!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Охрид пристигнаа полски туристи со првиот чартер-лет од Катовице


Охрид, 22 јуни, 2017 - 15:26 (META) 

„ТАВ Македонија“ утрово го пречека првиот чартер-лет од Полска на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, одбележувајќи го почетокот на соработката меѓу „ТАВ Аеродроми“ и еден од најголемите полски тур-оператори „Рего-бис“.

Првиот чартер-лет, управуван од полската авиокомпанија „Смол планет ерлајнс“ (Small Planet Airlines), пристигна од Катовице и донесе 220 полски туристи во Охрид.

– Ќе имаме еден чартер-лет неделно, односно секој четврток, од Катовице, опериран од „Смол планет ерлајнс“ (Small Planet Airlines) за време на летната сезона во 2017 година. Од денеска, па сè до крајот на септември, на охридскиот аеродром ќе пристигнат вкупно 14 сезонски летови од Катовице – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Како што изјавија од „ТАВ Македонија“ и во согласност со најавите од полскиот тур-оператор, авиолинијата Катовице – Охрид е само првата рута на која ќе сообраќаат чартер-летови од Полска. Варшава е следна дестинација, од каде што се очекуваат полски туристи да пристигнуваат на Охридско Езеро.

„Повеќе од 3.000 туристи ќе пристигнат со 14 летови со „ербас 321“, а со секој лет 220 патници ќе слетуваат во Охрид. Другите туристи ќе пристигнуваат со комфорни автобуси на секои десет дена. Ова не е само можност да им се излезе во пресрет на полските туристи за да можат да патуваат, туку ова е исто така можност да им помогнеме да ја истражат македонската култура и историја“, изјави Габриела Манка-Сокулу, сопственичка на „Рего-бис“.


ЕК поведе прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка


Брисел, 13 јуни, 2017 - 20:49 (META) 

Европската комисија одлучи да поведе прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка затоа што овие земји членки не ги исполниле своите обврски поврзани со прифаќањето бегалци.

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, соопшти дека Комисијата веќе една година испраќа повици за солидарност и за исполнување на законските обврски за релоцирањето бегалци од камповите во Грција и во Италија. На крајот, како што рече тој, откако Европската комисија сфати дека нејзините напори се залудни, одлучи да преземе правни чекори против овие членки.

– Овие три земји ништо не направија по ова прашање. Унгарија ниту се обврза дека ќе преземе бегалци ниту, пак, некого прифати. Полска се обврза, но не прифати никого, а Чешка не направи ништо во последната година – порача еврокомесарот.

Во Европската комисија наведуваат дека повеќето земји членки на ЕУ се согласиле дека релокацијата на бегалци е можна само доколку постои политичка волја.


Мултановски: Очекувам новата влада да ги спроведе неопходните реформи


Скопје, 18 мај, 2017 - 17:15 (META) 

Очекувам по доделување на мандатот да се формира влада која ќе работи на реформите за евроинтеграциите, за што ќе ја има полската поддршка, порача амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски. Тој денеска учествуваше на конференцијата „Вишеградската група и Западен Балкан – Што е наредно за овие два региона?“, која се одржа во Скопје.

– Вчера претседателот Иванов го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и тоа е важен чекор во процесот на формирање нова влада, која, се надевам, ќе биде способна да ги спроведе сите неопходни реформи за евроатлантска интеграција. Полска е силен поддржувач на македонските евроатлантски аспирации и сме подготвени да соработуваме со вас и да ви помогнеме во тој процес – изјави Мултановски.


Во германско-полска рација уапсени 14 лица поради педофилија


Варшава, 6 април, 2017 - 13:38 (META) 

Во заедничка операција на германската и на полската полиција, по претрес во Полска се уапсени 14 лица поради педофилски содржини во компјутери и во мобилни телефони. Вкупно 29 лица се осомничени за ширење порнографија со деца на интернет.

– Вкупно 29 лица имаат статус на осомничени. Обвиненијата ќе зависат од прегледот на содржините на компјутерите, што го вршат вештаците. Некои без да го чекаат вештачењето ја признаа вината – соопшти портпаролот на главната команда на полската полиција, Маријуш Чарка.

Во соработка со германската полиција, полските полициски сили добиле ИП-адреси на полски корисници во поголема педофилска мрежа, која ширела педофилска порнографија со мали девојчиња.

Полската полиција упаднала во 33 куќи, привела 14 лица, од кои две лица се задржани во затвор, запленила 61 компјутер, лаптоп и таблет-уред, 42 хард дискови, повеќе од 2.000 компактни дискови, дигитални видеодискови и мобилни телефони.

Од приведените, 11 лица веднаш ја признале вината и изјавиле дека преку интернет ширеле порнографија со малолетници и педофилска содржина.


Нападнат полскиот конзулат во Украина


Киев, 29 март, 2017 - 10:35 (META) 

Неидентификувани лица го нападнаа конзулатот на Полска во западниот украински град Лутск, при што се оштетени покривот и прозорците, јавуваат локалните медиуми, повикувајќи се на очевидци.

Според весникот „Волин 24“, инцидентот се случил околу полноќ, а во нападот нема повредени.

Сè уште не се знае дали на конзулатот е пукано или е гранатиран. Полицијата сè уште се нема огласено во врска со инцидентот.


Меркел: Засега нема санкции за Унгарија и за Полска


Берлин, 26 март, 2017 - 16:50 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел се надева дека напнатоста помеѓу Европската Унија и земјите членки, како што се Полска и Унгарија, ќе биде решена со дијалог.

Таа додаде дека заканата со финансиски санкции не би била погодна засега.
Канцеларката изјави дека Европската комисија треба да разговара со членките за суштината на нивните забелешки, иако не ги наведе експлицитно Полска и Унгарија.

– Не мислам дека заканите сега би биле добри. Не би сакала да се заканувам денеска, но би сакала да видам почитување на владеењето на правото во Европа како што треба да биде – рече Меркел.


Доналд Туск останува претседател на Европскиот совет


Брисел, 9 март, 2017 - 19:06 (META) 

Лидерите на Европска Унија денеска му го продолжија мандатот на поранешниот полски премиер Доналд Туск на функцијата претседател на Европскиот совет за нови 30 месеци и покрај жестоките противења на Полска, јавува „Би-би-си“.

Според француски дипломатски извори, за реизборот на Туск гласале 27 земји членки, а само еден гласач бил „против“.

„Ќе направиме сè да не се случи реизбор на Туск“, изјави претходно шефот на полската дипломатија Витолд Вашчиковски.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, во пресрет на гласањето изјави дека реизборот на Туск би бил знак за стабилноста на Унијата.

Холандскиот премиер, Марк Руте, истакна дека неговата земја го поддржува Туск бидејќи во турбулентните времиња знаел да зачува „студена глава“.


Полска ги отфрли критиките на ЕУ за спорната реформа на уставниот суд


Варшава, 21 февруари, 2017 - 11:27 (META) 

Полска вчера испратила одговор до Европската комисија во кој ги отфрла критиките на Брисел во врска со спорната реформа на полскиот уставен суд, со оценка дека „спорот е решен“, јавуваат светските агенции.

Инаку, Европската Унија ѝ се закани со санкции на Варшава, што е прв ваков случај, кога станува збор за земја членка на ЕУ, поради спорната реформа во уставниот суд на земјата.

Полската конзервативна влада во својот одговор до Европската комисија, ги оценува како неосновани изјавите дека постои системска закана за владеењето на правото во Полска.

Според мислењето на Варшава, законите што неодамна ги донесе полската влада, а кои опозацијата во земјата ги оцени како неуставни, одговараат на европските стандарди и водат сметка за цела низа препораки на Венецијанската комисија. На тој начин, било посочено во одговорот до Брисел, прашањето за работата на уставниот суд е „решено во целост и конечно“.

Полската влада, според агенциите, во писмото го обвинила потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, дека го политизира случајот и дека ги повикува другите земји членки на ЕУ да формираат единствен фронт против Полска. Владата во Варшава го повикала Тимерманс да „престане со таквото дејствување“.

Спорната реформа на уставниот суд пред една година предизвика политичка криза и бројни протести на улиците во Полска.


Белгиски политичар побара Бугарија, Романија, Полска и Унгарија да ја напуштат ЕУ


Брисел, 6 февруари, 2017 - 15:54 (META) 

Премиерот на белгискиот автономен регион Валониа, Пол Мание, порача дека Полска, Унгарија, Романија и Бугарија треба да ја напуштат Европската Унија, а притоа за секоја од нив дури даде и посебно име за процесот на напуштање, пишува францускиот весник „Ле Монд“.

Мание, кој важи за најголем евроскептик меѓу социјалистите, рече дека е пожелно излегувањето на Велика Британија од ЕУ, односно Брексит, да биде следено од „Полексит“, „Унгарексит“, „Ромексит“ и „Булексит“.

Белгискиот политичар, кој се прослави со тоа што се спротивстави на трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада /СЕТА/ изрази надеж дека „цврстите, но избалансирани“ преговори со Британија и оти тоа ќе ги стимулира земјите од Централна и Источна Европа, а можеби и Данска и Шведска да отворат преговори за трговските договори и партнерството, па дури и за напуштање на ЕУ.


Американски воени сили пристигнуваат во Полска


Варшава, 12 јануари, 2017 - 12:07 (META) 

Американски тенкови и оклопни возила со повеќе од 3.000 војници утринава почнаа да се пристигнуваат во Полска.

Тие претставуваат дел одговорот на американскиот претседател во заминување, Барак Обама, на загриженоста на НАТО-сојузниците поради Русија.

Ова е најголеми американско воено ангажирање во Европа во последните неколку децении.

Повеќе од 80 тенкови и стотина окопни возила пристигнаа во Германија и сега се преместуваат кон Источна Европа по друмски прат и по железница, наведува „Би-би-си“.

Американската оклопна единица, исто така, ќе изведе воени вежби на Балтикот, со ротација на силите на секои девет месеци.