!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Премиерот Заев го осуди нападот врз Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 16:59 (META) 

Премиерот Зоран Заев по примопредавањето на должноста со досегашниот, техничкиот премиер Емил Димитриев, го осуди атентатот врз министерот за здравство во заминување Никола Тодоров.

– Јас го осудувам ваквиот начин. Не ги знам деталите, Оливер Спасовски ме информираше дека се работи за некое физичко лице кое што директно посегнало по пиштол. Не знаеме детали околку самиот настан, но целосно го осудувам начинот, како да кажам со други зборови, недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе треба да се помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и навистина, освен сериозна осуда и не дај боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.


Дедото на малата Тамара пукал во Никола Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 13:47 (META) 

Шеесетгодишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко пукал во поранешниот министер и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму информираат дека осомничениот истрелал два куршуми од пиштол кон Тодоров. Во инцидентот, според МВР, нема повредени. Напаѓачот е веднаш уапсен и однесен во полициска станица, каде во тек е истрагата за случајот.

Дел од медиумите, повикувајќи се на првични и неофицијални информации од истрагата, објавија дека 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во изјава за „Нова ТВ“ потврди дека лицето што стрелало во поранешниот министер Никола Тодоров е нејзиниот татко. Таа вели дека е во шок и дека за нападот пред Министерството за здравство дознала од медиумите.

„Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои, но никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство иако ми е татко. Цел живот се борев за правда и еве што се случи“, изјавила Димовска.

Неофицијално, напаѓачот пукал во Тодоров додека тој влегувал во зградата на Министерството за здравство, каде во 12.30 часот денеска требаше да се биде извршено примопредавање на функцијата помеѓу Тодоров и новиот министер за здравство, Арбен Таравари.


Српскиот бизнисмен Пецони e ранет во центарот на Белград


Белград, 22 март, 2017 - 22:30 (META) 

Српскиот бизнисмен Предраг Ранковиќ – Пeцони вечерва е ранет во вооружена престрелка во хотелот „Праг“, во центарот на Белград, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Тој бил префрлен во клинички центар, но не е во животна опасност.

Според неофицијалните информации, Ранковиќ седел во ресторанот на хотелот „Праг“ со група луѓе. Кон нивната маса пришол маж, кој почнал расправија и потоа посегнал по пиштол.

Луѓето кои седеле со Пецони почнале врз него да фрлаат столови, но напаѓачот успеал да го погоди Пецони во нога.

Полицијата работи на расветлување на случајот.

Ранковиќ е познат српски бизнисмен во чијашто сопственост е и телевизијата „Хепи“.


Скопјанец застрелан во расправија во Ченто, се наоѓа во животна опасност


Скопје, 10 март, 2017 - 14:38 (META) 

Откако вчера бил застрелан, 27-годишен скопјанец со тешки повреди е пренесен во Специјалната хируршка болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје и се наоѓа во животна опасност, извести МВР.

Инцидентот се случил вчера попладне. Во полиција било пријавено дека на улицата Фуштанска во населбата Ченто, две непознати лица, кои дошле со два автомобили, почнале да се расправаат со Г.Б. (27), по што еден од нив извадил пиштол и стрелал во 27-годишникот, нанесувајќи му прострелна рана во десна надколеница и повеќе повреди на телото. Вооружениот потоа заминал со автомобилот.

Ранетиот е пренесен и задржан на лекување во болницата „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди и се наоѓа во животна опасност.

Полицијата вели дека трага по сторителите.


Кичевец си ја застрелал малолетната сестра


Кичево, 19 август, 2016 - 18:59 (META) 

Ќ.М.(17) од Кичево поради невнимание ја застрелал неговата малолетна сестра. Тој со пиштол на татко му испукал еден куршум, при што го повредил девојчето кое по укажаната медицинска помош во Општата болница во Кичево, билo однесенo во Скопје на Клиниката за детска хирургија. Таму и била констатирана прострелна влезно-излезна рана на десната надколеница.

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „предизвикување општа опасност“ и „недозволено изработување, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Кичево против Ќ.М. поднесе кривична пријава.

Пријавениот, во семејна куќа во Кичево, неовластено чувал полуавтоматско огнено оружје, пиштол „ЦЗ“ калибар девет милиметри. Пиштолот бил во сопственост на неговиот татко кој имал соодветна дозвола за поседување на огненото оружје.

Одземеното огненото оружје е испратено на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

 


Пиштол и накит украдени од куќа во Прилеп


Прилеп, 31 јули, 2016 - 12:58 (META) 

Непознат сторител синоќа, во периодот од 20.10 часот до 22.20 часот, ограбил куќа на прилепската улица Илија Компаниовски, сопственост на Б.Ј.

Крадецот влегол насилно во куќата и одзел разновиден златен накит и пиштол со калибар 7,65 милиметри.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на полициската станица во Прилеп и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Кичевец најден мртов со прострелна рана во главата


Кичево, 22 јули, 2016 - 13:35 (META) 

Синоќа, околу 20.15 часот, полициски службеници до паркирано возило на магистралниот пат Гостивар – Кичево, го нашле починат 63-годишниот М.З. од кичевското село Трпчин Дол.

Како што информираат од полицијата, кичевецот имал прострелна рана на главата, нанесена од огнено оружје, а покрај неговот тело бил пронајден и пиштол.

Увид на местото извршил јавен обвинител и екипа од полициската станица во Кичево. По наредба на јавниот обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција.


Повратник од затвор пукал во братот


Штип, 4 јуни, 2016 - 15:49 (META) 

Синоќа во штипската болница со прострелна рана е донесен Ќ.М. (31), жител на јуручкото село Ебиплија. Во него со пушка пукал родениот брат Ш.М.(35), кој во март 2000 година, ладнокравно, без причина, уби тројца жители на карбинското село Црвулево, а рани двајца.

Еден од ранетите тогаш беше неговиот брат, истиот од синоќешниот инцидент. Првпат беше ранет во ногата, а синоќа братот му ја прострелал раката. Според полицијата, се работи за нарушени семејни односи.

– Ш.М. од огнено оружје, кое го поседувал без одобрение, испукал неколку истрели кон својот брат Ќ.М.(31), при што му нанел прострелна рана во пределот на десната надлактица. Истиот со возило на брза помош бил префрлен во болницата во Штип, каде бил задржан на лекување – велат од СВР Штип.

Пукањето ги крена на нозе жителите на подплачковичките села во општината Карбинци. Меѓу нив проструи веста дека на слобода сега е 40-годишниот Мустафа, кој во црно зави три семејства. Со ловечка пушка в раце, прво убил овчар, па потоа влегол во дворот на жител на селото, го повикал и откако тој се појавил, пукал во него и го убил. На ист начин убил уште еден жител на селото, а неговата сопруга беше ранета. По пукањето жителите на Црвуљево ја каменуваа куќата на неговото семејство, им го запалија трлото и побараа да се иселат. Мустафа прво доби 20-годишна казна затвор, што потоа му беше намалена на 15 години. Во затворот Идризово, каде ја издржуваше затворската казна, со нож од приборот за јадење трипати прободе затвореник.

Синот на еден од убиените по судењето изјави дека судот бил преблаг со досудувањето на казната и не знае за каков тип убиец се работи.

По синоќешниот инцидент, непознато е како Мустафа дошол до пушка. Тоа треба да го откријат истражните органи.


Од бензинска во Козле украдени 80.000 денари


Скопје, 6 мај, 2016 - 13:51 (META) 

Синоќа, околу 2 часот по полноќ, била ограбена бензинската пумпа „Макпетрол“ во населбата Козле.

Непознат маж, заканувајќи се со пиштол, од вработените одзел околу 80.000 денари.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот.


Петковски добил куршум додека бил во друштво со ексначалник на УБК и со поранешен градоначалник на Битола


Битола, 28 април, 2016 - 10:00 (META) 

Функционерот на СДСМ од Битола, Борче Петковски, кој вчера беше повреден со куршум во ногата, за време на инцидентот бил заедно со свои блиски пријатели, поранешниот градоначалник на Битола, Златко Вршковски, и бившиот началник на УБК за Битола, Љупчо Чкљамовски.

Извори од полицијата за „Мета“ велат дека најверојатно е пукано од пиштол со придушувач.

Од полицијата во Битола велат дека официјално ќе излезат со информации кога ќе завршат вештачењето и истражната постапка.

Петковски за „Мета“ вели дека се чувствува добро.

– Сè беше како на филм, ниту нешто видовме, ниту слушнавме истрел – вели Петковски.

Зрното му е извадено од ногата и тој ќе остане на домашно лекување.

Очевидци, пак, велат дека во критичниот момент се слушнал чуден придушен звук.

– Во близина на Петковски имаше дузина деца кои играа пред маркетот, додека родителите им пазаруваа. Имаше џагор. Малку понастрана има продавница за велосипеди, каде исто така имаше многу луѓе, деца и возрасни. Се слушна некаков чуден звук, прво помисливме дека е од автобусот што тогаш поминуваше. Потоа некој свика дека е истрел, па видовме дека е повреден човек – вели очевидец.