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право.

Тој е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете министерства за надворешни работи и претставува надградба на договорот потпишан во 1990 година.


Харадинај закажа седница на Советот за безбедност на Косово


Приштина, 16 јануари, 2018 - 18:01 (META) 

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај за попладнево, во 18 часот, свика седница на Советот за безбедност.

Како што наведуваат медиумите во Приштина, Советот ќе расправа за безбедносната состојба.

Утринава во Косовска Митровица беше убиен лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ. Убиството е причина за закажување на седницата.