!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Поднесена кривична пријава за нападот врз Заев во Собранието


Скопје, 22 мај, 2017 - 20:49 (META) 

Единицата за насилен криминал во СВР Скопје до Основно јавно обвинителство Скопје доставила уште една кривична пријава, против лицето Ј.Ч. (28) од Прилеп, поради постоење основи на сомневање за извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Тој на 27 април околу 19 часот откако со употреба на физичка сила насилно влегол во Собранието на Република Македонија, се упатил во прес салата 3 и физички го нападнал претседателот на СДСМ, Зоран Заев удирајќи го со нога во пределот на стомакот.

На 19 мај Ј.Ч. е повикан и со него извршен е разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, а во консултација со Јавен обвинител по извршениот разговор тој бил ослободен.

До Основно јавно обвинителство доставено е и „известување во врска дејствие“ на охриѓанецот М.М. (45), вработен во Единицата за потраги при СВР Скопје.

Тој бил службено ангажиран како физичко обезбедување на протестот за „За заедничка Македонија“ но околу 19 влегол во Собранието при што се обидел и насилно да го одземе службеното оружје на еден од обезбедувањето на Заев кога тој го извадил пиштолот од футрола и испукал еден проектил во воздух со цел да ја спречи и предупреди толпата.

Дополнително МВР информира дека лишено од слобода е уште едно лице од Охрид со иницијали К.Т. Во саботата тој бил приведен на скопскиот аеродром по што бил сослушан и задржан во полициска станица. Подоцна бил сослушан и од единицата за насилен криминал по што е ослободен, а во консултации со јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен примерок.


Внатрешна контрола самостојно ќе одлучува за настаните од 27 април, порача МВР


Скопје, 20 мај, 2017 - 17:36 (META) 

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денеска го поздрави повикот на Полициски синдикат за правично и непристрасно утврдување на фактите насилството во Собранието на Македонија и додаве дека ќе ја почитува автономијата на Одделот за внатрешна контрола.

„Министерството високо ги цени ваквите сугестии и потенцира дека секогаш било и ќе биде на страната на правдата и почитувањето на законските прописи. Меѓутоа, министерот Агим Нухиу и останатите одговорни лица во Министерството немаат намера да се мешаат во работата на Одделот за внатрешна контрола и Работната група која ги истражува настаните од 27 минатиот месец во Собранието. Доследно ќе се почитува нивната автономија и професионалност во донесувањето одлуки. Согласно тоа, Министерството за внатрешни работи верува дека Одделот за внатрешна контрола ќе донесе правно издржани одлуки во врска со сите поединечни случаи“, стои во соопштението.

Министерството сепак порача дека поведувањето дисциплинска постапка и временото отстранување од работното место не значи автоматски престанок на работниот однос и ги повика претставниците на Полицискиот синдикат на средба со министерот Агим Нухиу.

„Само на тој начин, со заедничко партнерско делување, ќе можеме да придонесеме во решавање на овој и на сите други проблеми што ги засегаат членовите на синдикатот и сите вработени во Министерството“, стои во соопштението од МВР.


МВР суспендира 17 вработени поради насилствата во Собранието


Скопје, 20 мај, 2017 - 10:44 (META) 

Министерството за внатрешни работи покрена внатрешна истрага и привремено суспендира 17 вработени поради насилствата на Собранието, соопштија денеска од МВР.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи против 11 полициски службеници од СВР Скопје и против четворица припадници на Единицата за брзо распоредување поведе дисциплинска постапка и им врачи решенија за времено оддалечување од работните места, додека на еден висок старешина во Министерството му е врачено решение за времено оддалечување од работното место“, стои во соопштението.

Од МВР наведуваат дека според прегледаниот доказен материјал, суспендираните полицајци воопшто не дејствувале при обидот на масата да влезе во Собранието, ниту пак потоа презеле мерки да го спречат движењето на масата низ претставничкиот дом.

„Врз основа на констатираната состојба, Одделот за внатрешна контрола утврди дека во конкретниот случај овие полициски службеници не примениле мерки од овластувањата со што постапиле спротивно на Законот за полиција, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, Упатството за начинот на однесување и меѓусебни односи на полициските службеници и спротивно на Кодексот на полициската етика“, известуваат од МВР.


Иванов бара Нухиу да ја појасни изјавата за сценарио за воена состојба


Скопје, 12 мај, 2017 - 18:34 (META) 

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов попладнево го повика министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, да ги појасни податоците и информациите искажани вчера во интервју за телевизија „Алсат-М“ за постоење на сценарио кое би послужило како повод за прогласување на воена (член 124 од Уставот на Република Македонија) или вонредна состојба (член 125 од Уставот на Република Македонија) од страна на претседателот и употреба на АРМ, поврзани со насилниот влез во Собранието на 27 април 2017 година.

Во соопштението се нагласува дека со лажни вести некој сака да наштети на угледот на претседателот на Република Македонија.

„Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека во јавноста постои опсесија со лажни вести да се изврши делегитимирање на институциите, односно на претседателот на Република Македонија“, се вели во реакцијата.

Нухиу синоќа во интервју за телевизијата, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за ангажирање на Армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април.

– Има гласини што сè уште не можам да ги потврдам дека полицајците се повлекле во вршењето на законските обврски, затоа што слушале од други дека треба да чекаат уште малку за да може потоа и претседателот на државата да дава наредба за излегување на војската, да се прогласи вонредна состојба и така натаму, но овие се прашања кои ги има во рамките на службите во МВР, но не сакам да потврдам такво нешто затоа што се уште ги немаме аргументирано – изјави Нухиу.


Спасовски: Мора да се бара командна одговорност во МВР за настаните во Собранието


Скопје, 12 мај, 2017 - 15:10 (META) 

„Покрај соодветни постапки за насилниците што влегоа во Собранието, мора да се бара и сериозна командна одговорност и во МВР и за сите припадници што не постапувале и кои не биле во функција на заштита на овие објекти од витално значење на Македонија и во заштита на животот и на здравјето на пратениците во Собранието“, порача пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска откако даде исказ во Јавното обвинителство на Република Македонија за насилствата во Собранието на 27 април.

– Очекувам дека Јавното обвинителство на Македонија многу сериозно ќе се зафати со овој настан, при кој имаше упад во еден објект од витално значење за Македонија. Тоа претставува уривање на уставниот поредок на државата и бескомпромисно треба да се бара одговорност од сите. И од тие што се насилнци, тие што организирано во група влегоа во Собранието за да убијат и за да линчуваат пратеници, меѓутоа ќе мора да има сериозна командна одговорност и во МВР – порача Спасовски.

Oдговарајќи на новинарско прашање за изјавата на министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, дека во МВР од 2014 година не се снимале командите, Спасовски рече дека не добил такви информации додека ја вршел првата функција во министерството.

– Не. Јас немав таква информација. Тоа што сега е констатација од министерот, може да го потврди самиот тој или документацијата во МВР – рече поранешниот министер Спасовски.


МВР поднесе кривични пријави против седум напаѓачи на Заев и на Села


Скопје, 12 мај, 2017 - 13:54 (META) 

Скопската полиција идентификувала и поднела кривични пријави против седум лица за нападот на лидерите на СДСМ и на Алијанса за Албанците, Зоран Заев и Зијадин Села, во прес-центарот на Собранието на Република Македонија на 27 април, соопшти денеска МВР.

Како што информираат оттаму, кривични пријави се поднесени против Д.Т. (42), Н.П. (39), Б.Г. (43), тројцата од Скопје и против велешанецот Г.А. (43). Четворицата се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, додека А.П. (39), И.К. (37) и Н.В. (39), сите од Скопје, се осомничени за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

„Пријавените, на 27 април 2017 година, околу 19 часот, во Собранието на Република Македонија, откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала број 3 (прес-центарот, н.з.), каде се одржувала прес-конференција, и ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица и З.С. (44) од Струга, како и лицето А.Т. (лично обезбедување на З.З.). Притоа, пријавените Д.Т., Г.А., Н.П. и Б.Г. насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници поставени пред Собранието. Потоа Г.А. ги повикал другите присутни да влезат, а Н.П. влегол во сала бр.3, се заканувал и физички го нападнал А.Т. (лично обезбедување на З.З.)“, стои во соопштението на МВР.

Во прес-центарот, осомничениот А.П. фрлил статив од камера кон пратениците, додека И.К. со канцелариски стол со метални ногарки го нападнал телохранителот на Заев и му нанел повреди на главата. Н.В., пак, со нога го удирал Зијадил Села додека тој лежел на подот.

Од МВР додаваат дека во врска со насилствата во Собранието во полиција биле повикани А.Ш. (22) од Скопје и В.М. (29) од Куманово, поради сомневање дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело. По извршените разговори, двајцата биле пуштени на слобода.

Секторот за внатрешни работи Скопје, се додава во соопштението, во консултација со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки за идентификување и за документирање и на други лица што учествувале во насилствата во Собранието.


МВР потврди: Внатрешната контрола суспендира петмина поради инцидентите во Собранието


Скопје, 11 мај, 2017 - 10:09 (META) 

Петмина вработени во МВР се привремено оддалечени од работните места, односно суспендирани, во врска со инцидентите во Собранието на 27 април, потврдија од МВР за „Мета“.

Мерката е изречена од одделението за внатрешна контрола на МВР, а не од работната група формирана од министерот Агим Нухиу за расчистување на настаните во Собранието, нагласија од одделот за односи со јавноста на МВР.

Сите петмина суспендирани нема да ги извршуваат работните обврски додека внатрешната контрола не ја заврши целата постапка за утврдување на одговорноста.


Полицијата приведе двајца од напаѓачите на Села, кривична пријава доби напаѓачот на Заев


Скопје, 10 мај, 2017 - 11:06 (META) 

Полицијата рано утринава извршила претрес во домот на К.Ѓ. (39), а потоа го привела заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68), под сомневање дека се едни од напаѓачите на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилното влегување на група граѓани во законодавниот дом.

Од МВР соопштуваат дека при претресот во 6 часот утринава биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони кои се одземени, по што осомничените биле приведени во полициската станица во Кисела Вода за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

„При преземањето на мерките и активностите било утврдено дека во салата 3, каде се одржувала прес-конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот З.С.“, информираат од МВР.

Вчера полицијата на информативен разговор повикала еден од напаѓачите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по што го ослободила и за него е поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство.

Од МВР додаваат дека во соработка со ОЈО и понатаму преземаат мерки и активности за идентификување и за документирање на лица за нападите во Собранието.


ОЈО: Не ја опструираме истрагата, од МВР нема пријави за потешки кривични дела


Скопје, 9 мај, 2017 - 16:05 (META) 

Јавното обвинителство во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи во документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април, туку, напротив, во согласност со законот, дава наредби за нивно откривање и ќе постапи по сите кривични пријави со кои се документирани потешки кривични дела, се вели во реакцијата на Јавното обвинителство, на обвинувањата дека „млако“ ја води истрагата за насилствата во Собранието.

Оттаму велат дека Основното јавно обвинителство Скопје досега имало примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против лица осомничени за насилно влегување во Собранието и за спречување службени лица во вршење на својата функција. Според Обвинителството, досега кај нив МВР не поднело кривична пријава „за ниту едно друго кривично дело“.

„Нагласуваме, Основното јавно обвинителство од Министерството за внатрешни работи нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување лесни или тешки телесни повреди и други дејства. Доколку Министерството за внатрешни работи поднесе документирани пријави за потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, спрема нив ќе следуваат сразмерни мерки“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Од Обвинителството додаваат дека самите преземаат дејства за документирање на целиот настан, но дека поради обемноста на бројот на претходно пријавени лица и на дејствата кои треба да се преземаат, „генерално, обвинителството работи во отежнати услови“.

„Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, до овој момент јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање сторители на потешки кривични дела, но за нив Министерството за внатрешни работи нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту обвинителството е известено за нивното постапување“, велат од Обвинителство.

Оттаму додаваат и дека се лимитирани во откривањето на криминалот и на сторителите на кривичните дела поради „неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка на криминалот“.

„Оваа неусогласеност е по исклучива вина на Министерството за правда, кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на јавното обвинителство за измена на Законот за јавно обвинителство, со која би биле овозможени претпоставките јавното обвинителство да постапува и во смисла на откривање на кривичните дела“, велат од Обвинителството.


На барање на МВР одложено денешното рочиште за „Диво Насеље“


Скопје, 9 мај, 2017 - 12:04 (META) 

На барање на Министерството за внатрешни работи рочиштето од продолжението на судскиот процес за случајот „Диво Насеље“, кое беше закажано за денеска, кога навршуваат точно две години од настаните во кумановската населба, е одложено.

Од Кривичниот суд за „Мета“ потврдија дека судијката Верка Петковска ги известила странките во случајот – обвинителството, обвинетите и нивните адвокати – дека на барање на МВР денеска нема да се одржи продолжението од судскиот процес и дека рочиштетот е презакажано за 11 мај.

Од МВР засега нема информација од кои причини побарале одложување на денешното рочиште од „Диво Насеље“.

Инаку, судењата за овој случај, кои се одржуваат во големата сала на Врховниот суд, се проследени со силно полициско обезбедување, а сите што присуствуваат на рочиштата поминуваат низ засилен безбедносен протокол и детално се претресуваат на влезот во судот.

Денеска навршуваат точно две години од настаните во Диво Насеље, каде во борбите со вооружена терористичка група загинаа осум припадници на специјалните полициски сили, а 37 беа ранети. Во полициската акција беа убиени и 10 членови на терористичката група, која броела околу 40 лица.

Судскиот процес за „Диво Насеље“ почна на 9 февруари минатата година.