Со пиштол им се заканувал на татко и на син


Струга, 12 јануари, 2015 - 13:46 (META) 

МВР поднесе кривична пријава против Б.С. (45) од Струга, поради постоење сомневање дека недозволено изработувал, поседувал и тргувал со оружје или распрскувачки материи, при што на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Имено, на 9 јануари годинава, околу 17.20 часот, пријавениот пристигнал во дворот на оштетениот и по вербална расправија и закани по неговиот живот и по животот на неговиот син, од појасот извадил огнено оружје, пиштол, и го вперил кон него. Откако пријавениот дознал дека синот на оштетениот не е во домот, заминал за потоа повторно да се врати околу 20.30 часот, при што бил приведен од полициски службеници.

Од пријавениот одземен е еден пиштол, марка „перто берета“, калибар 7,65 милиметри, а при извршен претрес во неговиот дом, пронајдена е една пушка, калибар 22 милиметри, со оптички нишан, која истиот нелегално ја поседувал.


Ограбена продавница на „Кам“ во скопски Чаир


Скопје, 9 јануари, 2015 - 12:51 (META) 

Маскиран разбојник, вооружен со пиштол, вчеравечер ограбил супермакет на „Кам“, во скопската населба Чаир, информираат од полицијата.

Разбојништвото се случило околу 20.15 часот во продавницата „Кам“ на улицата Џон Кенеди, кога маскираниот разбојник со пиштол им се заканил на четворица вработени и зел 55.000 денари од дневниот промет.

Случајот бил пријавен во полиција, чии екипи преземаат мерки за откривање на сторителот.


Двегодишно дете ја убило мајка си во продавница на „Волмарт“ во САД


Бојси, 31 декември, 2014 - 10:09 (META) 

Двегодишно дете ја застрелало и ја убило својата 29-годишна мајка со пиштол што го нашло во нејзината чанта, додека пазарале во продавница на „Волмарт“ во малото гратче Хејден, соопштила полицијата на сојузната американска држава Ајдахо, пренесуваат светските медиуми.

Од канцеларијата на шерифот на областа Кутенаи, изјавиле дека мајката, Вероника Рутлиџ, пазарувала со нејзиниот син и со уште три други деца, кога момчето, кое седело во кошничката за пазарење, го нашло пиштол и ја застрелало својата мајка.

Портпаролот на локалната полиција изјавил дека жената, која е од градот Блекфут во Југоисточен Ајдахо, имала дозвола за носење оружје. Таа била во посета на роднини во Хејден.

Од канцеларијата на шерифот рекле дека двегодишното дете посегнало во чантата на мајка си и го зело пиштолот со мал калибар, кој истрелал еднаш. „Станува збор за многу трагичен инцидент“, додале од полицијата.

Стрелањето се случило во близина на одделот за електронска опрема во продавницата. Полицијата ги прегледала снимките од камерите во продавницата за да утврди дека станува збор за несреќен случај.

Во ноември, оваа година, жена во Оклахома беше фатално застрелана од нејзниот тригодишен син со полуавтоматски пиштол. Тогаш полицијата изјави дека детето го зело пиштолот додека неговата мајка ги менувала пелените на другото дете.


Ограбена обложувалница во Куманово


Куманово, 22 декември, 2014 - 14:15 (META) 

Вчеравечер, околу 21.30 часот, непознато лице, вооружено со пиштол, ја ограбило обложувалницата „Плеј ин“ во Куманово, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, разбојникот со пиштол им се заканил на вработената и на гостин во обложувалницата, а потоа го одзел дневниот промет од касата и мобилниот телефон на гостинот.

Вкупната вредност на пленот што го однел разбојникот била проценета на околу 42.500 денари.


Веселејќи се, со пиштол се застрелал во нога


Гостивар, 9 декември, 2014 - 13:03 (META) 

Седумдесет и деветгодишен жител на гостиварското село Горна Бањица, вчера се застрелал во нога, додека со пиштол пукал на семејна веселба во селото.

Како што информираат од полицијата, А.А. во текот на веселбата, од пиштол, со калибар 9 милиметри, истрелал осум куршуми во воздух, а потоа мислејќи дека веќе нема куршуми во рамката, го свртел пиштолот кон земја и истрелал куршум кој завршил во неговата лева нога.

Тој веднаш бил пренесен во медицинскиот центар во Гостивар, а на местото на инцидентот бил извршен увид за расчистување на случајот.


Гостивар: Татко со пиштол ја повредил 16-годишната ќерка


Гостивар, 6 декември, 2014 - 15:03 (META) 

Шестнаесетгодишно девојче синоќа е донесено во Медицинскиот центар во Гостивар со прострелна рана од огнено оружје во пределот на рамото. Повредената е префрлена во Клиничкиот центар во Скопје.

Полицијата, по преземените мерки, открила дека повредите ѝ ги нанел нејзиниот татко М.Ф. (38). Извршен е претрес во неговиот дом, каде е пронајден и одземен пиштолот марка „црвена застава“, калибар 7,62 мм, и една рамка со осум куршуми, како и пиштол „црвена застава“ калибар 9мм, од кој се смета дека е пукано.

Увид на местото на настанот извршила екипа од полициската станица во Гостивар, а по целосно расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.


Ја ограбил со пластичен пиштол


Велес, 2 декември, 2014 - 12:37 (META) 

Вчера, околу 20.45 часот, во Велес ,на улицата Тодор Јанев, во колонијалната продавница „Афродита“, сопственост на Г.Б.(51), непознат сторител со закана со пластичен пиштол и со употреба на физичка сила извршил разбојништво над вработената, при што од касата одзел 2.500 денари.

Се преземаат мерки за откривање на сторителот.


Жител на Богданци осомничен за насилство и за напад на полицајци


Гевгелија, 19 ноември, 2014 - 12:54 (META) 

Четириесет и четиригодишен жител на Богданци е осомничен за насилство, откако нападнал сограѓанин и полициска екипа, која дошла да интервенира по инцидентот.

Како што информираат од гевгелиската полиција, осомничениот Ѓ.Д., на почетокот на овој месец, во кафеаната „Парк“, без повод и причина нападнал сограѓанин, удирајќи го во главата. По инцидентот, тој излегол од кафеаната, но по извесно време, повторно се вратил со пиштол в рака, од кој истрелал еден куршум.

Осомничениот им се заканувал и на полицајците, кои дошле да го повикаат на разговор пред неговиот дом, а се обидел да удри и еден од нив.

Против него била поднесена кривична пријава за насилство и напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.


Брачен пар осомничен за убиство во Горно Оризаре


Велес, 18 ноември, 2014 - 15:54 (META) 

Велешката полиција поднела кривични пријави против жител на селото Горно Оризаре, осомничен дека кон крајот на март годинава, го убил својот соселанец Бајрам И.(33), соопшти полицијата.

Покрај осомничениот, кој според пријавата, се товари за кривично дело убиство, приведена е и неговата сопруга. Таа, според полицијата, е осомничена за помагање бидејќи знаела за убиството, но не пријавила.

Убиството беше откриено кон средината на април, кога беше пронајдено телото на Бајрам И., со прострелна рана во главата. Полицијата вчера по обезбеден судски налог, извршила претрес во куќа во Горно Оризаре, каде биле приведени повеќе лица, меѓу кои и осомничените.

Во истрагата, како што информираат од полицијата, било утврдено дека на 24 март, осомничениот во близина на бензинската пумпа на „Макпетрол“, на излезот од градот Велес, кај местото Штипско џаде, со пиштол, калибар 7,65 милиметри, го застрелал Бајрам И. во главата, а потоа побегнал.


Кривични пријави за двајца полициски инспектори поради пиштолот на осомничениот за трикратното убиство


Кавадарци, 14 ноември, 2014 - 13:53 (META) 

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР, по извршени проверки, утврдила низа пропусти кај двајца инспектори од кавадаречката полиција, кои постапувале по пријавите за семејно насилство од жртвите на тројното убиство што се случи во неделата.

Како што информираат оттаму, полициските инспектори Д.Т. и Д.К. не постапувале професионално и против нив секторот за внатрешна контрола ќе поднесе кривични пријави.

Во првиот случај, инспекторот Д.Т., кон крајот на август, до Јавното обвинителство во Кавадарци поднел кривична пријава против Т.С., сега осомничен за тројното убиство, за нанесување телесна повреда, но не му го одзел пиштолот, иако морал, бидејќи станувало збор за пријава за кривично дело што се гони по службена должност. За ова била испратена и инструктивна телеграма од директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

– Во телеграмата е појаснето дека при поднесување кривични пријави против лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело за кое се гони по службена должност и при поднесување барање за поведување прекршочна постапка за прекршоци со елементи на насилство, полицискиот службеник кој работи на случајот задолжително треба да провери во евиденциите дали лицето поседува дозвола за оружје, односно дозвола за носење оружје и истите заедно со оружјето и со муницијата привремено да ги одземе и за тоа да биде известен судот – информираат од МВР.

Неговиот колега, Д.К., според полицијата, го направил истиот пропуст и при подготвувањето на кривичната пријава за второто дело, одземање малолетно лице, од ноември, не му го одзел оружјето на осомничениот Т.С.

– СВКПС против двајцата инспектори ќе поднесе кривична пријава за несовесно работење – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека полициските инспектори го прекршиле кодексот за полициска етика, а против нив ќе биде поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за кршење на работниот ред и дисциплнина.