!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Вечерва промоција на документарниот филм „Танцот со пастрмките“


Охрид, 17 јануари, 2017 - 10:23 (META) 

Вечерва, од 19 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе биде промовиран документарниот филм „Танцот со пастрмките“, на кој во изминативе неколку години работеа членови на Нуркачкиот центар „Амфора“, од Охрид.

– Филмот е сниман пет години во водите на Охридско Езеро, за време на мрестот на пастрмката. По промоцијата на филмот, ќе следи и изложба на подводни фотографии. Собраните средства од продажбата на фотографиите ќе бидат наменети за социјално загрозените граѓани – вели Милутин Секулоски од „Амфора“.

Освен филм, ќе се одржи и изложба на атрактивни досега неприкажани подводни фотографии, која е од продажен и хуманитарен карактер.

Со овој настан почнуваат активностите за одбележување на големиот верски празник Богојавление – Водици, во четврток на 19 јануари, кога во Охрид се очекуваат и голем број гости од земјава и од странство.

Од 7 часот почнува богослужба во сите парохиски храмови, а во 8.30 часот ќе почне светата божествена литургија, по што во 9.45 часот ќе следи поаѓање на литијата кон градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се фрла крстот во осветените езерски води.


Пролетната температура и сонцето го наполнија охридското шеталиште


Охрид, 15 јануари, 2017 - 14:48 (META) 

Убавото и сончево време, со дневна температура која напладне достигна 10 Целзиусови степени, ги извлече охриѓани од своите домови, а туристите надвор од хотелите.

Некои уживаа во прошетка и во другарување со галебите по кејот на Охридско Езеро, други ги посетија летните тераси на градскиот плоштад.

Ликовниот уметник и познат екологист Свето Стефаноски доби инспирација и во средината на јануари и сред зима, организираше галерија на отворено.


СДСМ: Охрид окован во мраз, а ВМРО-ДПМНЕ преповторува ветувања стари четири години


Охрид, 12 јануари, 2017 - 10:07 (META) 

Во услови кога сите магистрални и регионални патишта кон Охрид останаа непроодни и неисчистени од снегот, а власта секоја година, на три фирми им дава 1,5 милион евра народни пари, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, без никаков срам, уште еднаш, лажејќи ги охриѓани, ги повторуваат ветувањата од 2013 и 2014 за нови проекти.

Со ваква реакција, се огласија од СДСМ, по повод вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која партијата вети ново пристаниште и експресен пат Охрид – Пештани.

„Власта во заминување ја ветува изградбата на пристаниште по четврти пат. Ветувањето е исто, само локацијата се менува. И експресниот пат Охрид – Пештани се ветува три години, но неговата изградба никако не почнува. Никогаш нема да бидат реализирани затоа што имаат негативно влијание врз животната средина. Со таквите проекти сериозно се загрозува нашето природно наследство, Студенчишкото Блато и Галичица. Затоа меѓународните финансиски институции одбиваат да ги финансираат ваквите штетни проекти на корумпираната власт, а Охрид годинава ќе се најде на листата на загрозени подрачја што се под заштита на УНЕСКО“, возвратија со сопштение од општинската организација на СДСМ.

Оттаму побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид да ѝ објаснат на јавноста зошто цели четири години не е реализирана ниту една од ветените инвестиции и зошто Општата болница во Охрид е со блокирана сметка и во финансиска дупка која надминува 2,5 милиони евра.


ВМРО-ДПМНЕ вети изградба на пристаниште во Охрид, кое ќе чини 2 милиони евра


Охрид, 11 јануари, 2017 - 13:09 (META) 

Во Охрид ќе се изгради долгоочекуваното пристаниште со кое ќе се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро, истакна денеска на прес-конференција пред Студенчишкиот канал претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов.

– Меѓу главните проекти, кои се од витално значење за градот Охрид, е и долгоочекуваното пристаниште, проект кој ќе се реализира од 2018 до 2020 година, а ќе чини вкупно 2 милиони евра. Овој проект ќе се реализира за да се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро. Изградбата на пристаништето ќе биде на локација пред Центарот за обука на вода кај каналот Биљанини извори. Ќе се гради со најсовремена инфраструктура која ќе овозможи сместување на минимум 300 помали бродови, десет бродови и простор за маневрирање. Пристаништето ќе има продавница за наутичка опрема, паркиралиште за возила, бензинска пумпа, ресторан, административен дел и магацински простор – рече Арнаудов.

Арнаудов ја истакна и изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани кој, како што рече, ќе им го олесни движењето на граѓаните што живеат во галичкиот предел.


Новогодишен подарок колку сопствената тежина – 95 килограми „Кандит“ чоколади


Охрид, 7 јануари, 2017 - 13:10 (META) 

Неколку илјади охриѓани, главно млади, се забавуваа синоќа и покрај ниските температури на традиционалната, 19-та по ред, „Бадникова вечер“, во организација на „Тамаро“ маркетите.

Песнички за најмладите, магија со професионален магионичар, најдобрите песнички од детските фестивали, танцова група на „Соната“ со посебно подготвена кореографија беа само дел од понудата вечерва во рамките на големата забава која се одржа во „ИБ Фитнес“ Центарот во Охрид.

Последниот месец од годината, во акцијата „Сладок декември“, сите потрошувачи на „Тамаро“ маркетите добиваа вредни награди, заедно со „Кандит“ чоколадите.

Најсреќниот, Александар Протугеров ја подигна првата награда – 95 килограми вкусна „Кандит“ чоколада, онолку колку што самиот е тежок!


Отсечени села во охридско, меѓуградскиот сообраќај во отежнати услови


Скопје, 6 јануари, 2017 - 12:43 (META) 

Сите крајезерски села од Пештани кон Свети Наум се отсечени поради снежните наноси и ниската температура.
До Трпејца, Љубаништа и со Свети Наум откажани се линиите во меѓуградскиот сообраќај, а тешко се стигнува и до повисоките села како Велестово, Елшани, Коњско и Шипокно.

Отсечени се и планинските села во општина Дебрца.

Автобусите кои сообраќаат од Охрид до Скопје и обратно, како и дел од тие што сообраќаат до другите дестинации во земјава, поаѓаат во редовните термини, но пристигнуваат на крајната дестинација со задоцнување.
Од охридската транспортна фирма „Галеб“ велат дека нивните возила патуваат и преку превоите без поголеми проблеми, но со мало задоцнување.

– Во моментов сообраќајот на Стража се одвива подобрено во однос на синоќа и превојот е прооден. Полошо е на Пресека, но автобусите сепак се движат натаму. Кон Велес и кон Штип и Кочани е исто така проблематично (особено на Плетвар), но сообраќајот се одвива со мало доцнење. Автобусот кој синоќа тргна кон Белград во моментов е во Ниш затоа што автопатот е привремено затворен поради снежни навеви и наноси на коловозот – информираат од најголемиот автопревозник во Охрид, АД „Галеб“.


Во Охрид се зголемува бројот на заболени од грип


Охрид, 4 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Последниве неколку дена, во Охрид рапидно се зголеми бројот на заболените од грип.
Од Институтот за јавно здравје потврдуваат дека сезонскиот грип во општина Охрид ги наполнил здравствените установи.

Ситуацијата била особено тешка за време на празниците, кога не работеле матичните лекари, така што за преглед во општата болница се чекало во редица.

Мајка со болно дете ситуацијата ја опиша како алармантна, бидејќи родители со деца чекале и на скалите.

Најмногу новозаболени имало во последната недела од минатата година, кога бројот на заболени бил приближно 300 лица, а неделата претходно имало стотина.


2017 година за охриѓани почна бериќетно


Охрид, 2 јануари, 2017 - 15:45 (META) 

Новата година и првата седмица што следи по неа, за охриѓани значи голем бериќет.
Барем десетина илјади гости, од земјата и од светот, уживаат за продолжениот викенд во сончевиот и за овој период од годината топол Охрид.

Примамливите пакет-аранжмани, главно со лански цени, беа привлечни, пред сè, за гостите од соседството и од регионот.

Најбројни се туристите од Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и од Хрватска, како и помали групи и од Полска, Грција и од Турција.

Охриѓани се презадоволни, бидејќи, покрај од Бугарија, овојпат им се вратија и туристите од Србија.

Задоволството е уште поголемо што, за православните христијани, следуваат три големи празници: Свети Наум Охридски – на 5 јануари, следниот ден Бадник, а веднаш по него еден од најголемите христијански празници посветен на Христовото раѓање, Божиќ.

Јануарските празници продолжуваат на 13 јануари – Стара Нова година, а ќе завршат со 19 јануари, Богојавление – Водици.


18-годишник нападна полициски службеник од Охрид


Охрид, 29 декември, 2016 - 14:25 (META) 

Полициски службеник од полициската станица во Охрид вчера попладне бил физички нападнат од 18-годишниот М.И.

Полициските службеници биле повикани во средното училиште ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ поради нарушен јавен ред и мир.

При обид за утврдување на идентитет на лицето М.И., тој упатил закани кон едниот полициски службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со глава.

Напаѓачот бил приведен и задржан во полициската станица во Охрид.


Нема ништо спорно во изградбата на хотелот кај Лагадин, тврдат од Општина Охрид


Охрид, 27 декември, 2016 - 15:52 (META) 

Нема ништо спорно во одобрението за изградба на хотел кај Лагадин, се огласи денеска со прес-конференција локалната самоуправа во Охрид.

Лилјана Јоноска од секторот за урбанизам, давајќи комплетен хронолошки приказ за целосната постапка за издавање одобрение, рече дека одлуката е донесена на Совет на Општина Охрид на 14 октомври 2015 година, по што е добиена согласност од Министерството за транспорт и врски, заедно со позитивни мислења од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и мислење без забелешки од ЈУ Национален парк Галичица.

– На 12 мај 2015 година, известена е националната комисија на УНЕСКО. За предметниот објект е издадено уредно одобрение за градба, врз основа на извод од претходно опишаниот општ акт за село Лагадин и е во целост испочитувана постапка предвидена со Законот за градење. Одобрение за градење се однесува на хотелски комплекс, објект од втора категорија, со приземје плус три ката, на површина за градба од 401,59 квадратни метри и коефициент на искористување во рамки на предвидениот со општиот акт. Паркирањето е решено во целост во рамки на градежната парцела. Хотелот ќе содржи 11 апартмани и шест соби или вкупно 34 легла, што е далеку од хотел со 1.600 легла, како што се шпекулираше во јавноста – појасни Јоноска.

Јоноска додаде дека во постапката се добиени мислење и согласност од НУ Завод и музеј Охрид, водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.