Еден загинат, над 20 лица повредени во железничка несреќа во Австрија


Виена, 12 февруари, 2018 - 19:41 (META) 

Во железничка несреќа што се случи во австриската провинција Стирија загина најмалку еден човек, а над 20 се повредени, објавија светските медими.

Еден воз, од засега непознати причини, излетал од шините и странично удрил во друга локомотива, во 1 часот по локално време кај јужниот австриски град Никласдорф.

Австриската полиција на „Твитер“ потврди дека една жена загинала, а помеѓу дваесет и двајцата повредени има три деца кои се пренесени во болница. Во несреќата учествувале прекуграничен воз на „Еуро сити“ кој патувал од Грац до Саарбрикен во Германија и патнички воз.

Австриските федерални железници (ОББ) објавија дека работниците се мобилизирани и операцијата за расчистување е почната.


Загинаа 71 лице во несреќа на руски патнички авион во Москва


Москва, 11 февруари, 2018 - 15:22 (META) 

Руски патнички авион со 71 патници се урна набргу по полетувањето од московскиот аеродром Домодедово, јавија руските медиуми.

Авионот Антонов Ан-148 на компанијата Саратов ерлајнс, летал од аеродромот Домодедово кај Москва до Орск на јужен Урал, јави Интерфакс. Извор од службите за итна помош изјавил дека авионот се урнал во близина на селото Аргуново и оти „патниците и екипажот немале шанса да преживеат“. Во авионот имало 65 патници и шест членови на екипажот.


Тројца загинати во Истанбул – автобус удрил во постојка


Истанбул, 1 февруари, 2018 - 10:52 (META) 

Три лица ги загубиле животите во несреќа во истанбулската населба Ускудар утрово, кога автобус од градскиот превоз удрил во луѓе што чекале на постојката.

Автобусот претходно се судрил со друг автобус, па влетал во луѓето што чекале на постојката на улицата Д-р Ејуп Аксој, јави турскиот весник „Сабах“.

Има голем број повредени кои се пренесени во блиските болници.


Четворица загинати во судир во воздух на хеликоптер и авион во Германија


Карлсруе, 23 јануари, 2018 - 17:11 (META) 

Во страотна воздухопловна несреќа што се случи во Германија, кога во градот Филипсбург се судриле хеликоптер за итна помош и мал авион, четири лица ги загубиле животите.

Несреќата се случила денеска во регионот Карлсруе во покраината Баден-Виртемберг, во близина на нуклеарна централа, а причините за судирот во воздух засега се непознати.


ОЈО ја расветлува сообраќајката кај Кичево во која животот го загуби тримесечно бебе


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:01 (META) 

Основното јавно обвинителство Кичево ја расветлува сообраќајната несреќа на магистралниот пат Кичево – Македонски Брод, во којa, животот го загуби тримесечно бебе, информираат од таму.

„Според првичните информации, несреќата се случила кога возачот на патничко моторно возило марка „голф“ со охридски регистарски таблички што се движел од Македонски Брод кон Кичево, направил обид за претекување на товарно возило – влекач со приколка марка ТАВ со кичевски регистарски таблици. При претекнувањето, возилото „голф“ удрило во патничко моторно возило „алфа ромео“ со регистарски таблички од Словенија, што доаѓало од спротивниот правец. На лице место од здобиените повреди починало тримесечно бебе. Патниците на двете патнички моторни возила со тешки телесни повреди се пренесени во медицински установи за укажување натамошна помош“, се додава во соопштението.

По наредба на јавен обвинител од ОЈО Кичево прибрани се траги од лице место. Претстои нивно вештачење, како и сообраќајно техничко вештачење за утврдување на околностите за настанот.


Потона брод во Јужна Кореја, 13 лица загинаа


Сеул, 3 декември, 2017 - 12:40 (META) 

Крајбрежната стража на Јужна Кореја соопшти дека 13 лица загинаа, а две лица се водат како исчезнати откако рибарски брод се судрил со брод за дополување гориво.

По сударот, рибарскиот брод потонал, а на него имало 22 лица, од кои седуммина биле спасени. Голем број хеликоптери се вклучени во потрагата по исчезнатите.

Секоја година во Јужна Кореја се случуваат голем број бродски несреќи. Пред три години настрадаа повеќе од 300 лица, од кои најголемиот дел ученици.


Воен хеликоптер се урна во Ирак – седум лица загинаа


Багдад, 12 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Седум лица утринава загинаа откако воен хеликоптер се урна за време на обука, соопшти ирачкото Министерство за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, хеликоптерот „ми-17“ од руско производство се урнал во провинцијата Вазит. Засега не се знае причината за несреќата.

Провинцијата се наоѓа на околу 160 километри југоисточно од Багдад, далеку од фронтот на војување со таканаречената Исламска држава.

Ирачките сили, кои имаат поддршка од САД, ги протераа екстремистите од речиси сите територии кои беа под нивна контрола, но борби се уште се водат во близина на западната граница со Сирија.


Четворица загинати во рударска несреќа во Турција


Анкара, 17 октомври, 2017 - 17:46 (META) 

Најмалку четири лица загинаа, а тројца се повредени откако се урна свод на рудник за јаглен во југоисточната турска провинција Сирнак.

Како што соопшти раководството на рудникот, неколку рудари сè уште се заглавени во рударската јама, а во тек е спасувачка акција.

Засега не се знае причината за несреќата.


Најмалку 19 мигранти загинале во бродска несреќа во Црното Море


Истанбул, 22 септември, 2017 - 19:49 (META) 

Рибарски брод кој превезувал мигранти денеска потонал во Црното Море во близина на турскиот брег. Во несреќата загинале најмалку 19 лица, а 11 се водат како исчезнати, соопштила турската крајбрежна стража, јавуваат агенциите.

Како што е соопштено, најмалку 40 мигранти биле спасени од бродови на крајбрежната стража и од трговски бродови кои биле во близина.

Од крајбрежната стража сооштиле дека испратиле авион и два брода откако трговски брод пријавил дека има повик за помош.

Засега нема информации од каде потекнуваат мигрантите и каде оделе. Сепак, како што пренесуваат агенциите, мигрантите во последно време сè почесто се убидуваат од Турција преку Црното Море да стигнат во Романија, земја-членка на Европската Унија.


Товарен брод се преполови во Црното Море


Истанбул, 27 август, 2017 - 17:10 (META) 

Монголски товарен брод се распукал на два дела во Црно Море, кај северозападот брег на Турција, јавуваат светските медиуми, додавајќи дека бродската посада е спасена.

Бродот, кој превезувал товар во цврста состојба и е долг 114 метри, почнал да пука кај брегот на Килиос, во истанбулскиот регион.

Половина од бродот успешно е одвлечкан до брегот, додека остатокот од пловниот објект постепено тоне во морето.

Турските медиуми јавуваат дека бродот, кој е изграден во 1975 година, пловел кон истанбулското бродоградилиште „Тузла“, каде требало да биде реконструиран.