!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пронајдени 18 револвери во стара куќа во Велес


Велес, 24 ноември, 2017 - 15:05 (META) 

Дури 18 стари револвери, за кои полицијата вели дека се произведени во 1938 година, биле пронајдени вчера, во стара куќа во Велес.

Според билтенот на МВР, околу 13.30 часот вчера, во СВР Велес било пријавено дека во куќа на улицата Максим Горки во Велес, сопственикот на куќата, И.Ѓ.(68), во еден од ѕидовите пронашол 18 револвери марка „нагантс“, калибар 7,62 милиметри.

Според полицијата, на старата куќа ѝ паднал покривот, по што сопственикот решил да врши делумна обнова и при работата биле пронајдени револверите.

СВР Велес изврши увид.


Жител на село Чегране застрелал соселанец по што избегал


Тетово, 12 ноември, 2017 - 15:29 (META) 

Триесет и седумгодишниот Л.С., жител на село Чегране вчера во 15:33 часот кај местото викано „Гропа“ атар на село Неготино-Гостивар, по расправија со Е.Е. (33) од истото село кој напасувал овци, му го доближил пиштолот до десната дланка на Е.Е и испукал еден куршум, при што го ранил, а потоа побегнал од лице место, соопшти МВР.

По укажаната лекарска помош во Медицински центар Гостивар, Е.Е е пренесен во Клиниката за пластична хирургија во Скопје.

Увид на лице место извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово. Причината најверојатно е претходно извршен физички напад од страна на Е.Е. врз Б.С. (39), брат на напаѓачот.


Ограбени три момчиња под закана со пиштол


Скопје, 7 октомври, 2017 - 13:00 (META) 

Тројца тинејџери околу 1.30 часот синоќа биле ограбени во центарот на Скопје од три непознати лица, информираа од МВР.

Според полицијата, непознатите машки лица со закана со пиштол извршиле разбојништво над Н.С. (17) , Б.Д. (18) и Д.И. (18), сите од Скопје, при што им одзеле 1.240 денари.


Полицаец нападнал членови на комисијата оти ќерка му не го положила возачкиот испит


Кавадарци, 5 октомври, 2017 - 14:15 (META) 

Полицаец од полициската станица во Кавадарци вчера им се заканувал на претседателката на испитниот центар на Здружението на возачи – Велес и на уште еден вработен дека ќе ги убие со пиштол, а потоа и физички ги нападнал бидејќи неговата ќерка не го положила возачкиот испит.

Како што информираат од МВР, полицаецот Ј.К. вчера околу пладне влегол во испитниот центар и почнал да ѝ се заканува на претседателката С.Н. (41). Пред да излезе од канцеларијата, тој се заканил дека со пиштол ќе ги убие С.Н., нејзиниот колега Ц.П. и другите од комисијата, доколку неговата ќерка не го положи возачкиот испит.

По кратко време, според полицијата, тој повторно се вратил во канцеларијата и физички ги нападнал С.Н. и Ц.П., кои со помош на нивна колешка успеале да го отргнат полицаецот и да го изнесат во ходникот, каде тој продолжил да се заканува дека ќе оди да го земе пиштолот за да ги убие.

По пријавата за случајот и по преземените мерки, полициски екипи на својот колега Ј.К. му го одзеле службеното оружје и муницијата. Против него, како што информираат од МВР, ќе биде поднесена кривична пријава за насилство, а за случајот бил известен и одделот за внатрешна контрола, криминалистички работи и професионални стандарди.


Обвинителство ќе бара притвор за напаѓачот во Кичево кој рани носител на советничка листа


Кичево, 28 септември, 2017 - 10:39 (META) 

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар извршил увид во центарот на Кичево, на местото каде што синоќа во вооружен инцидент ранети беа три лица, меѓу кои и носителот на независна листа за советници во општината, Алит Абази.

„Според првичните сознанија, до инцидентот дошло кога лицето А.А. од зад грб истрелало неколку куршуми од пиштол кон А.А. и А.Д. При нападот, лесни телесни повреди во пределот на потколеница добил и случаен минувач. Поради сериозноста на повредите, А.А и А.Д се пренесени на лекување во скопските клиники. Во текот на денешниот ден Основното јавно обвинителство – Гостивар до судија на претходна постапка при Основниот суд – Гостивар ќе достави предлог за определување притвор за сторителот“, информираат од ОЈО.

Полицијата вчера го приведе А.А. (58), кај кој пронајден е и одземен пиштол марка „сиг сауер“, калибар 9 милиметри.

Четириесетгодишниот Абази бил застрелан во слабината, додека Дестан Абдиу, кој учествувал во неговата кампања како шеф на изборниот штаб, и Шабан Далипи, кој било заедно со нив, се ранети во бутот, односно во потколеницата. Абази и Абдиу биле пренесени на скопските клиники, а Далипи бил префрлен во кичевската болница.

Инцидентот се случил на булеварот Ослободување во Кичево, околу 18.50 часот. Според првичните информации, се претпоставува дека нападот врз кандидатот за советник и врз другите две лица не е со политичка заднина, туку дека Абази и напаѓачот имале недоразбирања од претходно и воделе судска постапка.


Маж тешко ранет во ресторан во скопско Батинци


Скопје, 9 септември, 2017 - 14:16 (META) 

Крвава пресметка се случила вчера во скопското село Батинци, при што еден жител на селото е тешко ранет, а полицијата трага по неговите напаѓачи.

Како што соопшти полицијата, рано попладнето дошло до тепачка во ресторан во селото, по што противниците излегле надвор и таму продолжиле да се пресметуваат. Во еден момент било стрелани кон 35-годишниот Р.А. од Батинци, при што добил прострелни рани во нозете. Потоа напаѓачите избегале со автомобил „ауди А8“.

Ранетиот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“, каде му била направена операција.
По добиената информација, тим од единицата „Алфа“ го пронашол возилото на кое биле забележани оштетувања од огнено оружје. На местото на настанот било пронајдено и патничко возило „пежо“, сопственост на С.А. од селото Батинци.

СВР Скопје известува дека се работи на пронаоѓање на сторителот и на целосно расчистување на случајот.


Физичка пресметка и закана со пиштол во Бутел


Скопје, 26 август, 2017 - 13:10 (META) 

Непознати лица синоќа со закана со пиштол се обиделе да ги нападнат 22-годишниот М.Ж. и неговиот 25-годишен другар Н.А. на улицата „Бутелска“ во Скопје, пред кафе-бар, соопшти МВР.

Настанот се случил во 23 часот додека М.Ж. се движел со своето возило во кое бил и Н.А. (25). Од левата страна тие биле заобиколени од возило од кое излегле три непознати лица, а паралелно до возилото на М.Ж и зад него, застанале уште две возила од кои излегле уште неколку лица. Три лицата кои излегле од возилото што им го попречило патот, се доближиле до М.Ж. и Н.А. и почнале да им се обраќаат со погрдни зборови. Во еден момент, едно од лицата извадило пиштол и успеало да го извлече Н.А. од блокираното возило надвор по што и физички го нападнал.

Во меѓувреме дошло уште едно возило кое застанало и од него излегло друго повозрасно лице кое се упатило кон напаѓачот со пиштол во рацете и го натерал заедно со другите лица да го напуштат местото на настанот.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.


Кумановското обвинителство поведе истрага против лицето што уби тинејџер на свадба


Куманово, 27 јули, 2017 - 13:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лицето кое застрела гостин на свадба завчера во кумановското село Липково.

Според соопштението, осомничениот на 25 јули во 22.45 минути, додека присуствувал на свадбена веселба, извадил од појас пиштол марка „смит и весон“ и со умисла истрелал еден куршум со кој го погодил сега починатиот 19-годишник Б.Х., државјанин на Република Германија.

Почната е истражна постапка против осомничениот, и тоа за убиство и за новластено  изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачи материи.

Основен суд Куманово, по предлогот од јавниот обвинител, на осомничениот му изрекол притвор од 30 дена.


Премиерот Заев го осуди нападот врз Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 16:59 (META) 

Премиерот Зоран Заев по примопредавањето на должноста со досегашниот, техничкиот премиер Емил Димитриев, го осуди атентатот врз министерот за здравство во заминување Никола Тодоров.

– Јас го осудувам ваквиот начин. Не ги знам деталите, Оливер Спасовски ме информираше дека се работи за некое физичко лице кое што директно посегнало по пиштол. Не знаеме детали околку самиот настан, но целосно го осудувам начинот, како да кажам со други зборови, недозволиво нешто дури и да се помисли, а не пак да се изврши таква работа. Драго ми е што поранешниот министер Никола Тодоров е безбеден и сигурен, заради тоа што ние сме луѓе треба да се помагаме, не треба да си испраќаме никакви лоши пораки и навистина, освен сериозна осуда и не дај боже да се повтори никому, ништо друго не би посакувале – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.


Дедото на малата Тамара пукал во Никола Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 13:47 (META) 

Шеесетгодишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко пукал во поранешниот министер и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму информираат дека осомничениот истрелал два куршуми од пиштол кон Тодоров. Во инцидентот, според МВР, нема повредени. Напаѓачот е веднаш уапсен и однесен во полициска станица, каде во тек е истрагата за случајот.

Дел од медиумите, повикувајќи се на првични и неофицијални информации од истрагата, објавија дека 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во изјава за „Нова ТВ“ потврди дека лицето што стрелало во поранешниот министер Никола Тодоров е нејзиниот татко. Таа вели дека е во шок и дека за нападот пред Министерството за здравство дознала од медиумите.

„Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои, но никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство иако ми е татко. Цел живот се борев за правда и еве што се случи“, изјавила Димовска.

Неофицијално, напаѓачот пукал во Тодоров додека тој влегувал во зградата на Министерството за здравство, каде во 12.30 часот денеска требаше да се биде извршено примопредавање на функцијата помеѓу Тодоров и новиот министер за здравство, Арбен Таравари.