Валенса бара санкции од ЕУ за Качински и за највисоките полски функционери


Варшава, 2 јануари, 2018 - 16:57 (META) 

Поранешниот претседател на Полска и добитник на Нобеловата награда за мир, Лех Валенса побара од Европската Унија за газењето на правната држава и на демократските вредности во последните две години да не ги казнува Полјаците и самата земја, туку исклучиво владејачките конзервативци на чело со Пaртијата на правото и правдата на Јарослав Качински.

– Санкции не треба да се воведуваат против Полска, туку против власта на Партијата на правото и правдата. Последиците треба да ги сносат тие што ги носат одлуките. Не ги пуштајте на Запад. Не доаѓајте со делегации. Блокирајте им ги сметките. Удрете по пратениците на Партијата на правото и правдата и на владата, но не удирајте на Полјаците – вели Валенса во интервјуто кое денеска го објави полскиот весник „Жечпосполита“.

Легендарниот водач на отпорот на Полска против комунистичкиот режим ги обвини полските конзервативци дека ги рушат демократските институции во земјата и да се обидуваат да ја вратат Полска во Средниот век, заложувајќи се ЕУ да ги прогласи за персона нон грата највисоките полски функционери на чело со претседателот на државата Анджеј Дуда и поранешната премиерка Беата Шидло.

– Победија на изборите, но не освоија уставно мнозинство. А тоа што го прави власта, тоа е промена на системот, нешто за што народот не даде согласност. Не сакаме да излегуваме на улиците. Не сакаме насилство. Нека ни помогнат нашите пријатели од ЕУ, чиј дел сме, бидејќи останавме блокирани во Полска – вели Валенса.

Европската комисија во декември, минатата година прв пат во историјата на ЕУ против Полска ја активираше т.н. нуклеарна опција, односно членот 7 од Лисабонскиот договор, според кој земјите – членки кои ја газат демократијата од основните вредности на Унијата можат да бидат казнети со одземање на правото на глас во ЕУ.


Трамп ја критикуваше Кина поради наводите дека ѝ дава нафта на Северна Кореја


Вашингтон, 28 декември, 2017 - 21:00 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска ја критикуваше Кина во врска со објавените информации во медиумите дека нафта од кинеските бродови незаконски била префрлана во севернокорејски бродови на море, јавуваат светските агенции.

Трамп на „Твитер“ наведе дека Кина е „фатена во прекршок“ и дека е „многу разочаран што Кина дозволува нафтата да стигне во Северна Кореја“.

Американскиот претседател додаде дека „никогаш нема да има пријателско решение за севернокорејскиот проблем“, ако продолжи ваквата практика.

Министерството за надворешни работи на Кина вчера соопшти дека Пекинг ги применува санкциите на Обединетите нации кон Северна Кореја и дека нема информации за префрлање на нафта.


Владата денеска ќе ги разгледува законите за ОТА и за следење на комуникации


Скопје, 26 декември, 2017 - 12:38 (META) 

Владата на денешната седница, закажана во 14 часот ќе ги разгледува предлог-законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Со новите закони, следењето на комуникациите ќе се врши преку новата независна институција ОТА, а не како што беше досега преку Управата за безбедност и контраразузнавање. ОТА ќе го активира сигналот и „ќе им овозможува на органите овластени за следење на комуникациите (УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царинската управа, Финансиската полиција) пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите“.

Новиот Закон за следење на комуникациите, покрај функционирањето на ОТА, треба да обезбеди поголема контрола и надзор над работата на безбедносните службите и системот за следење на комуникациите.

На денешната седница се очекува Владата да ги усвои предложените закони и да ги достави во Собранието на гласање.

На оваа 45.седница на владата ќе бидат разгледани и измените на законите за електронски комуникации и за класифицирани информации, кои се прават заради нивно усогласување со новите закони за ОТА и за следење на комуникациите.

Министрите денеска ќе ги разгледуваат и законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно гонење и санкционирање на случаи на полициска бруталност.

Имено, предложените измени на Законот за јавно обвинителство предвидуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

На денешната седница, владата ќе ја разгледа и предлог-одлукатa за усвојување на годишната програма за работа на „Македонска радио-телевизија“ за 2018 година и предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на МРТВ.


Трамп: Северна Кореја ќе биде на листата на земји што го поддржуваат тероризмот


Вашингтон, 20 ноември, 2017 - 19:37 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека САД ќе ја стават Северна Кореја на листата на земји што го поддржуваат тероризмот.

Трамп рече дека на Северна Кореја ќе ѝ бидат наметнати уште санкции, тврдејќи дека Пјонгјанг одамна требал да се најде на листата и дека ова е дел од кампањата за „максимален притисок“ кон таа држава.

Моментално на оваа листа се наоѓаат Иран, Судан и Сирија.

– Покрај тоа што му се заканува на светот со нуклеарно уништување, Северна Кореја повеќепати ги поддржа чиновите на меѓународен тероризам, вклучувајќи и атентати на странска територија – додаде Трамп.


Брисел воведе економски санкции за Венецуела


Брисел, 14 ноември, 2017 - 15:00 (META) 

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска одобрија економски санкции, вклучувајќи и ембарго на оружје за Венецуела.

– Се што правиме е за дијалог меѓу владата и опозицијата да се најде демократско и мирно решение – рече шефот на шпанската дипломатија Алфонсо Дастис.

Во заедничкото соопштение на земјите-членки на ЕУ се наведува дека мерките за забрана за патување во Унијата и замрзнувањето на средствата „ќе бидат искористени постепено и флексибилно“, а може и да бидат продолжени.

Во соопштението се наведува дека регионалните избори во Венецуела, одржани на 15 октомври биле со бројни неправилности и оти тоа влијаело врз ставот на ЕУ.

Министрите на ЕУ подоцна ќе одлучат кои лица ќе бидат ставени на црна листа, но засега фокусот е на силите за безбедност, министрите во владата, институциите обвинети за кршење на човековите права и непочитување на демократските принципи на владеење на правото.


САД воведуваат нов пакет санкции кон Венецуела


Вашингтон, 9 ноември, 2017 - 21:06 (META) 

Властите на САД денеска соопштија дека ќе воведат нов пакет санкции кон Венецуела, против десет високи функционери кои Вашингтон ги обвинува за поткопување на изборниот процес во земјата, цензура на медиумите и корупција, јавуваат светските агенции.

„САД не можат а да не реагираат додека режимот на претседателот (Николас) Мадуро продолжува да го уништува демократскиот поредок и просперитетот на Венецуела“, изјавил министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин.

На списокот на новите санкции, меѓу останатите, се наоѓаат потпретседателката на земјата, Сандра Облитас Руза, амбасадорот во Италија, Хулијан Изајас Родригес Дијас и министерот за култура, Ернесто Емилио Виљегас Полхак.

САД првите санкции кон Венецуела ги воведоа на 31 јули, оваа година, додека на 25 август Белата куќа соопшти дека воведува дополнителни финансиски санкции, меѓу кои и забрана за купување на новите обврзници кои ги издава владата на Венецуела или нејзината национална нафтена компанија – ПДВСА.

Длабоката политичка и економска криза со месеци ја тресе Венецуела, која е поделена помеѓу приврзаниците на претседателот Мадуро и либералната опозиција која бара вонредни претседателски избори.


ЕБУ воведува санкции за МРТ која тоне во долгови


Скопје, 26 октомври, 2017 - 9:42 (META) 

Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) може наскоро да останат без европски спортски првенства, без „Евровизија“, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за ПИНА открива дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра. И додека доверителите засега не креваат прашина, од ЕБУ не седат со скрстени раце и подготвуваат санкции за телевизијата.

МРТ има долг поради кој се соочува со санкции од трето ниво, потврди Клер Рејнфорд, висока претставничка за односи со јавноста од ЕБУ.

– За жал, „Македонската радио-телевизија“ веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот – вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права.

Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

„Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ“, пишува во документот.

Нашиот соговорник од програмскиот совет на МРТ вели дека ваквото сценарио би било катастрофално за националниот сервис бидејќи телевизијата нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, ниту документарна програма.

Од генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, не добивме одговор зошто телевизијата должи.

Неодамна беше укината радиодифузната такса, а Владата реши МРТ да се финансира од државниот буџет.

Повеќе на оваа тема прочитајте  тука.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Кина нареди затворање на севернокорејските компании поради санкциите на ОН


Пекинг, 28 септември, 2017 - 15:54 (META) 

Кина нареди затворање на поголем дел од севернокорејски компании кои имаа бизниси во оваа земја, поради санкциите на Обединетите Нации кон Северна Кореја, јавуваат светските агенции.

Фирмите во сопственост на севернокорејски комапнии и поединци мора да бидат затворни во рок од 120 дена од усвојувањето на санкциите, било наведено во одлуката на кинеското министерство за трговија.

Кина е најголем трговски партнер на Пјонгјанг, а севернокорејските компании чии бизниси се во Кина, и помагаат на Северна Кореја да дојде до странски пари.

Советот за безбедност на Обединетите нации на 11 септември ги заостри санкциите против Северна Кореја, откако земјата ја изведе шестата најголема нуклеарна проба досега.

Новите санкциите на ОН вклучуваат ембарго на нафта, забрана за увоз на текстил, мерки поврзани со севернокорејските иселеници и инспекција на сомнителни бродови.


Заев – Гловер: Ќе има строги санкции за секој што ќе ја наруши регуларноста на изборите


Скопје, 26 септември, 2017 - 16:22 (META) 

Не смееме да дозволиме поради изборни нерегуларности да ги доведеме во прашање нашите евроатлантски аспирации, на кои работевме многу во изминатите неколку месеци, рекол премиерот Зоран Заев на денешната средба со шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори, Одри Гловер.

Заев посочил дека ќе има строги санкции за секој поединец или организација што ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборниот период, така и на денот на изборите.

Тој, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, ја замолил шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР навремено да го информира за сите обиди за нарушување на регуларноста на избирачкиот процес, за да не се дозволи никаков пропуст што ќе предизвика оспорување на легитимноста на изборите.

– Би сакал да сугерирам, да се посвети повеќе внимание на забелешките на опозицијата, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите опозициски партии. На овие избори Македонци ќе гласаат за Албанци, и Албанци ќе гласаат за Македонци, тоа е една солидна гаранција за заедничка иднина, која цврсто верувам дека ќе ферментира во една позитивна практика во иднина – рекол Заев.

Гловер на средбата го информирала премиерот со претстојните активности на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со изборниот процес, за бројот на краткорочни и долгорочни набљудувачи на мисијата, кои веќе се на терен и го набљудуваат предизборниот процес. Таа инфрормирала дека пред денот на изборите мисијата ќе го засили надзорот со дополнителни 200 краткорочни набљудувачи.


Ердоган им се закани на ирачките Курди дека ќе гладуваат поради референдумот


Анкара, 26 септември, 2017 - 15:53 (META) 

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, им се закани на ирачките Курди дека може да соочат со глад како резултат на мерките што ги разгледува Анкара по вчерашниот референдум за независност на ирачки Курдистан, пренесува „Би-би-си“.

Ердоган го обвини лидерот на курдската регионална влада, Масуд Барзани, за предавство, поради инсистирањето референдумот да се одржи и покрај противењето на меѓународната заедница.

„Сега на маса се сите воени и економски опции“, рекол Ердоган.

Тој претходно се закани дека ќе го пресече нафтоводот од Курдистан и ќе забрани курдски камиони да ја поминуваат турската граница.

Турција се плаши дека формирањето на независна курдска држава на нејзината граница би можело да ги поттикне сепаратистичките чувства кај нејзиното курдско малцинство.

Инаку, резултатите од вчерашниот референдум за независност на ирачки Курдистан сè уште не се објавеи, но се очекува тој да е успешен, односно мнозинството да гласало за независност од Ирак.

Курдските лидери претходно истакнаа дека референдумот не е обврзувачки, туку дека неговата цел е да ѝ даде мандат на регионалната влада за почеток на преговори за сецесија со централната влада во Багдади со соседните земји.

Ирачкиот премиер Хаидер ал-Абади отфрли каква било можност за вакви разговори.

„Ние не сме подготвени за разговори или за дијалог околу резултатите на реферндумот бидејќи тој е противуставен“, изјави вчера ирачкиот премиер.