МВР: Приведени се 26 лица, демонстрантите фрлија солзавец во угостителски објект


Скопје, 18 јуни, 2018 - 13:05 (META) 

Седум лица побарале лекарска помош, повредени се 10 полициски службеници, а приведени се 26 лица, соопштуваат денеска од МВР за ескалацијата на вчерашните протести пред Собранието, против Договорот постигнат помеѓу Македонија и Грција.

Од МВР велат дека дел од демонстрантите, од кои голем број биле маскирани, насилно ја турнале заштитната ограда и почнале да фрлаат камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, од Министерството потенцираат дека полицијата спровела соодветни мерки и активности.

Според полицијата, околу 21.30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот „Холидеј ин“ запалено било комбе „Фиат“, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

„Во врска со новинарот на порталот Инфомакс, ја информираме јавноста дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор. Постапувајќи согласно процедурите, лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир“, велат од МВР.


Во силен земјотрес во Турција 39 повредени


Анкара, 24 април, 2018 - 10:42 (META) 

Најмалку 39 лица се повредени во земјотрес со магнитуда од 5,1 степени, што ноќеска ја погоди турската југоисточна провинција Адијаман.

Според турскиот министер за здравство, од 39 повредени, 35 се пренесени в болница, но никој не е во критична состојба.

Потресот се случил во округот Самсат во 3.34 часот по локално време и уништил неколку куќи. Бил почувствуван и во соседните провинции Шанлиурфа, Газиантеп и Дијарбакир.

По првиот потрес имало уште осум последователни земјотреси со магнитуди од 1,4 до 2,7 степени.


Четиримина повредени во напад со нож во училиште во Русија


Москва, 18 април, 2018 - 10:21 (META) 

Средношколец стар 17 со нож нападнал соученичка и професорката по информатика, а потоа се обидел да се самоубие. Нападот се случил во едно од училиштата во градот Стерлитамак во руската република Башкортостан. Во инцидентот е повредена уште една ученичка, која по тревогата скокнала од прозорец. Повредени се вкупно четиримина, заедно со напаѓачот, јавија руските медиуми.

По нападот тинејџерот, кој во последно време на социјалните мрежи објавувал насилен материјал, меѓу кои и видео од масакрот во средно училиште во Колорадо и се заканувал дека ќе „елиминира луѓе“, се обидел да ја запали училницата.

Сепак, набргу е совладан и е во болнички притвор.


Еден загинат, над 20 лица повредени во железничка несреќа во Австрија


Виена, 12 февруари, 2018 - 19:41 (META) 

Во железничка несреќа што се случи во австриската провинција Стирија загина најмалку еден човек, а над 20 се повредени, објавија светските медими.

Еден воз, од засега непознати причини, излетал од шините и странично удрил во друга локомотива, во 1 часот по локално време кај јужниот австриски град Никласдорф.

Австриската полиција на „Твитер“ потврди дека една жена загинала, а помеѓу дваесет и двајцата повредени има три деца кои се пренесени во болница. Во несреќата учествувале прекуграничен воз на „Еуро сити“ кој патувал од Грац до Саарбрикен во Германија и патнички воз.

Австриските федерални железници (ОББ) објавија дека работниците се мобилизирани и операцијата за расчистување е почната.


МВР: Вчера 10 сообраќајни незгоди и 66 казнети возачи во Скопје


Скопје, 2 февруари, 2018 - 11:51 (META) 

Вчера на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди, во кои кај едно лице биле констатирани тешки телесни повреди, а осум поминале со лесни повреди, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Полицијата, како што информираат од МВР, вчера издала вкупно 66 мандатни платни налози, односно казни, додека 74 возила биле подигнати од службата „пајак“.

„Од преземените мерки и активности констатирано е дека 16 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 17 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола од сообраќај се исклучени девет возила. Исто така, санкционирани се четворица возачи кои ја поминале крстосницата на црвено светло како и еден возач којшто не дал првенство на минување“, стои во информацијата на МВР.

Инаку, МВР во понеделникот, оваа недела најави засилено присуство на сообраќајната полиција во урбаните средини и казни за несовесните возачи, особено оние кои возат под дејство на алкохол и со брзина над дозволената.


Во сообраќајка на патот Струмица – Радовиш повредени 15 лица


Струмица, 1 февруари, 2018 - 10:26 (META) 

Петнаесетина лица биле повредени во сообраќајна несреќа што синоќа се случила на патот Струмица-Радовиш. Несреќата се случила во 18.50 часот и во неа учествувале седум возила – шест автомобили и еден камион.

Од МВР велат дека во несреќата учествувале автомобили „бмв“ со скопски регистарски таблици, „форд фокус“ и „фиат пунто“ со гевгелиски таблици, „пежо“ со струмички таблици и товарно возило „ивеко“ со струмички таблици сопственост на фирмата „Жикол“.

Во незгодата со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „бмв“, Т.Г., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Струмица каде бил задржан на понатамошно лекување, а телесни повреди се здобила и сопатничката во возилото „форд фокус“ Е.П.(21) од Богданци.

Според д-р Гошко Гошев, началник на Хируршкото одделение при болницата, кај нив биле донесени двајца патници. Едниот е задржан на натамошно испитување и следење на неговата здравствена состојба, а вториот по укажаната помош е пуштен дома.


Едно лице загина откако воз со членови на Конгресот на САД удри во камион


Ричмонд, 31 јануари, 2018 - 21:15 (META) 

Патнички воз во кој се наоѓале членови на Конгресот на САД од редовите на републиканците, кои патувале од Вашингтон кон Западна Вирџинија, удрил во камион за превоз на отпад во Кросет, Вирџинија, јавуваат светските агенции.

Во несреќата загинало едно лице, кое не било во возот.

Инцидентот го потврди и Белата куќа.

„Претседателот Доналд Трамп е информиран за ситуацијата во Вирџинија. Имаме потврда дека едно лице смртно настрадало, а едно е сериозно повредено. Нема посериозно повредени меѓу членовите на Конгресот или меѓу нивниот персонал“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Железничката компанија „Амтрак“ соопштила дека до несреќата дошло во 11.20 часот според локално време и дека нема информации за повредите на патниците и на членовите на посадата на возот.

Полицијата ги истражува причините за инцидентот, додека надлежните ги утврдуваат штетите од несреќата.

Конгресменот Карлос Курбело за телевизијата МСНБЦ (MSNBC) изјавил дека имало помал број полесно повредени, но дека „најголем дел од патниците се во ред“.

„Ние сме добро, но нашиот воз удри камион за превоз на смет. Членови со медицинска обука им помагаат на возачите на камионот“, напиша конгресменот Грег Валден на „Твитер“.


Најмалку 11 загинати во напад на воена база во Кабул


Кабул, 29 јануари, 2018 - 15:35 (META) 

Најмалку 11 војници загинаа, а 15 се ранети во напад на воена база во близина на воената академија во главниот град на Авганистан, Кабул, соопшти авганистанското министерство за одбрана, пренесуваат светските медиуми.

Во нападот учествувале петмина милитанти, од кои четворица се убиени за време на нападот, а еден е уапсен, рекле од министерството.

Како што јавува новинската агенција „Амак“, одговорноста за нападот ја презела Исламска држава.

Денешниот напад доаѓа два дена по смртоносниот напад во Кабул, кога во експлозија на амбулантно возило загинаа најмалку 100 луѓе, а повеќе од 15 беа повредени. Одговорноста за овој напад ја презедоа талибанските милитанти.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Се зголемува бројот на загинати во нападот во Кабул


Кабул, 27 јануари, 2018 - 19:49 (META) 

Најмалку 95 лица се убиени, а 158 се повредени во самоубиствениот бомбашки напад што денеска се случи во главниот град на Авганистан, Кабул, велат последните информации што ги пренесуваат светските медиуми.

Нападот се случил кога амбулатно возило полно со експлозив успеало да го помине полицискиот пункт на улица затворена за јавен транспорт.

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанските милитанти.

Според очевидци, областа во која се наоѓаат повеќе странски амбасади, како и седиштето на полицијата во Кабул, била полна со луѓе за време на експлозијата.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Најмалку 40 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Кабул


Кабул, 27 јануари, 2018 - 11:30 (META) 

Најмалку 40 лица загинале, а 140 се повредени во самоубиствен бомбашки напад што утрово се случил во главниот град на Авганистан, Кабул, соопштија властите во земјата, пренесува „Би-би-си“.

Напаѓачите биле во амбулатно возило, полно со експлозив, кое успеало да го помине полицискиот пункт на улица затворена за јавен транспорт.

Нападот се случил во близина на старата зграда на авганистанското министерство за внатрешни работи и канцелариите на Европската Унија во Кабул.

Одговорноста за нападот ја презеле талибанските милитанти.

Според очевидци, областа во која се наоѓаат повеќе странски амбасади, како и седиштето на полицијата во Кабул, била полна со луѓе за време на експлозијата.

Авганистанските власти, како што пренесува „Би-би-си“ очекуваат бројот на жртви да се зголемува, со оглед на големиот број на повредени кои се носат во болниците.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.