!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Путин доживеа неочекуван пораз во Москва


Москва, 13 септември, 2017 - 12:05 (META) 

Коалицијата на либералните опозициски партии оствари неочекуван триумф на локалните и на регионалните избори што во неделата се одржаа во Русија, победувајќи во повеќе изборни единици во Москва, вклучувајќи ја и онаа во која гласа претседателот Владимир Путин.

Партијата на Путин, Единствена Русија, која е на власт веќе 17 години, победи во повеќето места на изборите, но успехот на опозицијата во руската метропола не е за занемарување.

Обединетите демократи освоија 11 од 12 места во квартот Тврцкаја, кој се наоѓа во непосредна средина на Кремљ, како и 12 места во квартот Гагарински, каде гласал Путин.

Меѓу советниците на опозицијата е и Виталиј Шклијаров, 41-годишен политички консултант кој минатата година работеше на претседателската кампања на Берни Сандерс.

– Ова е нова ера во руската политика. Сите сме шокирани, симболично е што опозицијата го контролира квартот во кој гласаше Путин – рече Шклијаров.

Гласањето претставува редок триумф за руската либерална опозиција, на чии кандидати често не им е овозможено да влезат во власта.

Сепак, Кремљ овојпат одлучи да ги олесни изборните процедури во обид да одржи, како што рекоа претставниците во Москва, „најискрени избори досега“.


Спречен терористички напад во Москва планиран за утре


Москва, 31 август, 2017 - 15:18 (META) 

Двајца мажи се уапсени под сомневање дека планирале терористички напад во Москва на 1 септември, соопшти руската Федерална служба за безбедност.

ФСБ соопшти дека станува збора за припадници на Исламска држава, од кои еден планирал да се разнесе со бомба на прометно место во Москва.

„Многу силна импровизирана експлозивна направа, како и делови за нејзино правење се пронајдени во стан во кој е уапсен мажот“, наведе службата, без притоа да соопшти каде и кога се случило апсењето.

Другиот уапсен наводно панирал напад со нож.


Кремљ планира да протера 30 американски дипломати и да заплени имот на САД


Москва, 11 јули, 2017 - 14:46 (META) 

Москва планира да протера околу 30 американски дипломати и да заплени неколку објекти во сопственост на САД во Русија, пишува весникот „Известија“.

Весникот, кој важи за близок до руските власти, се повикува на неименуван извор во руското МНР.

Како што се наведува во написот, ваквите мерки на Русија се последица на одлуката на Вашингтон да не врати имот на руската амбасада во Вашингтон, одземен во декември 2016 година.

Ова прашање остана нерешено и по состанокот на претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Хамбург.

„Известија“ наведува дека на средбата во Хамбург било отворено прашање, но станало очигледно дека САД немаат план за решавање на кризата во односите. Весникот наведува дека Русија планира да одговори реципрочно, односно да протера 30 службеници од американската дипломатска мисија и да воведе реципрочни сакнции кон американскиот имот во Русија.

Москва соопшти дека не сака да воведе вакви мерки, но дека не може да остане без одговор на непријателскиот акт на Вашингтон.

 


Иванов оди во Русија да прими награда од рускиот патријарх


Москва, 23 мај, 2017 - 10:27 (META) 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Руската Федерација, соопштија од кабинетот на претседателот. На Иванов во црквата „Христос Спасител” во Москва, Патријархот на Руската православна црква, Кирил, ќе му ја врачи наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори” за 2016 година.

Покрај македонскиот претседател, добитници се и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин и поглаварот на Коптската црква, патријархот Тавардос Втори. Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството.

Претходната меѓународна активност на македонскиот претседател беше посетата на Јордан. Тој беше на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка,  што се одржа во Аман.


Русија на прославата на Денот на победата ги покажа новите ракети за Арктикот


Москва, 9 мај, 2017 - 12:46 (META) 

На традиционалната голема парада во Москва, на прославата на 72-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, руските вооружени сили денеска ги прикажаа новите ракети „панцир-СА“. Тие се наменети за противвоздушна одбрана, а се наменети за војување на Арктикот, каде Русија забрзано гради воени бази.

Покрај новите ракети, на парадата на Црвениот плоштад беа презентирани и интерконтиненталните балистички ракети „јарс РС-24“, кои може да носат нуклеарни боеви глави.

Руските ловци, бомбардери и хеликоптери прелетаа преку плоштадот во рамки на парадата, а по него прошета и новата руска национална гарда. Новите единици ќе бидат вооружени со модернизирани пушки „АК-74М“, а задача ќе им биде борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Во големата парада учествуваа 10.000 војници и офицери, 135 оклопни возила и 71 летало.

– Ниту една сила не ќе може да доминира со нашиот народ – рече рускиот претседател Владимир Путин, во говорот во кој го осуди уништувањето нанесено од трупите на Хитлерова Германија на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Петро Порошенко, шеф на уште една држава – наследничка на Советскиот Сојуз, полоожи венец на церемонија во Киев. На украинските војници им порача дека Русија се обидува да ја искористи прославата на победата „за да ги задоволи своите реваншистички, империјалистички и експанзионистички потреби“.

Русија вложува милијарди долари во модернизација на војската среде сè поголемите тензии со НАТО поради конфликтот во Украина, а парадата на Денот на победата послужи за истакнување на воената моќ пред меѓународната публика.


Пожар на пазар во близина на Москва


Москва, 19 февруари, 2017 - 17:20 (META) 

Голем облак од црн дим се извија над пазар во рускиот град Митишчи во близина на Москва.
Пожарот избил на површина од 4.000 квадратни километри.

Руските медиуми не пренесуваат повеќе детали освен дека пожарникарските екипи се на терен и се обидуваат да се изборат со огнената стихија.

Здесь #ад #пожар #мытищи яуза91 рынок

A post shared by Anton Marinin  (@_avmarinin) on


Уапсени седум лица кои подготвувале напади во Москва за Нова година


Москва, 29 декември, 2016 - 16:21 (META) 

Руските безбедносни агенции уапсиле седум лица осомничени дека планирале терористички напади во Москва за време на дочекот на Нова година, по налог на Исламска држава.

Федералната служба за безбедност, антитерористичката агенција и службата за внатрешна безбедност денеска соопштија дека осомничените се уапсени во Дагестан, Северен Кавкваз.

Уапените подготвувале напади со автоматско оружје и со експлозив на прометни места, се наведува во соопштението.

Според изјавите на претседателот на Русија, Владимир Путин, и на други претставници, илјадници граѓани на Русија и на други поранешни советски републики се приклучиле кон Исламска држава во Сирија.


Русија: Убиството на амбасадорот е терористички напад


Москва, 19 декември, 2016 - 19:42 (META) 

Убиството на рускиот амбасадор во Турција, Русија го окарактеризира како терористички напад.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Марија Захарова, објави дека темата за нападот врз рускиот дипломат ќе биде поставена пред официјални лица во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Свое обраќање се очекува да има и рускиот претседател Владимир Путин.

Турското министерство за внатрешни работи го зајакна обезбедувањето на руската амбасада по нападот врз Карлов. Амбасадата сега ја обезбедуваат тимови од специјалци на турската полиција.

Нападот врз рускиот амбасадор Карлов го осуди и американскиот Стејт департмент.

„Го осудуваме секој облик на насилство, без разлика од каде потекнува“, соопштија од Стејт департментот.

Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, почина откако во него беше пукано за време на отворање на изложба во уметничка галерија.


Вучиќ во Москва ќе разговара за набавка на борбени авиони и на противавионски системи


Белград, 19 декември, 2016 - 15:02 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека за време на неговата претстојна посета на Москва ќе разговара и за набавка на шест борбени авиони од типот „миг 29“, како и на протиавионски системи „бук“, за потребите на војската на Србија.

Вучиќ, кој на 21 декември ќе престојување во Москва, изјави дека Србија од Русија добила „многу добра цена“ за најсовремените ракети воздух – воздух.

Според српскиот премиер, Србија како воено неутрална земја, со набавката на авионите и на противавионските системи сака да ја осигури безбедноста на своите граѓани.

„Нашата доктрина е да го заштитиме нашиот народ и меѓународно признаените граници. Во услови на сè поголеми опасности, моравме да размислуваме како да ја унапредиме нашата борбена готовност“, вели Вучиќ.

Прашан дали договорот за набавка на авионите под пазарната цена оди заедно со договор за статусот на Рускиот хуманитарен центар во Ниш, Вучиќ рече дека регулирањето на статусот на центарот е „прашање за кое треба да одлучи владата на Србија, а не ценовник“.

„Не го ставам тоа прашање на маса во Москва и не мислам дека тоа е тема на нашите разговори“, рече Вучиќ.

Инаку, Русија сака Србија на персоналот во хуманитарниот центар во Ниш да му даде дипломатски статус, каков што имаат и војниците на НАТО.


Могерини ги повика сириските сили и Москва да ги поштедат цивилите во Алепо


Брисел, 14 декември, 2016 - 14:48 (META) 

Сириската влада и Русија да сторат сè што е во нивна моќ за да ги поштедат цивилите во Алепо, порача денеска високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини. Нејзината изјава доаѓа во момент кога сириските сили се подготвуваат да ги протераат и последните бунтовници од градот.

– Приоритет сега, во овие часови, е да ги заштитиме цивилите, да им гарантираме безбеден транзит под надзор до безбедните места – истакна Могерини.

Таа рече дека сириската влада и нејзините сојузници мора да ја гарантираат безбедноста на цивилите и истакна дека тие што извршуваат воени злосторства ќе бидат повикани на одговорност.