!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Кралицата Елизабета слави „сафирен јубилеј“ – 65 години владеење


Лондон, 6 февруари, 2017 - 10:40 (META) 

Елизабета Втора (90), актуелна кралица на Обединетото Кралство со најдолго владеење во светот, денеска ќе прослави „сафирен јубилеј“ и на тој начин ќе стане првиот британски монарх кој обележал 65 години владеење со кралството.

По повод прославата, канцеларијата на британската кралица објави нејзин портрет од 2014 година, на кој кралицата е прикажана како носи сафирен накит, кој го добила од својот татко како подарок за венчавката во 1947 година.

Кралицата, сепак, веројатно ќе го прослави денот зад затворени врати, на својот имот во Сандрингхам во Норфолк.

По повод јубилејот, ќе бидат истрелани 41 плотун во лондонскиот Грин парк, како и 62 плотуни од Лондон тауер.

Кралицата сè поретко се појавува во јавност, а поради болест не присуствуваше ниту на божиќната ниту на новогодишната верска служба.


Одбележани 145 години од раѓањето на Гоце Делчев


Скопје, 4 февруари, 2017 - 13:36 (META) 

Со положување цвеќе на гробот и со панихида во црквата „Свети Спас“, денеска се обележа 145-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Цвеќиња на гробот положија градоначалникот Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, делегација од владата на Република Македонија, од кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието на Република Македонија, делегација од АРМ, како и претставници на политички партии, здруженија и граѓани почитувачи на неговата борба за слобода и на неговото дело.

Во црквата „Свети Спас“, покрај панихида на Македонската православна црква, настапи и мешаниот градски хор „Вардар“ под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска.


Фестивалот „Охридско лето“ одбележа 56 години постоење


Охрид, 5 август, 2016 - 15:12 (META) 

Синоќа, со концертот на триото на Дамјан Пејчиновски на плажата Куба либре, фестивалот „Охридско лето“ го прослави својот 56. роденден.

Пред тоа, пред бројните љубители на уметноста, пријатели на фестивалот, директорот на оваа музичко-сценска манифестација, Оливер Арсовски, ја пресече роденденската торта.

– „Охридско лето“ испишува уште една успешна година во богатата фестивалска историја. Им се заблагодарувам на сите што ја помагаат манифестацијата, медиумите, како и на тимот што работи на реализација на програмата. „Охридско лето“ ќе биде празник на уметноста и во изданијата што следуваат – рече Арсовски.

Фестивалот „Охридско лето“ официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4. август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ во црквата „Св.Софија“.

Фестивалот се одржува секоја година од 12 јули до 20 август, а од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.


СДСМ со видеозапис ѝ го честиташе роденденот на ВМРО-ДПМНЕ


Социјалдемократскиот сојуз денеска ѝ го честиташе роденденот на ривалската, владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ со видеозапис во кој главен протагонист е поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.

Во видеозаписот се изнесени податоци за економската состојба на земјата, а поткрепени се со контрадикторните изјави од прес-конференции на Ставрески, како и со неговите реплики од „бомбите“, во кои тој за задолжувањата и за владината економска политика разговара со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.


ВМРО-ДПМНЕ слави 26 години постоење


Скопје, 19 јуни, 2016 - 11:21 (META) 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе го прослави 26. роденден на партијата.

Под слоганот „Идеја и дело – посилни од сè“, вечерва во 20 часот ќе се одржи прославата пред Музејот на ВМРО.

Од формирањето на партијата, па досега, ВМРО-ДПМНЕ имала двајца лидери, Љубчо Георгиевски, кој ја раководеше до мај 2003 година, кога на челната позиција доаѓа актуелниот претседател на партијата, поранешниот премиер Никола Груевски. Георгиевски останува во партијата, како почесен претседател до 2004 година, кога поради несогласување со политиката на Груевски, се повлекува од матичната партија и формира сопствена, ВМРО-Народна партија.
ВМРО-ДПМНЕ е една од двете најголемите политички партии во Македонија и е на власт од 2006 година.

Партијата е идеолошки наследник на првобитната ВМРО-Внатрешна македонско-револуционерна организација, создадена во 1893 година.
По формирањето, ВМРО-ДПМНЕ беше првата партија што официјално се изјасни за самостојна македонска држава.


Георгиевски: Ако ВМРО-ДПМНЕ не се реформира, може да експлодира


Скопје, 16 јуни, 2016 - 18:06 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ денес е во многу критична и тешка состојба. Колку и партијата однадвор да изгледа монолитна, може да ѝ се случи таква експлозија, по што од неа ништо нема да остане. Ќе навлезе во целосно распаѓање. Балканот е полн со такви примери. Партијата тешко ќе се извлече од таквата ситуација ако не промени нешто“, вели поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевск, во интервју за порталот „Призма“, а по повод 26-роденден на партијата на 17 јуни.

Тој вели дека четврт век е доволен период која било партија да претрпи сопствена еволуција, реформа, па дури и ревизија на почетниот концепт и дека некои промени треба да се прифатат во „рамките на нормалното“.

„Но, за жал, ако треба да зборувам за идеологија, тешко е да ја препознаам идејата од пред 25 години, а камоли во контекст на историското ВМРО. Има толку многу разлика, што можам да кажам дека освен што остана името, направен е комплетен ревизионистички пристап на сѐ што значи идеја на ВМРО“, вели Георгиевски.

Позицијата на меѓународната заедница во врска со разврската на политичката криза, Георгиевски вели дека е „чудна“.

„Ако од меѓународната заедница сметаат дека тежината на ‘бомбите’ е толку тешка, тогаш можеа во првиот месец на клучните луѓе од власта да им дадат јасна порака дека треба да заминат. Спротивно од тоа, тие направија преговарачки формат што по дефиниција е спасоносно решение за ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, според мои информации, дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ кај високи дипломати на европски земји, дури и отворено го поставиле прашањето дали треба да заминат, но не добиле никаков одговор. Секако, оставам резерва дека можеби ова е само партиски спин“, вели Георгиевски.

Во врска со Специјалното јавно обвинителство, Герогиевски вели дека „СЈО може да поведе многу обвинителни акти, но, во најмала рака, тие ќе завршат со ослободителни пресуди, бидејќи судот покажува неверојатна кооперативност со власта“.

За потребата од формирање независно судско одделение што ќе ги процесуира предметите на СЈО, тој вели дека такво нешто не е можно, од едноставна причина што „власта нема да го дозволи тоа“.

Во пакетот решенија за излез од кризата, тој смета дека треба да се вкалкулира и решение на спорот за името, кое треба да го постигне преодна или коалициска влада, со консензус и со добиен мандат за решавање на тоа прашање.

За сликите нарачани од актуелното раководство на партијата за новото седиште на партијата, од кои на една, според тоа што досега е во медиумите, е насликан и тој,  Георгиевски вели дека од толку многу слики, на некоја морало да се појави и тој.

„Претпоставувам дека е така, бидејќи не ме сметаат за непријател кој може да ги загрози. Повеќе ме гледаат како ‘историја’, отколку како реална закана“, вели Георгиевски.


Мексико: На роденденска забава, убиени 11 лица


Мексико Сити, 1 февруари, 2016 - 9:50 (META) 

Најмалку 11 лица се убиени на роденденска забава на една 15-годишна девојка во мексиканската држава Гереро, соопштија официјални претставници.

Гувернерот на Гереро, Ектор Астудиљо Флорес, рече дека насилството се случило на забава во местото Кундансито, на западот на државата. По пукањето, полицијата се обидела да интервенира, но и врз неа бил отворен оган.

Астудиљо Флорес рече дека детали од целиот случај ќе бидат префрлени во мексиканското обвинителство, но не рече дали некој е уапсен.

Пред две години, 43 студенти исчезнаа во државата Гереро.

Весникот „Ла хорнада“ објави дека најмалку 324 лица се убиени во оваа мексиканска држава, во периодот од октомври до декември минатата година, а повеќе се поврзани со трговија со дрога.


„Охридско лето“ слави 55 години


Охрид, 4 август, 2015 - 16:31 (META) 

Јубилејното, 55. фестивалско издание на „Охридско лето“, почнувајќи од свеченото отворање на 12 јули, досега реализираше 30 настани, за кои целокупниот тим на фестивалот се надева дека вечно ќе се паметат, рече на денешната, роденденска прес-конференција, директорката Елизабета Јанкуловска.

– Со уникатната програма која ја реализиравме досега, можеме да кажеме дека нè посетиле повеќе од 10.000 посетители. На радост на сите нас, успеавме да го реализираме и вториот концерт на Иво Погорелиќ. Полека но сигурно, фестивалот „Охридско лето“ го дава очекуваниот резултат и можеме оваа година да се пофалиме дека фестивалските настани се многу посетени од странската публика, со што спојот на културата, културното наследство и на туризмот, покажаа дека можат да бидат добра основа за заеднички проекти – истакна Јанкуловска.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, проф. Гордана Јосифова-Неделковска, изрази благодарност кон основоположниците на фестивалот, но и сите што вложуваат труд да се слуша за ваква културна манифестација надвор од Македонија.

– Педесет и пет години, фестивалот ги достигнува највисоките врвови на светската музичка елита и во исполнителски и во творечки опус – вели Јосифова-Неделковска.

Дел од прес-конференцијата, беа членовите на американскиот хор „Хауард госпел“.

Оваа светска музичка атракција настапува вечерва во Антички театар. Извонредните исполнители, веќе ги покажаа гласовните можности на прес-конференцијата, на терасата од кафето „Аквариус“, а потоа и со пладневен мини-концерт на Плаошник.

Американците ја посетија и црквата „Св. Софија“ каде ја слушнаа и приказната за почетоците на оваа најстара манифестација и за првиот концерт на Ана Липша-Тофовиќ.

– Голема е честа да се биде дел од 55. јубилејно издание, особено зашто роденденот ќе се одбележи токму со нас – велат членовите на „Хауард госпел-хор“.


Свечено отворена новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ, пресечена и роденденската торта


Скопје, 20 јуни, 2015 - 20:48 (META) 

По говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, свечено беше отворена новата зграда на партијата, а беше пресечена и роденденската торта. Денеска ВМРО-ДПМНЕ го слави 25. роденден. Воедно се одбележуваат и 122 години од формирањето на ВМРО.

Роденденската прослава се одржува во новата зграда на партијата.


Почна роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 20 јуни, 2015 - 19:33 (META) 

Почна прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод 25. роденден на партијата. Воедно се одбележуваат и 122 години од формирањето на ВМРО. Роденденот се одржува во новата зграда на партијата, која свечено ќе биде отворена.

На манифестацијата се поканети претставници од дипломатскиот кор, од јавниот политички живот, професори, министри, пратеници…

Химната на Македонија на почетокот ја испеа Калиопи, а водител на манифестацијата е Тони Михајловски.

Се очекува говор да одржи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.