Укинати притворите на Темелко и Поповски


Скопје, 16 мај, 2018 - 16:13 (META) 

Основниот суд Скопје 1 им ги укина притворите на поранешниот началник во МВР, Оливер Поповски кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, како и на градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во предметот на СЈО „Титаник“.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог на одбраната на Поповски, опфатен со обвинителниот акт поврзан со настаните во Собранието на Македонија, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазилвост и тоа: Обврска на обвинетиот да се јавува еднаш неделно на одговорно службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, се вели во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Кривичниот совет го укина и куќниот притвор на Темелко обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, по претходно барање на одбраната, а како гаранција е понуден недвижен имот.

Судот донел решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен и го уважува предлогот на СЈО, со кој заради обезбедување присуство во текот на постапката, му се определуваат мерки за претпазливост и тоа, обвинетиот има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.


За да излезе од притвор Митко Чавков дал гаранција во недвижен имот


Скопје, 23 април, 2018 - 15:59 (META) 

Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, по предлог на одбраната на Митко Чавков, донесе решение со кое го прифати предлогот за обезбедување присуство – гаранција во недвижен имот.

По правосилноста на решението и запишување на гаранцијата, притворот треба да се укине, а да му се одземе пасошот и да има обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Обвинителството може да вложи жалба на решението на кривичниот совет, што значи дека дотогаш Чавков останува во притвор.

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков беше вратен во притвор на 28 март, еден ден откако Врховниот суд го пушти од Истражниот затвор во куќен притвор. Причината за неговото враќање, како што образложија од Кривичниот суд, било тоа што тој самоволно ја сменил локацијата за издржување домашен притвор.


Апелација го потврди притворот на Митко Чавков


Скопје, 11 април, 2018 - 16:16 (META) 

Скопска Апелација го потврди решението на Кривичниот суд со кое поранешниот министер за внатрешни работи и екс директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков останува во притвор.

Од Апелација велат дека е отфрлено и барањето за обезбедување гаранција за пуштање да се брани од слобода, бидејќи тоа било некомплетно.

Чавков заедно со уште четири лица беа вратени во притвор на 28 март со одлука на Кривичниот суд, еден ден откако Врховниот суд ги пушти од истражниот затвор во куќен притвор.


Јане Ченто вратен во притвор во „Шутка“


Прилеп, 3 април, 2018 - 14:17 (META) 

Јане Ченто, еден од обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април минатата година утрово бил спроведен повторно на издржување притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Според Основниот суд Скопје 1, Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, поради што Советот на судот ја укинал таа мерка и повторно му изрекол затворски притвор.

Тој веќе еднаш беше во Шутка, но по одлука на скопска Апелација на 21 февруари беше пуштен во домашен притвор и му беше одземен пасошот.

Полицијата го привела Јане Ченто од неговиот дом во Прилеп претпладнево нешто пред 10 часот. Бил приведен со образолжение дека не се придржувал до препораките на судот, односно на 30 март, според полицијата, го напуштил куќниот притвор во период од околу половина час.

Неговиот татко тоа го демантира и вели дека снимките од безбедносните камери што се поставени на нивната куќа ќе докажат дека Јане Ченто во ниту еден момент не го напуштил домот.


Полицијата два пати го барала Чавков дома, но тој бил на друга адреса


Скопје, 30 март, 2018 - 14:38 (META) 

Разликата во одлуките на Кривичниот и на Врховниот суд за мерките притвор на Митко Чавков е сосема мала и двата суда се произнеле дека треба да има мерка притвор со тоа што Врховниот суд вели „во домашни услови“, додека Кривичниот „во установа“, образложи претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев на денешниот брифинг со новинари.

– Надлежност имаат и Врховниот и Кривичниот суд да одлучуваат, но во различни фази. Сплет на околности е тоа што одлуката на Кривичниот е еден ден по одлуката на Врховниот – рече Џолев.

Тој образложи дека Кривичниот суд одлучил за притвор во „Шутка“ затоа што имале на увид изнесување од Секторот за внатрешни работи Скопје од 27 март каде стои дека се извршени две контроли на локацијата одредена од Врховниот суд за издржување на мерката притвор.

Контролите биле во 18 и 21 часот, но Чавков не е најден таму.

Кривичниот судот добил известување од МВР дека тој не бил на адресата каде што требало да ќе ја издржува мерката притвор, односно бил на друга локација во Скопје. Џолев нагласи дека Чавков самоволно одлучил каде ќе ја издржува мерката куќен притвор и тоа да биде на друга локација.

На брифингот беше посочено дека во однос на изречените мерки досега се пристигнати девет жалби.


Давидовиќ: Повторното апсење на обвинетите од 27 април е непочитување на Врховниот суд


Скопје, 28 март, 2018 - 11:05 (META) 

Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието, смета адвокатот на еден од обвинетите Ѕвонко Давидовиќ. Според него, Обвинителството е привилегирано во постапката, бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите.

-Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР. Ние правниците учиме дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор. Трипати понизок суд вели Врховниот суд нема поим, ние знаеме повеќе- рече адвокатот Давидовиќ.

Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапувајќи со двојни аршини.

-Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права. ОЈО e привилегирано во конкретниот случај, но и во сите постапки – додава Давидовиќ.


ВМРО-ДПМНЕ: Сведочењето на Заев дека барал поткуп го покриват со нови притвори


Скопје, 28 март, 2018 - 10:24 (META) 

На голем дел од неосновано притворените за 27-ми април, завчера им беше преиначена мерката од ефективен во куќен притвор, а веќе вчера, партискиот суд и обвинителство на Зоран Заев, одлучија повторно да ги приведуваат пред очите на нивните семејства, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на приведувањето на Митко Чавков и уште четворица обвинети за упадот во Собранието.

„Кој го нарача и кому му беше потребно ваквото малтретирање? Зошто некој сакаше семејствата повторно да ги проживуваат истите трауми? Што се смени во однос на околностите поради кои беше преиначен притворот? Одговорот е ништо! Ништо освен што видовме и официјално сведочење и потврда пред судот дека Зоран Заев барал поткуп. После ова сведочење Зоран Заев нема кредибилитет да биде премиер. Токму ова сведочење мора да биде покриено со нови политички апсења и притвори без никаква основа. Судството и јавното обвинителство мора да ја докажат својата лојалност кон Заев и власта“, стои во партиското соопштение.

Од партијата потенцираат дека Обвинителството мора да ги гони вистинските криминалци во Македонија, од кои дел, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, се наоѓаат на Илинденска бр. 2, наместо да ги гони патриотите и уставобранителите.


Судот ги врати во притвор Чавков и уште четворица обвинети за упадот во Собранието


Скопје, 28 март, 2018 - 9:32 (META) 

Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во времето на крвавите настани во Собранието, Горан Ѓошевски, од обезбедувањето на поранешниот спикер Трајко Вељановски, Душко Лазаров и Оливер Поповски од МВР и Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање синоќа повторно се приведени, и се пренесени во Истражниот затвор Шутка.

Кривичниот совет делумно го прифатил барањето на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое вчера поднесе обвинение против 30 лица за насилствата во Собранието од 27 април лани и притоа побара и враќање на мерките притвор и куќен притвор за обвинетите.

На Чавков и останатите четворица обвинети определен им е 30 дневен притвор иако тие завчера по одлука на Врховниот суд беа пуштени во куќен притвор поради упадот во Собранието на 27 април минатата година при што беа повредени повеќе пратеници, новинари и граѓани.

Според обвинението кое го покрена Обвинителството вчера, 28 лица се товарат за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело.

Од ВМРО-ДПМНЕ на повторното притворување реагираа дека „тортурата и изживувањето на Зоран Заев и власта со притворените патриоти ги надмина сите граници“.

„Судот мора да пронајде сила и да се ослободи од стегите на власта и да суди во корист на правото. Сите граѓани мора да бидат еднакви пред законот. Обвинителството мора да ги гони вистинските криминалци во Македонија од кои дел се наоѓаат на Илинденска број 2, наместо да ги гони патриотите и уставобранителите“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ од каде рашуваат и што се сменило во однос на околностите поради кои беше преиначен притворот.


Укинати притворите на Чавков, Мукоски и Василески, Тарчуловски и Димовски


Скопје, 27 март, 2018 - 9:36 (META) 

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески излегуваат од истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, откако вчера попладне Врховниот суд донесе одлука да им го замени притворот со куќен притвор.

Врховен суд вчера решавашe по жалбите кои Чавков, Мукоски и Василески ги поднесоа на одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд, со кои им се одредуваше и продолжуваше притворот.

Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.

По вчерашната одлука во притвор остануваат уште четворица осомничени за настаните од 27 април. Меѓу нив се членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.

Врховен суд, исто така, вчера решаваше за жалбите на пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои повеќе од еден месец се во куќен притвор, и им го укина притворот и им одреди мерка на претпазливост, односно одземени им се патните исправи и тие мора задолжително да се јавуваат во суд еднаш неделно.


Вангеловски: Денеска ќе биде објавена одлуката за притворот на осомничените од 27 април


Скопје, 26 март, 2018 - 11:58 (META) 

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски денеска изјави дека очекува во текот на денот да биде објавена одлуката по жалбите за притворите на пратениците и другите осомничени за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

– Врховниот суд ќе ја објави одлуката веднаш штом ќе биде донесена – потврди Вангеловски.

Адвокатите на осомничените кои испратија повеќе од 15 жалби велат дека судот неосновано го гази законскиот рок и ја одолговлекува целата процедура.

Апелираат до врховните судии да се донесе одлука што побрзо, бидејќи како што велат, тоа е клучно за процесот да се придвижи кон побрз епилог.

Одлуката на Врховен ја чекаат и оние што се во Шутка, но и осомничените во куќен притвор.

Меѓу обвинетите кои се жалат пред Врховниот суд се поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски, кои се во притвор, како и пратеникот Љупчо Димовски и оперскиот пејач Игор Дурловски кои се во куќен притвор.