ОЦЦРП: Рускиот бизнисмен Иван Савиди стои зад немирите во Македонија за името


Атина, 17 јули, 2018 - 9:34 (META) 

Откако премиерот Зоран Заев изјави дека дел од навивачката група Комити добивала пари од руски бизнисмен за да протестира против Договорот со Грција, Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) објави дека според документи од МВР рускиот бизнисмен Иван Савиди кој живее во Грција исплатил 300.000 евра на десетици македонски политичари, членови на новоформираните националистички организации и хулигани навивачи на Вардар.

Овие исплати биле извршени преку над десет македонски политичари од разни партии, членови на неодамна основани радикални националистички организации и фудбалски хулигани од клубот Вардар, кои учествуваа во неодамнешните немири, вели ОЦЦРП.

Иван Савиди е милијардер роден во Грузија, кој сега живее во Грција, но поголем дел од својот живот поминал во Русија и некогаш бил парламентарец на земјата како член на владејачката партија Обединета Русија.

Саввиди или познат и како Савидис стана актуелен во светската јавност откако во март во натпревар од грчкиот шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.

Освен ПАОК, Савидис поседува дел од солунското пристаниште, дневниот весник Етнос, неделникот Етнос, дневниот весник Имерсија, многубројни магацини, тутунска компанија, минерална вода, хотелот „Македонија“, локална телевизија… Според Форбс, тој поседува 1,9 милијарди долари и е еден од 30-те најбогатите Руси.


Лагард најави можен заеднички буџет на еврозоната


Вашингтон, 9 јули, 2018 - 10:29 (META) 

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард најави можен заеднички буџет на еврозоната, кој би бил имплементиран под услов да не стане обичен трансфер на пари од богатите земји на сиромашните членки на ЕУ.

– Буџетот би можел да биде направен без каква било обврски на овие другите – изјави Лагард.

Лидерите на Франција и Германија се слогласија минатиот месец околу предлог за таков буџет, кој би можел да се користи за намалување на економските разлики меѓу земјите од евро зоната и да се стабилизира економијата, меѓутоа со таа идеја не се согласија другите членки на ЕУ, пред се  Холандија која е загрижена како можат парите да се повлечат и да се користат.


Јанева: Истрага за „Скопје 2014“ ќе има кога ќе утврдиме каде завршиле парите


Скопје, 25 јуни, 2018 - 13:53 (META) 

Додека не ги анализираме сите документи и не утврдиме каде завршиле буџетски пари, кај кои физички или правни лица се одлеале, дали се тие во Република Македонија или надвор и кој ги користи, нема да отвориме истрага за одредени лица кои се директно инволвирани во проектот „Скопје 2014“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.

На конференцијата „Заробена држава – илустрирана преку случајот – изградба на проектот ’Скопје 2014’“, која денеска ја организираше Транспаренси Интернешнл-Македонија, Јанева рече дека во моментот кога СЈО ќе смета дека има доволно основано сомневање за сторени кривични дела од физички или правни лица, ќе ја отворат истрагата затоа што, рече, работат на анализа на докази и материјали што ги собираат на законит начин.

СЈО повеќе од две години води предистражна постапка за „Скопје 2014“, а индиции за него биле телефонски разговори и начинот на кој се градел. Собираат, рече Јанева, документи за патот на парите од Буџетот на РМ и собрале голем број материјали за фасади, споменици и згради и за разни одлуки на Владата за овој проект. Но проблем е архивирањето и начинот на селектирање на документите што требало да се чуваат.

– Најголем проблем имаме во Општина Центар која документите за јавни набавки за разни објекти и споменици од „Скопје 2014“ не ги селектирала и тоа ни прави голем проблем. Голем број од нив се предадени во Архивот на РМ, па се вратени во Општина Центар, па не се знае каде се наоѓаат. Во последен период најдовме огромен број материјали кои биле складирани во Архивот на РМ непопишани. Сега ги зедовме во наша сопственост и во моментов ги анализираме – рече специјалната обвинителка.

Бидејќи е во предистрага, таа не изнесе детали за „Скопје 2014“, но рече се работи за проект почнат уште во 2007 и реализиран на „суптилен и организиран начин“ и се уште, како што рече, има последици од одлуките што ги носеле институциите.

– Можам само да кажам дека одлуките на највисоко ниво, во Владата на РМ, за еден таков проект видлив во главниот град, се донесувале под точка разно, а не под точка што се донесува. Многу грижливо внимавале структурите на власта како да не дојде до транспарентно информирање на граѓаните што навистина се гради. Се работи за организирана операција која знаела која е целта – да се изградат огромен број објекти и споменици за кои немало план и програма, туку се граделе според политичка програма на една политичка партија – рече Јанева.


Кабинет на Иванов: Одговорно и транспарентно располагаме со буџетските средства


Скопје, 22 јуни, 2018 - 11:00 (META) 

Кабинетот на престедателот Ѓорге Иванов, изминатите девет години, максимално одговорно, совесно и на транспарентен начин располага со буџетските средства, се вели во одговорот од кабинетот на претседателот на соопштението од Владата.

„Во таа насока, потенцираме  дека сите јавни набавки од страна на кабинетот на претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и согласно сите законски регулативи и истите се јавно достапни. Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија. Со цел објективно информирање на јавноста, кабинетот на претседателот како и досега, така и во иднина, целосно стои на располагање за било какви информации кои се однесуваат на финансиското работење и трошењето на народните пари за службени потреби“, се вели во соопштението.

Од кабинетот додаваат дека „со оглед на тоа дека постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции, кабинетот на Претседателот нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“.


НБРМ: Софтверите на машините за обработка на пари да се прилагодат на новите 10 и 50 денари


Скопје, 11 мај, 2018 - 10:33 (META) 

Народната банка ги известува сите правни лица кои што ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина дека по 15 мај ќе започне периодот во кој што ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

„Доколку правните лица не се во можност од деловните банки да обезбедат соодветни примероци од полимерните пари за потребните софтверски приспособувања, можат да се обратат до Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ каде што ќе им бидат обезбедени потребните количини од полимерните пари“, се вели во соопштението на банката.

Од таму потетсетуваат дека и во периодот на надградбата на автоматите за наплата со готовина, односно нивното софтверско приспособување, граѓаните ќе може непречено да остваруваат плаќања преку овие автомати со кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, кои што и по 15 мај остануваат во оптек и се законско средство за плаќање во Македонија.


Народна банка ги претстави првите полимерни банкноти, кои од 15 мај влегуваат во оптек


Скопје, 23 април, 2018 - 11:16 (META) 

Народна банка го претстави сликовниот приказ на првите полимерни банкноти на Македонија, кои на 15 мај влегуваат во оптек, а се во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

„Основната разлика помеѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност е материјалот кој се користи како подлога за печатење. Хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен“, информираат од Народна банка.

Од таму додаваат дека наместо водениот печат кој што го содржат книжните, полимерните банкноти ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн.

„Поконкретно, кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“. На нив ќе има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид“, додаваат од Народна банка.

Од денот на пуштање во оптек на полимерните банкноти со апоенска вредност од 10 и 50 денари, книжните банкноти со истата апоенска вредност престануваат да бидат законско средство за плаќање.


На порталот „Отворени финансии“ ќе се следи трошењето на парите на граѓаните


Скопје, 18 април, 2018 - 15:38 (META) 

Министерството за финансии во соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) подготвуваат портал „Отворени финансии“ кој што треба да биде пуштен во употреба кон крајот на годината.

Овој портал ќе содржи податоци за трошењето на парите на граѓаните, односно за што се трошат парите, колку и кон која институција се вршело плаќање од буџетот и слично.

Во првата фаза ќе бидат достапни податоците за буџетските корисници на централно ниво, а потоа и на единиците на локалната самоуправа.

Податоците ќе бидат објавени во лесно достапни формати кои подоцна ќе бидат лесно обработливи.

Министерството за финансии користи искуство од Албанија и Словенија, а податоците би биле објавувани на секои две недели.

Овој портал е во рамките на Акцискиот план за Стратегијата за управување со јавните финансии, со која Министерството за финансии сака да го подобри управувањето со јавните финансии, но и транспарентноста на трошењето на парите на граѓаните.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Пластифицирани пари од 10 и 50 денари ќе се пуштат во употреба, книжните се повлекуваат


Скопје, 29 март, 2018 - 13:20 (META) 

Народна банка ќе пушти во оптек книжни пари изработени од полимер (пластифицирани), во апоени од 10 и 50 денари, информираат од таму.

„Истовремено беше донесена и одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоени од 10 и 50 денари кои што се во оптек од 8 септември 1996 година, а се употребуваат и во моментов. Согласно со оваа одлука, на денот кога ќе бидат пуштени во оптек книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, изработени од полимер, книжните пари со истата апоенска вредност, кои што се во оптек од септември 1996 година, престануваат да бидат законско средство за плаќање. Нив, правните и физичките лица ќе можат бесплатно да ги заменат со други книжни и ковани пари со еквивалентен износ. Замената на книжните пари, од 15 мај годинава до 15 мај следната година, ќе ја вршат деловните банки основани во Македонија, а по овој период, замената ќе се врши во Народната банка“, информираат од таму.

Почнувајќи од 15 април ќе бидат пуштени во оптек и ковани пари во апоен од 2 денари, со ознака на ковање „2018“.

„Со пуштање во оптек на овие ковани пари во готовинскиот платен промет во важност ќе бидат, паралелно, и кованите пари во апоен од 2 денари издадени претходно. На седницата беше донесена и Одлука согласно со која од 2 мај годинава ќе бидат пуштени во оптек и книжни пари во апоен од 100 денари, со ознака за печатење „мај 2018“, по што, паралелно во важност ќе бидат, и книжните пари со истата апоенска вредност издадени досега“, додаваат од таму.


Поповски презентираше алатка за отчетност: Потрошивме двојно помалку од претходниците


Скопје, 21 март, 2018 - 13:15 (META) 

Помалку од двојно државни пари потрошиле функционерите на оваа влада во првите шест месеци од стапувањето на функцијата, во однос на функционерите на претходната влада по преземањето на функциите во 2014 година, информираше денеска министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.

Анализата на софтверот (vlada.mk/otchetnost-troshoci), кој претставува Алатка отчетност за трошоците, покажува дека 60 функционери во Владата предводени од Зоран Заев за шест месеци (1 јуни -1 декември 2017), вкупно потрошиле 21.890.462 денари (355.942 евра), а владата на Никола Груевски за период од (1 јуни-1 декември 2014) година потрошила 44.909.835 денари (730.242 евра)

– Поединечно, Никола Груевски како тогашен премиер потрошил 5.183.102 денари (84.278 евра) во период кога од дома ги креираше и ги диктираше политиките. Премиерот Зоран Заев во првите шест месеци од владеењето со динамична меѓународна агенда потрошил 2.918. 932 денари (47.462 евра). Тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески потрошил 1.753.132 денари, додека сегашниот министер Горан Сугарески ,77.972 денари. Тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески во тој период потрошил 2.619.357 денари, а сегашниот Драган Тевдовски 583.170 денари – изјави Поповски.

Поповски апелираше сите функционери кои користат државни пари во работењето, односно од локална самоуправа, пратеници, обвинителство да го следат овој пример и да објавуваат како ги трошат парите на граѓаните.

– Посебно сакам да апелирам на користење на наративниот дел од софтверот, во кој треба текстуално да се опише за што биле потрошени парите. Претставуваше сериозна тешкотија да се убедат луѓето од администрацијата да ги дадат податоците, посебно за периодот од 2014 година. Овие бројки веруваме дека се прецизни, можеби се случиле отстапки затоа што некои информации недостасуваат – објасни Поповски.

Тој додаде дека за сите овие функционери, следниот извештај ќе биде објавен на 31 мај годинава, кога ќе истечат вторите шест месеци од работењето. Очекува дека во иднина, податоците ќе се апдејтираат на месечно ниво.


Се одбележува Глобалната недела на парите, младите ќе учат да штедат


Скопје, 15 март, 2018 - 10:22 (META) 

Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација ја одбележува Глобалната недела на парите од 12 до 18 март, а активностите ќе продолжат во текот на целиот месец.

Ова тело го сочинуваат Народна банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, кои во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации ќе организираат посети од страна на повеќе основни и средни училишта од Скопје и од останатите градови, како и од руралните средини во просториите на петте регулатори.

„Веќе шест години по ред се организираат активности од овој вид, а целта е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на институциите што ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи“, се вели во соопштението на Народна банка.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото.

Целта е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини.

Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е „Парите имаат значење“, со намера младите луѓе да научат мудро да управуваат со парите што ги поседуваат и да штедат за својата иднина.