!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Питела: Во Македонија, Албанија, БиХ и Србија има силни дестабилизирачки притисоци


Брисел, 22 мај, 2017 - 11:20 (META) 

Шефот на пратеничката група на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Дани Питела, изјави дека на државите од Западен Балкан кои сакат во ЕУ треба да им се даде јасна перспектива за членство за да не влезат во „руската орбита“.

Тој вели дека ЕУ мора да биде многу активна во тој регион, наведувајќи дека проширувањето на ЕУ ќе биде возможно по 2019 година.

Питела предупредувањето го изнесе во разговор за денешното издание на словенечкиот весник „Дневник“.

– Балканот минува низ многу проблематичен период. Во Македонија, Албанија, БиХ и Србија има силни дестабилизирачки притисоци – тврди Питела.

Тој вели дека Балканот е составен дел на Европа и сосед на ЕУ.

– Но, сега сме многу далеку едни од други, иако би требало да бидеме поблиски и обединети. Потребна е активна политика кон тој регион и политичка мобилизација на европските сили, во спротивно ризикуваме цело тоа подрачје да прејде во руската орбита. Тоj ризик е многу реален, а руската привлечност е голема – вели Питела.

Тој додава дека политиката која ги држи балканските држави понастрана од Русија е отворената перспектива за членство во ЕУ.

– Таа перспектива поттикнува и економски, социјален и демократски напредок на тамошните општества. На тие држави кои се кандидати за членство и би можеле да се приклучат кон ЕУ по 2019 година, треба да им се даде одговор кој ќе делува стабилизирачки – рече Питела.

Сепак, тој нагласи дека овие држави мораат да ги исполнат критериумите и да се обврзат дека ќе го почитуваат владеењето на правото и демократските начела на ЕУ, бидејќи во спротивно вратата ќе им биде затворена.


Милер назначен за специјален истражител на руското мешање во изборите во САД


Вашингтон, 18 мај, 2017 - 10:04 (META) 

Некогашниот шеф на ФБИ, Роберт Милер, е именуван за специјален претставник во федералната истрага за влијанието на Русија на претседателските избори во САД, вклучувајќи ги потенцијалните контакти на членовите на изборниот тим на претседателот Доналд Трамп со руски претставници, јавија американските медиуми.

Министерството за правда го именуваше Милер.

Роберт Милер е поранешен обвинител кој раководеше со ФБИ од 2001 до 2013 година.


Путин е подготвен на Конгресот на САД да му даде снимка од разговорот на Трамп со Лавров


Вашингтон, 17 мај, 2017 - 15:32 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп не му дал никаква доверлива информација на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, за време на состанокот во Белата куќа на 10 мај.

Путин рече дека може да ја предаде снимката од разговорот меѓу Трамп и Лавров на американскиот Конгрес.

Рускиот претседател смета дека на Трамп не му се дозволува одговорно да ја врши претседателската работа и оцени дека целата ситуација е „шизофренична“.

Советникот на Кремљ во меѓувреме соопшти дека не станува збор за аудиоснимка, туку за транскрипт од разговорот.
Ден по средбата со Лавров, Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Џејмс Коми.


Мекмастер: Трамп не ја загрозил националната безбедност


Вашингот, 17 мај, 2017 - 8:06 (META) 

Советникот за национална безбедност на САД, Херберт Мекмастер, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела, за време на средбата со високите руски претставници во Белата куќа, немал непримерен разговор или комуникација што би ја загрозила националната безбедност на земјата.

– Стојам зад изјавата што ја дадов вчера. Тоа што сакам да кажам дека претпоставката во написот (објавен во „Вашингтон пост“) е лажна. Претседателот на ниту еден начин не кажал нешто непримерно, што како последица би можело да ја загрози националната безбедност – рече Мекмастер.

Американските медиуми претходно јавија дека Трамп на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, му открил многу доверливи информации и со тоа потенцијално го загрозил изворот на разузнавачките податоци за екстремистичката Исламска држава. Белата куќа ги отфрли обвиненијата кои синоќа ги објавија медиумите.

Трамп денеска потврди со Лавров разменил информации за „тероризмот и за безбедноста во авионскиот сообраќај“, но ги отфрли обвинувањата дека направил безбедносен пропуст и дека во текот на разговорот открил строго доверливи информации.

„Имам апсолутно право да споделувам информации со Русија“, напиша Трамп на „Твитер“, додавајќи дека тоа го направил за да ја поттикне Москва да направи повеќе во борбата против ИД.


Медиуми во САД: Трамп оддал доверлива информација на Русија


Вашингтон, 16 мај, 2017 - 11:52 (META) 

Медиумите во САД денеска објавија дека американскиот претседател, Доналд Трамп, оддал многу доверлива информација за Исламска држава на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Вашингтон пост“ пишува дека информацијата што Трамп му ја открил на Лавров и на рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кислјук, ја обезбедил партнер на САД преку многу чувствителен разузнавачко-партнерски договор.

Инаку, Трамп минатата недела имал средба со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во Белата куќа.

Советникот за национална безбедност на администрацијата на Трамп, Херберт Р. Мекмастер, ги отфрлил наводите на медиумите, оценувајќи ги како „лажни“.

Во САД и понатаму е во тек истрагата за наводната поврзаност на предизборната кампања на Трамп со Русија.


„Вечерње новости“: Николиќ ќе биде шеф на советот за соработка со Русија и со Кина


Белград, 15 мај, 2017 - 11:54 (META) 

Претседателот на Србија во заминување, Томислав Николиќ, по истекот на мандатот на крајот на мај, ќе премине на нова функција – шеф на Националниот совет за соработка со Русија и со Кина, објави денеска белградскиот весник „Вечерње новости“.

Весникот пишува дека српската влада во наредните две недели би требало да донесе официјална одлука за новата функција на Николиќ. Се наведува и тоа дека Николиќ на средината на јуни можно е да отпатува во посета на Москва, на разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, кој, како што е најавено, треба да му додели одликување.

Николиќ, по победата на Александар Вучиќ на претседателските избори, изјави дека и по истекот на мандатот ќе продолжи да ѝ помага на Србија „преку пријателствата што ги остварил со претседателите на други држави, а особено со претседателите на Русија и на Кина“.

Примопредавањето на должноста претседател на државата помеѓу Вучиќ и Николиќ треба да се одржи на 31 мај.


Навални повика на антикорупциски протести во 147 градови во Русија


Москва, 12 мај, 2017 - 15:00 (META) 

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се врати во земјата по операцијата во Шпанија која, како што вели, му го вратила видот на повреденото око и повика на протести.

„Се вратив“, напиша Навални на „Твитер“, барајќи поддршка за антикорупциските протести.

Тие би требало да се одржат идниот месец во 147 градови во Русија.

Навални вели дека претседателскиот декрет, кој беше издаден додека активистот беше на лекување во Шпанија, за построги правила при одржување протести, нема да го спречи во намерата да организира.


Новиот шеф на ФБИ најави продолжување на истрагата за руското мешање во изборите


Вашингтон, 11 мај, 2017 - 21:12 (META) 

Федералното биро за истраги (ФБИ) ќе ја продолжи истрагата околу наводните врски помеѓу Русија и изборниот тим на Доналд Трамп и по разрешувањето на досегашниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, изјави денеска неговиот наследник, Ендрју Мекејб, пред комитетот за разузнавање на Сенатот, пренесува „Би-би-си“.

Мекејб пред комитетот на Сенатот изјави дека разрешувањето на Коми не влијаело на работата на ФБИ, додавајќи дека неговиот досегашен шеф имал „широка поддршка“ внатре во агенцијата.

Изјавите на Мекејб се во спротивност со тврдењата на официјалните претставници на Белата куќа, според кои Коми бил разрешен бидејќи ФБИ ја изгубило довербата во него, односно дека неговата стручност била доведена во прашање поради начинот на кој го водел случајот за електронската пошта на кандидатката за претседател на Демократската партија, Хилари Клинтон. Од друга страна, пак, критичарите го обвинуваат американскиот претседател, Доналд Трамп, дека го разрешил Коми поради водењето на истрагата за руското мешање во претседателските избори.

„Директорот Коми имаше широка поддршка во ФБИ и сè уште ја има. Можам искрено да ви кажам дека големо мнозинство вработени имаат длабока и позитивна врска со директорот Коми“, рекол Мекејб пред комитетот на Сенатот.

За испитувањето на наводите за влијанието на Русија во американските претседателски избори, тој истакнал дека станува збор за „многу значајна истрага“.

Мекејб, исто така, нагласил дека нема да доставува информации до Белата Куќа за статусот на истрагата и дека ќе го извести Сенатот за секој обид за мешање во случајот.


Тилерсон и Лавров утре во Вашингтон ќе разговараат за состојбите во Украина и во Сирија


Вашингтон, 9 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, утре во Вашингтон ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Како што соопшти денеска американскиот Стејт департмент, двајцата ќе разговараат за ситуацијата во Украина и во Сирија, како и за билатерални прашања помеѓу САД и Русија.

Во врска со ситуацијата во Украина, Тилерсон и Лавров, стои во соопштението, ќе разговараат за потребата од запирање на насилствата на истокот на земјата и за решавање на конфликтот преку целосна импелентација на Договорот од Минск.

Во врска со Сирија, пак, како што велат од Стејт Департментот, Тилерсон има намера да разговара за напорите за намалување на насилствата, овозможување на хуманитарна помош за населението во Сирија и за подготовка на терен за политичко решавање на конфликтот.


Русија на прославата на Денот на победата ги покажа новите ракети за Арктикот


Москва, 9 мај, 2017 - 12:46 (META) 

На традиционалната голема парада во Москва, на прославата на 72-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, руските вооружени сили денеска ги прикажаа новите ракети „панцир-СА“. Тие се наменети за противвоздушна одбрана, а се наменети за војување на Арктикот, каде Русија забрзано гради воени бази.

Покрај новите ракети, на парадата на Црвениот плоштад беа презентирани и интерконтиненталните балистички ракети „јарс РС-24“, кои може да носат нуклеарни боеви глави.

Руските ловци, бомбардери и хеликоптери прелетаа преку плоштадот во рамки на парадата, а по него прошета и новата руска национална гарда. Новите единици ќе бидат вооружени со модернизирани пушки „АК-74М“, а задача ќе им биде борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Во големата парада учествуваа 10.000 војници и офицери, 135 оклопни возила и 71 летало.

– Ниту една сила не ќе може да доминира со нашиот народ – рече рускиот претседател Владимир Путин, во говорот во кој го осуди уништувањето нанесено од трупите на Хитлерова Германија на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Петро Порошенко, шеф на уште една држава – наследничка на Советскиот Сојуз, полоожи венец на церемонија во Киев. На украинските војници им порача дека Русија се обидува да ја искористи прославата на победата „за да ги задоволи своите реваншистички, империјалистички и експанзионистички потреби“.

Русија вложува милијарди долари во модернизација на војската среде сè поголемите тензии со НАТО поради конфликтот во Украина, а парадата на Денот на победата послужи за истакнување на воената моќ пред меѓународната публика.