Пукање во Чаир, повредено 24-годишно момче


Скопје, 20 декември, 2017 - 19:22 (META) 

Денеска околу 17.40 часот на ул. „Џон Кенеди“ во Скопје од возило во движење пукано е во лицето Б.И. (24), информираат од МВР.

Повредениот Б.И. веднаш е пренесен во болница, а полициски службеници се на лице место и преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.


Двајца застрелани при обид да ограбат менувачница во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 17:52 (META) 

Две лица се убиени при вооружена пресметка во менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Неофицијално, двете лица се убиени при обид да ограбат менувачница, која е лоцирана на булеварот Борис Трајковски, кај Чешма во Кисела Вода.

Според првичните информации, лицето во менувачницата најверојатно извадило оружје и ги убило разбојниците.

Пред менувачницата во моментов има големо полициско обезбедување и три амбулантни возила.


Борците на ИД пукаат со оружје од НАТО, тврди сириски генерал


Дамаск, 25 октомври, 2017 - 13:44 (META) 

Сириската армија во источниот град Ал Мајадин, кој се сметаше за главно складиште на терористите на Исламска држава, пронашла толку многу оружје што ќе ѝ требаат шест дена за да го собере, соопшти бригадниот генерал на сириската војска, Хасан Сухаил, додавајќи дека поголем дел од оружјето потекнува од земји членки на НАТО.

– Ќе ни требаат најмалку шест дена за да го однесеме сето оружје што го оставија борците на ИД откако побегнаа. Има многу странско оружје – рече Сахаил.

На видеоснимката што ја објави „Прес ТВ“ се гледаат беспилотни летала, пушки од различен калибар, автомобили, разна муниција, против-тенковска муниција, радарска опрема, медицинска опрема…

Генерал Сухаил на новинарите им соопшти дека најголем дел од оружјето е произведено во земји членки на НАТО, односно во Велика Британија, Белгија и во САД.

Од НАТО демантираат дека ИД поседувала нивно оружје, истакнувајќи дека тие не тргуваат со терористи.

И британскиот министер за одбрана го демантираше тврдењата на сирискиот генерал, нарекувајќи ги шпекулации.


Кај скопјанец откриен арсенал оружје и муниција


Скопје, 23 октомври, 2017 - 17:25 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија, до скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Скопје, поради сомнеж дека неовластено изработувал и поседувал оружје, односно дека посредувал и тргувал со оружје или распрскувачки материи, како и дека прикривал стоки кои се предмет на криумчарење и вршел царинска измама.

Како што соопшти МВР, по преземени оперативно-тактички мерки, Единицата за недозволена трговија дошла до сознание дека З.Г. набавил поголемо количество оружје и муниција. Дел од муницијата носел во мотоциклот што го управувал, а дел се наоѓала во неговиот дом.

„На 19 октомври 2017 година, околу 18.40 часот, полициски службеници го забележале З.Г. со мотоцикл, марка „априлија“, во близина на пазарот на улица Маџари. Притоа, бил извршен преглед на З.Г. и претрес на мотоциклот и под седиштето биле пронајдени и одземени два сигнални револвера, еден сигнален пиштол и 150 куршуми. З.Г. бил приведен, а по извршените консултации и добиена усна наредба од јавен обвинител, бил извршен претрес во домот и во другите простории на З.Г. на улица Маџари. При претресот биле пронајдени и одземени 54 сигнални пиштоли, два сигнални револвери, осум пневматски пушки, 48 додатоци за цевки за пиштоли, осум спрејови за самозаштита, поголемо количество дијаболи, 5.850 куршуми калибар 9 милиметри за сигнален пиштол, две комбинирани батериски ламби со електричен парализатор, еден дел од пиштол – навлака и две празни пластични кутии за пиштол“, се наведува во соопштението од МВР и се додава дека оружје е доставено на вештачење.


Пукање во штаб на ДУИ и искршен штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Кавадарци, 13 октомври, 2017 - 13:32 (META) 

Во текот на вчерашниот ден било искршено стакло на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во село Злетово, a за време на јавниот собир на партијата бил приведен маж поради нарушување на јавниот ред и мир. Во село Пласница, пак, од автомобил биле испукани неколку куршуми кон штаб на ДУИ, информираат од МВР.

Синоќа во периодот од 1.50 до 2.15 часот во Информативен центар на улица Илинденска во Кавадарци биле искршени стаклата на објектот кој ВМРО-ДПМНЕ го користи како штаб. Полицијата информира дека работи на пронаоѓање на сторителот и на расчистување на случајот.

Во 20.50 часот во село Пласница од колона возила, која се движела од село Лисичани низ село Преглово кон село Пласница, биле истрелани неколку куршуми од огнено оружје во близина на штабот на ДУИ, кој се наоѓа на средсело. Претходно, во 20 часот, додека се одржувал јавениот собир на ДУИ на кој говорел градоначалникот на Пласница, непознато лице истрелало неколку истрели од огнено оружје.

Во село Злетово за време на јавниот собир на ВМРО-ДПМНЕ, С.Н. (71) викал и непристојно се однесувал, по што бил одведен во полициската станица во Пробиштип, каде му била поднесена прекршочна пријава.


МНР: Нема пријави за загинати или повредени македонски граѓани во нападот во Лас Вегас


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:12 (META) 

Според досегашните информации од дипломатско-конзуларните претставништва низ САД, нема пријави за загинати или повредени граѓани на Македонија во нападот во Лас Вегас, информираат од македонското МНР.

Оттаму додаваат дека за евентуална потреба, помош или инфoрмации, македонските државјани можат да се јават на дежурниот телефон во амбасадата на Македонија во Вашингтон, +1 102 66 70501.

Полицијата во Лас Вегас соопшти дека најмалку 59 луѓе се убиени, а 527 се повредени во нападот извршен вчера на музички фестивал во Лас Вегас.

Напаѓачот Стивен Педок во хотелската соба од која стрелал, имал 23 парчиња оружје и две направи за забрзување на оружениот оган, јавуваат светските медиуми.


Експлозии во складиште со оружје во Азербејџан – шест повредени


Баку, 27 август, 2017 - 14:14 (META) 

Најмалку шест лица се повредени откако пожар зафати складиште за оружје, во воена база во Азербејџан, по што следуваа неколку експлозии, јавуваат азербејџанските медиуми.

Засега не се знае дали повредените се цивили или војници.

Поради експлозиите и пожарот, евакуирани се жителите на околните села, а затворен е и автопатот кој главниот град Баку го поврзува со Русија.

Локалните власти велат дека противпожарните и амбулантните возила не можат да пристапат до местото поради експлозиите.


Меркел сака да се приклучи кон лудилото на Трамп за вооружување, смета Габриел


Берлин, 14 август, 2017 - 15:01 (META) 

Изборите во Германија се референдум за тоа дали земјата ќе се приклучи кон „лудилото за вооружување“ на американскиот претседател Доналд Трамп, смета лидерот на германската Социјалдемократска партија, Зигмар Габриел, кој е и германски министер за надворешни работи.

Тој ја обвини канцеларката Ангела Меркел дека му се умилкува на Трамп со нејзината „посветеност“ за зголемување на буџетот за одбраната.

– Изборите во септември ќе бидат гласање и за тоа дали Германија ќе остане мирна или ќе се приклучи кон лудилото на Трамп за вооружување – вели Габриел.

Како и Трамп, како што рече Габриел, и Меркел и нејзината партија сака „да вложува пари во оружје“, пренесува белгискиот портал „Политико“.


САД демантираат дека им испратилe тенкови и оружје на Курдите


Анкара, 3 август, 2017 - 18:24 (META) 

Амбасадата на САД во Турција ги демантираше наводите на турските медиуми дека американската армија испратила тенкови и стотина камиони со оружје во Сирија за да ја поддржи курдската милиција ИПГ.

Амбасадата во соопштението наведува дека САД немаат испорачано тенкови на ниту една група која се бори против исламистите во Сирија и оти бројните камиони кои ја минуваат ирачко-сириската граница не пренесуваат воена опрема или муниција.

Турските власти сметаат дека курдската милиција претставува опасност по безбедноста на Турција и се обидуваат да го намалат нејзиното влијание во пограничниот појас.

Вашингтон им дава поддршка на курдските паравоени Единици за заштита на народот, кои меѓу првите ѝ се спротивставија на Исламска држава.

Турција ги смета курдските единици за дел од забранетата Работничка партија на Курдистан, која Анкара и Западот ја означија како терористичка.


Големо количество оружје пронајдено кај Блаце, на регионалниот пат кон Косово


Скопје, 22 јули, 2017 - 14:17 (META) 

Големо количество оружје денеска било пронaјдено во близина на Блаце, на регионалниот пат кон Косово, соопштија од Министерство за внатрешни работи.

„Денеска од страна на единицата за недозволена трговија при Секторот за внатрешни работи Скопје во соработка со Управата за безбедност и контраразузнавање, а во содејство со единицата за брзо распоредување, единицата „Алфа“ и единицата за увид на местото на настанот и анализа, преземени се мерки и активности во атар на селото Блаце, поточно во близина на регионалниот пат кон Косово, при што во канал покрај земјен пат пронајдени се два рачни ракетни фрлачи М57, седум рачни бомби, пет запалки за рачни бомби, пушкомитралез од кинеско производство, пушкомитралез со придушувач за пламен од руско производство, автоматска пушка, три празни рамки за автоматска пушка и три вреќи со вкупно 2.141 куршуми калибар 7,62 милиметри“, се вели во соопштението на МВР.

Секторот за внатрешни работи Скопје иврши увид и пронајдените предмети се подигнати по наредба од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ќе бидат предадени на Одделот за криминалистичко-технички иситувања и вештачења при МВР.

„СВР Скопје презема мерки и активности за целосно расветлување на кривично-правниот настан, по што во консултација со надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе следуваат соодветни поднесоци“, велат од МВР.