!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пукање во штаб на ДУИ и искршен штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Кавадарци, 13 октомври, 2017 - 13:32 (META) 

Во текот на вчерашниот ден било искршено стакло на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во село Злетово, a за време на јавниот собир на партијата бил приведен маж поради нарушување на јавниот ред и мир. Во село Пласница, пак, од автомобил биле испукани неколку куршуми кон штаб на ДУИ, информираат од МВР.

Синоќа во периодот од 1.50 до 2.15 часот во Информативен центар на улица Илинденска во Кавадарци биле искршени стаклата на објектот кој ВМРО-ДПМНЕ го користи како штаб. Полицијата информира дека работи на пронаоѓање на сторителот и на расчистување на случајот.

Во 20.50 часот во село Пласница од колона возила, која се движела од село Лисичани низ село Преглово кон село Пласница, биле истрелани неколку куршуми од огнено оружје во близина на штабот на ДУИ, кој се наоѓа на средсело. Претходно, во 20 часот, додека се одржувал јавениот собир на ДУИ на кој говорел градоначалникот на Пласница, непознато лице истрелало неколку истрели од огнено оружје.

Во село Злетово за време на јавниот собир на ВМРО-ДПМНЕ, С.Н. (71) викал и непристојно се однесувал, по што бил одведен во полициската станица во Пробиштип, каде му била поднесена прекршочна пријава.


Активисти на Беса пријавиле пукање во Арачиново


Скопје/Битола, 9 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Активисти на партијата Беса синоќа пријавиле во полиција дека додека лепеле плакати во селото Арачиново, во нивна близина застанало возило „голф“, од кое непознато лице истрелало еден куршум од огнено оружје, по што заминало во непознат правец.

Активистите, како што информираат од МВР, на местото нашле чаура, која ја однеле во полициското одделение во Арачиново.

Од МВР велат дека се преземаат мрки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Инаку, од МВР информираат и дека ноќеска, четириестина минути по полноќ, на булеварот Први мај во Битола, полициска екипа од СВР Битола затекнала три лица како со црн спреј прскале на изборно пано со плакат од кандидатот за градоначалник на СДСМ.

Против тројцата битолчани се поднесени прекршочни пријави.


Само половина кампања, а цела серија инциденти, крв, насилства…


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Предизборната кампања за локалните избори е веќе на половина, а е силно обележана со насилство, крв, солзи, палки, куршуми и со демолирање изборни штабови.

Во најновиот случај, Елвис Бајрам, актуелниот градоначалник на општина Шуто Оризари, и Аднан Мемет, шеф на неговиот изборен штаб, вчера изеле ќотек во населбата Шуто Оризари. Според тоа што го кажаа, четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Насилниците побегнале, а екипа на брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам. Веднаш бил однесен во скопската градска болница „8 Септември“, каде поради сериозноста на повредите бил хоспитализиран. Пратеникот Амди Бајрам тврди дека напаѓачите што го истепале син му Елвис се поврзани со кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ, Курто Дудуш.

Од другата страна, пак, сосема поинаква верзија – Курто Дудуш ги обвини Елвис Барјам и приврзаниците. Пратеникот од редовите на СДСМ вели дека тепачката, како што му пренеле, ја предизвикале Елвис Бајрам и неговите телохранители. Според него, Елвис и неговите придружници дошле и ги кинеле плакатите на Курто Дудуш залепени на штабот на СДСМ, сместен во дуќан на партиски симпатизер.

МВР вети дека ќе го истражи овој случај, како и претходните, но засега нема завршница за ниту еден.

Подолу е визуелизацијата на сите досегашни инциденти и подетално нивно објаснување.

  • Вчерашната тепачка беше продолжение на серијата инциденти од почетокот на изборната кампања, од кои сè уште најтежок е оној со тројцата ранети во Кичево на 27 септември. Носителот на независна листа на советници во Кичево, Алит Абази, бил застрелан во слабината, а Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Иако беше отфрлено мислењето дека станува збор за политички мотивиран инцидент, сепак останува фактот дека станува збор за учесници во кампањата.
  • Таа, пак, почна со многу оштетени штабови на политички партии, но и со излог на штаб измачкан со измет. На првиот ден од кампањата, 25 септември, бил искршен излог на штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, додека во Аеродром излог на изборен штаб на СДСМ, како што информираат од партијата, бил измачкан со измет.
  • Еден ден подоцна, односно ноќта меѓу 26 и 27 септември, непознати сторители насилно влегле во штабот на Демократската партија на Србите во Македонија на булеварот Кочо Рацин во Скопје. Откако претходно ги искршиле катанците со кои била обезбедена влезната врата, влегле и претурале низ канцеларијата. Иван Стоиљковиќ, претседателот на партијата, вели дека се работи за обид за политички притисок и за застрашување на членството.
  • Речиси во истото време, во населбата Расадник во општина Бутел, бил искршен месниот штаб на СДСМ Бутел. Непознати сторители ги искршиле прозорците и влезната врата на штабот, ги искинале постерите и ја оштетиле светлечката реклама.
  • Во петокот, на 29 септември, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Македонска Каменица, Дарко Митевски, го обвини противкандидатот од СДСМ и од коалицијата за искинати плакати во селата, кои потоа биле фрлени пред неговиот дом. Исто така, во петокот било пријавено дека е искршен излог на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на улицата Моша Пијаде во Кавадарци.
  • Ноќта меѓу саботата и неделата, на 1 октомври, биле искршени две стакла на излогот на изборниот штаб на Беса на улицата Тале Христов, во скопската населба Скопје Север и биле искинати шест плакати.
  • Вчера, пак, на 2 октомври, ВМРО-ДПМНЕ информираше дека е искршен партискиот изборен штаб во Битола. Според нив, искршениот штаб е доказ за нервозата на СДСМ од поразот на претстојните локални избори.
  • Вчера, засега непознат сторител ги скршил стаклото од излогот и стаклото од влезната врата на изборен штаб на СДСМ во скопското село Инџиково. Според полицијата, се работи на откривање на сторителите.
  • Утрово избувнал и пожар во пекарницата „Кендо“ во населбата Ѓорче Петров. Допрва ќе се утврдуваат причините за пожарот. Тоа што е интересно е дека пекарницата и куќата во која е таа се на Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Ѓорче Петров.

Пукање во Лас Вегас – 20 загинати и стотина повредени


Лас Вегас, 2 октомври, 2017 - 11:07 (META) 

Дваесет лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во вооружен напад на музички фестивал во Лас Вегас, соопштија денеска од медицинскиот центар во градот, додавајќи дека половина од повредените се во критична состојба.

Како што јавува телевизиската мрежа „Еј-би-си“, американската полиција соопштила дека елиминиран е еден од осомничените за пукањето и ги предупредила граѓаните да не излегуваат надвор во центарот на градот затоа што сè уште трае потрагата по другите напаѓачи.

Нападот се случи синоќа, за време на фестивалот за кантри-музика кај хотелот и казино „Мандалеј беј“, во јужниот дел на градот.


Поднесено обвинение за дедото на Тамара кој пукаше во Никола Тодоров


Скопје, 28 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Обвинение за убиство во обид и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи е поднесено против Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара, кој пукаше во поранешниот министер за здравство Никола Тодоров на 1 јуни годинава, пред примопредавањето на министерската функција.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје, истрагата против Љ.С. е завршена, обвинението е поднесено, а за него е побарано продолжување на притворот.

Дедото на Тамара е речиси четири месеци во притвор. Неговата 9-годишна внука Тамара Димовска почина на 9 февруари 2015 година, додека чекаше да биде одобрено да и се изврши операција на ‘рбетот во странство. Нејзиниот дедо рече дека пукал во министерот бидејќи го смета за виновен за смртта на неговата внука.


Еден убиен и тројца повредени во пукање пред ноќен клуб во Берлин


Берлин, 16 септември, 2017 - 10:23 (META) 

Едно лице е убиено, а три се повредени во пукотници што ноќеска се случиле пред ноќен клуб во Берлин, јавуваат светските медиуми.

На пукањето му претходела расправија во близина на ноќниот клуб во берлинскиот кварт Ноехохешонхаузен.

Засега не се познати мотивите за расправијата и за пукањето, а нема информации од полицијата ниту за идентитетот на настраданите.


Осум убиени и двајца повредени во престрелка во Тексас


Плано, 11 септември, 2017 - 11:14 (META) 

Осум лица синоќа загинаа во престрелка во куќа во тексашкиот град Плано, кој се наоѓа на 30 километри североисточно од Далас.

Портпаролот на градската полиција, Дејвид Тајли, изјави дека полицијата добила пријава за пукотница, а кога пристигнала на местото, напаѓачот отворил оган врз полицајците, кои веднаш возвратиле и го усмртиле.

Во престрелката се повредени уште две лица, но не е позната нивната здравствена состојба.

Жртвите и осомничените не се идентификувани, а познато е дека сите загинати и ранети се возрасни лица.

Засега не се откриваат детали за настанот, а истрагата е во тек.


Маж тешко ранет во ресторан во скопско Батинци


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:16 (META) 

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи.

Како што соопшти полицијата, рано попладнето дошло до тепачка во ресторан во селото, по што противниците излегле надвор и таму продолжиле да се пресметуваат. Во еден момент било стрелани кон 35-годишниот Р.А. од Батинци, при што добил прострелни рани во нозете. Потоа напаѓачите избегале со автомобил „ауди А8“.

Ранетиот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му била направена операција.
По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје. На местото на настанот било пронајдено и патничко возило „пежо“, сопственост на С.А. од селото Батинци.

СВР Скопје известува дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.


Тинејџер пукал во школо кај Москва, четворица се повредени


Москва, 5 септември, 2017 - 13:32 (META) 

Московската полиција уапси тинејџер кој пукал и фрлил димна бомба во училиште во московскиот регион и притоа ранил четири лица, јавуваат руските медиуми.

Според првичните информации, 15-годишникот фрлил димна бомба во училницата и пукал во воздух, соопшти портпаролот на руското Министерство за внатрешни работи.

Четири лица се хоспитализирани, а според информациите на новинската агенција ТАСС, станува збор за тројца ученици и за еден наставник.

Во тек е истрага за инцидентот, а полицијата го испитува тинејџерот.

Според едната верзија, инцидентот настанал откако ученикот влегол во расправија со соученик, а според другата, откако почнал да се расправа со еден од наставниците.

Учениците се евакуирани од училиштето откако се дознало дека тинејџерот поставил и експлозив во објектот.

Неименуван полициски извор наведува дека тинејџерот веќе подолго време се подготвувал за нападот, објавувал фотографии од оружје на своите профили на социјалните мрежи, а денеска напишал „Избришете го мојот живот“.


Пукање во Чарлстон, напаѓачот се затворил во ресторан


Чарлстон, 24 август, 2017 - 20:18 (META) 

Полицијата во Чарлстон соопшти дека во центарот на градот дошло до пукање и апелираше до граѓаните да се тргнат од таа област.

Како што пренесуваат американските медиуми, полицијата упаднала во еден ресторан каде што напаѓачот најверојатно се затворил.

Пукањата биле пријавени на улицата Кинг околу пладне по локално време, изјави портпаролот на полицијата Чарлс Франсис во соопштение во кое не се наведува дали има жртви или повредени.

Полицијата ја опколила целата област но моментално не се знае дали осомничениот е во притвор или е и понатаму на слобода. Според сведоштва објавени на социјалните мрежи, вооружениот напаѓач влегол во ресторанот и побарал од луѓето да си одат, а себеси се прогласил за „новиот крал на Чарлстон“.