!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Швајцарската полиција сè уште трага по напаѓачот од Шафхаузен


Цирих, 25 јули, 2017 - 15:36 (META) 

Мажот кој со моторна пила во швајцарскиот град Шафхаузен рани пет лица, од кои две потешко, и понатаму е во бегство, а полицијата интензивно трага по него.

Полициската потрага се врши во областа на границата на Швајцарија и на Германија, а во акцијата се вклучени хеликоптери и кучиња.

Швајцарската радио-телевизија јавува дека полицијата цела ноќ трага по 51-годишниот осомничен Франц Вруззис, кој ранил двајца вработени во канцеларија за здравствено осигурување и уште три лица.

Властите соопштија дека осомничениот двапати бил казнуван за злоупотреба на оружје.

Изминатите недели осомничениот честопати е гледан во близина на Шафхаузен, град со околу 36.000 жители, недалеку од Цирих.

Нападот се случи вчера, а полицијата веќе објави и фотографија од осомничениот.


Голема тепачка на плажата Горица во Охрид, петмина се повредени


Охрид, 21 јули, 2017 - 19:44 (META) 

Во голема тепачка што се случила на охридската плажа Горица претпладнево, најмалку пет луѓе се повредени, а седуммина се приведени, информира СВР Охрид.

Инцидентот се случил во 10.50 часот. Според официјалното соопштение, најверојатно поради меѓусебни недоразбирања кои траeле подолг период, првин дошло до пресметка меѓу две помали групи. Набргу стигнале полицајци кои интервенирале, но тогаш пристигнале уште пет лица со опасни орудија, кои нападнале еден гостин на шанкот. Тој, пак, претходно ги делел двете групи да не се тепаат. Полицајците што биле на местото продолжиле да интервенираат, а наскоро им стигнало и засилување, па тепањето било сопрено, а повредените префрлени во Општа болница Охрид.

За инцидентот се приведени седум лица. Петмина од нив се приведени откако на различни одделенија во Општа болница Охрид им е пружена неопходната медицинска помош.

СВР Охрид и јавен обвинител работат на расчистувањето на инцидентот.


Уапсени 155 лица во Вашингтон поради протест во Сенатот


Вашингтон, 20 јули, 2017 - 13:07 (META) 

Вашингтонската полиција соопшти дека уапсила најмалку 155 демонстранти во зградата на Сенатот, додека републиканците продолжуваат на работат на укинување на законот за здравствено осигурување познат како „Обамакер“.

Апсењата на демонстрантите кои се противат на републиканските акции се чести, но вчера беа уапсени најмногу демонстранти од почетокот на протестот. Полицијата навела дека одговорила на повик на 45 места во три згради на Сенатот.

Според полиција, лицата се уапсени откако одбиле да го прекинат протестот.

Според законот на дистриктот Колумбија, противзаконски е да се демонстрира во зградите на Капитол.

Уапсените се обвинети за нарушување на јавниот простор, што е прекршок, а четири лица се обвинети за давање отпор при апсење.


Двајца израелски полицајци се повредени во напад кај Хеброн


Хеброн, 18 јули, 2017 - 16:52 (META) 

Најмалку двајца израелски полицајци се полесно повредени во напад што во близина на Хеброн, на Западниот Брег, го изведе Палестинец.

Како што соопштија израелските власти, нападот се случил на влезот на Беит Еинун, а израелската војска го убила напаѓачот.

Палестинското министерство за здравство потврди дека Палестинецот починал.


Нова кривична пријава за ексдиректорот на Неврохирургија


Скопје, 15 јули, 2017 - 13:41 (META) 

СВР Скопје соопшти дека до Основното јавно обвинителство-Скопје поднел кривична пријава против А.Ч. (57), поранешен директор на Клиниката за неврохирургија во Kлиничкиoт центар „Мајка Тереза“. Го товари за противправно стекнување и прикривање имот.

Според новата пријава, Александар Чапаровски, кој претходно во мај доби кривична пријава за примање поткуп, од 2007 до 2017 година, спротивно на обврската, не ја пријавил својата имотна состојба во Државната комисија за спречување на корупција, за да прикрие, како што вели полицијата, значителен износ пари, недвижен имот и скапи монети.

СВР Скопје, по наредба од Основен суд Скопје 1 и од Основно јавно обвинителство Скопје, во присуство на јавен обвинител, отворило сеф во банка кој бил изнајмен од Чапаровски и во него се пронајдени 199.000 евра, 18.300 американски долари, 21.900 швајцарски франци, 1.500 фунти, 50 бугарски лева, како и паричник со 19 монети од благороден метал и накит, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.

Истражувајќи ја документацијата во Агенцијата на катастар за недвижности е утврдено дека Чапаровски има шест имотни листа за недвижен имот на подрачјето на Скопје и еден имотен лист за недвижен имот во Гостивар.

Чапаровски во мај доби кривична пријава за примање поткуп, а во неговата работна канцеларија беа пронајдени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари, додека при извршен претрес во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9.750 евра и 10.000 денари.


Најмалку 15 повредени при напад со нож во метро во Техеран


Техеран, 15 јули, 2017 - 11:54 (META) 

Најмалку 15 луѓе се повредени откако маж почнал да напаѓа со нож во метро на станицата Реј во предградие на Техеран, јавија иранските медиуми.

Еден од повредените бил муслимански свештеник, а според извештаите, нападот почнал по кавга меѓу имамот и напаѓачот, за кого се вели дека бил психички нестабилен.

По нападот, патниците се судриле со напаѓачот, а полицијата била принудена да ги отвори вратите за да го уапси напаѓачот. Притоа било пукано во него и тој бил ранет, а потоа починал од повредите, вели заменик гувернерот на јужен Техеран.


Судир меѓу полицијата и демонстрантите пред почетокот на самитот на Г20 во Хамбург


Хамбург, 6 јули, 2017 - 21:40 (META) 

Германската полиција и група демонстранти денеска се судрија на улиците на Хамбург во пресрет на самитот на Г20, кој почнува утре, јавуваат агенциите.

Најмалку едно лице било сериозно повредено во насилствата, а на неколку им била укажана помош на самото место, пренесува „Би-би-си“.

Полицијата интервенирала со водени топови кон групата демонстранти, кои фрлале шишиња и камења кон полициските екипи.

Мерките за безбедност во Хамбург се на високо ниво. Се очекува на антикапиталистичките протести за време на самитот на Г20 да присуствуваат околу 100.000 демонстранти.

Денеска во Хамбург пристигна американскиот претседател Доналд Трамп, кој имал средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

На маргините на самитот утре се очекува и средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.


Напаѓач убил полицаец во судот во Бурса, а потоа се самоубил


Бурса, 5 јули, 2017 - 10:23 (META) 

Неидентификуван напаѓач убил полицаец во судница во северозападната турската провинција Бурса, а потоа извршил самоубиство. Полицијата ја исклучува можноста за тероризам.

Претходно синоќа, светските агенции, повикувајќи се на турскиот весник „Хуријет“, пренесоа дека неидентификуваниот напаѓач во судницата во Бурса убил полицаец и ранил адвокат, а зел едно лице како заложник.

Агенцијата „Анадолија“, пак, јавува дека напаѓачот со пушка го убил полицаецот, по што се самоубил во судницата.


Едно лице загина, а три се повредени во сообраќајка на патот Прилеп – Крушево


Прилеп, 2 јули, 2017 - 22:26 (META) 

Едно лице загина, а три се повредени во сообраќајна несреќа што денеска се случи на патот Прилеп – Крушево, во близина на селото Големо Коњари.

Несреќата се случила околу 19.15 часот, кога возилo, марка „венто“, од засега непознати причини, излетало од патот. Во несреќата на самото место починало 24-годишно момче од селото Славеј, Прилепско, а три лица со тешки повреди биле пренесени во прилепската болница.

Сообраќајот е во прекин, а полицијата врши увид на местото на несреќата.


Уште едно лице починало од пукањето во Бутел, причините за инцидентот и понатаму непознати


Скопје, 2 јули, 2017 - 16:54 (META) 

Скопската полиција сè уште ги истражува причините и работи на расчистување на случајот во кој 84-годишниот П.Т., жител на населбата Бутел, вчера во својот дом пукаше во сопругата, нивната ќерка и во внукот, а потоа се самоуби.

Триесет и двегодишниот внук, од сериозноста на повредата, почина на самото место, а како што соопшти денеска полицијата, утрово во Клиничкиот центар во Скопје починала и сопругата на П.Т. Нивната ќерка, која, исто така, беше хоспитализирана во Ургетниот центар, и понатаму се наоѓа во животна опасност.

Како што информираат од МВР, вчера околу 12.40 часот од засега неутврдени причини, П.Т. со својот пиштол „берета“, кој го поседувал со дозвола, првин испукал еден куршум кон својата 78-годишна сопруга и ја погодил во грлото, а потоа пукал во нивната 58-годишна ќерка, која ја погодил во главата.

„Неговиот внук Т.С. (32), откако влегол во ходникот од куќата, од страна на П.Т. бил погоден во пределот на главата при што поради тежината на огнострелната повреда починал на самото место. Потоа П.Т. со пиштолот си пукал во главата и се самоубил“, стои во информацијата на полицијата за случајот.

По наредба на јавен обвинител телата на починатите се пренесени во Институтот за судска медицина, за обдукција.