!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Забрана за тешки товарни возила на патот Гостивар – Кичево


Скопје, 16 јануари, 2017 - 19:39 (META) 

На патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, од 18.30 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила, информира Автомото-сојузот на Македонија.

Патниот правец Македонски Брод – село Здуње, на кој гравитираат 11 села, сè уште е непрооден за секаков вид возила.

Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од снег на коловозот, по интервенција на екипите на „Македонија пат“. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Тетово, Штип, Неготино, Демир Капија, Удово, Петровец, Кула и на планинските превои Стража и Ѓавато.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


На Деве Баир се чека два часа за влез во Бугарија


Скопје, 15 јануари, 2017 - 13:39 (META) 

На граничниот премин Деве Баир за излез од Македонија се чека од 30 минути до еден час, додека на другите гранични премини нема подолги задржувања, соопшти Автомото-сојузот на Македонија.

Граѓани од Скопје, пак, кои се на пат за бугарскиот скијачки центар Банско, за „Мета“ велат дека на граничниот премин Деве Баир од страната на Крива Паланка формирана е колона во која за премин кон Бугарија се чека околу два часа.

– До патарината пред Куманово патот е чист, ама потоа е влажен, а има и дел со дупки. Од Куманово до пола пат со Крива Паланка е суво. Потоа е влажно и помешано со песок. Кога се влегува во паланечката општина се гледа дека не е чистено – само фрлиле песок. Освен во градот и на места кај што грее сонце, речиси целиот пат е со натапкан снег – вели скопјанец за „Мета“.

Од АМСМ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива тековно, во зимски услови по претежно влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи.

Слаб снег провејува на Попова Шапка, но не се задржува на коловозот. Сè уште не е прооден патниот правец Македонски Брод – село Здуње, кон кој гравитираат 11 села.

Јавното претпријатие „Македонија пат“ апелира на внимателно возење и на прилагодување на брзината спрема условите на патот.


Патот од Македонски Брод кон село Здуње сè уште непрооден


Скопје, 15 јануари, 2017 - 10:37 (META) 

Патниот правец Македонски Брод – село Здуње, на кој гравитираат 11 села, сè уште е непрооден за секаков вид сообраќај, соопштуваат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови по претежно влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот по интервенција на екипите на „Македонија пат“.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Непрооден патот Македонски Брод – Здуње, отсечени 11 села


Скопје, 14 јануари, 2017 - 11:11 (META) 

Патниот правец Македонски Брод – село Здуње е непрооден за секаков вид сообраќај, соопштија од Автомото-сојузот на Македонија. На овој пат гравитираат 11 села кои сега се целосно отсечени.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови по претежно влажни коловози, наместа со остатоци од снег. Слаб дожд врне низ цела Македонија, додека снег со слаб интензитет паѓа на Попова Шапка, Стража, Маврово и во Буково.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


Забраната за товарни возила за влез во Грција сè уште важи


Скопје, 12 јануари, 2017 - 10:04 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на места со остатоци од снег, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на планинскиот премин Пресека, како и на патниoт правец Маврово – Дебар, каде за другите возила задолжително е користење на зимска опрема.

Поради лошите временски услови и состојбата на патиштата, не се дозволува влез на товарни возила и на автобуси во Грција.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Д.Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


ВМРО-ДПМНЕ: Поради пропагандата на СДСМ, зедовме помалку средства со повисока камата


Скопје, 9 јануари, 2017 - 13:04 (META) 

СДСМ со својата шпекулативна политика и со манипулирањето со јавниот долг, не направи ништо друго освен што ја зголеми каматата на еврообврзницата, што македонските граѓани ги чинеше 30 милиони евра, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за утрешното задолжување.

– Тоа се 300 локални патишта, стотина градинки или 38 училишта, кои отидоа во ветер затоа што СДСМ не ги гледаше државните интереси, туку тераше партиска пропаганда со еврообврзницата. Единствено што СДСМ успеа да го направи пишувајќи писма до странските инвеститори за еврообврзницата е да ја зголеми цената на капиталот – каматата. Така, народски кажано, поради политичка пропаганда на СДСМ, земавме помалку средства, но по повисока цена – се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Битолско Мариово три дена завеано во снег


Битола, 9 јануари, 2017 - 11:47 (META) 

Битолскиот дел на Мариово веќе неколку дена е отсечен од цивилизацијата со наноси од снег и по еден метар. Селото Гермијан, каде има околу стотина жители, веќе трет ден нема комуникација со градот, а иста е состојбата во уште дваесетина села во општина Новаци.

Отсечени се селата Гермијан, Бач, Живојно, Брод, Скочивир, Добровени, и од другата страна Градешница, Старавина и Зовиќ.

– Патот е исчистен само до селото Кременица до фармите на ЗК „Пелагонија“, а сите други села во Мариово се завеани со метар до метар и половина снег. Седиме дома, месиме леб и јадеме тоа што имаме во фрижидерите, чекаме расчистување на патот, бидејќи поради снегот не се знае каде е асфалтот, а каде се ендеците – вели во телефонски разговор жител на селото Гермијан.

И од Општина Новаци потврдуваат дека снегот и мразот направиле проблеми во комуникацијата со битилскиот дел на Мариово.

Градоначалникот на Општина Новаци, Лазе Котевски, вели дека битолскиот дел на Мариово е со големи наноси од снег. Според него, во најголем дел од селата има по пет-шест жители  и дека од утрово е ангажирана механизација за расчистување на патиштата.


Забрана за тешки товарни возила на Маврово, Ѓавато и кон Деве Баир


Скопје, 7 јануари, 2017 - 12:31 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на места со остатоци од снег по интервенцијата од „Македонија пат“, соопштуваат од претпријатието.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Маврово, Ѓавато, и на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а укината е забраната за Стража и за Плетвар.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Од ЈП „Македонија пат“ апелираат на внимателно возење и на прилагодување на брзината спрема условите на патот и додаваат дека дежурните екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.


ЦУК: Состојбата со невремето е стабилна, иако има завеани патишта


Скопје, 6 јануари, 2017 - 17:23 (META) 

На денешната седница на Управувачкиот комитет за кризи, беше заклучено дека состојбата со невремето предизвикано од неповолните метеоролошки услови, генерално е стабилна.

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) рече дека состојбата на патиштата се менува во зависност од тоа колкава е снежната покривка, но и поради ниската температура.

– Во моментов сообраќајот е во прекин на патот Штип – Велес кај местото Три чешми, бидејќи товарно моторно возило го попречило патот, како и на неколку патни правци кои водат до планински села на повисока надморска височина – рече Вчкова.

Таа додаде дека не се проодни патиштата кон Танушевци, Малино, Брест и Чучер – Сандево во Скопско, како и кон селата во општините Долнени, Старо Нагоричане, Куманово, Струга, Штип, Карбинци, кои како што истакна, вообичаено не се проодни секоја зима кога има поголем снежни врнежи.

– Во Кочани, во прекин е регионалниот пат кон викенд-населбата Пониква, а забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Пресека и Ѓавато – додаде Вчкова.

Раководителот на службата на Итната медицинска помош, Анета Димоска, истакна дека во текот на вчерашниот ден во Скопско имале 149 интервенции од кои четири скршеници на јавно место, две сообраќајки со двајца повредени и едно лице во хипотермална состојба.

Портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски, рече дека енергетскиот систем генерално е стабилен, со мали проблеми во руралните средини.

Тој апелираше граѓаните рационално да ја користат електричната енергија и да не ги вклучуваат во напон поголемите потрошувачи одеднаш за да се избегнат испади во системот.

 


СДСМ: Недозволиво е граѓаните да се блокирани поради неколку часа снег


Скопје, 6 јануари, 2017 - 14:49 (META) 

„Недозволиво е само неколку часа да паѓа снег и граѓаните во половина држава да се блокирани. Граѓаните ги плаќаат институциите да се грижат за нивните потреби. Ги плаќаат преку целата година, за тие да можат да работат и во отежнати околности“, се вели во соопштението на СДСМ.

„Цели семејства со деца се смрзнуваат по непроодните патишта. Завеани се цели села и градови. Со часови беше блокиран главниот коридор во земјава, Велес – Скопје, каде и сега сообраќајот се одвива исклучително тешко. Да не говориме за необезбедените клисури и засеци, каде и во лето има голема опасност од одрони, а не, пак, при снег“, велат од СДСМ.

Препораката да не се излегува од дома не може да биде главна мерка за справување со снежни услови, велат од партијата, а како еден од главните проблеми што го посочуваат кај јавните претпријатија е немањето соодветна механизација и располагањето со мал број возила.

„Едноставно, поради криминалните политики на досегашната власт за непотребни камени објекти и лажен барок, преку што се богатеа поединци, државата е оставена без капацитет да одговори на потребите на граѓаните“, додаваат од партијата.