Драган Данев на местото на Ѓорчев како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:56 (META) 

Владимир Ѓорчев повеќе нема да биде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, соопштија денеска од опозициската партија.

Ѓорчев, како што соопшти генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на денешната прес-конференција, самиот побарал да се повлече од функцијата, поради „голем обем на обврски и презафатеност“.

– Извршниот номитет на негово место за координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија го назначи Драган Данев, додека за негови заменици се поставени пратениците Горан Манојловски и Драган Цуклев – соопшти Јанушев.

Тој информираше и дека се формирани 25 комисии на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе области на кои што „примарна цел ќе биде да бидат коректор на власта и да даваат предлози, а истовремено и критики во однос на работењето и во однос на тоа како треба да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Како што соопшти Јанушев, комисијата за финансии и монетарни прашања ќе ја предводи екс министерот Кирил Миноски, за локална самоуправа поранешниот градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, претседател на комисијата за семејни прашања и демографија ќе биде Владимир Ѓорчев, комисијата за политички систем ќе ја предводи Тања Каракамишева – Јовановска, комисијата за здравство докторот Виктор Камилоски, комисијата за култура ќе ја води актерот Роберт Вељановски, а комисија за енергетика професорот Горан Чогеља.


Министерство за култура повика да се пријавуваат неправилностите, „доколку ги има“


Скопје, 15 февруари, 2018 - 17:16 (META) 

Министерството за култура, по бројните реакции од опозицијата и од јавноста за наводни злоупотреби и непотизам во Годишната програма, упати јавен повик да му се достават таквите информации.

„Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации. Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон“, се вели во соопштението.


Судии се јавувале кај Караџовски да прашаат дали навистина ќе има масовни разрешувања


Скопје, 15 февруари, 2018 - 13:04 (META) 

Судскиот совет на денешната седница нема да одлучува по барањата за разрешување на судии, туку ќе ја почне постапката со избор на членови на Советот кои ќе ги застапуваат барањата за разрешување и ќе се бираат комисии кои ќе истражуваат дали има основи за разрешување, по што ќе реферираат до Судскиот совет.

Ова денеска го соопшти претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој ги оцени како „лажни вести“ информациите во медиумите дека Советот ќе расправа за разрешување на над 100 судии и појасни дека станува збор само за пет барања за утврдување на одговорност на судија, односно за разрешување.

Шпекулациите дека Судскиот совет ќе расправа за разрешување над сто судии ги вознемирило судиите и претседателите на судовите, кои, како што рече Караџовски, се јавувале во Советот за да прашаат дали е ова точно.

– Денеска за оние предмети за кои е доставено барање за утврдување на одговорност на судија од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти ќе одлучуваме кој член на судскиот совет ќе го застапува соодветното барање бидејќи тој орган не постои. Потоа се формира комисија од три члена по пат на жрепка, која понатаму ќе има обврска да расправа да поканува, да истражува. Кога ќе ја заврши работата ќе треба да достави извештај до сите членови на судскиот совет на седница – изјави Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нема рокови до кога треба комисиите да ја завршат работата, меѓутоа, како што додаде, во измените на Законот за Судскиот совет се предвидени добри механизми, поради што смета дека постапката во комисиите нема да трае долго.

– По завршувањето на работата на комисијата, рокот во којшто треба да достави извештај до Судскиот совет е 15 дена. Јас, како претседател на Судскиот совет ќе инсистирам, не да се мешам во работата на таа комисија што ќе ја избереме денеска, меѓутоа во најкраток можен рок да си ја заврши својата работа, за сите предмети – појасни претседателот на Судскиот совет.

Инаку, како што појасни Караџовски до овој момент до Судскиот совет има вкупно 217 претставки и поплаки доставени од граѓани и правни лица за работата на судии или претседатели на судови, а во оваа бројка се и незавршените и незапочнати поплаки и претставки од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти.

Тој појасни дека претставки и поплаки се една работа, а барања за утврдување на одговорност на судија, односно разрешување е друга работа.

Просекот на разрешени судии во изминатите 4-5 години, изјави Караџовски, бил еден до еден ипол судија, за разлика од, како што додаде, претходниот период пред десеттина година, кога имало „поголем број на такви разрешувања“.


Џафери ја одложи расправата за Законот за јазици бидејќи „нема технички услови“


Скопје, 29 јануари, 2018 - 17:39 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја одложи расправата за Законот за јазици, кој беше осма точка на дневниот ред на денешната 32. седница, бидејќи како што кажа, „нема технички услови за расправа“.

– Имајќи ја предвид формалната процедура за обработка на сите амандмани кои се 35.569 на број, тие не се довршени. И деловната обврска за превод не е исполнета – рече Џафери.

Тој и наложи на собраниската служба да информира кога ќе има услови да се расправа по ова точка.

На седницата немаше кворум за гласање по 45-те точки на дневниот ред, на кои се и составите на собраниски органи, тела, комисии, делегации, совети и комитети.

Седницата продолжува утре во 12 часот.


Во Собрание комисии ќе расправаат за неколку закони


Скопје, 21 декември, 2017 - 9:53 (META) 

Вкупно четири комисии во Собранието денеска ќе расправаат за повеќе предлог-закони, меѓу кои и законот за урбано зеленило, предложен своевремено, меѓу другите пратеници, и од Петре Шилегов, кој сега е градски татко на Скопје.

Ќе се дискутира и за Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2016 година, како и за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и за Предлог – закон за изменување на Законот за работните односи, поднесен од 11.868 избирачи, кој се однесува на продолжување на породилното отсуство.

Ќе се дискутира и за предлог-закон за изменување на Законот за електронските комуникации, како и за предлог-законот за култура и тој за културното наследство.


Почнува комисиската расправа за Законот за употреба на јазиците


Скопје, 5 септември, 2017 - 10:07 (META) 

Собраниската комисија за европски прашања денеска ја почнува расправата за Законот за употреба јазиците. Законот, кој предвидува проширена употреба на албанскиот јазик, е „со европско знаменце“, што значи дека ќе се носи по скратена постапка.

Станува збор за еден од клучните закони на владејачката коалиција, чие донесување беше дел од преговорите меѓу СДСМ и коалиционите партнери од албанскиот блок.

– По 16 години, постигнавме меѓуетнички консензус преку партиите што ги претставуваат македонската и албанската заедница, да најдеме начин да го усогласиме различното интерпретирање на членот 5 од Уставот и последното отворено прашање од Рамковниот договор да го затвориме – изјави неодамна вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Тој најави дека ќе бара поддршка за Законот и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е добра можност за опозициската партија „да го ревидира ставот во однос на Албанците“.

Инаку, за денеска не е закажана пленарна седница, а пред матичните комисии, како што е најавено, треба да се најдат законот за издавање ваучери за студенти за набавка на компјутери, предложен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и законот за укинување на радиодифузната такса на предлог на пратениците на СДСМ. Двата закони се во скратена постапка.

Вчера почна расправата во Собранието за распишувањето оглас за именување нов државне јавен обвинител. Расправата по оваа точка помина во говори на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија владејачкото мнозинство дека незаконски, спротивно на членот 8-а од Изборниот законик, сака да го протурка именувањето на новиот државен јавен обвинител.

Продолжението на седницата собранискиот спикер Талат Џафери го закажа за утре во 11 часот.


Едногласно усвоена предлог-декларацијата за забрзување на процесот за зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО


Скопје, 14 јули, 2017 - 17:35 (META) 

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја усвои предлог-декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.

Комисијата бара предлог-декларацијата да биде ставена на дневен ред на посебна наредна седница.

Во документот се наведува дека се потврдува натпартиската сплотеност околу заедничките напори за обезбедување позитивна клима за реализирање на стратешката определба за членство во ЕУ и во НАТО. Исто така, се поттикнува Владата на доследно, неодложно и итно спроведување на итните реформи. Комисијата со документот, исто така, бара заложба за независно судство, транспарентност и ефикасност на судовите, професионализација на администрацијата, зајакнување на регулаторните тела, како и на социјалната кохезија и меѓуетничките односи и унапредување на односите со соседството.

Со предлог-декларацијата се повикуваат членките и институциите на ЕУ да дадат засилена поддршка за членство во ЕУ и во НАТО. Со документот, кој пратениците би требало да го усвојат на следната седница, се повикува Владата редовно да го информира Собранието за сите аспекти на интегрциите во ЕУ и во НАТО. Докуметот ќе биде испратен до Европскиот парламент (ЕП), претседавачот со Советот на министри на ЕУ, претседателот на Европски совет, генералниот секртетар на НАТО, како и до претседателот на Европската комисија и до земјите членки на ЕУ.


Закажани седници на пет собраниски комисии


Скопје, 20 јуни, 2017 - 10:31 (META) 

Во Собранието денеска закажани се седници на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за труд и социјална политика, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Комисијата за надворешна политика.

Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе ги разгледува предлог-одлуката за одобрување на финансискиот план на „Македонската радио-телевизија“ за 2017 година, годишните извештаи на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за работата на МРТВ за 2016 година.

На првата седница на Комисијата за финансирање и буџет, ќе се разгледуваат годишните извештаи за работењето на Народната банка на Република Македонија за 2016 година и на Државниот завод за ревизија во 2016 година.

Комисијата за труд и социјална политика ќе расправа за измените во Законот за работни односи, односно за предлогот за продолжување на породилното отсуство.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се расправа за годишните извештаи за работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2016 година, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Единствената точка на дневниот ред на седницата на Комисијата за надворешна политика ќе биде платформата за дипломатски активности на амбасадорот на Република Македонија при Европската Унија во Брисел.


Владата одлучи патот кај Порој да се исчисти, а земјоделците да се обесштетат


Скопје, 7 јуни, 2017 - 21:05 (META) 

На вечерашната трета владина седница на која се расправаше за штетите во поплавените подрачја во Порој, било истакнато дека Дирекцијата за заштита и спасување и Општината Тетово треба веднаш да почнат постапка за расчистување на наносот на регионалниот пат Тетово – Јажинце, а Владата препорачала да помогне и Армијата.

На патот имало нанос од песок и од земја од околу 70.000 кубни метри и било неопходно бргу да биде исчистен.

„Исто така, на седницата е информирано дека од поплавите во Тетовско, зафатени се 50 хектари земјоделски површини, пред сè овошни и градинарски насади и житни култури. Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство да ја почне постапката на прибирање барања од земјоделците за надомест на штети, по што надлежни комисии ќе излезат на терен за увид на штетите и за утврдување на висината на средствата потребни за нивно обештетување“, се вели во соопштението на Владата.


Денеска Владата одржува нова седница


Скопје, 6 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Втората седница на Владата почна во 12 часот. Се очекува и на оваа седница да се расправа за кадровските решенија во министерствата и во институциите.

Владата вчера на првата седница ги формираше работните тела и комисии. Премиерот Зоран Заев за вицепремиери ги именуваше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите без ресор Бујар Османи, Кочо Анѓушев и Хазби Лика.

За нов генерален секретар на Владата беше назначен професорот Драги Рашковски.