НБРМ: Економијата закрепна во последниот квартал од 2017 година


Скопје, 10 јануари, 2018 - 14:46 (META) 

По падот на економската активноста во првата половина на 2017 година, последното тримесечје покажува закрепнување на економијата, соопштуваат од Народна банка.

„На ваква констатација посочуваат податоците за активноста во индустријата и во трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува.Податоците за инфлацијата за 2017 година покажуваат просечен годишен пораст на ценовното ниво од 1,4 проценти, кој се должи на растот на базичната инфлација, а во мал дел и на енергетската компонента“, се додава во соопштението.

На годишна основа, депозити забележаа пораст од 5,7 проценти, а кредитирањето за 5,6 проценти.

Инфалцијата за 2018 година е проектирана на околу 2 проценти.


НБРМ: Нефункционалните кредити на домаќинствата се во пораст


Скопје, 21 декември, 2017 - 16:28 (META) 

Банките повеќе кредити одобриле за граѓаните, отколку за компаниите и во третиот квартал од годината, кредитниот пораст изнесува 0,3 проценти, се вели во најновиот извештај на Народна банка.

„Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се намалија за два проценти, на квартална основа. Нефункционалните кредити на домаќинствата бележат забрзан пораст присутен уште од почетокот на 2017 година. Истовреме, има зголемување на пролонгираните и на кредитите кај кои задоцнувањето е помеѓу 61 и 90 дена, што укажува на потребата од повнимателно следење и на ова портфолио“, се вели во соопштението на Народна банка.


Заев со претставници на ЕИБ разговарал за поддршка на мали и средни претпријатија


Скопје, 30 ноември, 2017 - 13:10 (META) 

На денешната средба на премиерот Зоран Заев со Матео Ривелини, шеф на одделот за проекти на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Словенија, Хрватска и на Западен Балкан, и со Дубравка Негре, шеф на регионалната канцеларија на ЕИБ за Западен Балкан, се разговарало за продлабочување на соработката на Македонија со банката, соопшти секторот за односи со јавноста на Владата на РМ.

Во фокусот на средбата биле развој на инфраструктурата и зајакнувањето на капацитетите на малите и средни претпријатија во Македонија, но и заштитата на животната средина, пречистителни станици за вода и станици за третман на отпад.

– Владата на Република Македонија е силно фокусирана да обезбеди здрава и чиста животна средина за граѓаните на Македонија. На државата ѝ се потребни капитални инвестиции што можат значително да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните. Исто така, определени сме да ги развиваме домашните мали и средни претпријатија и да дадеме поддршка на домашните и на странските инвестиции. Соработката со ЕИБ е од големо значење во реализацијата на овие програмски определби на Владата – порачал Заев.


НБРМ: Нефункционалните кредити на банкарскиот систем се зголемуваат


Скопје, 26 октомври, 2017 - 15:00 (META) 

Квалитетот на кредитното портфолио забележа благо влошување во овој квартал, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2017 годинa на Народна банка.

„Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се зголемија за 8,1 отсто. Зголемувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити беше во целост концентрирано кај корпоративното кредитно портфолио, каде што ова учество се зглеми до 10,6 проценти. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата се задржа на исто ниво, од 2,5 проценти. Не треба да се занемари континуираниот пораст на нефункционалните кредити во овој сектор во последните пет квартали“, се вели во извештајот.

Добивката на банкарскиот систем во тековната година го забавува порастот во споредба со истиот период од 2016 година, а ликвидноста на банкарскиот систем остана на задоволително ниво.


НБРМ: Зголемено кредитирање на домаќинствата, а намалено на претпријатијата


Скопје, 22 август, 2017 - 11:52 (META) 

Кредитите на домаќинствата имаат месечен пораст од 0,8 проценти, а на годишно ниво 9,8 проценти покажуваат податоците на Народна банка. Притоа најголем дел од зголемувањето на кредитирањето се должи на порастот на денарските пласмани.

Од одобрените кредити, потрошувачките имаат месечен пораст од 1,1 процент, а станбените од 0,5 проценти. Годишниот пораст кај потрошувачките кредити е 12, а на станбените 13,7 проценти.

Кредитите на претпријатијата бележат намалување од 0,2 проценти како резултат на намалување на девизното кредитирање, кое, како што наведуваат од НБРМ, го надминува порастот на денарското кредитирање.


Дополнителни 450 милиони евра за иновативните претпријатија од ЕИФ


Скопје, 10 август, 2017 - 12:43 (META) 

Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) и „Прокредит групацијата“ обезбедуваат дополнителни 450 милиони евра за иновативни мали и средни компании, што вкупно изнесува 820 милиони евра пласман во кредити за бизнисите во 11 земји.

Финансирањето обезбедено од ЕИФ е пласирано преку банките „Прокредит“ во Европа (Германија, Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Молдова, Украина и Грузија) и е наменто за компании кои инвестираат во нови технологии и производи.

Овие договори беа потпишани во согласност со иницијативата „Инов фин“ (InnovFin), која им овозможува на банките да пласираат кредити за иновативни компании со гарантна шема обезбедена преку Европскиот инвестициски фонд.

„Европската комисија верува дека малите бизниси придонесуваат за развој на нови вработувања и за пораст во Европа. Со олеснување на пристапот до финансии, кој на претпријатијата ќе им овозможи нови инвестиции, проширување на бизнисот и креирање нови работни места, Европска Унија активно ги поддржува малите и средни компании во Европа“, изјави потпретседателот на Европската комисија, одговорен за вработување, пораст, инвестиции и конкурентност, Јирки Катајнен.

Од банката „Прокредит“ за „Мета“ изјавија дека за неколку дена ќе се знае колку од овие средства ќе бидат наменети за Македонија.


Утре е последен ден за пленарна седница и за изгласување на ребалансот на буџетот


Скопје, 5 август, 2017 - 18:10 (META) 

Пратениците ја завршија денешната расправа за ребалансот на буџетот, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, продолжението на седницата го закажа за утре, со почеток во 11 часот.

Утре е последен ден за пленарна расправа и се очекува пратениците да го изгласаат ребалансот на буџетот за 2017 година.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека вака како што е проектиран, ребалансот на буџетот нема да овозможи никаков пораст на економијата и тешко ќе бидат остварени 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ. Тие предвидуваат дека до крајот на годината ќе има уште еден ребаланс.

Најмногу забележуваат за кратењето на капиталните инвестиции и на вложувањата во образованието, здравството и во руралниот развој.

Пратениците од власта, пак, сметаат дека ребалансот на буџетот е реален, ќе се скрати од непродуктивни трошоци и парите ќе се насочат кон граѓаните и општеството. Исто така нагласија дека ќе мора да се враќаат и стари долгови, бидејќи претходната влада се задолжувала со кредити со високи каматни стапки.


НБРМ: Инфлацијата се засилува, слаб пораст на економијата


Скопје, 12 јули, 2017 - 12:58 (META) 

Констатирано е одредено засилување на инфлацијата во јуни, ликвидноста на банките благо се зголемила, а економијата забележала слаб пораст. Износот на благајничките записи, пак, ќе се намали.

Тоа се главните сознанија од комисијата за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Во поглед на редовното преиспитување на ликвидноста на банките,  по зголемувањето на бројот на благајничките записи од почетокот на март до првата декада на јуни, е донесена одлука на денешната аукција на вакви записи да се понудат помалку записи од достасаниот износ.

По стагнацијата во првото тримесечје од годинава, констатирала комисијата, високофреквентните показатели покажале засилување на економијата во месеците од април до јуни, што се должи на порастот на индустриското производство и на порастот кај трговијата. Сепак, овој заклучок се темели на нецелосни податоци, се предупредува во соопштението од НБРМ.

Констатирано е и дека во јуни инфлацијата умерено се засилила во однос на предвидената стапка од 1,5 отсто, при што во првата половина од годинава цените просечно се зголемиле за 0,9 отсто. Цените на храната најмалку учествувале во тој пораст, односно тие или минимално се зголемиле или, пак, останале на исто ниво или се намалиле.

Значителна промена е забележана и кај вкупните депозити на месечна основа во јуни, наспроти нивното намалување во првите пет месеци од годинава.

Кредитната активност на банките во претходниот месец бележи пораст.


Министерот за финансии разговарал со ЕБРД за понатамошна поддршка на Македонија


Скопје, 9 јуни, 2017 - 19:56 (META) 

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска со својот економски тим имал средба средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) предводени од Анка Јоана – Јонеску, директор на ЕБРД надлежен за Македонија.

„На средбата и двете страни се согласија дека со заеднички заложби треба да се поддржат реформите во инфраструктурата и енергетиката, а воедно да зајакне финансирањето и поддршката на малите и средни претпријатија. Македонија соработува со ЕБРД 24 години, при што одобрени се 104 проекти во вкупен износ од 1,6 милијарди евра“, соопшти Министерството за финансии.

Во моментов со заем од ЕБРД се градат проекти во вкупна вредност од 727 милиони евра, од кои 79 проценти се пласирани во инфраструктурата, 14 проценти во енергетскиот сектор, 4 проценти во финансискиот сектор и 3 проценти во индустријата, трговијата и агробизнисот.


НБРМ: Штедењето во април намалено во однос на март поради неизвесноста


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:12 (META) 

Штедењето во април е намалено во однос на минатиот месец, информира Народна банка. Оттаму велат дека намалување на депозитите има и кај населението и кај претпријатијата.

„Во услови на зголемена неизвесност, поумерено е намалувањето кај депозитите на населението“, додаваат од Народна банка.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци за април покажуваат пораст на кредитите на месечна основа, повеќе на населението отколку на компаниите.

„Во април, непосредно по неколкумесечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, која е карактеристична пред велигденските и првомајските празници. Повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно беше резултат на сезонски ефект, односно за време на велигденските празници“, се вели во извештајот на Народна банка.