!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонија и Бугарија договорија и потпишаа меморандуми за соработка во битни сектори


Струмица, 23 ноември, 2017 - 15:06 (META) 

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Струмица, по заедничата меѓувладина седница, потпишаа серија спогодби за соработка од областа на одбраната, телекомуникациите, туризмот, енергетика и на економијата.

Министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов, потпишаа Протокол за соработка во спроведувањето обуки за припадници на АРМ во воентите школи во Бугарија и за интензивирање на соработката.

Со потпишување меморандум, министерот за информатичко општество и за администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, го официјализираа и намалувањето на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.

Во согласност со договорот, регулаторните тела на двете држави треба да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг. Во моментов, за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за еден мегабајт интернет.

Бугарската министерка за туризам, Николина Ангелкова, и македонскиот заменик-министер за економија, Кире Наумов, потпишаа Договор за соработка во туризмот со кој, исто така, се предвидува и заедничко учество на туристички саеми, заедничко објавување туристички промотивни материјали, организација и учество на конференции, семинари и други туристички настани, како и заеднички настап на трети пазари.

Министрите, покрај тоа, потпишаа и два договора за соработка во енергетскиот сектор, со кои се предвидува од почетокот на 2018 година да се воспостави заеднички пазар за распределба на преносни капацитети меѓу електроенергетските оператори на двете земји. Со договорите се предвидува олеснето тргување со струја.

Бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и АД „Македонски енергетски ресурси“ – МЕР потпишаа Договор за спроведување студија за исплатливост на изградба на нова гасна меѓусистемска врска, а агенциите за катастар на Македонија и на Бугарија потпишаа договор за размена на картографски и геодетски материјали и информации.

Претставниците на двете влади пред меѓувладината седница го посетија манастирот „Водоча“, а потоа се поклонија пред споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.


Двочасовна пауза на рочиштето за „Труст“, СЈО не ги нумерирало доказите за одбраната


Скопје, 23 ноември, 2017 - 11:45 (META) 

Примерокот од листата на докази на СЈО за случајот „Труст“ повторно предизвика застој на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, поради што судијката Лидија Зимбовска даде двочасовна пауза.

СЈО денеска почна со изведување на доказите, но адвокатите на одбраната реагираа дека во листата што ја добиле од обвинителството, доказите не се нумерирани и не можат да го следат обвинителот за кои докази зборува.

Поради ова судијката Зимбовска даде два часа пауза, за СЈО повторно да ја испечати листата со докази, кои се наведени на 80 страници, овојпат со редни броеви како што бараат адвокатите.

Инаку, денеска пред судот треба да сведочи Васил Ристовски, управител на „Силекс неметали“, една од трите фирми за кои се води постапка во случајот „Труст“. Ристовски, кој денеска се појави во судот, треба да сведочи попладне, по паузата.

На претходното рочиште сведочеше Фаим Имери – Фичо, сопственик и управител на фирмата „Фичо сервис“, која со години соработува и ѝ продава градежни машини на фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот.

Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, СЈО ги товари дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.


Завршни зборови за „Тврдина 2“ и ново рочиште за случајот „Транспортер“


Скопје, 6 ноември, 2017 - 9:35 (META) 

Специјалното јавно обвинителство и одбраната на обвинетите, денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да ги изнесат завршните зборови во случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, заедно со шестмина вработени во УБК. Тие се товарат за уништување на документација поврзана со системите од незаконското прислушување.

Со завршните зборови судењето за случајот „Тврдина 2“ е пред самиот крај, односно останува уште судот да ја соопшти пресудата.

На претходното рочиште, кое се одржа во четвртокот минатата недела, судијката Лидија Петровска одлучи да не ја чека екстрадицијата на Грујовски од Грција во Македонија и да му се суди во отсуство. Адвокатот Љупчо Шврговски најави жалба на ваквата одлука на судијката Петровска, а одбраната, како што рече тој, ќе се жали и на решението на Петровска да не им дозволи да докажат дека „предмет на уништување биле безмалку тривијални документи, како лекарски уверенија, потврди за поправка на возила, пристап до чекалната на УБК, решенија за годишни одмори…“, а не документи со највисок степен на класификација – државна тајна.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, по завршувањето на рочиштето, изјави оти е уверена дека судот ќе донесе осудителна пресуда за „Тврдина 2“.

– Целосно сме убедени дека судот ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи има уверливи докази за тоа – изјави Ристоска.

Инаку, денеска во Кривичниот суд треба да се одржи рочиште за случајот „Транспортер“, во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Тој и уште дваесетина други обвинети се товарат за злоупотреби со превозот на ученици во Битола.

Претходното рочиште беше одложено бидејќи една од обвинетите не дојде во судот поради сообраќајна незгода.

Талески тогаш изјави дека постапката ќе ја истера докрај и ќе докаже дека во неговото работење немало криминал.

– Ако сме грешеле ние, тогаш грешеле сите општини во Македонија – изјави Талески по првото рочиште за случајот „Транспортер“.

Судија во „Транспортер“ е истата судијка од случајот „Тврдина 2“, Лидија Петровска.


Груевски бара да му го вратат пасошот за да се сретне со Орбан


Скопје, 30 октомври, 2017 - 16:16 (META) 

Со одземениот пасош на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се попречуваат правата само на едно лице, туку се одземаат правата на стотици илјади лица – членови, гласачи и поддржувачи на најголемата опозициска партија во државата. Ова беше дел од аргументацијата на адвокатите на Груевски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд, по повод жалбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е првообвинетиот во случајот „Титаник“ на СЈО, на последната одлука на Кривичниот суд да му будат укинати мерките на претпазливост, односно да му биде вратен пасошот и да се укине обврската еднаш неделно да се јавува во суд.

Инаку, Груевски денеска не беше присутен на јавната седница во Апелацискиот суд.

– Денеска одлучувате за нормалното функционирање на најголемата опозициска партија, кое е важно за демократијата во една држава. Одлучувате дали во оваа држава ќе се дозволи нормално артикулирање на политичките права и интереси на илјадници граѓани. Маргинализирањето на опозицијата и државата без опозиција е многу лошо – рече адвокатот Боро Тасевски.

Тој и неговиот колега од одбраната на Груевски, Димитар Дангов, истакнаа дека на Груевски му е потребен пасошот заради извршување на политичките активности, од кои дел се во странски држави.

Како потврда на своите твредења, тие до судот и до обвинителите на СЈО доставија покана од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, испратена до Груевски.

Тие се повикаа и на практиката на Кривичниот суд во случајот „Пуч“ пред две години, кога, како што рекоа, на сегашниот премиер, Зоран Заев, му бил вратен пасошот со образложение дека истрагата за случајот е завршена и има поднесено обвинение.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, рече дека одењето во странство за присуство на политички семинари или состаноци е причина на Груевски да не му биде вратен пасошот, бидејќи, како што рече, во текот на истрагата за случајот тој неколкупати го оправдувал своето недоаѓање на распит во СЈО со политички активности во странство.

Таа нагласи дека СЈО останува на ставот дека двете мерки – одзмање на пасошот и обврската Груевски да се јавува еднаш неделно во суд – се неопходни заради непречено и ефикасно водење на кривичната постапка.

– Недоаѓањето на Груевски на главната расправа во суд поради вакви причини ќе значи одложување на рочиштата за сите други 20 обвинети и одолжување на постапката – рече Стефанова.

Кога станува збор за практиката на судот, Стефанова рече оти ќе се повика на случајот „Кампања“, кога на лидер на политичка партија (Љубе Бошкоски) му беше одреден притвор.

Апелцискиот суд Скопје треба да донесе одлука по жалбата на Груевски во рок од 48 часа.


Укинување на пресудите и ново судење за случајот „Монструм“, бара Обвинителството


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:55 (META) 

Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на денешната јавна седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд побара укинување пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и враќање на предметот на повторно судење.

Врховниот суд на јавна седница денеска ги разгледуваше жалбите на шесттемина осудени за доживотните затворски казни што им ги одреди Основниот суд Скопје 1, а кои беа потврдени и од Апелацискиот суд во Скопје.

Барањето на Спасоска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, е поради „неутврдена фактичка состојба“, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката, пренесува „Телевизија 24“.

Обвинителката пред судот, исто така, побарала да бидат уважени и жалбите на одбраната на осудените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, кои и денеска пред Врховниот суд ги отфрлија обвинувањата дека се извршители на масакрот и повторно тврдеа дека се невини.

Според адвокатите на осудените, нема докази дека тие се сторители на петкратното убиство, а пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд се пристрасни и неправични. Одбраната има забелешки и на сведочењето на заштитетниот сведок, кое, според адвокатите, е контрадикторно.

Тие посочија и дека, според судското вештачење, времето на смртта на жртвите не можело прецизно да се утврди, а сведоците не ги препознале обвинетите.

За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


Шекеринска во еднодневна посета на Албанија


Тирана, 26 јули, 2017 - 10:36 (META) 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска е во еднодневна посета на Тирана, каде ќе се сретне со албанската министерка за одбрана, Мими Кодели, соопшти Министерството за одбрана.

По средбата на министерките, македонската делегација, во која е и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – мајор Мухамет Рацај, ќе има официјални разговори со делегацијата од албанското Министерство за одбрана.
Шекеринска, исто така, ќе го посети и баталјонот на специјалните сили на албанските вооружени сили во Тирана, каде ќе биде изведена и показна вежба.

Македонија и Албанија во областа на одбраната соработуваат од 1998 година, кога беше потпишана и Спогодбата за билатерална соработка. Од 2004 г. на годишно ниво се потпишуваат и планови за билатерална соработка, кои вклучуваат поголем број заеднички активности во двете земји.


Советот на Врховниот суд што го ослободи Кочан треба да одлучува за притворите на Грујовски, Јакимовски и на Бошковски


Скопје, 19 јули, 2017 - 12:19 (META) 

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и уште четворица судии треба да одлучуваат по жалбите на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и на Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), на кои Апелацискиот суд Скопје вчера им одреди мерка притвор.

Апелацискиот суд вчера соопшти дека ги прифатил жалбите на СЈО и донел одлука да ги преиначи претходните решенија на Основниот суд Скопје 1, па на тројцата обвинети наместо мерки за претпазливост им одреди притвор, оценувајќи ги како основани наводите на СЈО дека кај Грујовски, Јакимовски и Бошковски постои опасност од бегство.

Во решенијата на второстепениот суд, сепак, е наведено дека Грујовски (поранешниот началник на петтата управа), Јакимовски (поранешниот шеф на кабинет на Сашо Мијалков) и Бошковски (вработен во УБК), имаат право на жалби на одлуките за притвор до Врховниот суд, кои треба да ги поднесат во рок од 24 часа откако ќе ги добијат решенијата од Апелација.

Како што појаснуваат од Апелацискиот суд, додека Врховниот суд не се произнесе за одлуката, тројцата обвинети нема да одат во притвор.

Засега нема потврда од одбраната на тројцата обвинети дека ќе поднесат жалби, но извесно е дека ќе ја искористат можноста да ги обжалат одлуките за притвор.

По жалбите треба да одлучува Кривичниот совет на Врховниот суд, чиј претседател е Вангеловски. Инаку, покрај него, членови на одделот за казниви дела на Врховниот суд се и судиите Ристе Катевеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити и судијката Рахилка Стојковска.

Овој состав на Кривичниот совет на Врховниот суд во мај годинава, на тајна седница (немаше известување до медиумите), постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје со кои му беше одреден притвор на бизнисменот Сеад Кочан. Објаснувањето на претседателот на Врховниот суд, Вангеловски, беше дека решенијата се укинати бидејќи СЈО не дало докази за да му биде одреден притвор на Кочан.

Дел од медиумите во текот на април годинава пишуваа дека Вангеловски трипати го менувал составот на Кривичниот совет за тој да обезбеди противтежа на одлуките што би произлегле од „непријатните барања и случаи“ на Специјалното јавно обвинителство.


ВМРО-ДПМНЕ бара од судот да не подлегнува на притисоци и да ги врати одземените пасоши


Скопје, 12 јули, 2017 - 16:11 (META) 

Судот не смее да подлегне на политичките притисоци и на пропагандата што во континуитет ја врши Специјалното јавно обвинителство против ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство. Ова од пред Апелацискиот суд Скопје денеска го порача членот на извршниот комитет на партијата, Зоран Илиоски.

Апелацискиот суд попладнево на јавна седница ги разгледува жалбите на одбраната на поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски, и поранешниот директор на Агенцијата за државни пасишта, Љупчо Георгиевски, обвинети во случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство, на одлуките на Основниот суд Скопје 1 да им бидат одземени пасошите.

Тој, во името на ВМРО-ДПМНЕ, побара судот да ги отфрли „политичките барања на СЈО и да донесе одлука со која ќе се вратат патните исправи на лицата опфатени во предметите на Катица Јанева“.


Апелација сè уште ги чека жалбите од СЈО


Скопје, 6 јули, 2017 - 13:27 (META) 

Во Апелацискиот суд Скопје досега не пристигнала ниту една од жалбите на Специјалното јавно обвинителство и на одбраната на обвинетите на одлуките на кривичните совети за одбиените барања на СЈО за притвори и за мерки за претпазливост, велат за „Мета“ од второстепениот суд.

Инаку, СЈО и обвинетите првин ги доставуваат жалбите до Основниот суд Скопје 1, од каде потоа се препраќаат во Апелацискиот суд.

На прашање на „Мета“ колку жалби досега пристигнале, од Кривичниот суд ни рекоа дека за тоа треба да се обратиме до Апелација бидејќи тие по автоматизам ги испраќале предметите таму.

– Досега кај нас не пристигнал предметот, не сме добиле ниту една жалба – ни изјави Сафет Кадрии, судија на Апелацискиот суд Скопје, задолжен за односи со јавноста.

Специјалното јавно обвинителство досега до Апелацискиот суд (преку Основниот суд) поднесе 25 жалби против одлуките на кривичните совети на Основниот суд Скопје 1, со кои беа одбиени барањата за притвор на 18 лица, опфатени во случаите за кои СЈО минатата недела поднесе обвиненија.

Жалби најави и одбраната на обвинетите, кои не се задоволни со решенијата на Кривичниот суд за одземање на пасошите и за наметнување обврска еднаш неделно обвинетите да се јавуваат кај службено лице во судот.


Прекинато рочиштето за „Диво Насеље“, отстранети обвинетите што бојкотираа


Скопје, 29 мај, 2017 - 14:34 (META) 

Судијката Верка Петковска го прекина судското рочиште за случајот „Диво Насеље“ поради немање услови за судење.

На почетокот на судењето, Петковска соопшти дека се одбиени барањата на одбраната за изземање на обвинителите, на претседавачкиот судски совет, со кој таа раководи, претседателот на Кривичниот совет, Стојанче Рибарев, како и на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Одбиени беа и барањата за сослушување нови сведоци.

На ваквата одлука обвинетите почнаа бурно да реагираат и гласно да негодуваат, по што судијката Петковска нареди нивно отстранување од судницата, а поради недолично однесување со 1.2000 евра казни еден од адвокатите на одбраната.

Одбраната побара изземање на обвинителите и на судиите откако им беше одбиено претходното барање да се сослушаат поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и поранешниот шеф на Дирекцијата за безбедност и контраразнузавање, Сашо Мијалков.

Во случајот се обвинети 37 лица за тероризам и за терористичко здружување против Република Македонија.