Човечка грешка предизвика паника на Хаваи со лажен аларм за напад со балистички ракети


Хонолулу, 14 јануари, 2018 - 11:53 (META) 

Поради човечка грешка, повеќе од милион и половина жители на Хаваи и туристи вчера беа вџашени и крајно вознемирени откако на своите мобилни телефони добија порака дека балистички ракети се упатени кон Хаваи и сите мора да се засолнат, со напомена дека не станува збор за грешка.

За среќа, алармот испратен вчера претпладне по локално време беше лажен, а станувало збор за грешка на еден вработен во службата за тревожење на Хаваи.

Жителите на островите по тревогата биле зафатени од паника и хистерија и огромен број од нив итале да се засолнат. Некои од нив влегувале во шахти и ги затворале капаците над себе.

Раководството на сојузната држава се извини за лажната тревога.

Причината е стискање на погрешно копче од страна на вработен Агенцијата за справување со итни состојби (ЕМА) на Хаваи,кога требало да ја предаде смената.

Дури 18 минути по лажната тревога исправка била испратена по електронска пошта, а нова порака со исправка на мобилните телефони на граѓаните стасала друи 38 минути подоцна.


Полицијата во Лондон се повлекува, немало докази за пукање


Лондон, 24 ноември, 2017 - 20:05 (META) 

По големата паника што го зафати Лондон, под сериозни сомнежи за терористички напад со пукање во метро-станицата Оксфорд сиркус, специјалните полициски сили се повлечени, а станицата е повторно отворена. Повторно е отворена и станицата Бонд стрит, која беше затворена за да не се случи огромна маса луѓе во паника да влезе во неа, обидувајќи се да се евакуираат.

Според „Би-би-си“, полицијата не дошла до докази дека имало пукотници, а нема ни осомничени за нападот, па веројатно станува збор за паника која се создала поради гласини. Британската транспортна полиција соопшти дека во паниката една жена добила повреда при бегањето од Оксфорд сиркус. Лондонската полиција, пак, соопшти дека добиле бројни извештаи за пукотници на улицата Оксфорд и во метро-станицата Оксфорд сиркус околу 16.30 часот по локално време. Веднаш на терен се испратени специјални полициски сили, бидејќи во тој момент инцидентот се третирал како терористички напад.

„Полицијците што работеа заедно со нивните колеги од Британската транспортна полиција итно направија пребарување на областа. Полицијата не утврди жртви, докази за пукање ниту, пак, наидовме на осомничени“, соопшти лондонската полиција.

Сепак, поради чувството на сигурност на лондончани, одреден број полицајци ќе останат на улиците во Вест енд.

Кога во метро-станицата се случила паниката, дел од патниците објавуваа на социјалните мрежи дека виделе чад и слушнале истрели. Во рестораните близу станицата имало преплашени луѓе, од кои дел и плачеле.

Евакуацијата и паниката во центарот на Лондон се случи точно во време на најголемиот метеж поради купувачката треска за т.н. „црн петок“. Улицата Оксфорд е една од најголемите улици со продавници на светот.


Паника во и околу метро-станицата Оксфорд во Лондон


Лондон, 24 ноември, 2017 - 18:56 (META) 

Една од најфреквентните метро-станици во Лондон вечерва е евакуирана, откако беше пријавен инцидент со пукање. Имаше информации и дека се пукало на улиците во близина и, според досегашните сознанија, најверојатно станува збор за терористички напад.

Полицијата не соопштува детали, туку само упати апел до граѓаните да не се движат во тој дел на Лондон без потреба. На улиците во близина се распоредени вооружени специјалци.

Во метрото владее паника, а дел од патниците виделе чад и слушнале истрели. Во рестораните на станицата имало луѓе во паника, кои викале и плачеле.

Евакуацијата и паниката во центарот на Лондон се случи точно во време на најголемиот метеж поради купувачката треска за т.н. „црн петок“.


СДСМ: Жртвата во Љуботен не е поврзана со пожарите, ВМРО-ДПМНЕ да не шири паника


Скопје, 6 август, 2017 - 12:28 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ да престане неосновано да шири паника, случајот во Љуботен не е поврзан со пожарите, а институциите активно работат на терен, велат од СДСМ како реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека поради пожарите во скопското село Љуботен било пронајдено изгорено човечко тело.

„Во недостиг од идеи и без капацитет да ја надмине матрицата на криминалниот врв, ВМРО-ДПМНЕ очајнички се обидува да шири паника помеѓу граѓаните, целосно неосновано, без аргументи и со измислување настани што немаат никаква врска со реалноста. Согласно информациите на државните институции, случајот во Љуботен не е поврзан со пожарите. Ваквото несериозно и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ е скандалозно и нечесно кон граѓаните и државата“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека надлежните институции заедно со сите ангажирани лица на терен прават сè за нормализирање на состојбата и за санирање на штетите од пожарите, како и за превенција од нивна повторна појава.


СДСМ: Сите надлежни институции се на терен за побргу да се изгаснат пожарите


Скопје, 5 август, 2017 - 14:38 (META) 

Криминалното и расипничко владеење на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ зад себе оставија нефункционален систем за справување со кризни ситуации, застарена и запуштена механизација и стара и дотраена опрема во службите задолжени за заштита, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека дури и авионите за гаснење на пожар не биле функционални сè до доаѓањето на новата власт.

„Сепак, дури и во такви тешки услови, сите ангажирани лица на терен, пожарникарите, припадниците на армијата и доброволците, заедно со надлежните министерства и институции, даваат сè од себе за што е можно побрзо локализирање и целосно гаснење на активните пожари, од кои за дел постои сомневање дека се подметнати намерно“, се вели во соопштението.

Од СДСМ порачуваат ВМРО-ДПМНЕ да ги остави надлежните институции да ја работат својата работа и да престане да шири паника помеѓу граѓаните.


ЦУК тврди дека нема место за паника за земјотресите во Охридско


Охрид, 5 јули, 2017 - 17:11 (META) 

Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, по состанокот со одговорните лица кои го известувале за состојбата со земјотресите во Охридскиот Регион кои се случуваат во континуитет неколку дена, ги уверува граѓаните дека нема место за паника и апелира да се почитуваат препораките.

– Присутните на состанокот уверуваат дека ние како институции на системот за справување со кризи, сме подготвени за што било што би се случило во иднина – истакна Буџаку.

Виталните објекти во Охрид се во функционална состојба и немаат никакви оштетувања, вели директорот на ИЗИИС, Михаил Гаревски.

– Забранивме моментална употреба на една градинка до Архивот на Охрид, не од аспект на тоа дека конструкцијата не чини, туку бидејќи се два објекта споени со фуга и постои мал ризик да не падне некој дел од малтер и да повреди некое дете. Забранивме употреба на два станбени објекти изградени пред 30-тите години од минатиот век, кои не се сеизмички и постои можност да се прошират пукнатините во објектите – вели Гаревски.

Според него, по земјотресот со магнитуда 5 се очекува афтершоковите да бидат со јачина од 3 или 4 степени според Рихтер кои, како што рече, се нормална појава по таква јачина на земјотрес.


ВМРО-ДПМНЕ: Кога Заев е во паника, СЈО се активира со фабрикувани случаи


Скопје, 28 февруари, 2017 - 16:40 (META) 

Секогаш кога Заев е во паника, се активира СЈО, велат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство, на која беше објавено отворањето на новата истрага „Труст“.

Од партијата велат дека лидерот на СДСМ е исплашен оти знае дека нема да помине реализацијата на платформата од Тирана и затоа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева излегува на прес-конференција, за да го покрие срамот.

– Катица Јанева излегува на прес-конференции со измислени и фабрикувани случаи. Мислат дека така ќе го покријат срамот што ѝ го нанесуваат на земјата. Со секоја своја постапка, СЈО потврдува дека е алатка што треба да му помогне на аболираниот криминалец Зоран Заев во разнебитување на државата – изјави денеска на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека „последниот нарачан атак од СЈО претставува и атак врз медиумите кои не се под контрола на СДСМ и на Сорос“.

– Порценката на СЈО и на СДСМ и Сорос е дека на тој начин ќе ги заплашат и ќе го сокријат пазарењето со државните и со националните интереси од страна на Заев. Нема да ви помине, ниту ќе ви биде заборавено. Веќе сте прочитани. Народот се буди – рече Данев.


ВМРО-ДПМНЕ: Се зголемува паниката во организациите под контрола на СДСМ и на Сорос


Скопје, 8 февруари, 2017 - 9:37 (META) 

„Како што на виделина излегуваат сè повеќе и повеќе детали за начинот на кој мрежата на организации под контрола на СДСМ и на Сорос го корумпира невладиниот сектор, така се зголемува и паниката во нивните редови“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Деновиве, како и многупати досега, повторно сме сведоци како овие т.н. граѓански организации повторно се обидуваат да се претстават како автентични и слободоумни претставници на цивилниот сектор, иако документите што се појавуваат од нивната тајна комуникација уште еднаш го потрдуваат тоа што целата јавност веќе добро го знае – не се ниту автентични, ниту слободоумни, туку се слуги на политичките интереси на СДСМ и на Сорос“, стои во соопштението.

Од партијата велат дека овие организации „кои Сорос и нивниот политички партнер СДСМ ги активира на копче зависно од потребите на аболираниот криминалец Зоран Заев и на неговата злосторничка дружина, не се претставници на граѓаните на Македонија“.

„Овие организации од кои произлегуваат ликови како Владе Милчин, Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ, Лидија Димова и други, не го претставуваат вистинското граѓанство во Македонија. Тие го претставуваат само тој слој граѓани кои одлучиле да сеат магла дека се невладини, а да седат во скутот на СДСМ, на неговите пратенички листи или во извршните органи на партијата. Тие не се заинтересирани ниту за граѓанските права и слободи, ниту за просперитетот на државата. Тие се заинтересирани само за тоа како преку манипулирање на јавноста да ги полнат своите џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Земјотресите ги исплашија: Каде исчезнаа Тодоров, Груевски, Трајановски и Јакимовски?


Скопје, 14 септември, 2016 - 11:07 (META) 

Неколку дена по земјотресите што го погодија Скопје, претседателот на Управувачкиот комитет за справување со кризи, Никола Тодоров, сè уште се нема појавено во јавност. Првиот состанок, пак, ова тело го имаше во неделата, на 11 септември, веднаш по земјотресот со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, а вториот состанок се одржа на 12 септември.

Иако по првиот вонреден состанок беше најавена изјава на Тодоров, тоа не се случи. Интересот зошто тој не се појави во јавноста по серијата земјотреси, уште повеќе се зголеми поради свежата меморија за негово континуирано присуство во настраданите подрачја по поплавите од 6 август годинава.

По земјотресот во јавноста не се појавија ниту претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и Зоран Заев, а забележливо е отсуството на инаку често присутните Коце Трајановски, Емил Димитриев и Стевчо Јакимовски.

Експертите ваквиот пресврт го оправдуваат со тоа што за време на поплавите имало поголема можност за политички маркетинг. Аналитичарот Петар Арсовски вели дека сега, по земјотресите, немаше голема можност за сликање.

– Во поплавите имаше жртви. Тоа беше можност за сликање и за самопромоција на политичарите. Сега таа можност за политички маркетинг е помала, нема каде да се фотографираат, со што се губи и нивниот интерес за појавување во јавноста – вели Арсовски.

По полавите во Скопско на 6 август, прeтседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го прекина одморот во Турција за, како што известија медиумите, „да помогне во справување со тешките последици од невремето“ и „да изврши увид на терен“.

По силниот земјотрес во неделата, Груевски првпат во јавноста се појави вчера, на промоцијата на 13 нови наслови од проектот „Превод на стручни научни книги и учебници“.


Манчевски: Институциите мора да ја смират паниката кај граѓаните


Скопје, 13 септември, 2016 - 16:44 (META) 

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, денеска на прес-конференција рече дека институциите мора подготвени да ги дочекаат земјотресите.

Според него, моментално најголем хаос владее во образованието.

– Училиштата немаат никакви насоки и се оставени сами на себе, стихијно да носат одлуки што ќе прават со наставата. Некои држат настава, некои ги враќаат учениците дома, а има и такви во кои една смена има нормална настава, а во друга смена нема никаква настава. Бараме итно, таму каде што е безбедно, да има настава, да се организираат итно обуки и за наставниот кадар и за учениците како да се однесуваат во случај на нови потреси. Неопходно е да се спроведат брзи обуки на сите нивоа – рече Манчевски.

Тој додаде дека паниката најчесто произлегува од незнаење и од неинформираност, и порача дека во такви ситуации не смее да се дозволи да завладеат страв и паника, а најмалку во училиштата.

Одговарајќи на новинарски прашања, Манчевски рече дека институциите на системот се тие што мора да ја смират паниката помеѓу граѓаните и дека за таа цел потребни се и јавни настапи на надлежните институции.

– И самите сте сведоци дека најголем дел од повредите настанале поради паника, а не поради уривање на објекти. Затоа институциите мораат јавно да се обратат на граѓаните, за тие да добијат конкретни планови што да се прави при вакви ситуации, со што ризикот ќе се намали и ќе немаме толку повредени – рече Манчевски.